ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • lfs статија 18
  • Го придобив мојот сопруг „без збор“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Го придобив мојот сопруг „без збор“
  • Животни приказни на Јеховини сведоци
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Покана што не можев да ја одбијам
  • Противењето расте
  • Голема пресвртница
  • Приближувањето до Бог ми помогна да се борам
    Разбудете се! 1993
  • Благодарна за Јеховината верна поддршка
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Мојата горлива желба да му служам на Бог
    Разбудете се! 1993
  • „Јехова, ти ме пронајде!“
    Разбудете се! 2005
Повеќе
Животни приказни на Јеховини сведоци
lfs статија 18
Ибоја Барта.

ИБОЈА БАРТА | ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Го придобив мојот сопруг „без збор“

Јехова го засакав од повеќе причини. Бев трогната од љубовта и срдечноста на неговите Сведоци и бев воодушевена од начинот на кој тие ги поучуваа другите за вистината од Библијата. Бев восхитена кога дознав дека Бог вистински се грижи за луѓето и дека тој ќе им обезбеди прекрасен живот во иднина. Но, мојот сопруг ја немаше истата воодушевеност како мене и тоа ми создаде многу проблеми.

Ибоја и Иштван на нивната венчавка.

Нашата венчавка

Родена сум во Романија во 1952 год. Иако мајка ми беше крстен Сведок, таа не беше активна во вистината и затоа јас не одев на христијанските состаноци. Освен тоа, Романија беше под комунистички режим и на Јеховините сведоци им беше забрането да печатат литература и да проповедаат. Затоа, првите 36 години од мојот живот не знаев кој е Јехова ниту што поучува Библијата. Но, во 1988 год., додека со мојот сопруг Иштван живеевме во градот Сату Маре, ми се случи нешто што ми го смени животот.

Покана што не можев да ја одбијам

Еден ден, дојде мајка ми да ме види и ми рече: „Ќе одам да ја посетам тетка ти. Сакаш да дојдеш со мене? А потоа може да одиме да си купиме нешто“. Бидејќи немав друг план, се согласив.

Кога стигнавме во куќата на тетка ми, таму се одржуваше состанок на Јеховините сведоци со околу девет други луѓе. Сфатив дека мајка ми повторно станала активен и ревносен Сведок. Она што го слушнав тоа утро, остави длабок и траен впечаток врз мене.

Кога состанокот заврши, водителот ми пристапи и ми се претстави. Тој ми рече: „Моето име е Јанош. Забележав дека внимателно следеше. Дали ти се допадна она што го слушна денес?“ Му кажав дека никогаш порано не сум била на таков состанок и дека сакам да дојдам повторно. Потоа ме праша: „Дали би сакала да ја проучуваш Библијата?“ Тоа беше покана што не можев да ја одбијам. Знаев дека Бог ме привлече кон тие луѓе.

Следниот ден, Јанош ме запозна со Ида, која почна да ја проучува Библијата со мене. Но, јас се плашев како ќе реагира Иштван кога ќе дознае дека ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Неколкупати се обидов да зборувам со него за тоа, но тој воопшто не беше заинтересиран за она што му го кажувам. Знаев дека не му се допаѓа она што го правам.

И покрај тоа, јас продолжив да ја проучувам Библијата и се крстив во август 1989 год. Четири месеци подоцна, падна комунистичката влада во Романија и водачот на тој режим беше погубен.

Противењето расте

Падот на режимот донесе поголема слобода за нас. На Јеховините сведоци им беше дозволено слободно да се состануваат и да проповедаат. Но, за мене, оваа слобода донесе поголемо противење. Иштван ми рече: „Не ме интересира во што веруваш сѐ додека не одиш да проповедаш од куќа до куќа“.

Се разбира, јас немав намера да престанам да проповедам (Дела 4:20). Затоа, се трудев да го правам тоа на колку што е можно понезабележителен начин. Но, еден ден, пријателите на Иштван ме виделе во служба од врата до врата и му кажале. Кога дојдов дома, тој ми се развика: „Ме срамиш и мене и нашето семејство“. Ми стави нож под грлото и ми се закани дека ќе ме убие ако не престанам да проповедам.

Се потрудив да разговарам со Иштван и го уверував дека го сакам. Изгледаше дека моите зборови го смирија за некое време. Но кога одбив да одам на една свадбена церемонија во црква за една блиска роднина, тој повторно се разгневи и многу ме навредуваше.

