СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 17
ПЕСНА 99 Стотици илјади браќа
Никогаш не сме сами
Јас ќе ти помогнам (ИСА. 41:10)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да разгледаме четири начини на кои Јехова се грижи за нас.
1-2. а) Зошто може да бидеме уверени дека никогаш не сме сами кога доживуваме неволји? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
КОГА доживуваме тешки неволји, можеби се чувствуваме како да сме сосема сами на еден мал чамец во разбранувано море. Но не сме препуштени сами на себе. Нашиот грижлив небесен Татко не само што ги забележува нашите неволји туку и ни ветува дека ќе ни помогне да се избориме со нив. На своите верни слуги Јехова со љубов им го дава следново ветување: „Јас... ќе ти помогнам“ (Иса. 41:10).
2 Во оваа статија ќе разгледаме четири начини на кои Јехова ни помага: 1) нѐ води, 2) ни го дава она што ни е потребно, 3) нѐ штити и 4) нѐ теши. Јехова нѐ уверува дека сеедно со какви предизвици се соочуваме во животот, тој никогаш нема да нѐ заборави. Никогаш нема да нѐ напушти. Затоа, ние никогаш не сме сами.
ЈЕХОВА НЀ ВОДИ
3-4. Како Јехова нѐ води? (Псалм 48:14).
3 Прочитај Псалм 48:14. Јехова знае дека ни е неопходно неговото водство. Како тој ги води своите верни слуги денес? Еден начин е преку Библијата (Пс. 119:105). Преку својата вдахновена Реч, Јехова ни помага да носиме одлуки и да развиваме особини кои ќе нѐ направат посреќни уште денес и кои ќе ни овозможат да живееме вечно во иднина.a На пример, тој нѐ поучува да не држиме лутина, да бидеме чесни во сѐ што правиме и да ги сакаме другите силно и од срце (Пс. 37:8; Евр. 13:18; 1. Пет. 1:22). Ваквите убави особини ни помагаат да бидеме подобри родители, сопружници и пријатели.
4 Освен тоа, Јехова се погрижил во Библијата да има извештаи за луѓе кои поминале низ слични неволји и чувства како нашите (1. Кор. 10:13; Јак. 5:17). Кога ги читаме тие извештаи и ги применуваме поуките од нив, тоа ни користи на најмалку два начина. Прво, сфаќаме дека не сме сами — и други доживеале слични ситуации и успеале да истраат (1. Пет. 5:9). И второ, учиме како успешно да се справиме со нашите неволји (Рим. 15:4).
5. Кого Јехова користи за да нѐ води по патот на животот?
5 Јехова нѐ води и преку нашите соверници.b На пример, покраинските надгледници редовно ги посетуваат собранијата за да нѐ охрабрат. Нивните говори ни ја зајакнуваат верата и ни помагаат да го зачуваме нашето скапоцено единство (Дела 15:40 — 16:5). И собраниските старешини покажуваат искрен интерес за доброто на секој објавител (1. Пет. 5:2, 3). Родителите ги поучуваат своите деца да го сакаат Јехова, да научат да носат мудри одлуки и да стекнат добри лични навики (Изр. 22:6). А зрелите христијанки им помагаат на помладите сестри така што им оставаат добар пример, им даваат практични совети и срдечно ги охрабруваат (Тит 2:3-5).
6. Што мора да правиме за да имаме корист од Јеховиното водство?
6 Јехова го направил својот дел така што ни го обезбедил водството што ни е потребно. Како можеме да покажеме дека сме благодарни за тоа? Изреки 3:5, 6 вели: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум“. Ако го правиме тоа, „тој ќе ги исправи [нашите] патеки“, односно ќе ни помогне да избегнеме многу проблеми и да имаме посреќен живот. Колку сме благодарни што Јехова од љубов на секого од нас му ги дава советите што му се потребни! (Пс. 32:8).
ЈЕХОВА НИ ГО ДАВА ОНА ШТО НИ Е ПОТРЕБНО
7. Како Јехова ни го дава она што ни е потребно? (Филипјаните 4:19).
7 Прочитај Филипјаните 4:19. Освен што нѐ води, Јехова го благословува нашиот труд да обезбедиме храна, облека и покрив над главата (Мат. 6:33; 2. Сол. 3:12). Иако е нормално да бидеме загрижени за нашите физички потреби, Јехова нѐ поттикнува да не бидеме претерано загрижени за тоа (Мат. 6:25). Зошто? Бидејќи нашиот Татко никогаш нема да нѐ напушти кога имаме потреба од нешто (Мат. 6:8; Евр. 13:5). Можеме да имаме потполна доверба дека ќе си стои на зборот кога вели дека ќе се грижи за нашите потреби.
8. Што направил Јехова за Давид?
8 Размисли за начинот на кој Јехова му помагал на Давид. Во текот на мачните години додека Давид морал да бега, нему и на неговите слуги Јехова им го обезбедувал она што им било потребно за да преживеат. Размислувајќи за Јеховината грижа низ годините, Давид напишал: „Бев млад и остарев, но никогаш не видов праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб“ (Пс. 37:25). Веројатно и ти во текот на твојот живот си видел како Јехова со љубов се грижи за своите верни слуги.
