Октомври
Среда, 1 октомври
Мудроста одозгора е спремна да послуша (Јак. 3:17)
Дали понекогаш ти е тешко да бидеш послушен? Таков предизвик имал цар Давид. Затоа тој го молел Бог: „Разбуди во мене желба да ја вршам твојата волја“ (Пс. 51:12). Давид го сакал Јехова. Сепак, понекогаш му било тешко да биде послушен, а тоа е случај и со нас. Зошто? Прво, ние имаме вродена склоност да бидеме непослушни. Второ, Сатана постојано се обидува да нѐ наведе да почнеме да се бунтуваме против Јехова исто како што се побунил тој (2. Кор. 11:3). Трето, живееме во свет во кој преовладува бунтовен став, кој во Библијата е наречен „духот кој сега дејствува во непослушните синови“ (Еф. 2:2). Мора да вложиме голем труд не само за да се бориме против нашата склоност да грешиме туку и за да се спротивставиме на притисокот што Ѓаволот и овој свет го вршат врз нас за да станеме непослушни. Ние мора силно да се напрегаме за да им бидеме послушни на Јехова и на оние на кои тој им дал одреден авторитет (w23.10 6, пас. 1).
Четврток, 2 октомври
Ти си го чувал доброто вино сѐ досега (Јован 2:10)
Што можеме да научиме од чудото на Исус кога претворил вода во вино? Учиме дека треба да бидеме понизни. Исус не се фалел со чудото што го направил. Всушност, Исус никогаш не се фалел со она што го правел. Напротив, тој понизно и секогаш одново му ја припишувал сета слава на својот Татко (Јован 5:19, 30; 8:28). Ако го следиме примерот на Исус така што ќе имаме понизно гледиште за себеси, нема да се фалиме со она што го правиме. Да не се фалиме со себеси, туку со прекрасниот Бог на кој имаме чест да му служиме (Ерем. 9:23, 24). Нему треба да му ја припишеме сета заслуга. Всушност, ние ништо не би можеле да постигнеме без помошта од Јехова (1. Кор. 1:26-31). Ако сме понизни, нема да си ја припишуваме заслугата за добрите работи што ги правиме за другите. Ние сме задоволни бидејќи знаеме дека Јехова го гледа и го цени она што го правиме. (Спореди со Матеј 6:2-4; Евр. 13:16.) Без сомнение, ние го радуваме Јехова со тоа што сме понизни по примерот на Исус (1. Пет. 5:6; w23.04 4, пас. 9; 5, пас. 11-12).
Петок, 3 октомври
Не грижете се само за себе туку и за другите (Фил. 2:4)
Под водство на светиот дух, апостол Павле ги поттикнал христијаните да се грижат за другите. Како можеме да го примениме овој совет во текот на состаноците? Така што ќе имаме на ум дека и другите, исто како нас, сакаат да учествуваат. Размисли за следниов пример. Ако разговараш со своите пријатели, дали ќе зборуваш толку многу што другите едвај ќе можат да дојдат до збор? Се разбира дека не! Сакаш и тие да учествуваат во разговорот. Слично на тоа, кога сме на состанок, сакаме да им оставиме простор на колку што е можно повеќе браќа и сестри да коментираат. Всушност, еден од најдобрите начини да ги охрабриме соверниците е така што ќе им дадеме можност да ја изразат својата вера (1. Кор. 10:24). Затоа треба да се трудиме нашите коментари да бидат кратки. Така ќе има доволно време за да коментираат повеќе лица. Дури и ако даваш краток коментар, немој да ги вклучиш сите мисли од пасусот. Ако со твојот коментар го опфатиш целиот пасус, другите ќе немаат што да кажат (w23.04 22-23, пас. 11-13).
Сабота, 4 октомври
Сѐ правам поради добрата вест, за да им ја проповедам на другите (1. Кор. 9:23)
Не смееме да заборавиме колку е важно да продолжиме да им помагаме на другите, особено преку службата на проповедање. Додека ја извршуваме службата на проповедање треба да бидеме флексибилни. Луѓето на кои им проповедаме имаат различни верувања и ставови, а имаат и различно потекло и различна култура. Апостол Павле бил флексибилен додека проповедал, и ние можеме да учиме од неговиот пример. Исус го испратил Павле да служи како апостол „кај другите народи“ (Рим. 11:13). Затоа, Павле им проповедал на Евреи, Грци, високообразовани луѓе, селани, достоинственици и цареви. За да допре до срцата на сите тие различни луѓе, Павле се приспособувал додека проповедал и затоа за себе рекол: „На сите им бев сѐ“ (1. Кор. 9:19-22). Тој ги земал предвид културата, потеклото и верувањата на луѓето, и го приспособувал својот начин на проповедање. И ние ќе можеме да ја извршуваме службата на поделотворен начин ако сме флексибилни и ако го приспособуваме начинот на кој проповедаме во склад со потребите на луѓето (w23.07 23, пас. 11-12).
