СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 16
ПЕСНА 87 Да се храбриме на состаноците!
За нас е добро да стануваме сѐ поблиски со другите
Гледај, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство! (ПС. 133:1)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да разгледаме предлози за тоа како може да станеме поблиски еден со друг и да видиме какви благослови ни носи пријателството со нашите соверници.
1-2. Која е една од работите кои на Јехова му се многу важни, и што сака тој да правиме?
ЕДНА од работите кои му се многу важни на Јехова е начинот на кој постапуваме со другите. Исус поучувал дека треба да ги сакаме нашите ближни како себеси (Мат. 22:37-39). Тоа вклучува и да се однесуваме добро дури и кон оние кои имаат поинакви верувања од нас. Кога постапуваме така, го следиме примерот на Јехова Бог, кој „дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Мат. 5:45).
2 Иако ги сака сите луѓе, Јехова особено е приврзан кон оние што му се послушни (Јован 14:21). Тој сака да го следиме неговиот пример. Затоа нѐ поттикнува срдечно да ги сакаме нашите браќа и сестри (Рим. 12:10; 1. Пет. 4:8). Кога размислуваме за таква љубов и приврзаност кон некого, можеби ни доаѓа на ум блиската врска што ја имаме со некој сакан член на семејството или драг пријател.
3. Што треба да имаме на ум во врска со љубовта?
3 Исто како едно собно цвеќе, љубовта е потребно да се негува за да расте. Апостол Павле им го дал следниов совет на христијаните: „Братската љубов и понатаму нека владее меѓу вас“ (Евр. 13:1). Јехова сака постојано да вложуваме труд за нашата љубов кон другите да расте. Во оваа статија ќе се зборува за тоа зошто треба уште повеќе да се зближиме со нашите соверници и како може да стануваме сѐ поблиски со нив.
ЗОШТО ТРЕБА УШТЕ ПОВЕЌЕ ДА СЕ ЗБЛИЖИМЕ ЕДЕН СО ДРУГ
4. Според Псалм 133:1, што ќе ни помогне и понатаму да го цениме нашето обединето братство? (Види ги и сликите.)
4 Прочитај Псалм 133:1. Се согласуваме со псалмистот кој напишал дека е добро и мило да бидеме пријатели со оние што го сакаат Јехова. Но, исто како што некој би можел да зема здраво за готово едно прекрасно дрво кое го гледа секој ден, и ние би можеле да ја земаме здраво за готово убавината на нашето христијанско единство. Ние ги гледаме нашите браќа и сестри често, можеби неколку пати во седмицата. Како може да продолжиме и понатаму да ги цениме? Нашата љубов кон браќата и сестрите ќе расте ако си одвојуваме време да размислуваме за тоа колку секој од нив е скапоцен за собранието и за нас.
Никогаш не ја земај здраво за готово убавината на нашето христијанско единство (види во пасус 4)
5. Како може да влијае врз другите љубовта што владее во нашето братство?
5 Некои што за прв пат присуствуваат на нашите состаноци се воодушевени од љубовта што ја покажуваме еден кон друг. Поради тоа, можеби ќе заклучат дека ја нашле вистината. Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). Размисли за искуството на една девојка по име Четра, која проучувала со Јеховините сведоци. Таа ја прифатила поканата да присуствува на еден регионален конгрес. На крајот на првиот ден, Четра ѝ рекла на сестрата која проучувала со неа: „Моите родители никогаш не ме прегрнале. Но на вашиот конгрес добив 52 прегратки во само еден ден. Ја почувствував Јеховината љубов преку ова духовно семејство. И јас сакам да сум дел од тоа семејство“. Четра продолжила да напредува и се крстила во 2024 год. Навистина, кога ќе ги видат нашите добри дела, вклучувајќи ја и љубовта што ја имаме еден кон друг, новите честопати се поттикнати да му служат на Јехова (Мат. 5:16).
6. Како тоа што ќе станеме поблиски со нашите браќа и сестри може да нѐ заштити?
6 Тоа што ќе станеме поблиски со нашите браќа и сестри може да ни служи како заштита. Павле им рекол на своите соверници: „Охрабрувајте се еден со друг секој ден... за некој од вас да не отрпне поради измамливоста на гревот“ (Евр. 3:13, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Ако толку многу се обесхрабриме што ќе почнеме да застрануваме од патот на праведноста, Јехова може да поттикне некој наш соверник кој ќе го забележи тоа да ни ја пружи потребната помош (Пс. 73:2, 17, 23). Таквото охрабрување е добро за нас, односно може да ни помогне да не направиме нешто погрешно.
7. Како се поврзани љубовта и единството? (Колошаните 3:13, 14).
7 Ние сме дел од една група луѓе кои вложуваат голем труд за да покажуваат љубов еден кон друг, и затоа имаме многу благослови (1. Јов. 4:11). На пример, љубовта нѐ поттикнува да се поднесуваме еден со друг, а тоа придонесува да бидеме обединети со нашите браќа и сестри. (Прочитај Колошаните 3:13, 14; Еф. 4:2-6.) Затоа, на нашите состаноци се забележува единство какво што нема меѓу ни една друга група луѓе на Земјата.
ДА ПОКАЖУВАМЕ ПОЧИТ ЕДЕН КОН ДРУГ
8. Како Јехова ни помага да бидеме обединети со нашите браќа и сестри?
8 Единството што владее меѓу Јеховините слуги низ целиот свет е вистинско чудо. Јехова го овозможил тоа и покрај нашата несовршеност (1. Кор. 12:25). Во Библијата пишува дека сме поучени од Бог да се сакаме еден со друг (1. Сол. 4:9). Со други зборови, во својата Реч, Јехова ни кажува што точно треба да правиме за да станеме поблиски еден со друг. Може да дозволиме да бидеме поучени од Бог така што внимателно ќе ги проучуваме неговите учења и ќе ги применуваме (Евр. 4:12; Јак. 1:25). Јеховините сведоци се трудат да го прават токму тоа.
9. Што учиме од Римјаните 12:9-13 во врска со покажувањето почит кон другите?
9 Како Божјата Реч нѐ учи да станеме поблиски еден со друг? Да разгледаме што рекол Павле во врска со оваа работа според Римјаните 12:9-13. (Прочитај.) Да обрнеме посебно внимание на зборовите „предводете во искажувањето почит еден кон друг“. Што значи ова? Треба да бараме прилики да покажеме дека срдечно ги сакаме другите така што, меѓу другото, ќе простуваме, ќе бидеме гостопримливи и дарежливи (Еф. 4:32). Не треба да чекаш твојот брат или сестра да го преземе првиот чекор за да станете поблиски. Ти можеш да го направиш тоа. Тогаш ќе ја почувствуваш вистинитоста на зборовите на Исус: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).
10. Како може да покажеме дека не сме мрзливи кога станува збор за покажувањето почит еден кон друг? (Види ја и сликата.)
10 Интересно е тоа што веднаш откако кажал да предводиме во искажувањето почит еден кон друг, Павле нѐ советувал да не бидеме мрзливи, односно да бидеме вредни. Оној што е вреден е ревносен и трудољубив. Кога ќе добие некоја задача, тој дава сѐ од себе за добро да ја изврши. Изреки 3:27, 28 нѐ поттикнува: „Немој да им скратуваш некакво добро на оние на кои им е потребно, кога твојата рака може да го стори тоа“. Во склад со ова, кога ќе забележиме дека некој има некаква потреба, правиме сѐ што можеме за да му помогнеме. Не одолговлекуваме, ниту пак си заклучуваме дека некој друг ќе му помогне (1. Јов. 3:17, 18).
Ние треба да преземаме иницијатива да им помагаме на нашите браќа и сестри кои имаат некаква потреба (види во пасус 10)
11. Што може да ни помогне да станеме поблиски еден со друг?
11 Друг начин на кој може да покажеме почит кон другите е така што брзо ќе им простиме кога ќе нѐ повредат. Во Ефешаните 4:26 пишува: „Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“. Зошто да не држиме лутина? Ако држиме лутина, според стих 27, ќе му дадеме можност на Ѓаволот да дејствува. Во својата Реч, Јехова одново и одново ни кажува да си простуваме еден на друг. Во Колошаните 3:13 сме поттикнати да продолжиме спремно да си простуваме. Да преминуваме преку грешките на другите е еден од најдобрите начини да станеме поблиски со нив. Кога го правиме тоа, помагаме да се оддржи единството на духот во мирот кој нѐ поврзува (Еф. 4:3). Значи, простувањето директно придонесува меѓу нас да владеат единство и мир.
12. Како Јехова ни помага да простуваме?
