Нови трактати со интересен изглед!
1. Кои публикации за службата имаат нов изглед?
1 На обласните конгреси во 2013 год., со наслов „Божјата Реч е вистина“, излегоа пет нови трактати. Подоцна излезе и трактатот Вест за Царството бр. 38, со наслов „Ќе има ли воскресение?“ Сите шест трактати имаат нов изглед. Која е причината за тоа? Како може новите обележја на овие трактати да ни помогнат поделотворно да сведочиме од куќа до куќа?
2. Зошто трактатите имаат нов изглед?
2 Зошто имаат нов изглед? За да бидеме делотворни во службата од куќа до куќа, нашата презентација обично треба да вклучува четири чекори: 1) За да започнеме разговор, поставуваме прашање со кое го поттикнуваме станарот да го каже своето гледиште за одредена тема. 2) Му читаме библиски стих. 3) Му нудиме литература. 4) Поставуваме прашање кое ќе го одговориме на следната посета, и се договараме кога повторно да навратиме. Новиот изглед на трактатите ни помага лесно да ги направиме сите четири чекори.
3. Како може да понудиме некој од новите трактати во службата?
3 Како да ги користиме? 1) Откако ќе го поздравиш станарот, покажи му го интересното прашање со неколку можни одговори кое се наоѓа на првата страница од трактатот, и прашај го што би рекол тој. 2) Отвори го трактатот, и разгледајте го делот „Што вели Библијата“. Ако е можно, прочитај му го стихот директно од Библијата. Доколку станарот има време, разгледајте го и делот „Што ќе значи ова за тебе“. 3) Понуди му го трактатот, и поттикни го да го прочита кога ќе може. 4) Пред да си заминеш, покажи му го прашањето на последната страница во делот „Размисли“, и договорете се да го разгледате библискиот одговор кога ќе се видите следниот пат.
4. Како може да ги користиме новите трактати на повторна посета?
4 Лесно е да се направи и повторна посета. Едноставно искористи ги наведените стихови на последната страница за да одговориш на прашањето што си го поставил на крајот на претходниот разговор. Пред да си заминеш, покажи му ја сликата од брошурата Добра вест која се наоѓа на истата страница, а потоа покажи му ја самата брошура и наведената лекција во која има нешто повеќе на таа тема. На крајот, понуди му ја брошурата. Ако ја земе, договорете се да разговарате за таа тема кога ќе го посетиш следниот пат. На тој начин си почнал библиска студија. Или, наместо да му ја понудиш брошурата, можеш да му понудиш друг трактат и да се договориш да разговарате за него следниот пат.
5. Колку ни користат трактатите во службата?
5 Повеќе од 130 години употребуваме трактати во службата. Иако нивната големина и изгледот се менуваа, тие и понатаму многу ни помагаат кога сведочиме. Да ги искористиме нивните нови обележја за да продолжиме делотворно да ја шириме библиската вистина низ целиот свет (Изр. 15:7а).