Недела, 5 октомври
А робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ кон сите (2. Тим. 2:24)
Благоста не е знак на слабост. Напротив, потребна е внатрешна сила за да останеме смирени кога се соочуваме со тешка ситуација. Благоста е еден од „плодовите на духот“ (Гал. 5:22, 23). Грчкиот збор кој се преведува со „благост“ понекогаш се користел за да се опише еден див коњ кој бил припитомен. Замисли си еден див коњ како станува питом и кроток. Иако е кроток, тој сепак е силен. На кој начин можеме ние луѓето да развиеме благост, а во исто време да бидеме силни? Сами не можеме да успееме во тоа. Треба да го молиме Бог да ни даде свет дух и да ни помогне да ја развиеме оваа прекрасна особина. Искуството покажува дека е можно да се стекне благост. Многу наши браќа и сестри ја покажале оваа особина кога некои луѓе ги провоцирале. Со тоа успеале да остават добар впечаток кај оние што го набљудувале нивното однесување (2. Тим. 2:24, 25; w23.09 14, пас. 3).
Понеделник, 6 октомври
Се молев Јехова да ми ја услиши молитвата што му ја упатив (1. Сам. 1:27)
Во едно величествено видение, апостол Јован видел 24 старешини на небото кои го обожаваат Јехова. Тие го славеле Бог, велејќи дека е достоен да ја прими славата, честа и моќта (Отк. 4:10, 11). И верните ангели имаат безброј причини да го слават Јехова. Тие се со него на небото и добро го познаваат. Ангелите ги гледаат особините на Јехова и поттикнати се да го слават кога ги набљудуваат неговите постапки (Јов 38:4-7). И ние сакаме да го славиме Јехова во нашите молитви така што ќе му кажеме кои работи ни се допаѓаат кај него и зошто го почитуваме. Додека ја читаш и проучуваш Библијата, обиди се да забележиш кои особини на Јехова посебно ти се допаѓаат тебе (Јов 37:23; Рим. 11:33). Потоа кажи му го тоа во молитва. Исто така, може да му оддаваме слава на Јехова затоа што ни помага нам лично, а и на сите браќа и сестри низ целиот свет (1. Сам. 2:1, 2; w23.05 3-4, пас. 6-7).
Вторник, 7 октомври
Водете живот достоен на Јехова (Кол. 1:10)
Од 1919 год., Божјиот народ бил ослободен од секакво влијание на Големиот Вавилон. Истата година бил поставен „верниот и разборит роб“, токму навреме за да им изрази добредојде на искрените лица кои почнале да одат по патот на светоста (Мат. 24:45-47; Иса. 35:8). Благодарение на работата што ја направиле некои верни луѓе во минатото, оние што зачекориле по патот на светоста можеле да дознаат повеќе за Јехова и за неговата намера (Изр. 4:18). Исто така, тие можеле да го доведат својот живот во склад со Јеховините барања. Јехова не очекувал неговиот народ да ги направи сите потребни промени одеднаш. Наместо тоа, тој го пречистувал својот народ постепено. Замисли колку ќе бидеме среќни кога ќе можеме да го радуваме нашиот Бог со сѐ што правиме! На секој пат му е потребно редовно одржување. Почнувајќи од 1919 год., постојано се работи на патот на светоста за да можат што е можно повеќе луѓе да излезат од Големиот Вавилон (w23.05 17, пас. 15; 19, пас. 16).
Среда, 8 октомври
Никогаш нема да те оставам (Евр. 13:5)
Членовите на Водечкото тело лично ги обучуваат помошниците на различните одбори при Водечкото тело. Овие помошници во моментов верно извршуваат многу одговорности во организацијата. Тие се добро подготвени за да продолжат да се грижат за Христовите овци. Кога и последниот помазаник ќе биде земен на небото при крајот на големата неволја, Јеховиниот народ тука на Земјата ќе продолжи под водство на Исус Христос верно да му служи на Јехова. Знаеме дека во тоа време ќе бидеме нападнати од Гог од Магог — непријателска коалиција од сите народи (Езек. 38:18-20). Но, тој напад ќе трае кратко и ќе биде неуспешен — нема да го спречи Божјиот народ да му служи на Јехова. Бог сигурно ќе го спаси својот народ! Во едно видение, апостол Јован видел „големо мноштво“ од Христовите други овци. На Јован му било кажано дека тоа „големо мноштво“ ќе дојде „од големата неволја“ (Отк. 7:9, 14). Значи, сигурни сме дека Јехова ќе ги спаси своите слуги! (w24.02 5-6, пас. 13-14).
