Четврток, 11 септември
Покажете им дека ги сакате (2. Кор. 8:24)
Можеме да покажеме љубов кон нашите браќа и сестри така што ќе ги примиме во нашиот круг на пријатели (2. Кор. 6:11-13). Многумина од нас се дел од некое собрание кое е составено од браќа и сестри со различно потекло и со различен карактер. Можеме да имаме поголема љубов кон сите нив ако се концентрираме на нивните добри особини. Со тоа што учиме да гледаме на другите онака како што Јехова гледа на нив, докажуваме дека ги сакаме. Љубовта ќе ни биде неопходна за време на големата неволја. Кога таа ќе започне, како ќе нѐ заштити Јехова? Размисли какво упатство му дал тој на својот народ кога бил нападнат древниот Вавилон: „Ајде, народе мој, влези во своите соби, каде што ќе бидеш на сигурно, и затвори ги вратите зад себе! Скриј се за миг дури да мине гневот!“ (Иса. 26:20). Ова упатство можеби ќе важи и за нас за време на големата неволја (w23.07 6-7, пас. 14-16).
Петок, 12 септември
Се менува лицето на овој свет (1. Кор. 7:31)
Јехова очекува да бидеме разумни. Прашај се: „Дали другите сметаат дека сум разумен, толерантен и спремен да попуштам? Или сметаат дека сум строг, крут или тврдоглав? Дали сум спремен да го сослушам мислењето на другите и да попуштам кога е соодветно?“ Колку сме поразумни, толку сме послични на Јехова и на Исус. Ќе покажеме дека сме разумни ако сме флексибилни кога ќе ни се сменат околностите. Таквата промена може да ни создаде неочекувани тешкотии. На пример, наеднаш може да се соочиме со сериозен здравствен проблем. Доколку во местото каде што живееме дојде до неочекувана промена во економската или политичката ситуација, тоа би можело многу да ни го отежни животот (Проп. 9:11). А може да ни биде тешко дури и ако организацијата нѐ замоли да извршуваме друга задача или да служиме на друго место. Ќе можеме успешно да се приспособиме на новите околности ако ги преземеме следниве четири чекори: 1) прифати ја реалноста, 2) мисли на иднината, 3) концентрирај се на позитивните работи и 4) прави нешто за другите (w23.07 21-22, пас. 7-8).
Сабота, 13 септември
Ти си Божји љубимец (Дан. 9:23)
Пророкот Даниел бил младо момче кога Вавилонците го одвеле во заробеништво во Вавилон, далеку од неговата татковина. Но, очигледно, Даниел им оставил голем впечаток на вавилонските службеници. Тие го гледале „она што го гледаат очите“. Забележале дека Даниел бил без недостаток, убав и од угледно семејство (1. Сам. 16:7). Од тие причини, Вавилонците го обучувале за да стане дел од високите кругови на нивното општество (Дан. 1:3, 4, 6). Јехова го сакал Даниел поради убавите особини што ги стекнал. Всушност, Даниел веројатно бил во доцните тинејџерски или раните 20-ти години кога Јехова го спомнал заедно со Ное и со Јов. Значи, Јехова сметал дека младиот Даниел е исто толку праведен колку што биле и Ное и Јов, кои верно му служеле на Бог со децении (1. Мој. 5:32; 6:9, 10; Јов 42:16, 17; Езек. 14:14). Јехова продолжил да го сака Даниел во текот на неговиот долг и необичен живот (Дан. 10:11, 19; w23.08 2, пас. 1-2).