12 Се разбира, може да ни биде тешко да им простиме на оние што нѐ повредиле. Но, може да го направиме тоа со помошта од Божјиот свет дух. По поттикот срдечно да се сакаме еден со друг и да не бидеме мрзливи, Библијата ни кажува: „Духот нека ве поттикнува на ревност“. Едно лице кое е ревносно е полно со жар и воодушевеност како резултат на влијанието на светиот дух. Значи, Божјиот дух може да ни помогне срдечно да се сакаме еден со друг и спремно да си простуваме. Затоа, сесрдно го молиме Јехова да ни помага во тоа (Лука 11:13).
„МЕЃУ ВАС ДА НЕМА ПОДЕЛБИ“
13. Што може да создаде поделби меѓу нас?
13 Собранието е составено од „најразлични луѓе“ кои имаат најразлично потекло (1. Тим. 2:3, 4). Ако не внимаваме, разликите би можеле да создадат поделби меѓу нас кога станува збор за работи кои се оставени на личен избор, како што се облекувањето и дотерувањето, здравствената грижа или забавата (Рим. 14:4; 1. Кор. 1:10). Бидејќи Бог нѐ поучил да се сакаме еден со друг, мора да внимаваме да не ги наметнуваме нашите лични гледишта во врска со вакви работи, мислејќи дека се подобри од гледиштата на другите (Фил. 2:3).
14. Што треба секогаш да се трудиме да правиме, и зошто?
14 Може да спречиме да дојде до поделби во собранието и така што ќе се трудиме секогаш да ги тешиме и да ги изградуваме другите (1. Сол. 5:11). Во последно време, голем број поединци кои беа неактивни или беа отстранети од собранието се вратија. На сите им изразивме срдечно добредојде (2. Кор. 2:8). Забележи што ѝ се случило на една сестра која присуствувала на состанок во салата за состаноци откако 10 години била неактивна. Таа рекла: „Сите се ракуваа со мене и ме пречекаа со насмевка“ (Дела 3:19). Како влијаеле врз неа овие едноставни гестови на љубезност? Таа додала: „Почувствував дека Јехова ми помага да бидам повторно среќна“. Кога се трудиме да ги зајакнуваме сите, Христос може да нѐ користи за да ги закрепне оние што се „изморени и оптоварени“ (Мат. 11:28, 29).
15. На кој друг начин може да придонесеме за единство? (Види ја и сликата.)
15 Друг начин на кој може да придонесеме за единство е со нашиот говор. Во Јов 12:11 пишува: „Зарем увото не ги испитува зборовите како што непцето ја вкусува храната?“ Пред да ја послужи храната, еден добар готвач секогаш ја пробува за да биде сигурен дека е вкусна. Слично на тоа, и ние секогаш треба внимателно да размислиме пред да кажеме нешто (Пс. 141:3). Наша цел треба секогаш да биде да се увериме дека она што сакаме да го кажеме ќе биде изградувачко, охрабрувачко и дека ќе им „биде од корист на оние што го слушаат“ (Еф. 4:29).
Внимателно размисли пред да кажеш нешто (види во пасус 15)
16. Кој особено треба да се труди со своите зборови да ги охрабрува другите?
16 Особено сопрузите и родителите треба да внимаваат нивниот говор да биде изградувачки (Кол. 3:19, 21; Тит 2:4). И старешините треба да бидат извор на охрабрување и утеха додека како пастири се грижат за Јеховиното стадо (Иса. 32:1, 2; Гал. 6:1). Една библиска изрека нѐ потсетува: „Збор кажан во право време — колку е добар!“ (Изр. 15:23).
ДА СЕ САКАМЕ „СО ДЕЛА И СО ВИСТИНА“
17. Како може да бидеме сигурни дека нашата љубов кон браќата и сестрите доаѓа од срце?
17 Апостол Јован рекол „да не се сакаме ниту со зборови ниту со јазик, туку со дела и со вистина“ (1. Јов. 3:18). Сакаме нашата љубов кон браќата и сестрите да доаѓа од нашето срце. Како може да го постигнеме тоа? Колку повеќе време поминуваме со нашите браќа и сестри, толку поблиски ќе стануваме со нив и толку повеќе ќе се сакаме еден со друг. Затоа, барај прилики да бидеш со другите — на состаноците и во службата на проповедање. Одвојувај си време да ги посетуваш твоите соверници. Ако ги правиме овие работи, покажуваме дека сме поучени од Бог да се сакаме еден со друг (1. Сол. 4:9). Така и понатаму на своја кожа ќе чувствуваме „колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство“ (Пс. 133:1).
ПЕСНА 90 Да се храбриме едни со други!