Поучувај со помош на брошурата Добра вест
1. Како е осмислена брошурата Добра вест?
1 Како што беше спомнато во Нашата служба за Царството од јули, една важна публикација од нашата „кутија со алатки“ за поучување е брошурата Добра вест од Бог! Стиховите што се наведени во неа не се цитирани со цел станарот да учи директно од Библијата. Повеќето наши публикации наменети за проучување се напишани така што читателот може самиот да учи од нив. Но, оваа публикација е осмислена за ние да ги поучуваме луѓето со неа. Затоа, кога ја нудиме, да се потрудиме да му покажеме на станарот како се проучува за да види дека е интересно да се учи за добрата вест од Библијата (Мат. 13:44).
2. Како можеме да ја користиме брошурата Добра вест на ново место?
2 На ново место: Би можел да речеш: „Многу луѓе се прашуваат каква иднина нѐ очекува. Мислите ли дека некогаш ќе биде подобро? [Почекај да одговори.] Во Библијата е запишана една добра вест која може да ни даде надеж. Еве некои прашања на кои Библијата ни дава одговор“. Дај му ја брошурата на станарот и прашај го кое од прашањата на задната страница најмногу го интересира. Потоа отворете во соодветната лекција и прочитајте го 1. пасус. Друга опција е да му поставиш на станарот некое интересно прашање на темел на лекција што ти ќе ја одбереш, а потоа да му покажеш како брошурата може да му помогне да го најде библискиот одговор. Ако на нашата интернет-страница има и видеоклип кој е поврзан со таа лекција, можеш да го пуштиш.
3. Објасни како можеме да водиме библиски курс со брошурата Добра вест.
3 Како да водиш библиски курс: 1) Прочитај го нумерираното прашање напишано со масни букви за да го насочиш вниманието на станарот на главната мисла. 2) Прочитај го пасусот под него. 3) Прочитај ги стиховите со коси букви и користи умесни прашања за да му помогнеш на станарот да види како стиховите даваат одговор на нумерираното прашање. 4) Кога под истото прашање има уште еден пасус, повтори ги чекорите под 2 и 3. Ако има видеоклип што зборува за истото прашање и ако претходно не си му го пуштил на станарот, можеш да му го пуштиш во соодветен момент. 5) На крајот, замоли го станарот да одговори на прашањето за да видиш дали го сфатил одговорот.
4. Што ќе ни помогне вешто да ја користиме оваа вредна „алатка“?
4 Добро запознај се со содржината на оваа брошура. Користи ја секогаш кога ќе ти се укаже прилика. Пред да проучуваш со некој интересент, размисли за него и за тоа како најдобро да му ги објасниш стиховите од лекцијата (Изр. 15:28; Дела 17:2, 3). Како што стекнуваш поголемо искуство и вештина, оваа брошура можеби ќе стане твојата омилена „алатка“ со која ќе ги поучуваш луѓето за вистината!