СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 18
ПЕСНА 1 Особините на Јехова
Имај доверба во милосрдниот Судија на целата Земја
Зарем Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно? (1. МОЈ. 18:25)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да ни помогне подобро да ги разбереме милоста и правдата на Јехова кога станува збор за воскресението на неправедните луѓе.
1. Каква утешна поука му дал Јехова на Авраам?
ПРЕД многу години, Бог преку еден ангел му кажал на Авраам дека ќе ги уништи градовите Содом и Гомор. Кога го чул тоа, Авраам многу се загрижил иако имал силна вера во Бог. Затоа прашал: „Дали навистина ќе го погубиш праведниот заедно со злиот?... Зарем Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно?“ Јехова стрпливо му помогнал на својот драг пријател Авраам да научи една важна поука која е корисна и утешна за сите нас — Бог никогаш нема да ги уништи праведните луѓе (1. Мој. 18:23-33).
2. Зошто можеме да бидеме сигурни дека, кога им суди на луѓето, Јехова секогаш го прави тоа на праведен и на милосрден начин?
2 Зошто можеме да бидеме сигурни дека, кога им суди на луѓето, Јехова секогаш го прави тоа на праведен и на милосрден начин? Затоа што знаеме дека „Јехова го гледа она што е во срцето“ на луѓето (1. Сам. 16:7). Всушност, тој ги познава „срцата на сите човечки синови“ (1. Цар. 8:39; 1. Лет. 28:9). Ова е една извонредна вистина. Бидејќи Јехова е далеку помудар од нас, ние никогаш не можеме потполно да разбереме од кои причини тој носи некои одлуки. Во врска со Јехова Бог, апостол Павле со право рекол: „Колку се неистражливи неговите судови“ (Рим. 11:33).
3-4. Што можеби понекогаш се прашуваме, и што ќе разгледаме во оваа статија? (Јован 5:28, 29).
3 Иако знаеме дека Јехова секогаш го прави она што е исправно, можеби и нам понекогаш ќе ни се појават слични прашања како оние на Авраам. Можеби дури и се прашуваме: „Дали е можно луѓето кои Јехова ги уништил, како на пример оние од Содом и Гомор, повторно да живеат? Дали е можно некои од нив да бидат помеѓу неправедните кои Бог ќе ги воскресне?“ (Дела 24:15).
4 Да разгледаме какво е нашето разбирање во врска со воскресението. Неодамна, добивме појаснето разбирање за тоа што значи „воскресение за живот“, а што значи „воскресение за осуда“.a (Прочитај Јован 5:28, 29.) Ова појаснување водеше и до други промени во нашето разбирање за кои ќе зборуваме во оваа и во следната статија. Во врска со Јеховините праведни пресуди, прво ќе видиме што не знаеме, а потоа што знаеме.
ШТО НЕ ЗНАЕМЕ
5. Што пишуваше порано во нашите публикации во врска со оние што биле уништени во Содом и Гомор?
5 Порано, во нашите публикации велевме дека луѓето кои биле уништени од Јехова, како на пример оние во Содом и Гомор, нема да бидат воскреснати. Но, откако внимателно проучувавме и се молевме во врска со оваа работа, јасно е дека не можеме да го тврдиме тоа со сигурност. Зошто?
6. а) Наведи некои примери за тоа кога Јехова донел пресуди против луѓе кои тој ги сметал за неправедни. б) Што не знаеме?
6 Во Библијата има многу извештаи во кои се зборува за Јеховините пресуди против луѓе кои тој ги сметал за неправедни. На пример, во Потопот, Јехова ги уништил сите освен Ное и неговото семејство. Исто така, ги употребил Израелците за да уништи седум народи кои живееле во Ветената земја. Освен тоа, употребил еден ангел за да убие 185.000 асирски војници во една ноќ (1. Мој. 7:23; 5. Мој. 7:1-3; Иса. 37:36, 37). Во врска со сите овие случаи, дали Библијата дава доволно информации за да можеме да заклучиме дека сите тие луѓе се осудени на вечно уништување без надеж за воскресение? Не. Зошто можеме да го кажеме тоа?
7. Што не знаеме во врска со луѓето кои биле уништени во Потопот и во врска со оние што биле уништени кога Израелците ја освоиле ханаанската земја? (Види ја сликата.)