Четврток, 9 октомври
Не гаснете го духот (1. Сол. 5:19)
Како може да го добиеме светиот дух? Така што ќе се молиме за него, ќе ја проучуваме Божјата Реч и ќе бидеме вклучени во активностите на Јеховината организација која е водена од неговиот свет дух. Сето ова ќе ни помогне да ги развиваме плодовите на духот (Гал. 5:22, 23). Бог им го дава својот дух само на оние што се трудат нивните мисли и постапки да бидат чисти во морален поглед. Тој нема да продолжи да ни го дава својот дух ако постојано размислуваме за нечисти работи и ако постапуваме на погрешен начин (1. Сол. 4:7, 8). За и понатаму да го добиваме светиот дух, мора да бидеме послушни и на следниов совет: „Не презирајте ги пророштвата“ (1. Сол. 5:20). Во овој стих, „пророштвата“ се однесуваат на пораките што Јехова ни ги дава преку својот свет дух, вклучувајќи ги и оние во врска со Јеховиниот ден и времето во кое живееме. Ние не го одложуваме тој ден во нашиот ум, мислејќи дека Армагедон нема да се случи во наше време. Наместо тоа, постојано го имаме на ум Јеховиниот ден така што внимаваме на нашето однесување и секој ден вршиме дела од кои се гледа дека сме му оддадени на Бог (2. Пет. 3:11, 12; w23.06 12, пас. 13-14).
Петок, 10 октомври
Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост (Изр. 9:10)
Што треба ние како христијани да правиме ако некоја порнографска слика се појави на нашиот електронски уред? Треба веднаш да го тргнеме погледот од таа слика. Ќе ни биде полесно да го направиме тоа ако се сетиме дека највредното нешто што го поседуваме е нашето пријателство со Јехова. Всушност, дури и сликите кои не се сметаат за порнографски можат во нас да побудат неморални желби. Зошто не треба да ги гледаме? Бидејќи не сакаме да го направиме ни најмалиот чекор кој води до тоа да направиме прељуба во нашето срце (Мат. 5:28, 29). Давид, еден старешина од Тајланд, вели: „Се прашувам: ’Дури и ако сликите можеби не се порнографски, како ќе се чувствува Јехова ако продолжам да ги гледам?‘ Таквото размислување ми помага да постапам мудро“. Стравот да не направиме нешто со што ќе го разочараме Јехова ни помага да постапуваме мудро. Стравот од Бог е „првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост“ (w23.06 23, пас. 12-13).
Сабота, 11 октомври
Ајде, народе мој, влези во своите соби (Иса. 26:20)
Овие „соби“ можеби ги претставуваат нашите собранија. Јехова ветува дека ќе нѐ заштити во текот на големата неволја ако останеме обединети со нашите соверници. Затоа, уште сега мора да вложуваме голем труд не само да ги поднесуваме нашите браќа и сестри туку и да ги сакаме. Од тоа ќе зависи дали ќе го преживееме тој тежок период. „Големиот ден на Јехова“ ќе донесе тешки неволји за целото човештво (Соф. 1:14, 15). И Јеховиниот народ ќе се соочи со тешкотии. Но, ако се подготвиме уште сега, ќе може да останеме смирени и да им помогнеме на другите. Ќе може да истраеме без разлика со какви проблеми ќе се соочиме. Ако некој наш соверник страда, ќе дадеме сѐ од себе за да му помогнеме така што ќе покажеме сочувство и ќе му го дадеме она што му е потребно. Ако уште сега научиме да ги сакаме нашите браќа и сестри, ќе покажеме љубов кон нив и во големата неволја. Доколку го правиме сето ова, Јехова ќе нѐ награди со вечен живот во еден свет каде што катастрофите и неволјите ќе бидат само минато (Иса. 65:17; w23.07 7, пас. 16-17).
