ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es25 стр. 67-77
  • Јули

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јули
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2025
  • Поднаслови
  • Вторник, 1 јули
  • Среда, 2 јули
  • Четврток, 3 јули
  • Петок, 4 јули
  • Сабота, 5 јули
  • Недела, 6 јули
  • Понеделник, 7 јули
  • Вторник, 8 јули
  • Среда, 9 јули
  • Четврток, 10 јули
  • Петок, 11 јули
  • Сабота, 12 јули
  • Недела, 13 јули
  • Понеделник, 14 јули
  • Вторник, 15 јули
  • Среда, 16 јули
  • Четврток, 17 јули
  • Петок, 18 јули
  • Сабота, 19 јули
  • Недела, 20 јули
  • Понеделник, 21 јули
  • Вторник, 22 јули
  • Среда, 23 јули
  • Четврток, 24 јули
  • Петок, 25 јули
  • Сабота, 26 јули
  • Недела, 27 јули
  • Понеделник, 28 јули
  • Вторник, 29 јули
  • Среда, 30 јули
  • Четврток, 31 јули
Секојдневно истражување на Писмото — 2025
es25 стр. 67-77

Јули

Вторник, 1 јули

Тој минуваше низ земјата, правејќи добро и лекувајќи (Дела 10:38)

Во сите негови зборови и постапки, вклучувајќи ги и чудата што ги направил, Исус совршено ги одразувал чувствата на својот Татко, како и неговиот начин на размислување (Јован 14:9). Кои поуки можеме да ги извлечеме од чудата на Исус? Тој и неговиот Татко многу нѐ сакаат. Додека бил на Земјата, својата голема љубов кон луѓето Исус ја покажал така што ја користел својата моќ да прави чуда со цел да им ги олесни страдањата. Во една прилика, двајца слепи мажи го молеле да им помогне (Мат. 20:30-34). Забележи дека Исус ги излекувал бидејќи му паднало жал. Грчкиот глагол што во овој стих е преведен со „му падна жал“ е сроден со зборот „утроба“ и укажува на силните емоции што ги чувствуваме длабоко во себе. Таквото длабоко сочувство, што е еден израз на љубов, исто така го поттикнало Исус да нахрани едно мноштво луѓе кои биле гладни и да излечи еден лепрозен човек (Мат. 15:32; Мар. 1:41). Може да бидеме сигурни дека Јехова — нашиот Бог кој има длабоко сочувство — и неговиот Син многу нѐ сакаат и чувствуваат болка кога ние страдаме (Лука 1:78; 1. Пет. 5:7). Тие сигурно едвај чекаат да ги отстранат сите проблеми што го измачуваат човештвото (w23.04 3, пас. 4-5).

Среда, 2 јули

Вие кои го сакате Јехова, мразете го злото! Тој ги чува душите на оние што му се лојални, од раката на злите тој ги избавува (Пс. 97:10)

Може да преземеме конкретни чекори за што помалку да бидеме изложени на погрешното размислување и ставовите кои се популарни во овој свет на Сатана. Може да си го полниме умот со корисни и чисти мисли така што ќе ја читаме и проучуваме Библијата. Друго нешто што може да ни помогне да ги отфрлиме погрешните мисли е тоа што ќе присуствуваме на собраниските состаноци и ќе учествуваме во службата на проповедање. А Јехова ни ветува дека нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме (1. Кор. 10:12, 13). Секој од нас треба да се моли повеќе од кога и да било порано за да може да му остане верен на Јехова во овие тешки последни денови. Јехова сака да го излеваме срцето пред него (Пс. 62:8). Кога му се молиш, слави го и благодари му за сѐ што прави. Моли го да ти дава храброст во службата на проповедање. Моли го да ти помогне да се справиш со кој и да било проблем, и да му се спротивставиш на секое искушение со кое можеби се соочуваш. Не дозволувај никој и ништо да те спречи редовно да му се молиш на Јехова (w23.05 7, пас. 17-18).

Четврток, 3 јули

Да размислуваме еден за друг и да се храбриме еден со друг (Евр. 10:24, 25)

Зошто присуствуваме на собраниските состаноци? Пред сѐ, за да го славиме Јехова (Пс. 26:12; 111:1). Исто така, на состаноците присуствуваме за да се охрабриме еден со друг во овие тешки времиња (1. Сол. 5:11). Кога ќе ја кренеме нашата рака и ќе дадеме коментар, придонесуваме да се остварат овие две цели. Но кога станува збор за коментирањето, некои работи можат да ни бидат предизвик. Можеби ни е тешко да коментираме или можеби многу сакаме да коментираме, но не добиваме можност за тоа толку често колку што би сакале. Како можеме да се справиме со овие предизвици? Апостол Павле рекол дека треба да се концентрираме на тоа „да се храбриме еден со друг“. Ќе ни биде полесно да кренеме рака за да коментираме ако имаме на ум дека можеме да ги охрабриме другите дури и ако нашата вера ја изразуваме со едноставни зборови. А ако не добиваме можност да коментираме толку често колку што би сакале, може да се радуваме што другите во собранието имаат можност да коментираат (1. Пет. 3:8; w23.04 20, пас. 1-3).

