Imagination World/stock.adobe.com
Порака од Божјата Реч — надеж за бегалците!
Секоја година, милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови. Дали и ти се наоѓаш во ваква стресна ситуација? Ако да, биди сигурен дека има некој што може да ти помогне. Бог дава надеж за еден подобар живот за кој можеш да дознаеш нешто повеќе во Светото писмо.
„На бегалците и на раселените луѓе не им е потребна само нашата моментална помош туку и... надеж за иднината“, изјавил еврокомесаротa Христос Стилијанидес.b Луѓето кои имаат надеж можат да задржат позитивен став кон иднината. Но, освен надеж, на бегалците им е потребна и утеха за полесно да се справат со она што го доживеале.
„Кога побегнав од мојата земја и го оставив моето семејство, чувствував огромна празнина. Бев преплашен, тажен и вознемирен“ (Имануел, Хаити).
Дали и ти се чувствуваш така? Ако си бил приморан да го напуштиш домот, потребни ти се утеха и надеж. Како може да ти помогне Божјата Реч, Библијата?
Утеха од Божјата Реч
Библијата вели: „Јеховаc... го сака дојденецот“ (5. Мојсеева 10:17, 18).
Ова значи дека не си сам. Јехова Бог, авторот на Библијата, ја разбира твојата ситуација, те сака и многу му е важно како се чувствуваш.
Библијата вели: „Јехова е близу до сите што го повикуваат“ (Псалм 145:18).
Ова значи дека, кога му се молиш, Јехова те слуша. Тој може да ти даде внатрешен мир. Исто така, во Библијата тој дал мудри совети кои можат да ти помогнат полесно да се справиш со твојата ситуација.
Библијата вели: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло… Семоќниот не ја извртува правдата“ (Јов 34:10, 12).
Ова значи дека Бог не е виновен за твоето страдање. Тој не те казнува ниту те искушува со тоа што ти го отежнува животот.
Надеж од Божјата Реч
Библијата ни кажува што ќе направи Бог за нас во иднина. Размисли како оваа надеж им помогнала на некои кои морале да ги напуштат своите домови.
Библијата вели: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4).
Ова значи дека на нашите страдања ќе им дојде крај. Бог ветува дека ќе ги реши сите проблеми поради кои животот денес ни изгледа безнадежен.
„Бог наскоро ќе им стави крај на неправдите и на злобата околу нас. Оваа надеж ми помага да се концентрирам на денот кога повеќе нема да има страдања“ (Карла, Ел Салвадор).
Библијата вели: „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Исаија 65:17).
Ова значи дека повеќе нема да имаме болни спомени. Бог ќе се погрижи никогаш повеќе да не те измачуваат лоши спомени од она што ти се случило.
„Библијата ни ветува дека нема дури ни да се сеќаваме на болката што сме ја доживеале и на штетата што сме ја претрпеле. Оваа надеж ми помага да се справам со тешките ситуации затоа што знам дека наскоро сѐ ќе се смени“ (Наталиа, Украина).
Библијата вели: „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое... ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства“ (Даниел 2:44).
Ова значи дека една совршена небесна влада ќе владее над целата Земја. Наскоро, Бог ќе ги замени сите човечки влади со негова небесна влада. Оваа влада ќе донесе вистински мир и сигурност, како и правда и просперитет за секого (Михеј 4:3, 4)
„Добивам сила од тоа што знам дека угнетувањето, дискриминацијата, недовербата и расизмот се привремени — Јеховиното Царство наскоро ќе им стави крај на сите овие проблеми“ (Мустафа, Блискиот Исток).
Најди утеха во библиската порака која ни дава надеж
Мудрост од Божјата Реч
Библијата содржи практични и мудри совети кои можат да ти помогнат постепено да го прифатиш она што ти се случило. Исто така, тие можат да ти помогнат да се приспособиш на новите околности, а и да ја прифатиш загубата на материјалните работи. Забележи како следниве начела им помагаат на некои бегалци:
Библијата вели: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15).
Како можат овие мудри зборови да ти помогнат: Веројатно си во голем шок и жалиш за она што си го изгубил. Но, ако размислиш колкава вредност има твојот живот, ќе можеш полесно да се справиш со која и да било загуба.
„Животот е многу повреден од материјалните работи. Во некои ситуации, парите и она што го поседуваме едноставно не можат да помогнат“ (Наталиа, Украина).
Библијата вели: „Не вели: ’Зошто поранешните времиња беа подобри од сегашниве?‘“ (Проповедник 7:10).
Како можат овие мудри зборови да ти помогнат: Твојата моментална ситуација можеби е многу тешка, но ако не ја споредуваш со твојата претходна ситуација, тоа ќе ти помогне да не бидеш огорчен.
„Тоа што ја прифаќам мојата моментална ситуација таква каква што е, ми помага да останам позитивна“ (Ели, Руанда).
Библијата вели: „Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8).
Како можат овие мудри зборови да ти помогнат: Труди се да бидеш задоволен со основните работи неопходни за живот. Ако си задоволен, веројатно нема да бидеш под голем стрес, а тоа ќе ти помогне да ги држиш под контрола своите емоции.
„Библијата ми помага поинаку да гледам на работите, односно да не се концентрирам на она што го изгубивме. Јас и жена ми сме среќни што сме живи и на сигурно“ (Иван, Украина).
Библијата вели: „Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12).
Како можат овие мудри зборови да ти помогнат: Веројатно ќе имаш подобри односи со другите ако се трудиш да бидеш стрплив и љубезен. На тој начин, луѓето во местото каде што живееш можеби полесно ќе те прифатат и ќе немаат предрасуди кон тебе.
„Повеќето луѓе ценат кога се однесуваш кон нив љубезно и им покажуваш љубов и почит. Ова ќе придонесе да бидеш во добри односи со локалното население“ (Анџело, Шри Ланка).
Библијата вели: „Со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји... ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“ (Филипјаните 4:6, 7).
Како можат овие мудри зборови да ти помогнат: Во молитва кажи му ги на Бог твоите чувства, потреби, стравови и грижи. Таквите молитви можат да ти помогнат да не бидеш премногу загрижен додека се приспособуваш на новите околности.
„Секогаш кога имам проблеми му се молам на Бог, и тој одговара на моите молитви. Она што го дознав од Библијата ми дава внатрешен мир“ (Јол, Јужен Судан).
„Добрите совети од Библијата ми помагаат да најдам внатрешен мир кој ми е потребен за да се справам со оваа тешка ситуација“ (Валентина, Украина).
„Тоа што знам дека Јехова Бог ветил вистински подобар живот ми дава сила“ (Имануел, Хаити).
Сакаш ли да дознаеш нешто повеќе за библиските ветувања за утеха и надеж, како и за тоа зошто можеш да бидеш сигурен дека ќе се исполнат? Побарај бесплатна посета од Јеховините сведоци. Тие со задоволство ќе ти помогнат.
a Еврокомесар за хуманитарна помош и управување со кризи.
b Според Високиот комесаријат на Обединетите Нации за бегалци, бегалци се и оние кои принудно биле раселени во рамките на својата земја, како и оние кои принудно биле раселени во друга земја, но сѐ уште немаат законски статус на бегалец.
c Јехова е името на Бог (Псалм 83:18). Види ја статијата „Кој е Јехова?“