Недела, 12 октомври
[Јехова] ќе ве зацврсти, ќе ве зајакне (1. Пет. 5:10)
Во Библијата, верните Божји слуги честопати се опишани како силни личности. Но, дури и најсилните меѓу нив не се чувствувале секогаш силни. На пример, во една прилика Давид рекол дека Јехова го исполнил со смелост и сила (Пс. 138:3). Но, во други прилики тој чувствувал „страв и трепет“ (Пс. 55:5). Божјиот дух му давал на Самсон исклучително голема сила. Но, тој бил свесен дека без Божјата сила ќе ослабне и ќе биде „како секој друг човек“ (Суд. 14:5, 6; 16:17). Од ова јасно се гледа дека Јехова бил тој што им давал сила на своите верни слуги. И апостол Павле бил свесен дека му била потребна сила од Јехова (2. Кор. 12:9, 10). Тој имал здравствени проблеми (Гал. 4:13, 14). Исто така, понекогаш му било тешко да го прави она што е исправно (Рим. 7:18, 19). А понекогаш бил загрижен и се плашел што би можело да му се случи (2. Кор. 1:8, 9). Сепак, секогаш кога се чувствувал слаб, тој станувал силен. Како? Јехова му ја давал силата што му била потребна. Тој го зајакнувал Павле да истрае во неволјите (w23.10 12, пас. 1-2).
Понеделник, 13 октомври
Јехова го гледа она што е во срцето (1. Сам. 16:7)
Ако понекогаш се бориме со чувство на безвредност, добро е да се сетиме дека самиот Јехова нѐ привлекол кон себе (Јован 6:44). Тој ги гледа убавите работи кај нас кои можеби ние самите не ги гледаме, и знае што навистина имаме во срцето (2. Лет. 6:30). Затоа, можеме да му веруваме кога тој вели дека сме скапоцени (1. Јов. 3:19, 20). Пред да ја дознаат вистината, некои од нас правеле работи поради кои можеби сѐ уште чувствуваат вина (1. Пет. 4:3). Дури и верните христијани се борат со грешни склоности. Како е со тебе? Дали твоето срце те осудува поради нешто? Ако да, може да те утеши фактот дека и други верни слуги на Јехова се бореле со слични чувства. На пример, апостол Павле се чувствувал бедно кога размислувал за своите слабости (Рим. 7:24). Се разбира, Павле се покајал за своите гревови и се крстил. Сепак, за себе рекол дека е „најмал од апостолите“ и дека е најголемиот грешник (1. Кор. 15:9; 1. Тим. 1:15; w24.03 27, пас. 5-6).
Вторник, 14 октомври
Го оставија домот на Јехова (2. Лет. 24:18)
Која е една поука што можеме да ја извлечеме од лошата одлука на цар Јоас? Треба да си избираме пријатели кои добро ќе влијаат врз нас — пријатели кои го сакаат Јехова и имаат желба да го радуваат. Нашиот круг на пријатели не треба да го ограничиме само на оние кои се на наша возраст. Јоас бил многу помлад од својот пријател Јодај. Кога станува збор за твоите пријатели, прашај се: „Дали ми помагаат да си ја зајакнам верата во Јехова? Дали ме поттикнуваат да живеам според Божјите мерила? Дали зборуваат за Јехова и за она што го учат од Библијата? Дали ги почитуваат Божјите мерила? Дали ми го кажуваат само она што сакам да го чујам или имаат храброст да ме исправат кога тоа е потребно?“ (Изр. 27:5, 6, 17). Отворено кажано, ако твоите пријатели не го сакаат Јехова, тогаш тие не ти се потребни. Но, ако твоите пријатели го сакаат Јехова, остани близок со нив бидејќи тие добро ќе влијаат врз тебе (Изр. 13:20; w23.09 9, пас. 6-7).
Среда, 15 октомври
Јас сум алфа и омега (Отк. 1:8)
Алфа е првата буква од грчката азбука, а омега е последната. Со тоа што за себе кажал дека е „алфа и омега“, Јехова ни помага да сфатиме дека, кога тој ќе започне нешто, сигурно ќе го доврши. Откако ги создал Адам и Ева, Јехова им кажал: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мој. 1:28). Во тој момент, Јехова всушност кажал „алфа“. Тој јасно ја кажал својата намера: Ќе дојде време кога совршените, послушни потомци на Адам и на Ева ќе ја наполнат Земјата и ќе ја претворат во рај. Кога ќе дојде тоа време во иднина, Јехова всушност ќе рече „омега“. Откако завршил со создавањето на „небото и земјата и сѐ што е на нив“, Јехова кажал нешто што служи како гаранција. Тој ветил дека ќе ја исполни својата намера за Земјата и за човештвото. Таа потполно ќе се оствари на крајот од седмиот ден (1. Мој. 2:1-3; w23.11 5, пас. 13-14).