За жал, гневот на Иштван морав да го трпам цели 13 години. Во тој период ми се закануваше со развод. Понекогаш, ми ја заклучуваше вратата и не ме пушташе дома. Во други прилики, ми велеше да си ги спакувам работите и да си одам.

Што ми помогна да истраам во тие тешки ситуации? Го молев Јехова да ми помогне да останам смирена и навистина чувствував дека ме поддржува (Псалм 55:22). Исто така, собранието ми беше голема поддршка. Старешините и некои искусни сестри ме охрабруваа да не се откажувам од мојата служба. Тие ме потсетија на начелото од Библијата според кое жените треба да ги придобијат своите сопрузи „без збор“ со тоа што ќе останат цврсти и верни на Јехова (1. Петрово 3:1). Со текот на времето, овие зборови се покажаа вистинити и во мојот случај.

Голема пресвртница

Во 2001 год., Иштван имаше мозочен удар поради кој не можеше да оди. Беше во болница цел месец и уште неколку седмици на рехабилитација. Во тој период, јас бев покрај него цело време. Го хранев, разговарав со него и се грижев да има сѐ што му е потребно.

Браќата и сестрите од собранието исто така го посетуваа. Иштван можеше да ја почувствува нивната љубов и грижа. Многумина од нив се понудија да ни помогнат околу секојдневните обврски. А старешините секогаш беа спремни да нѐ утешат и да ни помогнат.

Овие посети му оставија голем впечаток на Иштван и почна да чувствува срам за тоа како се однесуваше кон мене. Исто така, тој забележа дека ниту еден од неговите пријатели не дојде да го посети. Затоа, кога беше отпуштен од болница, Иштван рече: „Сакам да ја проучувам Библијата и да станам Јеховин сведок“. Солзи ми потекоа од радост!

Во мај 2005 год., Иштван се крсти како Јеховин сведок. Бидејќи не можеше да оди, браќата го донесоа со инвалидската количка до базенот за крштавање, потоа внимателно го спуштија во водата и го крстија. Иштван стана ревносен објавител на Божјето Царство. Имам многу убави спомени од времето кога заедно проповедавме. Навистина неверојатно — човекот кој порано ми се противеше затоа што ја проповедав вистината од Божјата Реч, сега беше покрај мене и радосно им ја објавуваше добрата вест на другите!

Иштван многу го засака Јехова и своето време го користеше за да ја проучува Библијата и напамет да учи библиски стихови. Уживаше да зборува за тие стихови со другите во собранието. Овие прилики ги користеше за да ги храбри своите браќа и сестри.

Ибоја и Иштван, кој седи во инвалидска количка, се сликаат со група пријатели.

Со пријателите на регионален конгрес

Здравствената состојба на Иштван продолжи да се влошува. По уште неколку помали мозочни удари, тој ја изгуби способноста да зборува и на крај воопшто не можеше да станува од кревет. Дали оваа ситуација го успори во духовните активности? Ни најмалку! Тој продолжи да дава сѐ од себе за да ја чита и проучува Библијата. Кога браќата и сестрите ќе го посетеа, тој користеше еден електронски уред со едноставен екран за да комуницира со нив и да им ја зајакне верата. Еден брат рече: „Многу сакам да го посетувам Иштван. Секогаш се враќам дома зајакнат и освежен“.

За жал, во декември 2015 год., Иштван почина. Тоа беше огромна загуба што ми донесе голема тага. Но мора да признаам дека оваа случка ми донесе и вистински внатрешен мир. Зошто? Долго пред својата смрт, Иштван стана Јеховин пријател. А тоа е една од моите најголеми причини за радост. Сега, Иштван и мајка ми се во сеќавањето на Јехова. Ќе биде прекрасно кога повторно ќе ги прегрнам и кога ќе ги пречекам во Јеховиниот праведен нов свет.

Поминаа повеќе од 35 години откако јас и мајка ми ја посетивме тетка ми, и таа посета никогаш нема да ја заборавам. Сега имам над 70 години и служам како општ пионер. Мислам дека нема подобар начин на кој можам да му се заблагодарам на Јехова за сите добри работи што ги направи за мене (Псалм 116:12). Тој ми помогна да му останам верна и да бидам смирена кога се соочував со противење. И покрај тоа противење, научив дека околностите можат да се сменат. Иако воопшто не го очекував тоа, успеав да го придобијам мојот сопруг без збор.

Ибоја и уште една сестра стојат покрај количка за сведочење. Ибоја ѝ сведочи на една жена со брошурата „Радувај му се на животот засекогаш“.
    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели