КАМАЛ ВЕРДИ | ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
„Отсекогаш имав силно чувство за правда“
Во август 1973 год., јас и моите две сестри присуствувавме на меѓународниот конгрес „Божествена победа“ на стадионот Твикенам во Англија. Таму се сретнавме со брат Едвин Скинер, кој служеше како мисионер во Индија од 1926 год. Кога дозна дека зборуваме пенџапски јазик, ни рече: „Што правите тука? Дојдете во Индија!“ И отидовме. Така започна мојата служба на подрачјето на пенџапски јазик. Но, да ви раскажам за мојот живот пред тој разговор.
Родена сум во април 1951 год. во Најроби (Кенија). Моите родители беа од Индија и припаѓаа на религијата на Сиките. Татко ми имаше две жени — мајка ми и стрина ми, со која се оженил откако станала вдовица. Мајка ми немала многу избор во таа ситуација. Тие две честопати раѓале деца отприлика во исто време, па така заедно растевме вкупно седум деца — имав две сестри, брат, полубрат и полусестра, а со нас живееше и братучед ми. Во 1964 год., само што наполнив 13 години, татко ми почина.
Во потрага по правда
Додека растев, гледав многу несогласувања и фаворитизам. Подоцна, кога ја проучував Библијата, сфатив дека нашиот семеен живот на некој начин личеше на извештајот за Лија и Рахела. Забележав дека моето семејство лошо постапуваше со нашите слуги од Кенија, за кои бевме поучувани да ги сметаме за подредени. Татко ми сакаше да се спријателиме со нашите соседи кои беа од Европа, тврдејќи дека можеме да учиме од нив. Освен тоа, од нас бараше да не се дружиме со Африканци, бидејќи сметаше дека од нив ништо не може да се научи. Нѐ поттикнуваше и да не се спријателуваме со луѓето кои имаа пакистанско потекло, туку да ги сметаме за непријатели. Јас отсекогаш имав силно чувство за правда и сметав дека гледиштата на татко ми не беа исправни.
Сикизмот бил основан при крајот на 15-тиот век, од гуру Нанак. Јас ги прифатив учењата на Нанак, вклучувајќи го и верувањето дека постои еден вистински Бог. Но поради неправдите што ги гледав меѓу Сиките, почнав да сфаќам дека во таа религија нешто не е во ред.
Тоа не беше единствената работа што ме мачеше. Бидејќи сикизмот постои само неколку векови, честопати се прашував: „Како било пред тоа? Кој бил првиот начин на обожавање што Бог го одобрувал?“ Нашето семејство користеше календари со слики од десетте гуруа на Сиките. Но јас се прашував: „Од каде знаеме како изгледале? Зошто моето семејство и други би се клањале на нивните слики кога самите тие гуруа велеле дека треба да се обожава еден вистински Бог?“
Во 1965 год., кога имав 14 години, нашето семејство се пресели во Индија. Животот таму не беше лесен бидејќи имавме многу малку во материјален поглед. Околу една година подоцна, двајца по двајца, постепено се преселивме во Лестер (Англија).
На 16 години почнав да работам физичка работа на разни места, а навечер одев на училиште за да продолжам со моето образование кое беше прекинато. На работа гледав дека со некои работници не се постапуваше фер. На пример, работниците кои беа Англичани беа подобро платени од имигрантите. Моето чувство за правда ме поттикна да станам млад синдикален активист. Ги организирав жените имигрантки да штрајкуваат за еднаква плата. Копнеев по праведност.
Наоѓам одговор
Прв контакт со Сведоците имав во 1968 год. кога двајца Сведоци тропнаа на мојата врата. Ветувањето дека Царството ќе донесе еднаквост за сите веднаш ми се допадна. Еден од Сведоците повторно дојде кај мене со својата жена. Јас, сестра ми Џасвиндер и мојата полусестра Чани почнавме да ја проучуваме Библијата. Откако поминавме само шест лекции, бевме уверени дека Јехова е вистинскиот Бог, дека Библијата е негова Реч и дека само Царството може да донесе вистинска правда за сите.