Четврток, 16 октомври
Расчистете му го патот на Јехова! Израмнете му ја низ пустината патеката на нашиот Бог! (Иса. 40:3)
Дословното патување од Вавилон до Израел било тешко и можело да трае околу четири месеци. Но, Јехова ветил дека ќе ја отстрани секоја препрека што би можела да ги спречи да се вратат во Ерусалим. Верните Евреи знаеле дека благословите што ќе ги добијат доколку се вратат во Израел ќе бидат многу поголеми од која и да било жртва што ќе требало да ја направат. Најголемиот благослов бил поврзан со обожавањето на Јехова. Во Вавилон немало ниту еден храм на Јехова. Немало олтар каде што Израелците би можеле да ги принесуваат жртвите кои биле пропишани со Мојсеевиот закон и немало организирано свештенство за да ги принесува тие жртви. Освен тоа, Јеховините слуги биле многу помалку на број во однос на луѓето кои обожавале лажни богови и воопшто не го почитувале Јехова и неговите мерила. Затоа, илјадници Евреи кои го сакале Јехова едвај чекале да се вратат во својата земја за да можат повторно да го обожаваат Бог на исправен начин (w23.05 14-15, пас. 3-4).
Петок, 17 октомври
Живејте како деца на светлината (Еф. 5:8)
Потребна ни е помошта од Божјиот свет дух за да продолжиме да се однесуваме „како деца на светлината“. Зошто? Затоа што воопшто не е лесно да останеме чисти во овој неморален свет (1. Сол. 4:3-5, 7, 8). Светиот дух може да ни помогне да се бориме против размислувањето на луѓето од овој свет, вклучувајќи ги и нивните филозофии и гледишта кои не се во склад со Божјиот начин на размислување. Исто така, светиот дух може да ни помогне да покажуваме „секаква доброта и праведност“ (Еф. 5:9). Еден начин на кој можеме да го добиеме светиот дух е така што ќе се молиме за тоа. Исус рекол дека Јехова „ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа“ (Лука 11:13). Свет дух добиваме и кога заедно со нашите браќа и сестри го фалиме Јехова на собраниските состаноци (Еф. 5:19, 20). Доброто влијание што Божјиот свет дух го има врз нас ќе ни помогне да живееме на начин кој му се допаѓа на Бог (w24.03 23-24, пас. 13-15).
Сабота, 18 октомври
Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори! (Лука 11:9)
Дали ти е потребна поголема стрпливост? Ако да, моли се за тоа. Стрпливоста е плод на светиот дух (Гал. 5:22, 23). Затоа, можеме да го молиме Јехова да ни даде свет дух и да ни помогне да ја развиваме оваа особина. Ако се соочиме со ситуација која ја става на испит нашата стрпливост, да продолжиме да го молиме Јехова да ни помогне со својот свет дух да бидеме стрпливи (Лука 11:13). Исто така, можеме да го молиме Јехова да ни помогне да гледаме на работите од негова гледна точка. Освен што ќе се молиме, треба да дадеме сѐ од себе за да бидеме стрпливи секој ден. Ако продолжиме да се молиме за стрпливост и се трудиме да ја покажуваме оваа особина, Јехова ќе ни помогне таа да стане дел од нашата личност. Исто така, од помош ќе ни биде и ако размислуваме за примерите од Библијата. Во неа има многу примери за луѓе кои биле стрпливи. Ако размислуваме за овие примери, ќе можеме да научиме на кои начини да покажуваме стрпливост (w23.08 22, пас. 10-11).
Недела, 19 октомври
Фрлете ги своите мрежи и ловете! (Лука 5:4)
Исус го уверил апостол Петар дека Јехова ќе се грижи за неговите потреби. Воскреснатиот Исус повторно им помогнал на Петар и на другите апостоли со чудо да уловат риби (Јован 21:4-6). Без сомнение, ова чудо го уверило Петар дека Јехова лесно може да се грижи за неговите материјални потреби. Можеби апостолот тогаш се потсетил на зборовите од Исус дека Јехова ќе се грижи за оние кои најнапред го бараат Царството (Мат. 6:33). Сето ова му помогнало на Петар на прво место да ја стави службата на проповедање, а не рибарењето. Тој храбро проповедал на Педесетница 33 год. од н.е., и со тоа им помогнал на илјадници да ја прифатат добрата вест (Дела 2:14, 37-41). А потоа, им помогнал на Самарјаните и на не-Евреите да го прифатат Исус и да го следат (Дела 8:14-17; 10:44-48). Без сомнение, Јехова го употребил Петар на моќен начин за да доведе во собранието најразлични луѓе (w23.09 20, пас. 1; 23, пас. 11).
Понеделник, 20 октомври
Ако не ми кажете што сум сонувал и што значи сонот, ќе бидете распарчени (Дан. 2:5)
Околу две години откако Вавилонците го уништиле Ерусалим, вавилонскиот цар Навуходоносор сонил еден страшен сон во кој видел огромен кип. Тој се заканил дека ќе ги убие сите негови мудреци, вклучувајќи го и Даниел, доколку не му кажат што сонувал и што значи тој сон (Дан. 2:3-5). Даниел морал веднаш да стори нешто бидејќи во спротивно ќе биле убиени многу луѓе. Тој отишол кај царот и го замолил да му даде време за да му го протолкува сонот (Дан. 2:16). За ова биле потребни храброст и вера. Во Библијата не пишува дека Даниел претходно толкувал сонови. Тој ги замолил своите другари „да го молат за милост небесниот Бог поради таа тајна“ (Дан. 2:18). Јехова одговорил на нивните молитви. Со помошта од Бог, Даниел го протолкувал сонот на Навуходоносор. Животот на Даниел и на неговите другари бил поштеден (w23.08 3, пас. 4).
Вторник, 21 октомври
Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен (Мат. 24:13)
Размислувај зошто е корисно да бидеш стрплив. Стрпливоста ни помага да бидеме посреќни и посмирени. Значи, стрпливоста може да придонесе да имаме подобро ментално и физичко здравје. Кога сме стрпливи со другите, имаме подобри односи со нив. На тој начин се зајакнува единството во нашето собрание. Ако бидеме бавни на гнев кога некој ќе нѐ изнервира со нешто, ќе спречиме ситуацијата да се влоши (Пс. 37:8; Изр. 14:29). Но најважно од сѐ, ние го следиме примерот на нашиот небесен Татко и стануваме поблиски со него. Навистина, стрпливоста е прекрасна особина која ни користи на сите нас! Иако не е секогаш лесно да бидеме стрпливи, со помош од Јехова можеме да ја развиеме оваа особина. И додека стрпливо го чекаме новиот свет, можеме да бидеме уверени дека „Јеховиното око е насочено кон оние што се бојат од него, кон оние што ја чекаат неговата милост“ (Пс. 33:18). Затоа, сите ние да бидеме решени и понатаму да покажуваме стрпливост! (w23.08 21, пас. 7; 25, пас. 16-17).
Среда, 22 октомври
Верата — ако нема дела, сама по себе е мртва (Јак. 2:17)
Јаков објаснил дека еден човек може да тврди дека има вера, но неговите дела не го потврдуваат тоа (Јак. 2:1-5, 9). Исто така, Јаков зборувал за човек кој видел дека некој брат или некоја сестра немаат што да облечат или немаат храна, но тој не им ја пружил потребната помош. Дури и ако тој човек тврдел дека има вера, тоа не било поткрепено со неговите постапки. Затоа, неговата вера била бескорисна (Јак. 2:14-16). Јаков ја спомнал Раав како добар пример за личност која ја докажала својата вера со дела (Јак. 2:25, 26). Таа имала слушнато за Јехова и сфатила дека тој им помага на Израелците (Ис. Нав. 2:9-11). Раав ја покажала својата вера со своите постапки — заштитила двајца израелски извидувачи чии животи биле во опасност. Поради тоа, оваа жена, која била несовршена и не била Израелка, била прогласена за праведна исто како Авраам. Од примерот на Раав учиме колку е важно со нашите постапки да покажеме дека имаме вера (w23.12 5, пас. 12-13).
Четврток, 23 октомври
Да бидете вкоренети и втемелени (Еф. 3:17)
Како христијани, ние не сме задоволни со тоа да имаме само површно разбирање за Библијата. Ние имаме силна желба да ги разбереме „дури и Божјите длабочини“, а тоа можеме да го направиме со помош на светиот дух (1. Кор. 2:9, 10). Во текот на твоето лично проучување, би можел подетално да истражуваш некоја тема со цел уште повеќе да се зближиш со Јехова. На пример, би можел да проучуваш за тоа како тој ја покажал својата љубов кон неговите слуги во минатото и како тоа докажува дека те сака и тебе. Исто така, би можел да проучуваш за тоа како Јехова сакал да го обожаваат Израелците и да го споредиш тоа со начинот на кој сака да го обожаваме ние денес. Или, би можел детално да ги проучуваш пророштвата што Исус ги исполнил во текот на неговиот живот и служба на Земјата. Можеш да најдеш радост во проучувањето на вакви теми со помош на Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци. Длабокото проучување на Библијата ќе ја зајакне твојата вера и ќе ти помогне да го пронајдеш „знаењето за Бог“ (Изр. 2:4, 5; w23.10 18-19, пас. 3-5).
