Сабота, 26 јули
Угледајте се на Бог, како негови љубени деца (Еф. 5:1)
Денес, ние можеме да го фалиме Јехова така што ќе зборуваме за него на начин кој покажува колку сме му благодарни и колку многу го сакаме. Кога проповедаме, наша главна цел е да им помогнеме на другите да станат блиски со Јехова и да го чувствуваат истото што го чувствуваме ние за нашиот сакан Татко (Јак. 4:8). Радосни сме што можеме да им покажеме на луѓето како Библијата го опишува Јехова. Таа ни ги открива неговите прекрасни особини, како што се љубовта, правдата, мудроста и моќта. Исто така, ние го фалиме Јехова и го радуваме кога даваме сѐ од себе за да го следиме неговиот пример. На тој начин, покажуваме дека се разликуваме од овој злобен свет. Луѓето можеби ќе забележат дека сме поинакви и можеби ќе се прашуваат зошто (Мат. 5:14-16). Кога сме во контакт со нив во нашиот секојдневен живот, имаме можност да им објасниме зошто се разликуваме. Како резултат на тоа, искрените лица се привлечени кон нашиот Бог. Кога го фалиме Јехова на овие начини, го радуваме неговото срце (1. Тим. 2:3, 4; w24.02 10, пас. 7).
Недела, 27 јули
Да може да опоменува и да укорува (Тит 1:9)
За да станеш зрел христијанин, ќе треба да стекнеш корисни вештини. Тие ќе ти помогнат да извршуваш одговорности во собранието, да најдеш и да задржиш работа за да се издржуваш себеси или семејството, а ќе ти помогнат и да имаш добри односи со другите. На пример, научи добро да читаш и да пишуваш. Библијата вели дека оној човек што секој ден ја чита Божјата Реч и размислува за неа е среќен и успешен (Пс. 1:1-3). Со тоа што ја чита Библијата секој ден, тој подобро го запознава Јеховиниот начин на размислување, а тоа му помага јасно да размислува и да го применува она што го учи од Библијата (Изр. 1:3, 4). На нашите браќа и сестри им е потребна помошта од мажи кои ќе можат да ги поучуваат и да им даваат совети од Библијата. Ако знаеш добро да читаш и да пишуваш, ќе можеш да подготвуваш поучни говори и коментари со кои ќе ја зајакнеш верата на другите. Исто така, ќе можеш да запишуваш корисни белешки кои ќе ти помогнат да си ја зајакнеш својата вера и да ги храбриш другите (w23.12 26-27, пас. 9-11).
Понеделник, 28 јули
Оној што е со вас е поголем од оној што е со светот (1. Јов. 4:4)
Кога чувствуваш страв, размислувај што ќе направи Јехова во иднина кога Сатана повеќе нема да постои. На регионалниот конгрес во 2014 год. беше прикажан еден татко кој разговараше со своето семејство за тоа како би можеле да гласат стиховите од 2. Тимотеј 3:1-5 доколку со нив е проречено како ќе биде во рајот. Тој кажа: „Во новиот свет ќе настанат особено прекрасни времиња. Зашто, луѓето ќе се сакаат едни со други, ќе ги ценат духовните работи, ќе бидат скромни, нема да имаат превисоко мислење за себе, ќе го слават Бог, ќе бидат послушни на родителите, благодарни, лојални, обѕирни кон другите, спремни за каков и да било договор, секогаш ќе зборуваат добро за другите, ќе имаат самосовладување, ќе бидат благи, ќе ја сакаат добротата, ќе бидат доверливи, спремни да попуштат, понизни, повеќе ќе го сакаат Бог отколку уживањата, ќе имаат вистинска стравопочит кон Јехова. Со таквите биди близок“. Дали разговараш со своето семејство или со своите соверници за тоа каков ќе биде животот во новиот свет? (w24.01 6, пас. 13-14).