ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w25 Март стр. 26-31
  • Јеховината рака никогаш не е прекратка

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јеховината рака никогаш не е прекратка
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • УЧИ ОД МОЈСЕЈ И ОД ИЗРАЕЛЦИТЕ
  • КОГА СЕ СООЧУВАМЕ СО ФИНАНСИСКИ ПРОБЛЕМИ
  • КОГА РАЗМИСЛУВАМЕ ДАЛИ ЌЕ ИМАМЕ ДОВОЛНО ПАРИ КОГА ЌЕ ОСТАРИМЕ
  • Поуки од прошталните зборови на верни слуги на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Одлуки од кои се гледа дека се потпираме на Јехова
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2023)
  • Скромно прифати дека има работи кои не ги знаеш
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Имај на ум дека Јехова е „живиот Бог“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
w25 Март стр. 26-31

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 13

ПЕСНА 4 „Јехова е мојот Пастир“

Јеховината рака никогаш не е прекратка

„Зарем Јеховината рака станала прекратка?“ (4. МОЈ. 11:23)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да ја зголемиме нашата доверба дека Јехова секогаш ќе се грижи за нашите материјални потреби.

1. Како Мојсеј покажал доверба во Јехова додека ги водел Израелците кога го напуштале Египет?

ПОМЕЃУ примерите на вера кои се спомнати во книгата Евреите, Мојсеј е извонреден пример (Евр. 3:2-5; 11:23-25). Тој покажал вера додека ги водел Израелците кога го напуштале Египет. Мојсеј не дозволил да биде заплашен од фараонот и од неговата војска. Со доверба во Јехова, тој го водел народот низ Црвеното Море, а подоцна и низ пустината (Евр. 11:27-29). Повеќето Израелци изгубиле доверба дека Јехова ќе се грижи за нив, но Мојсеј продолжил да има доверба во својот Бог. Неговата вера не била залудна бидејќи Бог со чудо му обезбедувал храна и вода на својот народ во бесплодната пустинаa (2. Мој. 15:22-25; Пс. 78:23-25).

2. Зошто Бог го прашал Мојсеј: „Зарем Јеховината рака станала прекратка?“ (4. Мојсеева 11:21-23).

2 Но, и покрај тоа што Мојсеј имал силна вера, околу една година откако Израелците со чудо биле избавени од Египет, тој почнал да се сомнева дали Јехова ќе може да му даде месо на својот народ. Мојсеј не можел да си замисли како Јехова ќе обезбеди доволно месо за милионите Израелци кои престојувале во пустината. Затоа, Јехова го прашал Мојсеј: „Зарем Јеховината рака станала прекратка?“ (Прочитај 4. Мојсеева 11:21-23.) Тука, изразот „Јеховината рака“ се однесува на Божјиот свет дух, односно на неговата активна сила. Со други зборови, Јехова го прашал Мојсеј: „Дали навистина мислиш дека не можам да го направам она што велам дека ќе го направам?“

3. Зошто е важно да размислиме за она што им се случило на Мојсеј и на Израелците?

3 Можеби и ти некогаш си се прашувал дали Јехова ќе се грижи за твоите и за материјалните потреби на твоето семејство? Во оваа статија ќе видиме зошто на Мојсеј и на Израелците им недостигала доверба дека Јехова ќе се грижи за нивните потреби. Библиските начела што ќе ги разгледаме ќе ни помогнат да си ја зајакнеме довербата дека Јеховината рака никогаш не е прекратка.

УЧИ ОД МОЈСЕЈ И ОД ИЗРАЕЛЦИТЕ

4. Зошто многу Израелци почнале да се сомневаат дали Јехова може да се грижи за нивните материјални потреби?

4 Зошто многу Израелци почнале да се сомневаат дали Јехова може да се грижи за нив? Да го разгледаме контекстот. Израелците и „мноштво други луѓе“ кои не биле Израелци некое време биле во големата пустина додека патувале од Египет кон Ветената земја (2. Мој. 12:38; 5. Мој. 8:15). На мноштвото други луѓе им здодеало да јадат мана, а истото се случило и со многу Израелци кои почнале да се жалат заедно со нив (4. Мој. 11:4-6). Тие почнале да копнеат по храната што ја имале во Египет. Бидејќи бил ставен под притисок од народот, Мојсеј мислел дека тој лично треба да им обезбеди храна (4. Мој. 11:13, 14).

