ОБЈАСНЕТИ БИБЛИСКИ СТИХОВИ
Псалм 46:10: „Молчете и знајте, дека Јас сум Бог“
„Покорете се и сознајте дека јас сум Бог! Ќе се возвишам меѓу народите, ќе се возвишам на земјата“ (Псалм 46:10, Превод Нов свет).
„Молчете и знајте, дека Јас сум Бог; ќе се возвишам помеѓу народите; ќе се возвишам на земјата“ (Псалм 46:10, Превод на Санде Тодоровски).
Значењето на Псалм 46:10
Бог го поттикнува секој човек да му служи нему и да признае дека Тој има право да владее над целата Земја. Власта и моќта што ги има Јехова се неоспорливи. Овој факт мора да го признае секој што сака да живее вечно (Откровение 4:11).
„Покорете се и сознајте дека јас сум Бог!“ Во некои преводи на Библијата, првиот збор од тој стих се преведува со „застанете“ или „молчете“. Ова навело многумина на погрешен заклучок дека станува збор за заповед според која верниците во црква мора да молчат во знак на почит. Сепак, хебрејскиот израз кој е преведен со „покорете се и сознајте дека јас сум Бог“ е поттик од самиот Јехова.a Тој ги поттикнува луѓето од сите народи да престанат да му се противат и да признаат дека единствено тој заслужува да биде обожаван.
Сличен поттик е запишан и во Псалм 2. Таму Бог ветува дека ќе преземе нешто против оние што му се противат. Од друга страна, оние што ја признаваат власта на Бог се потпираат на него за водство, сила и мудрост. Тие се среќни и се чувствуваат сигурно, особено во тешки времиња, затоа што „Бог им е засолниште“ (Псалм 2:9-12).
„Ќе се возвишам меѓу народите, ќе се возвишам на земјата.“ Во минатото, Јехова многу се прославил и се возвишил кога ја употребил својата огромна моќ за да го заштити својот народ (2. Мојсеева 15:1-3). Во иднина, тој ќе се возвиши во уште поголема мера кога секој на Земјата ќе ја признае неговата власт и ќе го обожава (Псалм 86:9, 10; Исаија 2:11).
Контекстот на Псалм 46:10
Во едно дело, Псалм 46 е наречен „химна која ја велича моќта на Јехова како моќен заштитник на својот народ“. Кога го пееле Псалм 46, Божјите слуги ја изразувале својата доверба во Јеховината способност да ги заштити и да им помогне (Псалм 46:1, 2). Тие зборови ги потсетувале дека Јехова е секогаш со нив (Псалм 46:7, 11).
За да им се зацврсти довербата дека Јехова Бог може да ги заштити, Божјите слуги во овој псалм се поттикнати да размислуваат за неговите моќни дела (Псалм 46:8). Особено за неговата способност да им стави крај на војните (Псалм 46:9). Во извесна смисла, Јехова им ставил крај на војните во библиски времиња со тоа што го штител својот народ од непријателските народи. Меѓутоа, Библијата ветува дека наскоро Бог ќе го направи тоа во многу поголеми размери, кога ќе им стави крај на војните на целата Земја (Исаија 2:4).
Дали Јехова сѐ уште им помага на своите слуги денес? Да. Апостол Павле им дал силен поттик на христијаните да се потпираат на Бог (Евреите 13:6). Пораката од Псалм 46 ни помага да имаме поцврста доверба дека Бог има моќ да нѐ заштити и да гледаме на него како на наше „прибежиште и сила“ (Псалм 46:1).
Гледај го овој краток видеоклип за да се запознаеш со книгата Псалми.
a Јехова е името на Бог (Псалм 83:18). Види ја статијата „Кој е Јехова?“