7 Кога станува збор за примерите што ги спомнавме, не знаеме каков суд донел Јехова за секој од тие луѓе поединечно. Исто така, не знаеме дали тие луѓе што биле уништени имале можност да го запознаат Јехова и да се покаат. Во врска со времето кога се случил Потопот, во Библијата пишува дека Ное бил „проповедникот на праведноста“ (2. Пет. 2:5). Но, во неа не пишува дека тој се обидувал да му проповеда на секој поединец на Земјата додека ја градел огромната арка. Слично на тоа, не знаеме дали сите злобни луѓе кои живееле во ханаанската земја имале можност да го запознаат Јехова и да го променат својот начин на живот.
Ное и неговото семејство градат огромна арка. Не се знае дали, додека траела изградбата, Ное и неговото семејство му проповедале на секој човек на Земјата пред да дојде Потопот (види во пасус 7)
8. Што не знаеме во врска со луѓето од Содом и Гомор?
8 А што е со жителите на Содом и Гомор? Еден праведен човек, кој се викал Лот, живеел помеѓу тие луѓе. Но, дали знаеме дека тој им проповедал на сите нив? Не. Нема сомнение дека тие биле злобни. Но, дали секој од нив знаел што е исправно, а што е погрешно? Се чини дека тоа не било случај. Сети се дека една толпа луѓе од тој град сакале да ги силуваат гостите на Лот. Библијата вели дека таа толпа ја сочинувале луѓе од најразлична возраст — „од дете до старец“ (1. Мој. 19:4; 2. Пет. 2:7). Дали навистина знаеме дека милосрдниот Бог Јехова одлучил ниту еден од тие луѓе да не биде воскреснат? Не. Точно е дека Јехова му рекол на Авраам дека во тој град немало ниту десет праведни луѓе (1. Мој. 18:32). Значи тие биле неправедни, и Јехова со право сметал дека треба да одговараат за своите постапки. Но, дали можеме со сигурност да кажеме дека ниту еден од нив нема да биде вратен во живот кога ќе бидат воскреснати неправедните? Не можеме да кажеме со сигурност.
9. Што не знаеме во врска со Соломон?
9 Од друга страна, во Библијата читаме и за праведни луѓе кои станале неправедни. Еден таков пример е цар Соломон. Тој знаел кој е Јехова и како треба да му служи, и Јехова многу го благословил. Но, подоцна Соломон почнал да обожава лажни богови. Поради гревовите на Соломон, Јехова многу се разгневил и целиот израелски народ трпел последици со векови. Точно е дека во Библијата пишува: „Соломон почина кај своите прататковци“ — израз кој се користи за верни Божји слуги како што бил цар Давид (1. Цар. 11:5-9, 43; 2. Цар. 23:13). Но, дали самото тоа што е употребен овој израз за Соломон е гаранција дека тој ќе воскресне? Библијата не го кажува тоа. Некои можеби мислат дека Соломон ќе биде воскреснат бидејќи во Библијата пишува: „Оној што умрел, ослободен е од својот грев“ (Рим. 6:7). Но, ова не значи дека сите оние што умреле ќе бидат воскреснати. На крајот на краиштата, тоа што некој умрел не значи дека има право повторно да живее. Воскресението е дар од нашиот Бог полн со љубов. Тој им го дава овој дар на оние на кои сака да им даде можност да му служат засекогаш (Јов 14:13, 14; Јован 6:44). Дали Соломон ќе добие таков дар? Јехова го знае одговорот, ние не го знаеме. Но, знаеме дека Јехова ќе го направи она што е праведно.
ШТО ЗНАЕМЕ
10. Како се чувствува Јехова кога треба да уништи некои луѓе? (Езекиел 33:11; види ја и сликата).
10 Прочитај Езекиел 33:11. Јехова ни открива како се чувствува кога треба да им суди на луѓето. Слично на она што го напишал пророкот Езекиел, апостол Петар рекол дека „Јехова... не сака никој да биде уништен“ (2. Пет. 3:9). Овие зборови се многу утешни. Ние знаеме дека Јехова нема да уништи некого засекогаш доколку нема многу добра причина за тоа. Тој е многу милосрден и покажува милост секогаш кога тоа е можно.
Во воскресението на неправедните ќе бидат вклучени најразлични луѓе кои ќе имаат можност да учат за Јехова (види во пасус 10)
11. Кој нема да биде воскреснат, и од каде го знаеме тоа?
