СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 15
ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател
За нас е добро да стануваме сѐ поблиски со Бог
Мене ми е добро да бидам близу до Бог (ПС. 73:28)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме како може уште повеќе да се зближиме со Јехова и како ќе ни користи тоа.
1-2. а) Што е потребно за да станеме блиски пријатели со некого? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
ДАЛИ имаш близок пријател? Како се спријатели со него? Веројатно си поминувал време со тоа лице. Си дознал за неговите искуства во животот и си дознал што сака, а што не сака. Си сфатил дека има прекрасни особини кои и ти би сакал да ги имаш. Така си го засакал твојот пријател.
2 За да станеш близок пријател со некого, потребни се време и труд. Истите работи се потребни и за некој да стане близок пријател со Јехова Бог. Во оваа статија ќе разгледаме како може да станеме уште поблиски со Бог и како ќе ни користи тоа. Прво, да видиме зошто е добро уште повеќе да се зближиме со нашиот најдобар пријател, Јехова.
3. Зошто треба длабоко да размислуваме како ќе ни користи тоа што ќе станеме поблиски со Јехова? Наведи пример.
3 Без сомнение, ќе се согласиш дека е добро да станеме поблиски со Јехова. Но, тоа што длабоко ќе размислуваме за тоа колку навистина е добро да станеме поблиски со Бог може да нѐ поттикне да продолжиме да се зближуваме со него (Пс. 63:6-8). На пример, знаеме дека за нас е добро да се храниме здраво, да сме физички активни, доволно да се одмараме и да пиеме доволно вода. Сепак, мнозина не обрнуваат многу внимание на овие работи и не се грижат за своето здравје. Меѓутоа, колку почесто размислуваме за тоа како овие здрави навики ни користат, толку поверојатно е дека ќе ги зачуваме. Слично на тоа, ние можеби знаеме дека за нас е добро да станеме поблиски со Јехова. Но, ако длабоко размислуваме како ќе ни користи тоа, може да бидеме поттикнати да продолжиме да се зближуваме со Бог (Пс. 119:27-30).
4. Што кажал псалмистот во Псалм 73:28?
4 Прочитај Псалм 73:28. Писателот на Псалм 73 бил левит кој служел како музичар во Јеховиниот храм. Тој веројатно му служел верно на Јехова веќе некое време. Сепак, знаел дека е важно да се потсети дека за него е добро да стане поблизок со Бог, а сакал и другите да ги потсети на тоа. Како ќе ни користи тоа што ќе станеме поблиски со Јехова?
БЛИСКОСТА СО ЈЕХОВА НЀ ПРАВИ СРЕЌНИ
5. а) Зошто тоа што стануваме сѐ поблиски со Јехова нѐ прави посреќни? б) На темел на Изреки 2:6-16, наведи конкретни примери за тоа како Јеховината мудрост може да ти користи и да те заштити.
5 Колку повеќе се зближуваме со Јехова, толку посреќни ќе бидеме (Пс. 65:4). Има многу причини зошто ќе бидеме посреќни. На пример, ни користи тоа што ги применуваме мудрите совети од неговата Реч, Библијата. Тие нѐ штитат од штетни влијанија и ни помагаат да не направиме сериозни грешки. (Прочитај Изреки 2:6-16.) Сосема е на место што Библијата вели: „Среќен е човекот што ќе најде мудрост и човекот што ќе стане прониклив“ (Изр. 3:13).
6. Поради што псалмистот ја изгубил радоста?
6 Се разбира, дури и оние кои му се пријатели на Јехова понекогаш се чувствуваат тажно. Писателот на Псалм 73 ја изгубил радоста затоа што се препуштил на негативно размислување. Тој станал вознемирен и почнал да им завидува на злобните луѓе на кои не им било грижа за Бог или за Неговите мерила затоа што му се чинело дека им оди добро во животот. Тој дошол до погрешен заклучок дека оние кои се насилни и горделиви секогаш се побогати и поздрави, па дури и дека не страдаат (Пс. 73:3-7, 12). Псалмистот толку се измачувал со оваа мисла што во еден момент почнал да се прашува дали трудот што го вложува за да му служи на Јехова навистина вреди. Тој бил многу тажен и рекол: „Навистина, залудно си го исчистив срцето и што си ги измив рацете за да покажам дека сум невин“ (Пс. 73:13).
7. Што може да правиме кога сме тажни? (Види ја и сликата.)