Петок, 24 октомври
Пред сѐ, горливо сакајте се еден со друг, зашто љубовта покрива мноштво гревови (1. Пет. 4:8)
Апостол Петар напишал дека треба горливо да се сакаме еден со друг. Вториот дел од стихот објаснува на што нѐ поттикнува таквата горлива, односно силна љубов. Таа нѐ поттикнува да ги покриваме грешките на нашите браќа и сестри. Тоа може да го споредиме со следниов пример: Замисли си една маса на која има многу флеки и гребнатини. Можеме да земеме еден чаршаф и да го постелиме на масата за да покриеме — не само еден или два недостатока — туку многу нејзини недостатоци. Слично на тоа, ако имаме силна љубов кон нашите браќа и сестри, ќе можеме да им покриеме — односно да им простиме — не само една или две слабости туку „мноштво гревови“. Нашата љубов кон соверниците треба да биде доволно силна за да можеме да им ги простиме слабостите — дури и кога тоа е многу тешко (Кол. 3:13). Кога им простуваме на другите, покажуваме дека нашата љубов е силна и дека сакаме да го радуваме Јехова (w23.11 10-11, пас. 13-15).
Сабота, 25 октомври
Сафан почна да ја чита пред царот (2. Лет. 34:18)
Кога имал 26 години, цар Јосија почнал да го обновува храмот. Додека траела обновата, била најдена „книгата на Јеховиниот закон, добиена преку Мојсеј“. Кога слушнал што било запишано таму, цар Јосија веднаш ги направил потребните промени во склад со тоа што го прочитал (2. Лет. 34:14, 19-21). Можеби веќе се трудиш да ја читаш Библијата секој ден. Дали уживаш во тоа? Дали си ги запишуваш стиховите што можат да ти помогнат тебе лично? Кога имал околу 39 години, Јосија направил една грешка поради која го изгубил животот. Тој се потпирал на себеси наместо да бара водство од Јехова (2. Лет. 35:20-25). Од ова може да извлечеме една поука. Без разлика на која возраст сме или колку долго време ја проучуваме Библијата, мора да продолжиме да го бараме Јехова. Во тоа е вклучено редовно да го молиме да ни дава водство, да ја проучуваме неговата Реч и да ги слушаме советите од зрелите христијани. На тој начин, помала е веројатноста дека ќе направиме сериозни грешки, а поголема е веројатноста дека ќе бидеме среќни (Јак. 1:25; w23.09 12, пас. 15-16).
Недела, 26 октомври
Бог им се спротивставува на вообразените, а на понизните им покажува незаслужена доброта (Јак. 4:6)
Во Библијата се спомнати многу жени кои го сакале Јехова и му служеле. Тие биле „умерени и верни во сѐ“ (1. Тим. 3:11). Освен тоа, сестрите можат во своите собранија да најдат зрели христијанки чиј пример вреди да се следи. Млади сестри, размислете кои зрели христијанки што ги познавате се добар пример што можете да го следите. Забележете кои убави особини ги имаат, а потоа размислете како можете и вие да ги покажувате. Една важна особина што треба да ја имаат зрелите христијани е понизноста. Ако една жена е понизна, таа ќе има добар однос со Јехова и со другите. На пример, една жена која го сака Јехова понизно избира да го почитува начелото за поглаварство што го дал нејзиниот небесен Татко (1. Кор. 11:3). Ова начело се применува во собранието и во семејството, но на различен начин (w23.12 18-19, пас. 3-5).
Понеделник, 27 октомври
Мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела (Еф. 5:28)
Јехова очекува сопругот да ја сака својата сопруга и да се грижи за нејзините физички, емоционални и духовни потреби. Тоа што ќе стекнеш способност за расудување, ќе покажуваш почит кон жените и ќе бидеш достоен за доверба ќе ти помогне да бидеш добар брачен другар. Откако ќе стапиш во брак, можеби ќе станеш татко. Од Јехова можеш да научиш што значи да се биде добар татко (Еф. 6:4). На пример, Јехова отворено му кажал на својот син Исус дека го сака и дека го одобрува (Мат. 3:17). Ако станеш татко, редовно уверувај ги своите деца дека ги сакаш. Често пофалувај ги за добрите работи што ги прават. Татковците кои го следат примерот на Јехова, им помагаат на своите деца да станат зрели христијани. Можеш уште сега да се подготвиш за оваа улога така што со љубов ќе се грижиш за другите во твоето семејство и во собранието, и така што ќе научиш да ја изразуваш твојата љубов и ценење кон нив (Јован 15:9; w23.12 29, пас. 17-18).