11 Што знаеме за луѓето кои нема да бидат воскреснати? Библијата спомнува само неколку примери.b Исус укажал на тоа дека Јуда Искариот нема да биде воскреснат (Мар. 14:21; види и Јован 17:12c). Јуда знаел дека она што го направил било против Јехова Бог и Неговиот Син, но сепак намерно го направил тоа. (Види Марко 3:29.d) Слично на тоа, Исус рекол дека некои од верските водачи што му се противеле ќе умрат без надеж за воскресение (Мат. 23:33). И апостол Павле предупредил дека отпадниците кои нема да се покаат, нема да воскреснат (Евр. 6:4-8; 10:29).
12. Што знаеме за Јеховината милосрдност? Наведи примери.
12 А што знаеме за Јеховината милосрдност? Како Јехова покажал дека „не сака никој да биде уништен“? Да видиме како тој покажал милост кон некои што направиле сериозни гревови. Цар Давид направил неколку сериозни гревови, меѓу кои прељуба и убиство. Сепак, Давид се покајал, и затоа Јехова милосрдно му простил (2. Сам. 12:1-13). Цар Манасија правел ужасни работи во поголемиот дел од својот живот. Сепак, дури и во тој екстремен случај, Јехова покажал милост и му простил на Манасија бидејќи тој се покајал (2. Лет. 33:9-16). Од овие примери гледаме дека Јехова покажува милост секогаш кога има основа за тоа. Тој ќе ги воскресне таквите поединци бидејќи сфатиле дека направиле ужасни гревови и се покајале.
13. а) Зошто Јехова им покажал милост на Ниневијците? б) Што рекол Исус подоцна за Ниневијците?
13 Исто така, знаеме дека Јехова им покажал милост на Ниневијците. Бог му кажал на Јона: „Лошотијата нивна стигна до мене“. Но, кога се покајале за своите гревови, Јехова со љубов им простил. Тој бил далеку помилосрден од Јона. Јона се налутил и Бог морал да го потсети дека тие Ниневијци не знаеле „што е десно, а што лево“, односно што е исправно, а што погрешно (Јона 1:1, 2; 3:10; 4:9-11). Подоцна, Исус го искористил тој пример за да ги поучи другите за Јеховината правда и милост. Исус рекол дека Ниневијците кои се покајале „ќе станат од мртвите во Судниот ден“ (Мат. 12:41).
14. Што ќе значи за Ниневијците воскресението за осуда?
14 Што значи тоа дека Ниневијците „ќе станат од мртвите во Судниот ден“? Исус рекол дека во иднина ќе има „воскресение за осуда“ (Јован 5:29). Тој зборувал за неговото илјадагодишно владеење, кога ќе бидат воскреснати „и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). За неправедните, тоа ќе биде „воскресение за осуда“, односно за суд. Ова значи дека, откако таквите лица ќе воскреснат, Јехова и Исус ќе ги набљудуваат за да проценат дали се послушни и дали ги применуваат работите што ги учат. Ако некој Ниневеец кој воскреснал не сака да го обожава Јехова, Јехова нема да му дозволи да продолжи да живее (Иса. 65:20). Но, сите оние што ќе одлучат верно да му служат на Јехова ќе можат да живеат засекогаш (Дан. 12:2).
15. а) Зошто не треба да тврдиме дека ниту еден од оние што биле уништени во Содом и Гомор нема да биде воскреснат? б) Како можеме да ги разбереме зборовите кои се запишани во Јуда 7? (Види ја и рамката „Што мислел Јуда?“)
15 Кога зборувал за луѓето од Содом и Гомор, Исус рекол дека „во Судниот ден“ ним ќе им биде полесно отколку на луѓето кои ги отфрлиле него и неговите учења (Мат. 10:14, 15; 11:23, 24; Лука 10:12). Што сакал да каже со тоа? Дали Исус едноставно користел хипербола за да покаже дека луѓето од негово време биле уште полоши од луѓето во Содом и Гомор? Не. Тој го мислел тоа дословно, исто како кога рекол дека Ниневијците ќе станат од мртвите во Судниот ден.e И во двата случаи, „Судниот ден“ се однесувал на иста работа. Исто како Ниневијците, и луѓето од Содом и Гомор правеле лоши работи. Но, Ниневијците имале можност да се покаат. Освен тоа, сети се што рекол Исус во врска со воскресението за осуда. Во него ќе бидат вклучени „оние што правеле зло“ (Јован 5:29). Значи, се чини дека можеби има некаква надеж за луѓето од Содом и Гомор. Можно е дека барем некои од тие луѓе ќе бидат воскреснати и дека можеби ќе имаме прилика да ги поучуваме за Јехова и за Исус Христос!