Но, се соочивме со сурово противење од семејството. Откако татко ми почина, мојот полубрат стана поглавар на семејството. Подбуцнат од мојата маќеа, тој почна да ни се противи. Ги тепаше моите помлади сестри, Џасвиндер и Чани, удирајќи ги со клоци. Јас веќе имав 18 години, и тој знаеше дека можам да го пријавам, но мислеше дека може да прави што сака со моите сестри. Еднаш зеде една Библија, ја запали и им ја стави пред лице, велејќи: „Кажете му на вашиот Јехова да го изгасне огнот!“ Во тоа време, тајно присуствувавме само на неколку состаноци. Навистина сакавме да му служиме на единствениот вистински Бог, Јехова. Но, поради нашите околности, тоа изгледаше невозможно. Затоа, почнавме да правиме планови да си заминеме од дома и да избегаме на некое безбедно место. Како?
Тајно почнавме да тргаме на страна од парите што ги добивавме за јадење, за превоз и од мојата плата, која морав да ѝ ја давам на маќеата. Купивме три куфери кои не ги чувавме дома, туку на друго место, и во нив постепено стававме наша облека. Во мај 1972 год., кога Џасвиндер имаше скоро 18 години и имавме собрано 100 фунти (260 американски долари), се качивме на воз за Пензанс, на југот на Англија. Кога стигнавме таму, од телефонска говорница се јавивме кај локалните Сведоци. Браќата срдечно нѐ пречекаа. Работевме секаква работа, вклучувајќи и чистење риба, за да можеме да плаќаме кирија и да живееме таму.
Продолживме да ја проучуваме Библијата со еден постар брачен пар, Хари и Бети Бригз. Во септември 1972 год., додека сѐ уште се криевме од семејството, се крстивме во еден мал базен кој се наоѓаше под подиумот во салата за состаноци во Труро. Чани почна со пионерска служба, а јас и Џасвиндер финансиски ја поддржувавме.
Служиме каде што има поголема потреба
Хари и Бети, иако имаа речиси 90 години, редовно одеа да проповедаат на островите Сили, кои се наоѓаат во близина на брегот на јужна Англија. Нивниот пример ни всади желба и ние да правиме нешто слично. Затоа, во 1973 год., по нашиот разговор со брат Скинер, кој го спомнав во воведот, знаевме што да направиме.
Во јануари 1974 год., купивме карти во еден правец за Њу Делхи (Индија), каде што брат Дик Котерил ни дозволи да престојуваме во мисионерскиот дом како гости. Чани беше општ пионер, а јас и Џасвиндер почнавме да поминуваме повеќе време во службата на проповедање.
По некое време, нѐ испратија во Пенџаб, држава во северозападна Индија, каде што некое време останавме во мисионерскиот дом во градот Чандигар, а потоа изнајмивме апартман. Во септември 1974 год., почнав да служам како општ пионер, а во 1975 год. бев поканета да служам како специјален пионер. Проповедањето ми помогна да сфатам дека има голема потреба за литература на пенџапски јазик за што повеќе луѓе да можат да дознаат за Јеховината љубов и правда. Во 1976 год., подружницата во Индија нѐ покани мене и моите две сестри да помагаме со превод на литература на пенџапски јазик. Бидејќи немаше машини за пишување и компјутери, ова беше напорна работа. Требаше на рака да го напишеме преведениот текст, а потоа рачно да го провериме и исчитаме. Потоа, соработувавме со една локална печатница која имаше застарена опрема, поставувајќи ги буквите од текстот една по една.
Нашето собрание во Чандигар (Пенџап, Индија)
Радосна и покрај здравствените проблеми
Околностите брзо ни се сменија. Џасвиндер запозна еден брат со кој се омажи, и се преселија во Канада. Чани се омажи за еден брат од Германија кој живееше во САД и се пресели таму. Јас тешко се разболев и во октомври 1976 год., се вратив во Англија. Мајка ми и брат ми, кои не се противеа на вистината, живееја во Лестер и ме примија да живеам кај нив. Ми беше дијагностициран Евансов синдром, многу ретка автоимуна болест која ги нарушува крвните клетки, и ми беа потребни разни терапии, а ми беше отстранета и слезината. Морав да прекинам со пионерската служба.
Сесрдно му се молев на Јехова дека ако доволно се опоравам, повторно ќе започнам со пионерска служба. И навистина започнав! Иако поради болеста на моменти се чувствував многу лошо, во 1978 год. се преселив во Вулвехемптон, каде што служев како пионер на подрачје на кое претежно се зборуваше пенџапски јазик. Рачно пишувавме покани за состаноци и правевме копии од нив во локалните продавници. Им ги дававме на луѓето кои зборуваа пенџапски, канејќи ги на јавното предавање. Сега во Британија има пет собранија и три групи на пенџапски јазик.
Подружницата во Британија знаеше дека во Индија работев како преведувач за пенџапски јазик. Затоа, при крајот на 1980-тите, браќата од подружницата ме контактираа и ме замолија да почнам да помагам во Бетелот во Лондон. И така почнав да работам со подготвување на фонтови и софтвер за писмото гурмуки и да помагам со воспоставување на правила за користење на тоа писмо во нашите публикации. Имав многу набиен распоред, трудејќи се да заработам за живот, да се грижам за мајка ми која живееше далеку и да одам во Бетел. Но многу се радував што можев да помагам таму.
Добивам обука во Бетелот во Лондон кон крајот на 1980-тите
Во септември 1991 год., бев поканета да станам член на бетелското семејство и да работам со преведување на библиска литература на пенџапски јазик. Тоа воопшто не го очекував. Сметав дека не сум квалификувана, имав здравствени проблеми и ја имав поминато старосната граница за нови бетелски слуги. И покрај тоа, Јехова ми даде таква прекрасна можност. Но, моите здравствени проблеми продолжија и во текот на бетелската служба. Кога примав хемотерапија и други терапии, повеќепати се соочив со притисок да ми биде дадена крв. Моите хематолози беа толку одушевени за тоа како се опоравив што бев поканета на еден семинар на кој присуствуваа околу 40 лекари во една голема болница во Лондон. Имав прилика околу 10 минути да зборувам за мојот став за крвта, а потоа следеше дел за поставување прашања на кои одговараше еден брат од Отсекот за медицински информации.
Во тој тежок период, моите сестри Џасвиндер и Чани грижливо ми помагаа, а и многу ја ценам поддршката и љубовта од бетелското семејство и од други пријатели. Низ сите мои неволји, Јехова ми даде сила да продолжам со мојата задача (Псалм 73:26).
Благословот од Јехова збогатува
Изминативе 33 години во Бетел ми помогнаа да вкусам и да видам колку е добар Јехова (Псалм 34:8; Изреки 10:22). Ме храбрат примерите на други верни постари браќа и сестри. Ме радува што многу од интересентите со кои ја проучував Библијата на пенџапски јазик верно му служат на Јехова. Имам добри односи со членовите на моето семејство. Мајка ми и брат ми не се Сведоци, но мајка ми честопати вели: „Ти навистина си му оддадена на Бог“. А кога им реков дека сум спремна да излезам од Бетел за постојано да се грижам за мајка ми, брат ми рече: „Ти извршуваш многу добра работа. Остани таму“. Иако мајка ми живее во дом за стари лица далеку од Бетел, ја посетувам најчесто што можам.
Кога и да се соочев со некоја неволја во животот, ќе си речев: „Не плаши се Камал! Јехова ти е штит. Твојата награда ќе биде многу голема“ (1. Мојсеева 15:1). Му благодарам на Јехова, Богот кој дава правда, што ме забележа уште како мала и ми го исполни животот со смисловна работа (Исаија 30:18). Со нетрпение го очекувам времето кога „никој од жителите нема да рече: ’Болен сум‘“ (Исаија 33:24).
Во Бетелот во Челмсфорт