Вторник, 28 октомври
Јехова ми е оддесно, затоа нема да се затетеравам (Пс. 16:8)
Иако верно му служиме на Јехова, и ние доживуваме неволји и се разболуваме исто како сите други луѓе. Освен тоа, можеби треба да се справиме со противење или прогонство од страна на оние што го мразат Божјиот народ. Иако Јехова не нѐ заштитува од такви тешкотии, тој ветува дека ќе ни помага (Иса. 41:10). Со негова помош можеме да ја зачуваме нашата радост, да носиме добри одлуки и да му останеме верни дури и во најтешките ситуации. Јехова ветува дека ќе ни го даде она што во Библијата е наречено „мирот Божји“ (Фил. 4:6, 7). Овој мир се однесува на спокојот што го чувствуваме во умот и во срцето како резултат на нашето скапоцено пријателство со Јехова. Тој мир „ја надминува секоја мисла“. Таквото чувство на мир е многу поубаво од она што ние можеме да си го замислиме. Дали некогаш си се изненадил од мирот што си го почувствувал откако сесрдно си му се помолил на Јехова? Таквото чувство е всушност „мирот Божји“ (w24.01 20, пас. 2; 21, пас. 4).
Среда, 29 октомври
Ќе те фалам, о Јехова, Боже мој, со сето свое срце, ќе го славам твоето име довека (Пс. 86:12)
Оние што го сакаат Бог се поттикнати да го фалат неговото име со сето срце. Цар Давид знаел дека, кога го фалиме Јеховиното име, ние, всушност, го фалиме Јехова. Кога ќе го слушнеме името Јехова, ние помислуваме на тоа каква личност е тој, на неговите прекрасни особини и на неговите извонредни дела. Давид сакал да го фали името на својот небесен Татко бидејќи го сметал за нешто свето. Тој сакал да го прави тоа „со сето свое срце“. Слично на тоа, левитите предводеле во фалењето на Јехова. Тие понизно признале дека нивните зборови никогаш не би можеле во потполност да ја изразат сета фалба што Јеховиното свето име ја заслужува (Неем. 9:5). Без сомнение, таквата понизна, сесрдна фалба го радувала срцето на Јехова (w24.02 9, пас. 6).
Четврток, 30 октомври
Сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор (Фил. 3:16)
Јехова нема да те смета за неуспешен затоа што не си остварил некоја цел која за тебе била недостижна (2. Кор. 8:12). Гледај на пречките како на можност да научиш нешто. Не го заборавај она што веќе си го постигнал. Библијата вели: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело“ (Евр. 6:10). Значи, ни ти не треба да го заборавиш она што си го направил досега. Размислувај за оние цели што веќе си ги остварил — си развил пријателство со Јехова, им кажуваш на другите за него и си се крстил. Исто како што во минатото си напредувал и си ги остварил своите духовни цели, ти можеш да продолжиш да напредуваш и да ја постигнеш целта што ја имаш во моментов. Со помош од Јехова ти можеш да ја оствариш твојата цел. Додека и понатаму работиш на тоа да ја оствариш твојата духовна цел, немој да заборавиш и да уживаш додека гледаш како во меѓувреме Јехова ти помага и те благословува (2. Кор. 4:7). Ако не се откажеш, ќе можеш да доживееш и многу други благослови (Гал. 6:9; w23.05 31, пас. 16-18).
Петок, 31 октомври
Самиот Татко ве сака бидејќи вие ме сакавте мене и ми верувавте дека јас излегов како застапник на Таткото (Јован 16:27)
Јехова бара начини за да им покаже на своите слуги дека ги сака и дека е задоволен од нив. Во Библијата се запишани две прилики во кои Бог му кажал на Исус дека тој е неговиот сакан Син, кој му е по волја (Мат. 3:17; 17:5). Дали би сакал да го слушнеш Јехова како ти кажува дека е задоволен од тебе? Ние не можеме дословно да го чуеме гласот на Јехова, но тој ни зборува преку неговата Реч. Ние може да „чуеме“ како Јехова ни вели дека е задоволен од нас кога ги читаме зборовите на Исус во евангелијата. Исус совршено ги покажувал особините на својот Татко. Затоа, кога читаме како Исус им вели на своите несовршени, но верни ученици, дека ги сака и е задоволен од нив, можеме да си го замислиме Јехова како ни ги кажува тие зборови нам (Јован 15:9, 15). Ако имаме неволји, тоа не значи дека Бог повеќе не е задоволен од нас. Напротив, тие ни даваат можност да покажеме колку многу го сакаме Бог и колкава доверба имаме во него (Јак. 1:12; w24.03 28, пас. 10-11).