7 Псалмистот не дозволил тагата да го парализира. Тој презел нешто. Отишол во „величественото светилиште на Бог“, каде што Јехова му помогнал да си го исправи размислувањето (Пс. 73:17-19). Јехова, нашиот пријател, забележува кога сме тажни. Ако го молиме за водство и ја прифатиме помошта што ни ја дава преку неговата Реч и преку собранието, ќе добиеме внатрешна сила која ќе ни помогне да продолжиме да му служиме и покрај тагата. Дури и кога се чувствуваме преплавени од грижи, Јехова ќе нѐ утеши и ќе нѐ смири (Пс. 94:19).a
Левитот кој го напишал Псалм 73 стои во „величественото светилиште на Бог“ (види во пасус 7)
БЛИСКОСТА СО ЈЕХОВА НИ ДАВА СМИСЛА ВО ЖИВОТОТ И НАДЕЖ
8. Во кои други важни погледи за нас е добро да бидеме блиски со Бог?
8 За нас е добро да бидеме блиски со Бог и во два други важни погледи. Прво, тоа ни дава вистинска смисла во животот. И второ, ни дава цврста надеж за иднината (Ерем. 29:11). Да ги разгледаме овие две работи подетално.
9. Како блискоста со Јехова ни дава смисла во животот?
9 Блискоста со Јехова ни дава смисла во животот. Денес, многумина кои сметаат дека Бог не постои мислат дека животот нема смисла и дека еден ден човечкиот род ќе престане да постои. Но бидејќи ја проучуваме Библијата, ние сме се увериле дека Бог постои и „дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евр. 11:6). Уште денес водиме исполнет живот бидејќи го правиме она за кое сме создадени — му служиме на нашиот небесен Татко, Јехова (5. Мој. 10:12, 13).
10. Што ни открива Псалм 37:29 во врска со иднината на оние кои се надеваат на Јехова?
10 Многу луѓе денес немаат вистинска надеж за иднината. Нивната надеж се сведува само на овој живот денес — работат, стапуваат во брак, имаат деца и штедат за да бидат обезбедени кога ќе остарат. Но тие не знаат што ветил Бог за иднината. Од друга страна, Јеховините слуги ја имаат надежта што им ја дал Бог (Пс. 25:3-5; 1. Тим. 6:17). Ние имаме доверба во Богот со кој сме се зближиле и во ветувањата што ни ги дал тој. Нашата надеж, меѓу другото, вклучува да му служиме на Јехова засекогаш во рај. (Прочитај Псалм 37:29.)
11. Како тоа што сме блиски со Бог влијае врз нас, и како влијае врз него?
11 Тоа што сме блиски со Бог е добро за нас и на многу други начини. На пример, Јехова ветил дека на оние кои се блиски со него ќе им ги прости гревовите ако се каат (Иса. 1:18). Како резултат на тоа, не мора да го носиме товарот на нечистата совест поради гревовите од минатото (Пс. 32:1-5). Исто така, среќни сме затоа што знаеме дека Јехова се радува кога сме блиски со него (Изр. 23:15). Сигурно ќе се сетиш и на други благослови кои ги имаме благодарение на блиското пријателство со Бог. Но, како можеш да продолжиш и понатаму да се зближуваш со Бог?
КАКО ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА СЕ ЗБЛИЖУВАМЕ СО БОГ
12. Што си направил за да се зближиш со Бог?
12 Ако си крстен христијанин, сигурно веќе во голема мера си се зближил со Јехова. Си дознал многу вистини за Јехова Бог и за Исус Христос. Си се покајал за своите гревови од минатото, си покажал цврста вера во Бог и си се трудел да постапуваш во склад со неговата волја. Но за да станеме уште поблиски со Бог, мора да продолжиме да ги правиме овие работи (Кол. 2:6).
13. Кои три работи може да ни помогнат да стануваме сѐ поблиски со Јехова?
13 Што ќе ни помогне и понатаму да стануваме сѐ поблиски со Јехова? 1) Треба да продолжиме да ја читаме и да ја проучуваме Библијата. Додека го правиме тоа, наша цел не треба да биде само да учиме основни факти за Бог. Наместо тоа, треба да се трудиме да дознаеме која е Божјата волја за нас и да дозволиме во животот да нѐ водат библиските начела (Еф. 5:15-17). 2) Треба да си ја зајакнеме нашата вера така што ќе размислуваме за многуте докази за Јеховината љубов кон нас. 3) Мора да продолжиме да ги мразиме работите кои го навредуваат Јехова и да не се дружиме со луѓе кои прават такви работи (Пс. 1:1; 101:3).
14. Во склад со 1. Коринќаните 10:31, кои се некои работи што може да ги правиме во секојдневниот живот за да му угодиме на Јехова? (Види ги и сликите.)
14 Прочитај 1. Коринќаните 10:31. Многу е важно да го правиме она што знаеме дека му е угодно на Јехова. Во тоа е вклучено нешто повеќе од она што го правиме во службата на проповедање и на собраниските состаноци. Треба да го радуваме Јехова со сѐ што правиме во секојдневниот живот. На пример, го радуваме Јехова кога сме чесни во сѐ и кога го делиме со другите она што го имаме (2. Кор. 8:21; 9:7). Исто така, тој сака да покажеме дека многу го цениме животот како дар. Ние стануваме сѐ поблиски со Јехова, оној што ни го дал животот, така што имаме урамнотежени навики во поглед на јадењето и пиењето и така што се грижиме за нашето здравје на други разумни начини. Секој труд што го вложуваме за да му угодиме на Јехова, дури и во навидум мали работи, уште повеќе ќе нѐ зближи со него (Лука 16:10).
Тоа што ќе внимаваме на безбедноста кога возиме, тоа што ќе се грижиме за себеси така што ќе вежбаме и ќе се храниме здраво и тоа што ќе бидеме гостољубиви се некои начини на кои може да го радуваме Јехова (види во пасус 14)
15. Како Јехова очекува да постапуваме со другите?
15 Јехова покажува добрина и кон праведните и кон неправедните (Мат. 5:45). Тој очекува и од нас да бидеме добри кон другите. На пример, во Тит 3:2 е запишан следниов совет: „Да не зборуваат лошо за никого, да не бидат воинствени... да бидат сосема благи спрема сите луѓе“. Имајќи го ова на ум, ние не гледаме од високо на другите затоа што имаат поинакви верувања од нас (2. Тим. 2:23-25). Стануваме поблиски со Јехова така што секогаш постапуваме љубезно и обѕирно со сите.
МОЖЕ ДА СТАНЕМЕ ПОБЛИСКИ СО ЈЕХОВА И ПОКРАЈ НАШИТЕ СЛАБОСТИ И ГРЕШКИ
16. Какви чувства му се појавиле на писателот на Псалм 73?
16 Понекогаш, можеби ќе имаш чувство дека не ја заслужуваш Јеховината љубов поради твоите слабости или грешки. Како што видовме, такви чувства му се појавиле и на писателот на Псалм 73. Тој рекол: „За малку нозете ќе ми застранеа од патот, моите чекори за малку ќе се слизнеа“ (Пс. 73:2). Тој самиот му признал на Јехова: „Во срцето имав чемер... бев неразумен... во твои очи бев како животно“ (Пс. 73:21, 22). Дали поради своите слабости заклучил дека е изгубен случај и дека не е достоен за Јеховината љубов?
17. а) Што по сѐ изгледа направил псалмистот дури и кога го достигнал дното? б) Кои поуки може да ги извлечеме од неговото искуство? (Види ги и сликите.)
17 Доколку псалмистот се чувствувал отфрлено од Јехова, тие чувства мора да биле моментални. Се чини дека, дури и кога го достигнал дното, тој сфатил дека е потребно да остане близок со Бог и уште повеќе да се зближи со него, како што се гледа од неговите зборови: „Но јас сум секогаш со тебе [Јехова], ти ме фати за десницата. Ќе ме водиш со својот совет и потоа ќе ме доведеш до слава“ (Пс. 73:23, 24). Кога имаме чувство дека нашата вера ослабнала или кога сме обесхрабрени, и ние треба да бараме помош од Јехова, кој е стабилен и цврст како карпа (Пс. 73:26; 94:18). Дури и ако сме направиле сериозни грешки, може да се вратиме кај Јехова и да бидеме уверени дека тој е спремен да ни прости (Пс. 86:5). Особено кога ќе го достигнеме дното, треба да се зближиме со нашиот Бог (Пс. 103:13, 14).
Кога чувствуваме дека сме слаби во духовен поглед, треба уште повеќе да се зближиме со Јехова така што во поголема мера ќе учествуваме во теократските активности (види во пасус 17)
СТАНУВАЈ ПОБЛИЗОК СО БОГ ВО СЕТА ВЕЧНОСТ
18. Зошто не постои граница за тоа колку може да се зближиме со Јехова?
18 Не постои граница за тоа колку може да се зближиме со Јехова и колку добро може да го запознаеме. Библијата вели дека Јеховините патишта, неговата мудрост и неговото знаење се несфатливи (Рим. 11:33).
19. Во што нѐ уверуваат зборовите од овие псалми?
19 Во Псалм 79:13 пишува: „Ние, твојот народ и стадото на твоето пасиште, ние ќе ти благодариме довека, од поколение во поколение ќе ја објавуваме твојата фалба“. Како што ќе стануваш сѐ поблизок со Бог, и ти ќе можеш да бидеш уверен дека ќе имаш благослови во сета вечност и со сигурност ќе можеш да кажеш: „Бог е карпата на моето срце и моето наследство за навек“ (Пс. 73:26).
ПЕСНА 32 Стој на Јеховината страна!
a На некои што се чувствуваат вознемирено или тажно веќе подолг временски период можеби ќе им биде потребна стручна помош. За повеќе информации види во Стражарска кула бр. 1, 2023.