Петок, 4 јули

Нека оди во Ерусалим и повторно нека го изгради домот на Јехова (Езра 1:3)

Евреите кои биле во ропство во Вавилон околу 70 години добиле една прекрасна вест — дека можат да се вратат во својата татковина, Израел (Езра 1:2-4). Тоа било можно само со помош од Јехова. Вавилон обично не ги ослободувал своите заробеници (Иса. 14:4, 17). Но, Вавилон бил поразен и новиот владетел им кажал на Евреите дека можат да се вратат. Секој Евреин, особено ако бил глава на семејството, требало да донесе одлука — дали да замине од Вавилон или да остане. Не било лесно да се донесе една ваква одлука. Многумина биле престари за да тргнат на тој долг пат. А бидејќи повеќето од Евреите биле родени во Вавилон, за нив тоа бил единствениот дом за кој знаеле. За нив Израел била само земјата на нивните предци. Некои Евреи сигурно многу се збогатиле во Вавилон и затоа можеби им било тешко да ги остават своите удобни домови или работата и да се преселат во непозната земја (w23.05 14, пас. 1-2).

Сабота, 5 јули

Бидете подготвени (Мат. 24:44)

Божјата Реч нѐ поттикнува постојано да развиваме истрајност, сочувство и љубов. Во Лука 21:19 пишува: „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“. Во Колошаните 3:12 пишува: „Облечете се во... сомилост“. А во 1. Солуњаните 4:9, 10 стои: „И самите сте поучени од Бог да се сакате еден со друг... Но ве поттикнуваме, браќа, тоа да го правите уште повеќе“. Сите овие стихови биле упатени до учениците на Исус кои веќе покажувале истрајност, сочувство и љубов. Сепак, тие требало и понатаму да продолжат да ги развиваат овие особини. И ние мора да го правиме истото. За да успееш во тоа, размисли како христијаните во првиот век ги покажувале овие особини. Тоа ќе ти помогне да сфатиш како можеш да го следиш примерот на овие христијани и така да се подготвиш за големата неволја. Благодарение на тоа, кога ќе започне големата неволја, веќе ќе знаеш на кој начин да истраеш и ќе бидеш решен да истраеш и во тој период (w23.07 2, пас. 4; 3, пас. 8).

Недела, 6 јули

Таму ќе има пат, Пат на светоста (Иса. 35:8)

Без разлика дали сме помазаници или сме дел од „другите овци“ и ние треба да останеме на патот на светоста бидејќи нѐ води низ духовен рај денес, а во иднина ќе нѐ доведе до рајот каде што Божјето Царство ќе излее многу благослови (Јован 10:16). Почнувајќи од 1919 год. од н.е., милиони мажи, жени и деца излегле од Големиот Вавилон, лажните религии како целина, и почнале да одат по тој симболичен пат. Кога Евреите го напуштиле Вавилон, Јехова се погрижил да бидат отстранети препреките од патот (Иса. 57:14). А како е со денешниот „Пат на светоста“? Стотици години пред 1919 год., Јехова почнал да користи некои мажи кои имале длабока почит кон него за да помогнат да се расчисти патот за излез од Големиот Вавилон. (Спореди со Исаија 40:3.) Тие ги направиле потребните подготовки за да им овозможат подоцна на искрените луѓе да излезат од лажната религија и да влезат во духовниот рај каде што можат на исправен начин да му служат на Јехова заедно со неговиот народ (w23.05 15-16, пас. 8-9).

Понеделник, 7 јули

Служете му на Јехова со веселба! Дојдете пред него со радосен восклик! (Пс. 100:2)

Јехова сака да му служиме радосно и од срце (2. Кор. 9:7). Тогаш, дали ова значи дека треба да продолжиме да работиме на нашата духовна цел дури и ако немаме доволно мотивација? Размисли за примерот на апостол Павле. Тој рекол: „Го тепам своето тело и го држам во покорност како роб“ (1. Кор. 9:25-27). Значи, Павле се присилувал да го прави она што е исправно дури и кога немал желба да го прави она што Јехова го барал од него. Дали Јехова бил задоволен од службата на Павле? Секако дека бил, и затоа го наградил за неговиот труд (2. Тим. 4:7, 8). Слично како во случајот со Павле, Јехова е задоволен кога гледа дека се трудиме да ја оствариме нашата цел дури и кога немаме мотивација за тоа. Иако понекогаш можеби не правиме некоја активност затоа што ја сакаме, сепак Јехова е задоволен бидејќи знае дека ја правиме од љубов кон него. Исто како што го благословил Павле, Јехова ќе нѐ благослови и нас за трудот што го вложуваме (Пс. 126:5). А кога ќе го почувствуваме благословот од Јехова, можеби дури ќе добиеме и мотивација (w23.05 29, пас. 9-10).

Вторник, 8 јули

Јеховиниот ден доаѓа (1. Сол. 5:2)

Апостол Павле ги споредил оние што нема да го преживеат Јеховиниот ден со луѓе што спијат. Тие не се свесни ниту за она што се случува околу нив ниту дека времето одминува. Затоа, тие не можат да забележат кога нешто важно се случува и не можат да преземат нешто во врска со тоа. Повеќето луѓе денес спијат во духовен поглед (Рим. 11:8). Тие не веруваат во доказите дека живееме во последните денови и дека наскоро ќе започне големата неволја (2. Пет. 3:3, 4). Но, ние сме свесни дека со секој изминат ден е сѐ поважно да останеме будни (1. Сол. 5:6). Според тоа, мора да останеме смирени и сталожени. Зошто? За да не се вмешаме во денешните политички или општествени прашања. Како што се приближува Јеховиниот ден, притисокот да заземеме страна во овие работи ќе станува сѐ поголем. Сепак, не треба да бидеме премногу загрижени во врска со ова, бидејќи Божјиот дух може да ни помогне да останеме смирени и сталожени и да донесеме мудри одлуки (Лука 12:11, 12; w23.06 10, пас. 6-7).

Среда, 9 јули

Севишен Господару Јехова, сети се на мене, те молам, и дај ми сила (Суд. 16:28)

Што ти доаѓа на ум кога ќе го слушнеш името Самсон? Веројатно помислуваш на тоа дека бил човек со несекојдневна сила. И тоа навистина било така. Но, Самсон донел погрешна одлука поради која претрпел болни последици. Сепак, Јехова се концентрирал на тоа колку верен му бил Самсон во текот на целиот свој живот. Бог дозволил неговиот пример да биде запишан во Библијата за наша поука. Јехова го користел Самсон за да постигне извонредни работи со цел да им помогне на Израелците, кои биле негов избран народ. Стотици години по смртта на Самсон, Јехова со својот дух го поттикнал апостол Павле да го спомне и Самсон заедно со други луѓе кои покажале голема вера (Евр. 11:32-34). Примерот на Самсон може многу да нѐ охрабри. Тој се потпирал на Јехова дури и кога се наоѓал во особено тешки околности. Освен што неговиот пример може да нѐ охрабри, можеме и да научиме нешто од него (w23.09 2, пас. 1-2).

Четврток, 10 јули

Изнесете му ги своите барања на Бог (Фил. 4:6)

Нашата истрајност можеме да ја зајакнеме така што често ќе му се молиме на Јехова и отворено ќе му ги кажеме сите наши грижи (1. Сол. 5:17). Можеби во моментов не се соочуваш со некои големи тешкотии. Но, дали бараш помош од Јехова во молитва секогаш кога си вознемирен, збунет или оптоварен со грижи? Ако уште сега редовно бараш помош од Бог за твоите секојдневни проблеми, тогаш сигурно ќе го правиш тоа и кога ќе се соочиш со поголеми проблеми во иднина. Така ќе бидеш уверен дека Јехова најдобро знае кога и на кој начин да ти помогне (Пс. 27:1, 3). Ако уште сега истрајуваме додека се соочуваме со разни неволји, поголема е веројатноста дека ќе истраеме и во иднина, за време на големата неволја (Рим. 5:3). Зошто можеме да го кажеме ова? Многу браќа увиделе дека секогаш кога истрајале во некоја тешка ситуација, тоа им помогнало да се справат со следниот проблем. Истрајноста ги направила поцврсти така што им ја зајакнала верата дека Јехова секогаш е спремен да им помогне. А верата им помогнала да истраат и за време на следниот проблем (Јак. 1:2-4; w23.07 3, пас. 7-8).

Петок, 11 јули

Ќе имам обѕир кон тебе (1. Мој. 19:21)

Понизноста и сочувството го поттикнуваат Јехова да биде разумен. На пример, Јеховината понизност била очигледна кога планирал да ги уништи злобните луѓе во Содом. Преку своите ангели, Јехова му кажал на праведниот Лот да бега во планините. Лот се плашел да оди таму. Затоа, го замолил Јехова да му дозволи заедно со своето семејство да побегне во Сигор, еден мал град што Јехова имал намера да го уништи. Јехова можел да бара од Лот да постапи точно онака како што му кажал. Наместо тоа, Јехова му дозволил на Лот да оди во Сигор, иако тоа значело дека ќе треба да го поштеди тој град (1. Мој. 19:18-22). Со векови подоцна, Јехова покажал сочувство кон жителите на Ниневија. Тој го испратил пророкот Јона да им објави на злобните Ниневијци дека тие и нивниот град ќе бидат уништени. Но кога Ниневијците се покајале, Јехова се сожалил на нив и го поштедил градот (Јона 3:1, 10; 4:10, 11; w23.07 21, пас. 5).

Сабота, 12 јули

Го убија [Јоас] и го погребаа, но не во царската гробница (2. Лет. 24:25)

Што може да научиме од примерот на Јоас? Тој бил како дрво со кратки корења кое за да стои исправено морало да се потпре на нешто. Откако повеќе го немало Јодај — личноста врз која Јоас се потпирал — и откако почнал да ги слуша отпадниците, Јоас паднал во духовен поглед. Од овој пример јасно се гледа дека нашата послушност кон Бог не треба да зависи само од добриот пример на соверниците и членовите на семејството. За да останеме духовно јаки, мора да си ги зајакнеме љубовта и стравопочитта кон Јехова така што редовно ќе проучуваме, длабоко ќе размислуваме и ќе се молиме (Ерем. 17:7, 8; Кол. 2:6, 7). Јехова не бара многу од нас. Сѐ што бара е запишано во Проповедник 12:13 каде што пишува: „Бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди. Зашто, тоа е целата должност на човекот“. Ако имаме страв од Бог, ќе можеме да му останеме верни на Јехова без разлика со какви испити ќе се соочиме во иднина. Ништо нема да го уништи нашето пријателство со Јехова (w23.06 18-19, пас. 17-19).

Недела, 13 јули

Гледај, правам сѐ ново! (Отк. 21:5)

Божјата гаранција започнува на следниов начин: „Оној што седи на престолот рече“ (Отк. 21:5а). Ова е едно од трите места во книгата Откровение каде што Јехова лично зборува во виденијата. Значи, оваа гаранција не ја дал некој моќен ангел, дури ни воскреснатиот Исус, туку самиот Јехова. Овој факт е доказ дека можеме да имаме апсолутна доверба во она што тој го кажува потоа. Зошто? Бидејќи Јехова „не може да лаже“ (Тит 1:2). Значи, зборовите што ги читаме во Откровение 21:5, 6 сигурно ќе се исполнат. Да го разгледаме зборот „Гледај!“. Грчкиот збор кој е преведен со „гледај“ често се користи во книгата Откровение. Што рекол Бог потоа? Тој рекол: „Правам сѐ ново“. Точно е дека Јехова ќе ги направи овие промени во иднина. Но, бидејќи е толку сигурен дека ќе го исполни своето ветување, тој зборува за тие промени како веќе да се случуваат (Иса. 46:10; w23.11 3-4, пас. 7-8).

Понеделник, 14 јули

Излезе надвор и горко плачеше (Мат. 26:75)

Апостол Петар се борел со своите слабости. Да разгледаме неколку примери. Кога Исус објаснил дека ќе страда и ќе умре, токму онака како што било проречено во Библијата, Петар го прекорил (Мар. 8:31-33). Одново и одново, Петар и другите апостоли се расправале околу тоа кој од нив е најголем (Мар. 9:33, 34). Последната ноќ пред смртта на Исус, Петар постапил непромислено и му го отсекол увото на еден човек (Јован 18:10). Истата ноќ, Петар му подлегнал на стравот и три пати одрекол дека го познава својот пријател Исус (Мар. 14:66-72). Поради тоа, Петар горко заплакал. Исус не кренал раце од својот обесхрабрен апостол. Откако воскреснал, Исус му дал можност на Петар да покаже дека сѐ уште го сака. Тој го поттикнал Петар понизно да служи како пастир на неговите овчички (Јован 21:15-17). Петар бил спремен да го направи она што Исус му го кажал. Овој апостол бил во Ерусалим на Педесетница, и бил меѓу првите што биле помазани со свет дух (w23.09 22, пас. 6-7).

Вторник, 15 јули

Паси ги моите овчички (Јован 21:16)

Апостол Петар ги поттикнал старешините: „Пасете го Божјето стадо“ (1. Пет. 5:1-4). Ако си старешина, знаеме дека ги сакаш браќата и сестрите и дека сакаш да се грижиш за нив. Но, можеби понекогаш сметаш дека си премногу зафатен или премногу уморен за да ја извршуваш оваа задача. Што можеш да направиш? Кажи му на Јехова што те загрижува и колку многу сакаш да им помогнеш на твоите браќа и сестри. Петар напишал: „Ако некој служи, нека се потпира на силата што ја дава Бог“ (1. Пет. 4:11). Твоите браќа и сестри можеби се соочуваат со проблеми кои не можат потполно да се решат во овој свет. Но, не заборавај дека врховниот пастир, Исус Христос, може да направи за нив многу повеќе од кој и да било друг. Тој може да им помага и денес и во новиот свет. Она што Бог го бара од старешините е да ги сакаат своите браќа, да се грижат за нив и да му бидат „пример на стадото“ (w23.09 29-30, пас. 13-14).

Среда, 16 јули

Јехова знае дека размислувањата на мудрите се празни (1. Кор. 3:20)

Мора да внимаваме да не се потпираме на човечко размислување. Ако гледаме на работите од човечка гледна точка, би можело да се случи да заборавиме на Јехова и на неговите мерила (1. Кор. 3:19). „Мудроста на овој свет“ честопати ги поттикнува луѓето најважно да им биде да ги задоволат своите телесни желби. Некои христијани во Пергам и Тијатира го прифатиле размислувањето на луѓето околу нив кои биле неморални и обожавале идоли. Исус строго ги укорил и двете собранија бидејќи имале попустлив став кон сексуалниот неморал (Отк. 2:14, 20). И ние денес сме под притисок да прифатиме погрешни гледишта. Членовите на семејството или некој наш познајник можат да се обидат да влијаат врз нашите чувства и со тоа да нѐ натераат да прекршиме некои од Јеховините закони. На пример, тие може да тврдат дека не е толку страшно да се препуштиме на нашите желби и дека библиските морални мерила се застарени. Во некои ситуации, можеби ни се чини дека упатствата од Јехова не се доволно јасни. Можеби дури сме на искушение да одиме „преку она што е напишано“ (1. Кор. 4:6; w23.07 16, пас. 10-11).

Четврток, 17 јули

Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја (Изр. 17:17)

На Марија, мајката на Исус, ѝ била потребна сила. Таа останала бремена иако сѐ уште не била во брак. Марија немала свои деца и затоа немала никакво искуство како родител, а сега ќе требало да се грижи за детето кое еден ден ќе станело Месија. Освен тоа, сигурно многу ја загрижувало тоа што требало да му каже на својот свршеник Јосиф дека е бремена, а претходно никогаш немала сексуални односи (Лука 1:26-33). Како Марија ја добила силата што ѝ била потребна? Таа побарала помош од другите. На пример, го замолила ангелот Гавриел да ѝ објасни нешто повеќе во врска со задачата (Лука 1:34). Кратко потоа, таа патувала сѐ до „јудејските планини“ за да ја посети нејзината роднина Елисавета. Елисавета ја пофалила Марија и, поттикната од светиот дух, кажала едно охрабрувачко пророштво за детето кое Марија требало да го роди (Лука 1:39-45). Во таа прилика, Марија рекла за Јехова: „Моќни дела направи со својата рака“ (Лука 1:46-51). Преку Гавриел и Елисавета, Јехова ја зајакнал Марија (w23.10 14-15, пас. 10-12).

Петок, 18 јули

Нѐ направи царство, свештеници на својот Бог и Татко (Отк. 1:6)

Само ограничен број од Христовите ученици се помазани со свет дух и имаат посебен однос со Јехова. Овие 144.000 ќе служат како свештеници на небото со Исус (Отк. 14:1). Светињата во светиот шатор го претставува посебниот однос што помазаниците го имаат со Бог додека се на Земјата, како негови синови помазани со свет дух (Рим. 8:15-17). Светињата над светињите во светиот шатор го претставува небото, местото каде што престојува Јехова. „Завесата“, која ги одвојувала Светињата од Светињата над светињите, го претставува човечкото тело на Исус. Сѐ додека имал човечко тело, Исус не можел да влезе во небото како возвишен првосвештеник на духовниот храм. Благодарение на тоа што Исус спремно се откажал од своето човечко тело и го дал како жртва за луѓето, сите помазани христијани добиле можност да живеат на небото. И тие мора да се откажат од своето човечко тело за да можат да ја добијат небесната награда (Евр. 10:19, 20; 1. Кор. 15:50; w23.10 28, пас. 13).

Сабота, 19 јули

Нема да имам доволно време ако почнам да раскажувам за Гедеон (Евр. 11:32)

Гедеон одговорил смирено кога луѓето од племето на Ефрем го критикувале (Суд. 8:1-3). Тој не се разгневил. Тој покажал дека е понизен така што ги сослушал додека тие се жалеле и така што зборувал љубезно. Со тоа придонел да се смири напнатата ситуација. Мудрите старешини го следат примерот на Гедеон така што слушаат внимателно и одговараат благо доколку се критикувани (Јак. 3:13). На тој начин, тие придонесуваат за мирот во собранието. Кога другите го пофалиле за победата што ја извојувал над Мадијамците, Гедеон го свртел вниманието кон Јехова (Суд. 8:22, 23). Како можат именуваните браќа да го следат примерот на Гедеон? Така што сета заслуга за она што го постигнале ќе му ја припишат на Јехова (1. Кор. 4:6, 7). На пример, ако еден старешина е пофален за неговата способност на поучување, тој може да го насочи вниманието кон Божјата Реч, која е главниот извор од кој се поучуваме, или кон обуката што ја добиваме од Јеховината организација. Одвреме-навреме старешините би можеле да се прашаат дали привлекуваат преголемо внимание кон себеси (w23.06 4, пас. 7-8).

Недела, 20 јули

Вашите мисли не се мои мисли (Иса. 55:8)

Ако не го добиеме веднаш она за што се молиме, би можеле да се прашаме: „Дали се молам за исправната работа?“ Честопати си мислиме дека знаеме што е најдобро за нас. Но, работите за кои се молиме можеби нема да ни бидат корисни на долги патеки. Ако се молиме во врска со некој проблем, можеби има подобро решение од она за кое ние се молиме. А некои работи за кои се молиме можеби не се во склад со Јеховината волја (1. Јов. 5:14). Размисли за еден пример во кој родителите го молат Јехова да се погрижи нивното дете да остане во вистината. Се чини дека ова барање е на место. Но, Јехова нема да присили никого од нас да му служи. Тој сака сите ние, вклучувајќи ги и нашите деца, самите да избереме да му служиме (5. Мој. 10:12, 13; 30:19, 20). Затоа, родителите би можеле да го молат Јехова за нешто друго — да им помогне да допрат до срцето на нивното дете за тоа да биде поттикнато да го сака Јехова и да стане негов пријател (Изр. 22:6; Еф. 6:4; w23.11 21, пас. 5; 23, пас. 12).

Понеделник, 21 јули

Тешете се еден со друг (1. Сол. 4:18)

Зошто давањето утеха е важен начин на кој можеме да им покажеме на другите дека ги сакаме? Според едно стручно дело, грчкиот збор што тука е преведен со „тешете се“, значи „да бидеме покрај некого за да го охрабриме кога тој се соочува со тежок проблем“. Значи, кога тешиме некој брат или некоја сестра, ние всушност им помагаме да соберат сила и да продолжат верно да му служат на Јехова. Секогаш кога сме му рамо за плачење на некој наш соверник ние, всушност, му покажуваме дека го сакаме (2. Кор. 7:6, 7, 13). Сочувството и давањето утеха се тесно поврзани. На кој начин? Една сочувствителна личност е поттикната да ги теши другите и да прави нешто за да им го олесни страдањето. Значи, сочувството нѐ поттикнува да ги тешиме другите. Павле објаснил дека Јехова е поттикнат да ги теши луѓето поради сочувството што го има кон нив. Павле го опишал Јехова како „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ (2. Кор. 1:3; w23.11 9-10, пас. 8-10).

Вторник, 22 јули

Се радуваме и во неволји (Рим. 5:3)

Сите следбеници на Христос може да очекуваат неволји. Размисли за примерот на апостол Павле. На Солуњаните тој им го рекол следново: „Кога бевме кај вас, однапред ви зборувавме дека мора да нѐ снајдат неволји, а тоа... и се случи“ (1. Сол. 3:4). А на Коринќаните им напишал: „Не сакаме, браќа, да не знаете за неволјата што ни се случи... мислевме дека нема да преживееме“ (2. Кор. 1:8; 11:23-27). И христијаните денес може да очекуваат разни неволји (2. Тим. 3:12). Затоа што си покажал вера во Исус и си почнал да го следиш, твоите пријатели и роднини можеби се однесуваат лошо со тебе. Или можеби имаш проблеми на работното место поради твојата решеност во сѐ да постапуваш чесно (Евр. 13:18). Можеби си се соочил со противење од властите затоа што ја споделуваш со другите надежта што ја имаш. Но, без разлика со каков вид неволја можеби ќе се соочиме, Павле рекол дека треба да бидеме радосни (w23.12 10-11, пас. 9-10).

Среда, 23 јули

Ме озлогласивте (1. Мој. 34:30)

Јаков имал многу проблеми. Симеон и Леви, двајца од синовите на Јаков, му нанеле срам на семејството и на Јеховиното име. Освен тоа, саканата жена на Јаков, Рахела, умрела кога го раѓала нивното второ дете. И бидејќи во земјата завладеал голем глад, Јаков морал на стари години да се пресели во Египет (1. Мој. 35:16-19; 37:28; 45:9-11, 28). И покрај сѐ, Јаков никогаш не изгубил вера во Јехова и во неговите ветувања. За возврат, Јехова му покажал дека тој го има неговото одобрување. На пример, Јехова го благословил Јаков во материјален поглед. И замисли колку многу му бил благодарен на Јехова кога повторно го видел својот син Јосиф, за кој долго време мислел дека е мртов! Блиското пријателство со Јехова му помогнало на Јаков успешно да се справи со сите тешкотии (1. Мој. 30:43; 32:9, 10; 46:28-30). Ако и ние секогаш сме блиски со Јехова, ќе можеме успешно да се справиме со проблемите кои ќе се појават неочекувано (w23.04 15, пас. 6-7).

Четврток, 24 јули

Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува (Пс. 23:1)

Во Псалм 23, Давид ја изразил својата увереност дека Јехова го сака и дека се грижи за него. Тој го опишал блиското пријателство што постоело помеѓу него и неговиот Пастир, Јехова. Давид се чувствувал безбедно бидејќи му дозволувал на Јехова да го води и потполно се потпирал на него. Давид знаел дека Јехова ќе му ја покажува својата љубов секој ден од неговиот живот. Зошто бил толку уверен во тоа? Давид се чувствувал згрижено бидејќи Јехова секогаш му го давал она што му било потребно. Исто така, Давид знаел дека Јехова го смета за свој пријател и дека го има неговото одобрување. Затоа бил уверен дека, без разлика што ќе му се случи во иднина, Јехова ќе продолжи да се грижи за сите негови потреби. Тоа што Давид бил уверен дека Јехова го сака и дека ќе се грижи за него му помогнало да не биде премногу загрижен, туку да биде среќен и задоволен (Пс. 16:11; w24.01 28-29, пас. 12-13).

Петок, 25 јули

Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок (Мат. 28:20)

Од Втората светска војна наваму, Јеховините слуги слободно проповедаат во многу земји. Всушност, многу луѓе го запознале Јехова, и проповедничкото дело се одвива низ целиот свет. Денес, членовите на Водечкото тело продолжуваат да бараат водство од Христос. Тие сакаат упатствата што им ги даваат на браќата и сестрите да бидат во склад со начинот на кој Јехова и Исус гледаат на работите. Исто така, тие ги користат покраинските надгледници и старешините за да им даваат водство на собранијата. Помазаните старешини, а во поширока смисла и сите други старешини, се во Христовата „десна рака“ (Отк. 2:1). Се разбира, сите старешини се несовршени и прават грешки. Мојсеј и Исус Навин понекогаш правеле грешки, а истото било случај и со апостолите (4. Мој. 20:12; Ис. Нав. 9:14, 15; Рим. 3:23). Сепак, Христос внимателно ги води браќата од верниот роб и старешините, а и ќе продолжи да го прави тоа. Според тоа, имаме силни причини да покажуваме доверба во водството што Исус ни го дава преку оние што се поставени да предводат (w24.02 23-24, пас. 13-14).

Сабота, 26 јули

Угледајте се на Бог, како негови љубени деца (Еф. 5:1)

Денес, ние можеме да го фалиме Јехова така што ќе зборуваме за него на начин кој покажува колку сме му благодарни и колку многу го сакаме. Кога проповедаме, наша главна цел е да им помогнеме на другите да станат блиски со Јехова и да го чувствуваат истото што го чувствуваме ние за нашиот сакан Татко (Јак. 4:8). Радосни сме што можеме да им покажеме на луѓето како Библијата го опишува Јехова. Таа ни ги открива неговите прекрасни особини, како што се љубовта, правдата, мудроста и моќта. Исто така, ние го фалиме Јехова и го радуваме кога даваме сѐ од себе за да го следиме неговиот пример. На тој начин, покажуваме дека се разликуваме од овој злобен свет. Луѓето можеби ќе забележат дека сме поинакви и можеби ќе се прашуваат зошто (Мат. 5:14-16). Кога сме во контакт со нив во нашиот секојдневен живот, имаме можност да им објасниме зошто се разликуваме. Како резултат на тоа, искрените лица се привлечени кон нашиот Бог. Кога го фалиме Јехова на овие начини, го радуваме неговото срце (1. Тим. 2:3, 4; w24.02 10, пас. 7).

Недела, 27 јули

Да може да опоменува и да укорува (Тит 1:9)

За да станеш зрел христијанин, ќе треба да стекнеш корисни вештини. Тие ќе ти помогнат да извршуваш одговорности во собранието, да најдеш и да задржиш работа за да се издржуваш себеси или семејството, а ќе ти помогнат и да имаш добри односи со другите. На пример, научи добро да читаш и да пишуваш. Библијата вели дека оној човек што секој ден ја чита Божјата Реч и размислува за неа е среќен и успешен (Пс. 1:1-3). Со тоа што ја чита Библијата секој ден, тој подобро го запознава Јеховиниот начин на размислување, а тоа му помага јасно да размислува и да го применува она што го учи од Библијата (Изр. 1:3, 4). На нашите браќа и сестри им е потребна помошта од мажи кои ќе можат да ги поучуваат и да им даваат совети од Библијата. Ако знаеш добро да читаш и да пишуваш, ќе можеш да подготвуваш поучни говори и коментари со кои ќе ја зајакнеш верата на другите. Исто така, ќе можеш да запишуваш корисни белешки кои ќе ти помогнат да си ја зајакнеш својата вера и да ги храбриш другите (w23.12 26-27, пас. 9-11).

Понеделник, 28 јули

Оној што е со вас е поголем од оној што е со светот (1. Јов. 4:4)

Кога чувствуваш страв, размислувај што ќе направи Јехова во иднина кога Сатана повеќе нема да постои. На регионалниот конгрес во 2014 год. беше прикажан еден татко кој разговараше со своето семејство за тоа како би можеле да гласат стиховите од 2. Тимотеј 3:1-5 доколку со нив е проречено како ќе биде во рајот. Тој кажа: „Во новиот свет ќе настанат особено прекрасни времиња. Зашто, луѓето ќе се сакаат едни со други, ќе ги ценат духовните работи, ќе бидат скромни, нема да имаат превисоко мислење за себе, ќе го слават Бог, ќе бидат послушни на родителите, благодарни, лојални, обѕирни кон другите, спремни за каков и да било договор, секогаш ќе зборуваат добро за другите, ќе имаат самосовладување, ќе бидат благи, ќе ја сакаат добротата, ќе бидат доверливи, спремни да попуштат, понизни, повеќе ќе го сакаат Бог отколку уживањата, ќе имаат вистинска стравопочит кон Јехова. Со таквите биди близок“. Дали разговараш со своето семејство или со своите соверници за тоа каков ќе биде животот во новиот свет? (w24.01 6, пас. 13-14).

Вторник, 29 јули

Ти си по мојата волја! (Лука 3:22)

Многу нѐ охрабрува тоа што знаеме дека Јехова е задоволен од својот народ како група. Во Библијата пишува: „Јехова му се радува на својот народ“ (Пс. 149:4). Но, понекогаш некои толку многу се обесхрабрени што можеби се прашуваат: „Дали Јехова е задоволен од мене лично?“ Голем број верни слуги на Јехова од библиско време понекогаш се измачувале со вакви чувства (1. Сам. 1:6-10; Јов 29:2, 4; Пс. 51:11). Библијата јасно покажува дека несовршените луѓе можат да го стекнат Божјето одобрување. Како? Мора да покажуваме вера во Исус Христос и да се крстиме (Јован 3:16). На овој начин, јавно покажуваме дека сме се покајале за нашите гревови и дека сме му ветиле на Бог дека ќе ја вршиме неговата волја (Дела 2:38; 3:19). Јехова многу се радува кога ги преземаме овие чекори за да бидеме блиски пријатели со него. Сѐ додека даваме сѐ од себе за да живееме во склад со нашиот завет, Јехова ќе биде задоволен од нас и ќе нѐ смета за свои блиски пријатели (Пс. 25:14; w24.03 26, пас. 1-2).

Среда, 30 јули

Ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле (Дела 4:20)

Ние можеме да го следиме примерот на учениците на Исус така што ќе продолжиме да проповедаме дури и ако властите ни го забранат тоа. Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ни помогне да ја извршиме нашата служба. Затоа моли се за смелост и мудрост. Исто така, моли го Јехова да ти помогне да се справиш со проблемите. Многумина од нас се соочуваат со некој тежок проблем. На пример, некои имаат некаква болест или страдаат во емоционален поглед, на други им починал некој од најблиските, трети имаат семејни проблеми, а некои се соочуваат со прогонство или со нешто друго. А со сите овие проблеми е многу потешко да се справиме доколку во исто време се случуваат и други тешкотии како пандемии и војни. Ако минуваш низ некоја од овие тешки ситуации, отвори му го срцето на Јехова и кажи му како се чувствуваш, исто како што би му кажал на еден близок пријател. Биди уверен дека Јехова ќе ти помогне (Пс. 37:3, 5). Ако истрајно се молиме, тоа ќе ни помогне стрпливо да ги поднесеме неволјите (Рим. 12:12). Јехова знае низ што минуваат неговите слуги и ги слуша кога бараат помош од него (Пс. 145:18, 19; w23.05 5-6, пас. 12-15).

Четврток, 31 јули

Испитувајте што е прифатливо за Господарот (Еф. 5:10)

Кога треба да донесеме важни одлуки, потребно е да разбереме „што е Јеховината волја“ и потоа да постапиме во склад со неа (Еф. 5:17). Со тоа што се трудиме да најдеме библиски начела што се однесуваат на нашата ситуација, ние, всушност, се трудиме да разбереме како Бог размислува за таа работа. Потоа, ако ги примениме неговите начела, поголема е веројатноста дека ќе донесеме добри одлуки. „Злобниот“ — нашиот непријател Сатана — сака да бидеме толку зафатени со работите од овој свет што повеќе нема да имаме време за нашата служба за Бог (1. Јов. 5:19). На еден христијанин би можело лесно да му се случи вниманието главно да му биде насочено на парите, образованието или работата, наместо на разните можности што ги има за да му служи на Јехова. Тоа би било знак дека врз него влијае размислувањето на луѓето од светот. Се разбира, овие работи не се погрешни сами по себе. Но, тие никогаш не треба да бидат на прво место во нашиот живот (w24.03 24, пас. 16-17).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели