Користи ги трактатите за да ја шириш добрата вест
1. Како Божјиот народ ги користел трактатите?
1 Јеховините слуги долго време ја пренесуваат добрата вест со помош на библиски трактати. Во 1880 год., Ч. Т. Расел и неговите соработници почнале да издаваат Трактати на Истражувачите на Библијата кои читателите на Стражарска кула можеле да ги добијат за да ги разделат. Трактатите се сметале за толку важни што во 1884 год., кога Ч. Т. Расел регистрирал непрофитна законска корпорација со цел да го врши делото на Царството, зборот „трактат“ бил вклучен во името Zion’s Watch Tower Tract Society, кое сега е познато како Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania. До 1918 год., Истражувачите на Библијата разделиле повеќе од 300 милиони трактати. Трактатите се сѐ уште делотворна алатка за сведочење.
2. Зошто трактатите се ефикасни?
2 Зошто се ефикасни: Трактатите се привлечни и изгледаат интересно. Кратката порака што ја пренесуваат е информативна и го плени вниманието. Добри се за станари што не би биле спремни да прочитаат цела книга или списание. Трактатите се лесни за нудење, дури и за нови објавители и за деца. Освен тоа, мали се и може да се носат секаде.
3. Раскажи лично или објавено искуство што покажува колку се вредни трактатите.
3 Многу луѓе првпат доаѓаат во контакт со вистината преку трактат. На пример, една жена од Хаити видела еден од нашите трактати на улица. Го зела, го прочитала и рекла: „Ја најдов вистината!“ По некое време, дошла во Салата на Царството, почнала да ја проучува Библијата и се крстила — благодарение на моќта на Божјата Реч содржана во еден трактат.
4. Која е нашата цел кога трактатите се на понудата за конкретен месец?
4 Од куќа до куќа: Бидејќи трактатите се ефикасно средство за сведочење, одвреме-навреме ќе бидат на понудата за конкретен месец, почнувајќи од следната година. Целта не ни е само да даваме трактати туку и да ги користиме за да започнеме разговор. Ако наидеме на интерес при првата или при повторната посета, би можеле да започнеме библиска студија со помош на книгата Што учи Библијата? или друга публикација наменета за проучување. Како можеме да нудиме трактати од куќа до куќа? Бидејќи секој трактат е различен, треба да се запознаеме со содржината на оние што ги нудиме.
5. Како можеме да нудиме трактати од куќа до куќа?
5 Нашата презентација треба да биде приспособена на подрачјето и на трактатот што ќе го користиме. Разговорот би можеле да го почнеме така што ќе му го дадеме трактатот на станарот. Интересната насловна страница најверојатно ќе му го привлече вниманието. Или, пак, може да покажеме неколку трактати и да почекаме станарот да избере што го интересира. Кога сведочиме на подрачје во кое луѓето се плашат да отворат, би можеле да го држиме трактатот за да може станарот да го види или да го прашаме дали да протнеме нешто под вратата за да ни каже што мисли тој. Ако насловот на трактатот е прашање, би можеле да му го поставиме тоа прашање. Можеме и самите да смислиме прашање што ќе го заинтересира и ќе го поттикне на разговор. Потоа заедно може да прочитаме дел од трактатот и да почекаме да одговори на прашањата од текстот. Главните стихови може да се прочитаат од Библијата. Откако ќе биде разгледан дел од материјалот, можеме да го завршиме разговорот и да се договориме кога повторно да се сретнеме. Ако собранието обично остава литература кај оние што не се дома, може да оставиме трактат на неупадливо место.
6. Како можеме да користиме трактати додека сведочиме на улица?
6 Сведочење на улица: Си сведочел ли на улица со трактати? Некои минувачи се брзаат и не сакаат да застанат и да разговараат со нас. Може да биде тешко да препознаеме колку се заинтересирани. Наместо да им ги дадеме најновите списанија без да сме сигурни дали ќе ги читаат, зошто да не им оставиме трактат? Бидејќи насловната страница е привлечна, а пораката е кратка, љубопитноста може да ги поттикне да го прочитаат трактатот кога ќе имаат неколку минути. Се разбира, ако не се брзаат, би можеле да поразговараме со нив за нешто од трактатот.
7. Раскажи искуства што покажуваат како да користиме трактати кога сведочиме неформално.
7 Неформално сведочење: Лесно е неформално да се сведочи со трактати. Секогаш кога излегува од дома, еден брат си става во џебот неколку трактати. Кога ќе застане со некого, на пример, со некој продавач, едноставно му вели дека сака да му даде нешто за читање и му остава трактат. Маж и жена отишле во Њујорк за да го разгледаат градот. Знаеле дека таму ќе наидат на луѓе од разни земји. Затоа, со себе ја понеле брошурката Добра вест за сите народи и неколку трактати на различни јазици. Потоа, кога ќе чуле како некој уличен продавач или некој што седи близу до нив во паркот или во ресторан зборува на странски јазик, му нуделе трактат на неговиот јазик.
8. Во која смисла трактатите се како семе?
8 „Сеј го семето“: Трактатите може да се споредат со семе. Земјоделците расфрлаат семе во големи количини бидејќи не знаат кое ќе се зафати. Во Проповедник 11:6 стои: „Наутро сеј го семето свое и до вечерта нека не ти почива раката. Зашто, не знаеш каде ќе имаш успех, овде или онде, или и едното и другото ќе биде еднакво добро“. Затоа, ‚да сееме знаење‘ со помош на оваа многу делотворна алатка за сведочење (Изр. 15:7).
[Истакната мисла на страница 3]
Бидејќи трактатите се ефикасно средство за сведочење, одвреме-навреме ќе бидат на понудата за конкретен месец, почнувајќи од следната година