ОБЈАСНЕТИ БИБЛИСКИ СТИХОВИ
Псалм 37:4: „Сета твоја радост нека биде во Господа“
„Јехова нека биде твојата радост, па ќе добиеш од него што ти срце сака“ (Псалм 37:4, Превод Нов свет).
„Сета твоја радост нека биде во Господа: Тој ќе ги исполни желбите на твоето срце!“ (Псалм 37:4, Превод на д-р Д. Х. Константинов).
Значењето на Псалм 37:4
Псалмистот ги поттикнува слугите на Бог да се радуваат на блиското пријателство што го имаат со него. Сите кои се блиски со Јеховаa може да бидат уверени дека тој ќе ги исполни нивните желби кои се во склад со неговата волја.
„Јехова нека биде твојата радост.“ Овој израз може да се преведе и како „најди ја својата најголема радост во Јехова“, „најди задоволство во служењето на Бог“ или „радувај се на она што Бог ти го ветува“. Едноставно кажано, тоа што му служиме на вистинскиот Бог треба да ни биде извор на најголема радост. Зошто го велиме ова?
Оние што му служат на Јехова се трудат да дознаат од Библијата како гледа тој на работите и да го прифатат неговото гледиште. Освен што го познаваат Бог, тие се свесни и колку е мудро да му бидат послушни. Како резултат на тоа, имаат чиста совест и се заштитени од многу проблеми (Изреки 3:5, 6). На пример, тие не стануваат огорчени или завидливи кога се чини дека алчните или нечесните луѓе се успешни во животот (Псалм 37:1, 7-9). Божјите слуги се среќни затоа што знаат дека тој наскоро ќе им стави крај на сите неправди и ќе ги награди оние што му се верни (Псалм 37:34). Исто така, тие многу се радуваат затоа што знаат дека нивниот небесен Татко е задоволен со нив (Псалм 5:12; Изреки 27:11).
„Ќе добиеш од него што ти срце сака.“ Овие зборови може да се преведат и како „тој ќе одговори на твоите молитви“ или „тој ќе ти го даде она што најмногу го посакуваш“. Се разбира, Јехова нема да ни ја исполни секоја наша желба. Како еден добар родител, Јехова знае што е најдобро за неговите деца. Освен тоа, нашите молитви и нашиот начин на живот мора да бидат во склад со неговите мерила и со неговата волја (Изреки 28:9; Јаков 4:3; 1. Јованово 5:14). Тогаш, можеме да му се обратиме на оној „што ги слуша молитвите“ уверени дека ќе ни одговори (Псалм 65:2; Матеј 21:22).
Контекстот на Псалм 37:4
Псалм 37 го составил Давид, кој бил цар на древниот Израел. Тој го напишал овој псалм во акростих.b
Давид доживеал многу неправди. Морал да бега од цар Саул и од други кои сакале да го убијат (2. Самоилова 22:1). Но, Давид имал апсолутна доверба во својот Бог. Тој знаел дека, во свое време, Јехова ќе побара сметка од сите злобни (Псалм 37:10, 11). Дури и кога изгледа дека сѐ им оди добро, дека се „како млада зелена трева“, на крајот ќе ги снема (Псалм 37:2, 20, 35, 36).
Во Псалм 37 е опишано што ќе се случи со оние кои им се послушни на Божјите мерила, а што со оние кои не им се послушни (Псалм 37:16, 17, 21, 22, 27, 28). Овој псалм ни помага да станеме помудри и да бидеме онакви личности какви што Бог сака да бидеме.
Гледај го овој краток видеоклип за да се запознаеш со книгата Псалми.
a Јехова е општоприфатениот превод на името на Бог од хебрејски на македонски јазик. За да дознаеш зошто во многу преводи на Библијата се користи титулата Господ наместо Божјето име, види ја статијата: „Кој е Јехова?“
b Во овој стил на пишување, првиот стих или група стихови почнува со првата буква од хебрејската азбука, втората група со втората буква итн. Овој стил можеби се користел за полесно да се памтат стиховите.