5-6. Што можеме да научиме од тоа како мноштвото други луѓе влијаеле врз многу Израелци?

5 Очигледно, врз Израелците влијаел неблагодарниот став на мноштвото луѓе кои не биле Израелци. И врз нас може да влијае неблагодарниот став на другите и да станеме незадоволни со она што Јехова ни го дава. Тоа може да се случи ако копнееме по она што некогаш сме го имале или ако им станеме љубоморни на другите поради она што тие го имаат. Но, ќе бидеме посреќни ако научиме да бидеме задоволни со она што го имаме.

6 Израелците требало да имаат на ум дека Бог им ветил дека ќе имаат изобилство материјални работи кога ќе стигнат во нивниот нов дом. Тоа ветување требало да се исполни во Ветената земја, а не додека патувале во пустината. Слично на тоа, наместо да се концентрираме на она што го немаме сега, добро е да размислуваме за она што Јехова ветил дека ќе ни го даде во новиот свет. Исто така, можеме да размислуваме за некои библиски стихови кои ќе ни помогнат да си ја зајакнеме довербата во Јехова.

7. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јеховината рака не е прекратка?

7 Сепак, можеби се прашуваш зошто Бог го прашал Мојсеј: „Зарем Јеховината рака станала прекратка?“ Јехова можеби сакал да му помогне на Мојсеј да размисли не само за тоа колку е силна неговата моќна рака туку и за тоа до каде сѐ може да досегне. Бог можел да им обезбеди изобилство месо на Израелците и покрај тоа што биле среде пустина. На крајот, Израелците од прва рака ја доживеале вистинитоста на она што Давид го напишал со векови подоцна: „Ќе ја испружиш раката, и твојата десница ќе ме спаси“ (Пс. 138:6, 7). Затоа, кога сме во тешка ситуација, не треба да се сомневаме дека Јехова ќе му помогне на секого од нас без разлика каде се наоѓаме.

8. Што ќе ни помогне да не ја направиме истата грешка како многумина од оние што биле во пустината? (Види ја и сликата.)

8 По кратко време, Јехова го направил она што го ветил и на народот му обезбедил изобилство потполошки. Но, Израелците не му заблагодариле на Бог за ова чудо. Наместо тоа, многумина од нив ги обзела лакомост. Работејќи ден и ноќ, тие се труделе да соберат колку што е можно повеќе потполошки. Јехова се разгневил против оние што себично копнееле по јадење и ги казнил (4. Мој. 11:31-34). Можеме многу да научиме од овој пример. Мора да внимаваме да не паднеме во замката на алчноста. Без разлика дали сме богати или сиромашни, треба да ни биде најважно да си собираме „богатство на небото“ со тоа што ќе градиме блиско пријателство со Јехова и со Исус (Мат. 6:19, 20; Лука 16:9). Ако го правиме тоа, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе се грижи за нашите материјални потреби.

Израелците ноќе собираат големо количество потполошки во пустината.

Каков став покажале многумина во пустината, и што можеме да научиме од тој настан? (види во пасус 8)


9. Во што можеме да бидеме потполно уверени?

9 Јехова и денес е спремен да му помага на својот народ. Сепак, тоа не значи дека никогаш нема да доживееме материјална загуба или дека никогаш нема да останеме без храна.b Но, Јехова никогаш нема да нѐ напушти. Тој ќе ни помага без разлика со каков проблем ќе се соочиме. Како можеме да покажеме доверба дека Јехова ќе се грижи за нас? Да разгледаме две ситуации: 1) кога се соочуваме со финансиски проблеми и 2) кога размислуваме дали ќе имаме доволно пари кога ќе остариме.

КОГА СЕ СООЧУВАМЕ СО ФИНАНСИСКИ ПРОБЛЕМИ

10. Со какви финансиски проблеми би можеле да се соочиме?