16. Што знаеме во врска со тоа како Јехова ќе одлучува кого да воскресне? (Еремија 17:10).
16 Прочитај Еремија 17:10 и фуснота. Во овој стих можеме да видиме што знаеме за начинот на кој Јехова суди — тој секогаш го истражува срцето и ги испитува најскриените чувства. Кога ќе треба да одлучи кого да воскресне, Јехова, како и секогаш, ќе му даде „секому според неговите патишта“. Тој ќе биде цврст кога тоа е потребно, но милостив секогаш кога тоа е можно. Затоа, не треба да си претпоставиме дека за некого нема надеж за воскресение, освен ако со сигурност не го знаеме тоа.
„СУДИЈАТА НА ЦЕЛАТА ЗЕМЈА“ ЌЕ „ГО ПРАВИ ОНА ШТО Е ПРАВЕДНО“
17. Што ќе се случи со луѓето кои умреле?
17 Откако Адам и Ева застанале на страната на Сатана и се побуниле против Јехова Бог, умреле милијарди луѓе. Смртта, која е страшен „непријател“, покосила безброј животи! (1. Кор. 15:26). Што ќе се случи со сите тие луѓе? Еден ограничен број — вкупно 144.000 Христови верни следбеници — ќе бидат воскреснати за бесмртен живот на небото (Отк. 14:1). Еден огромен број верни мажи и жени кои го сакале Јехова ќе бидат дел од праведните што ќе бидат воскреснати. Тие ќе живеат засекогаш на Земјата ако останат праведни во текот на Христовото илјадагодишно владеење и за време на последниот испит (Дан. 12:13; Евр. 12:1). Исто така, за време на илјадагодишното владеење, на неправедните — вклучувајќи ги оние кои никогаш не му служеле на Јехова, па дури и „оние што правеле зло“ — ќе им биде дадена можност да се променат и да станат верни слуги на Јехова Бог (Лука 23:42, 43). Но, некои луѓе биле толку злобни, толку решени да му се противат на Јехова и на неговата намера, што тој одлучил за нив воопшто да нема воскресение (Лука 12:4, 5).
18-19. а) Зошто можеме да имаме доверба во начинот на кој Јехова ќе им суди на оние што умреле? (Исаија 55:8, 9). б) Што ќе разгледаме во следната статија?
18 Дали можеме да бидеме потполно сигурни дека, кога им суди на луѓето, Јехова секогаш ја носи исправната одлука? Да. Авраам многу добро сфатил дека Јехова е совршен, мудар и милостив Судија на целата Земја. Јехова го обучил својот Син и нему му ја дал одговорноста да суди (Јован 5:22). И Јехова, и Исус, знаат што има во срцето на секој човек (Мат. 9:4). Значи, тие секогаш ќе го прават „она што е праведно“!
19 Да бидеме решени да имаме доверба во Јехова и во сите негови одлуки. Ние сфаќаме дека немаме способност исправно да судиме, но Јехова ја има таа способност! (Прочитај Исаија 55:8, 9.) Затоа, со потполна доверба им го оставаме целиот суд нему и на неговиот Син — Царот кој совршено ги одразува правдата и милоста на својот Татко (Иса. 11:3, 4). Но, што можеме да кажеме за тоа како Јехова и Исус ќе им судат на луѓето за време на големата неволја? Што не знаеме, а што знаеме? Во следната статија ќе ги разгледаме овие прашања.
ПЕСНА 57 Да проповедаме на најразлични луѓе
b Во врска со Адам, Ева и Каин, види во Стражарска кула од 1 јануари 2013, стр. 12, фус.
c Изразот „синот на пропаста“ кој се користи во Јован 17:12, значи дека, кога Јуда умрел, бил осуден на вечно уништување без надеж за воскресение.
d На jw.org види ја статијата „Што е тоа неопростлив грев?“
e Хипербола е намерно и очигледно преувеличување со цел да се нагласи некоја мисла. Но, она што Исус го кажал за луѓето од Содом и Гомор веројатно било дословно, што значи дека не е хипербола.