Понеделник, 27 октомври
Мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела (Еф. 5:28)
Јехова очекува сопругот да ја сака својата сопруга и да се грижи за нејзините физички, емоционални и духовни потреби. Тоа што ќе стекнеш способност за расудување, ќе покажуваш почит кон жените и ќе бидеш достоен за доверба ќе ти помогне да бидеш добар брачен другар. Откако ќе стапиш во брак, можеби ќе станеш татко. Од Јехова можеш да научиш што значи да се биде добар татко (Еф. 6:4). На пример, Јехова отворено му кажал на својот син Исус дека го сака и дека го одобрува (Мат. 3:17). Ако станеш татко, редовно уверувај ги своите деца дека ги сакаш. Често пофалувај ги за добрите работи што ги прават. Татковците кои го следат примерот на Јехова, им помагаат на своите деца да станат зрели христијани. Можеш уште сега да се подготвиш за оваа улога така што со љубов ќе се грижиш за другите во твоето семејство и во собранието, и така што ќе научиш да ја изразуваш твојата љубов и ценење кон нив (Јован 15:9; w23.12 29, пас. 17-18).
Вторник, 28 октомври
Јехова ми е оддесно, затоа нема да се затетеравам (Пс. 16:8)
Иако верно му служиме на Јехова, и ние доживуваме неволји и се разболуваме исто како сите други луѓе. Освен тоа, можеби треба да се справиме со противење или прогонство од страна на оние што го мразат Божјиот народ. Иако Јехова не нѐ заштитува од такви тешкотии, тој ветува дека ќе ни помага (Иса. 41:10). Со негова помош можеме да ја зачуваме нашата радост, да носиме добри одлуки и да му останеме верни дури и во најтешките ситуации. Јехова ветува дека ќе ни го даде она што во Библијата е наречено „мирот Божји“ (Фил. 4:6, 7). Овој мир се однесува на спокојот што го чувствуваме во умот и во срцето како резултат на нашето скапоцено пријателство со Јехова. Тој мир „ја надминува секоја мисла“. Таквото чувство на мир е многу поубаво од она што ние можеме да си го замислиме. Дали некогаш си се изненадил од мирот што си го почувствувал откако сесрдно си му се помолил на Јехова? Таквото чувство е всушност „мирот Божји“ (w24.01 20, пас. 2; 21, пас. 4).
Среда, 29 октомври
Ќе те фалам, о Јехова, Боже мој, со сето свое срце, ќе го славам твоето име довека (Пс. 86:12)
Оние што го сакаат Бог се поттикнати да го фалат неговото име со сето срце. Цар Давид знаел дека, кога го фалиме Јеховиното име, ние, всушност, го фалиме Јехова. Кога ќе го слушнеме името Јехова, ние помислуваме на тоа каква личност е тој, на неговите прекрасни особини и на неговите извонредни дела. Давид сакал да го фали името на својот небесен Татко бидејќи го сметал за нешто свето. Тој сакал да го прави тоа „со сето свое срце“. Слично на тоа, левитите предводеле во фалењето на Јехова. Тие понизно признале дека нивните зборови никогаш не би можеле во потполност да ја изразат сета фалба што Јеховиното свето име ја заслужува (Неем. 9:5). Без сомнение, таквата понизна, сесрдна фалба го радувала срцето на Јехова (w24.02 9, пас. 6).