10 Колку повеќе се приближува крајот на овој свет, толку повеќе можеме да очекуваме дека економската ситуација ќе се влошува. Поради политички немири, вооружени конфликти, природни катастрофи или нови пандемии би можеле неочекувано да се соочиме со зголемени трошоци, или пак би можеле да ги изгубиме работата, она што го поседуваме или нашиот дом. Можеби ќе треба да најдеме нова работа во местото каде што живееме или ќе треба со нашето семејство да се преселиме на друго место за да можеме да се грижиме за него. Што ќе ни помогне да донесеме одлуки од кои ќе се види дека имаме доверба во Јехова?

11. Што може да ти помогне да се справиш со финансиските проблеми? (Лука 12:29-31).

11 Многу е важно да му ги кажеш на Јехова твоите грижи. Ова многу ќе ти помогне (Изр. 16:3). Моли го Јехова да ти ја даде потребната мудрост за да носиш добри одлуки и да ти помогне да останеш смирен за да не се грижиш премногу за твојата ситуација. (Прочитај Лука 12:29-31.) Постојано моли го да ти помогне да бидеш задоволен со основните работи за живот (1. Тим. 6:7, 8). Истражувај во нашите публикации за тоа како успешно да се справиш со финансиските проблеми. На многумина им помогнале статиите и видеоклиповите на jw.org во кои има совети за економските проблеми.

12. Кои прашања можат да му помогнат на еден христијанин да ја донесе најдобрата одлука за своето семејство?

12 Некои прифатиле работа за која требало да се преселат далеку од своето семејство, но многумина подоцна сфатиле дека тоа не било мудра одлука. Пред да прифатиш некоја нова работа, размисли не само што ќе добиеш во финансиски поглед туку и што ќе изгубиш во духовен поглед (Лука 14:28). Прашај се: „Како ќе влијае врз мојот брак тоа што ќе бидам далеку од мојот брачен другар? Дали ќе можам да присуствувам на сите состаноци, да одам во служба и да се дружам со браќата и сестрите?“ Ако имаш деца, треба да си го поставиш следново важно прашање: „Како ќе ги воспитувам моите деца ’со стега од Јехова‘ и како ќе им помагам ’да го усвојат неговиот начин на размислување‘ ако не сум со нив?“ (Еф. 6:4). Кога треба да донесеш одлука, нека те води начинот на кој размислува Јехова, а не она што ќе ти го кажат роднините или пријателите кои немаат почит кон библиските начела.c Тони, кој живее во Западна Азија, добил неколку примамливи понуди за работа во странство. Но откако се молел во врска со тоа и разговарал со неговата сопруга, тој одлучил да ги одбие тие понуди и да размисли како би можеле да ги намалат семејните трошоци. Денес, Тони вели: „Имав можност да им помогнам на неколку луѓе да го запознаат Јехова, а нашите деца многу ја сакаат вистината и сакаат да му служат на Бог. Нашето семејство научи дека, сѐ додека живееме во склад со зборовите од Матеј 6:33, Јехова ќе се грижи за нас“.

КОГА РАЗМИСЛУВАМЕ ДАЛИ ЌЕ ИМАМЕ ДОВОЛНО ПАРИ КОГА ЌЕ ОСТАРИМЕ

13. Кои разумни чекори можеме да ги преземеме за да имаме доволно пари кога ќе остариме?

13 Нашата доверба во Јехова може да биде ставена на испит и кога размислуваме во каква финансиска ситуација би можеле да бидеме кога ќе остариме. Библијата нѐ поттикнува трудољубиво да работиме за во иднина да имаме доволно финансиски средства (Изр. 6:6-11). Разумно е, во склад со нашите можности, да ставаме нешто настрана за во иднина. Точно е дека парите пружаат одредена мера заштита (Проп. 7:12). Но, никогаш не треба парите да ни станат најважното нешто во животот.

14. Зошто треба да го земеме во предвид стихот од Евреите 13:5 кога размислуваме дали ќе имаме доволно пари кога ќе остариме?