9. Како Јехова денес се грижи за потребите на својот народ кога ќе се случи некоја катастрофа? (Види ги и сликите.)
9 Јехова се грижи за потребите на својот народ и кога ќе се случи некоја катастрофа. На пример, кога во првиот век настапил глад, христијаните од разни места им испраќале материјална помош на браќата и сестрите кои биле во тешка ситуација (Дела 11:27-30; Рим. 15:25, 26). Божјиот народ денес покажува иста таква дарежливост. Кога ќе се случи некоја катастрофа, Јехова со љубов ги поттикнува своите слуги да им ги обезбедат неопходните работи, како храна, вода, облека и лекови на оние кои живеат на погодените подрачја. Тимовите за изградба ги поправаат оштетените домови и сали за состаноци. Освен тоа, Јеховините слуги веднаш им пружаат емоционална и духовна поддршка на оние кои претрпеле некаква загуба.c
Како Јехова ни пружа утеха кога ќе се случи некоја катастрофа? (види во пасус 9)e
10-11. Што учиш од искуството на Борис?
10 Јехова великодушно се грижи и за потребите на оние кои сѐ уште не му служат. Слично на тоа, и ние бараме прилики да покажеме добрина кон оние кои не ги делат нашите верувања (Гал. 6:10). Тоа честопати ни овозможува да дадеме добро сведоштво. Размисли за искуството на Борис, директор на едно училиште кој живее во Украина. Иако не е Јеховин сведок, тој секогаш постапувал љубезно со учениците кои биле Сведоци и покажувал почит кон нивните верувања. Кога Борис одлучил да избега од завојуваното подрачје каде што живеел и да оди во побезбеден дел од државата, нашите браќа му помогнале. Подоцна, Борис присуствувал на Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт. Имајќи го на ум сето она што браќата го направиле за него, Борис рекол: „Сведоците беа многу љубезни и грижливи кон мене. Благодарен сум им на Јеховините сведоци“.
11 Сите ние можеме да се угледаме на нашиот милостив небесен Татко така што ќе покажуваме љубов кон оние кои имаат некаква потреба, без разлика дали се наши соверници или не (Лука 6:31, 36). Се надеваме дека љубовта што им ја покажуваме на луѓето ќе води до тоа еден ден да станат ученици на Христос (1. Пет. 2:12). Но сеедно дали ќе се случи тоа или не, ние ќе ја чувствуваме радоста што доаѓа од давањето (Дела 20:35).
ЈЕХОВА НЀ ШТИТИ
12. Каква заштита му ветува Јехова на својот народ како група? (Псалм 91:1, 2, 14).
12 Прочитај Псалм 91:1, 2, 14. Денес, Јехова ни ветува дека ќе нѐ штити во духовен поглед. Тој никогаш нема да му дозволи на Сатана да го извалка чистото обожавање (Јован 17:15). А во текот на „големата неволја“, можеме да имаме апсолутна доверба дека Јехова ќе го исполни своето ветување — ќе го заштити својот народ не само во духовен туку и во физички поглед (Отк. 7:9, 14).
13. На кои начини Јехова нѐ штити како поединци?
13 Како Јехова нѐ штити како поединци? Преку Библијата, Јехова ни помага да процениме што е исправно, а што погрешно (Евр. 5:14). Кога живееме според начелата од Божјата Реч, заштитени сме од работи кои можат да ни наштетат во духовен или физички поглед (Пс. 91:4). Исто така, Јехова ни обезбедува заштита преку собранието (Иса. 32:1, 2). Кога сме опкружени со луѓе кои го сакаат Јехова и кои живеат според неговите начела, добиваме охрабрување и сме зајакнати да се спротивставиме на штетните влијанија (Изр. 13:20).
14. а) Зошто Бог не нѐ штити од сите неволји? б) Во што нѐ уверува Псалм 9:10? (Види ја и фуснотата.)
14 Во минатото, Јехова понекогаш ги штител своите слуги во физички поглед. Но не го правел тоа секогаш. Од Библијата дознаваме дека „непредвидените настани“ можат да го снајдат секого (Проп. 9:11). Освен тоа, Јехова дозволил некои негови слуги низ историјата да се соочат со прогонство, па дури и смрт, за да се докаже дека Сатана е лажливец (Јов 2:4-6; Мат. 23:34). Истото е случај и денес. Можеби Јехова нема да ги отстрани нашите неволји, но можеме да бидеме уверени дека тој никогаш нема да ги напушти оние што го сакаатd (Пс. 9:10).
ЈЕХОВА НЀ ТЕШИ
15. Како добиваме утеха преку молитвата, Божјата Реч и соверниците? (2. Коринќаните 1:3, 4).
15 Прочитај 2. Коринќаните 1:3, 4. Понекогаш минуваме низ чувства на длабока тага, загриженост или вознемиреност. Можеби токму во моментов поминуваш низ некоја тешка ситуација поради која се чувствуваш сосема сам. Дали некој разбира како се чувствуваш? Да, Јехова! Тој не само што ја чувствува нашата болка туку и „нѐ теши во секоја наша неволја“. Како? Кога му се молиме на Јехова од срце, тој ни го дава „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Фил. 4:6, 7). Утеха наоѓаме и кога во Библијата ги читаме зборовите кои ни ги упатува Јехова. Преку нив, Јехова ни покажува колку многу нѐ сака, нѐ поучува како да бидеме мудри и ни дава надеж. Утеха добиваме и на нашите состаноци каде што учиме убави работи од Библијата и сме заедно со браќата и сестрите кои нѐ сакаат.
16. Што учиш од искуството на Натан и Присила?
16 За да видиме како Јехова нѐ теши и нѐ храбри преку својата Реч, да го разгледаме искуството на Натан и Присила, кои живеат во САД. Пред неколку години, тие одлучиле да се преселат на место со поголема потреба од објавители. „Имавме доверба дека Јехова ќе го благослови нашиот труд“, вели Натан. Но, откако пристигнале таму, се соочиле со неочекувани здравствени проблеми и финансиски потешкотии. По некое време, тие морале да се вратат дома каде што и понатаму им било тешко во финансиски поглед. Натан вели: „Се прашував зошто Бог не нѐ благослови онака како што очекувавме. Дури почнав да мислам дека сум направил нешто погрешно“. Но со текот на времето, Натан и Присила сфатиле дека Бог не ги напуштил. „Во текот на тој тежок период, Библијата ни стана како мудар пријател кој ни пружаше охрабрување и водство“, раскажува Натан. „Тоа што се концентриравме на начинот на кој Јехова ни помогна да истраеме, наместо на самата неволја, нѐ подготви со вера да се соочиме со идните предизвици.“
17. Како една сестра по име Хелга добивала утеха? (Види ја и сликата.)
17 Нашите браќа и сестри можат да ни пружат и дополнителна утеха. На кој начин? Да го разгледаме примерот на Хелга, која живее во Унгарија. Таа со децении се борела со разни предизвици поради кои се чувствувала очајно и безвредно. Но кога се навраќа на минатото, таа може да види како Јехова ја тешел преку собранието. Хелга вели: „Јехова секогаш ми помагаше кога ќе забележеше дека сум на крај со силите поради работата, грижата за моето болно дете и други неволји. Во изминатите 30 години немаше ден да не го исполни своето ветување да ме утеши. Тој честопати ме зајакнуваше преку љубезните, промислени и охрабрувачки зборови од другите. Честопати добивав некоја порака, картичка или пофалба токму тогаш кога најмногу ми требаше“.
Како Јехова може да ги утеши другите преку тебе? (види во пасус 17)
18. Како можеме да ги тешиме другите?
18 Ние имаме чест да го следиме примерот на нашиот Бог така што ќе ги тешиме другите. Како да го правиме тоа? Можеме стрпливо да ги слушаме, да им кажуваме утешни зборови и да им помагаме на практични начини (Изр. 3:27). Ние се трудиме да ги тешиме сите што страдаат, вклучувајќи ги и оние кои сѐ уште не му служат на Бог. Кога нашите ближни се борат со длабока тага, болест или загриженост, ги посетуваме, ги слушаме и споделуваме со нив охрабрувачки стихови од Библијата. Кога го следиме примерот на Јехова, „Богот на секоја утеха“, можеме да им помогнеме на соверниците да истраат во неволјите, а и да го омекнеме срцето на другите луѓе за да биде поприемливо за пораката (Мат. 5:16).
ЈЕХОВА Е СЕКОГАШ ТУКА ЗА НАС
19. Што прави Јехова за нас, и како можеме да го следиме неговиот пример?
19 Јехова покажува голема грижа кон сите што го сакаат. Тој не нѐ напушта кога ни е тешко. Јехова се грижи за своите верни слуги исто како што еден родител со љубов се грижи за своето дете. Тој нѐ води, ни го дава она што ни е потребно, нѐ штити и нѐ теши. Ние го следиме примерот на нашиот грижлив небесен Татко кога им пружаме поддршка и охрабрување на оние кои доживуваат неволји. Иако можеби ќе се соочиме со тешкотии и болки, можеме да бидеме уверени дека Јехова е со нас. Да не заборавиме дека тој ни ветил: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе!“ (Иса. 41:10). Какво ветување! Навистина, никогаш не сме сами.
ПЕСНА 100 Да бидеме гостољубиви!
a Види ја статијата „Донесувај одлуки со кои ќе го славиш Бог“ во Стражарска кула од 15 април 2011.
b Види ги пасуси 11-14 од статијата „Продолжи да го следиш Јеховиното водство“ во Стражарска кула од февруари 2024.
c Некои примери можеш да најдеш на jw.org така што во полето за пребарување ќе напишеш „помош при катастрофи“.
d Види ја статијата „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од февруари 2017.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Браќата во Малави добиваат материјална и духовна помош откако доживеале природна катастрофа.