14 Исус раскажал една поучна приказна од која се гледа колку е неразумно некој да трупа богатство без да биде „богат пред Бог“ (Лука 12:16-21). Никој не знае што ќе донесе утрешниот ден (Изр. 23:4, 5; Јак. 4:13-15). Освен тоа, како следбеници на Христос, се соочуваме со посебен предизвик — мора да бидеме спремни да се откажеме од сѐ што имаме за да бидеме негови ученици (Лука 14:33). Во првиот век, христијаните од Јудеја спремно се откажале од сѐ што имале (Евр. 10:34). Во наше време, многу браќа претрпеле финансиска загуба бидејќи не гласале за ниту една политичка партија (Отк. 13:16, 17). Што им помогнало да го направат тоа? Тие имале потполна доверба во ветувањето на Јехова: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“. (Прочитај Евреите 13:5.) Затоа, од една страна правиме што можеме за да имаме доволно пари кога ќе остариме, но од друга страна имаме потполна доверба дека Јехова ќе се грижи за нас доколку се случи нешто непредвидено.

15. Какво урамнотежено гледиште треба да имаат родителите за своите деца? (Види ја и сликата.)

15 Во некои култури, брачните парови формираат семејство првенствено за да можат децата финансиски да се грижат за нив кога тие ќе остарат. Во некоја смисла, тие гледаат на своите деца како на „пензиско осигурување“. Но, Библијата вели дека родителите треба да се грижат за потребите на своите деца (2. Кор. 12:14). Се разбира, кога ќе остарат, на родителите можеби ќе им биде потребна некаква практична помош, и многу деца со задоволство им пружаат таква помош (1. Тим. 5:4). Но родителите кои имаат доверба во Јехова сфаќаат дека среќата не зависи од тоа дали ќе ги одгледаат своите деца со цел тие финансиски да се грижат за нив, туку од тоа дали ќе им помогнат да станат слуги на Јехова (3. Јов. 4).

Двајца родители радосно разговараат со нивната ќерка и нејзиниот сопруг преку видеоповик. Ќерката и нејзиниот сопруг носат флуоросцентни сигурносни елеци.

Брачните парови кои имаат доверба во Јехова ги земаат предвид библиските начела кога носат одлуки за нивната иднина (види во пасус 15)d


16. Како можат родителите да ги подготват своите деца да можат самите да се издржуваат? (Ефешаните 4:28).

16 Родители, со својот пример поучувајте ги вашите деца да имаат доверба во Јехова додека им помагате да научат самите да се издржуваат во иднина. Додека сѐ уште се мали, поучувајте ги колку е корисно трудољубиво да работат (Изр. 29:21; прочитај Ефешаните 4:28.) Додека растат, помагајте им да го даваат своето најдобро на училиште. Добро е родителите да истражуваат за да најдат библиски начела и потоа да им помогнат на своите деца на темел на тие начела да донесат мудри одлуки за тоа какво образование да изберат. Тоа ќе им помогне на децата да бидат во состојба самите да се издржуваат и колку што е можно повеќе да учествуваат во службата на проповедање.

17. Во што можеме да бидеме сигурни?

17 Оние што имаат доверба во Јехова можат да бидат сигурни дека тој може и сака да се грижи за нивните материјални потреби. Како што се приближуваме кон крајот на овој свет, можеме да очекуваме дека нашата доверба во Јехова ќе биде ставена на испит. Но, без разлика што ќе се случи, да имаме доверба дека Јехова ќе ја употреби својата моќ за да се грижи за нас во материјален поглед. Можеме да бидеме сигурни дека моќната рака на Јехова никогаш нема да биде прекратка и дека тој секогаш ќе ни помага каде и да сме.

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Што можеме да научиме од она што им се случило на Мојсеј и на Израелците?

  • Како можеме да покажеме дека имаме доверба во Јехова кога се соочуваме со финансиски проблеми?

  • Што треба да земеме предвид кога размислуваме за тоа дали ќе имаме доволно пари кога ќе остариме?

ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител

a Види ја статијата „Прашања од читателите“, која излезе во Стражарска кула од октомври 2023.

b Види ја статијата „Прашања од читателите“, која излезе во Стражарска кула од 15 септември 2014.

c Види ја статијата „Никој не може да им робува на двајца господари“, која излезе во Стражарска кула од 15 април 2014.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брачен пар кој има доверба во Јехова е во контакт со својата ќерка која заедно со својот сопруг учествува во изградбата на една сала за состаноци.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели