ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es25 стр. 88-97
  • Септември

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Септември
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2025
  • Поднаслови
  • Понеделник, 1 септември
  • Вторник, 2 септември
  • Среда, 3 септември
  • Четврток, 4 септември
  • Петок, 5 септември
  • Сабота, 6 септември
  • Недела, 7 септември
  • Понеделник, 8 септември
  • Вторник, 9 септември
  • Среда, 10 септември
  • Четврток, 11 септември
  • Петок, 12 септември
  • Сабота, 13 септември
  • Недела, 14 септември
  • Понеделник, 15 септември
  • Вторник, 16 септември
  • Среда, 17 септември
  • Четврток, 18 септември
  • Петок, 19 септември
  • Сабота, 20 септември
  • Недела, 21 септември
  • Понеделник, 22 септември
  • Вторник, 23 септември
  • Среда, 24 септември
  • Четврток, 25 септември
  • Петок, 26 септември
  • Сабота, 27 септември
  • Недела, 28 септември
  • Понеделник, 29 септември
  • Вторник, 30 септември
Секојдневно истражување на Писмото — 2025
es25 стр. 88-97

Септември

Понеделник, 1 септември

Ќе ни дојде разденување од висините (Лука 1:78)

Бог му дал на Исус моќ да ги отстрани сите проблеми на човештвото. Со чудата што ги направил, Исус докажал дека може да ги реши сите проблеми кои ние самите никогаш не би можеле да ги решиме. На пример, тој има моќ да го отстрани коренот на проблемите што го измачуваат човештвото — наследениот грев и неговите последици, вклучувајќи ги болестите и смртта (Мат. 9:1-6; Рим. 5:12, 18, 19). Чудата што ги правел Исус докажале дека тој може да излекува „секаква болест“, па дури и да ги воскресне мртвите (Мат. 4:23; Јован 11:43, 44). Исто така, тој има моќ да смири силни бури и да ги ослободи луѓето од штетното влијание на демоните (Мар. 4:37-39; Лука 8:2). Колку е утешно тоа што знаеме дека Јехова му дал толку голема моќ на својот Син! Може да бидеме потполно уверени дека ќе се исполнат ветувањата за благословите што Божјето Царство ќе ги донесе во иднина. Чудата што ги правел Исус додека бил на Земјата покажуваат што ќе прави во многу поголема мера како небесен Цар на Божјето Царство (w23.04 3, пас. 5-7).

Вторник, 2 септември

Духот истражува сѐ, дури и Божјите длабочини (1. Кор. 2:10)

Ако си дел од големо собрание и имаш чувство дека братот кој ја води точката честопати не забележува дека и ти креваш рака, можеби си на искушение да се откажеш. Но немој да престанеш да креваш рака за да коментираш. Подготви си по неколку коментари за секој состанок. Ако водителот не те крене на почетокот од дискусијата, сѐ уште ќе имаш можност да коментираш во останатиот дел од состанокот. Кога се подготвуваш за проучувањето на Стражарска кула, размисли како секој пасус е поврзан со главната тема на статијата. Ако правиш така, веројатно ќе имаш за што да коментираш во текот на целата статија. Освен тоа, би можел да подготвиш коментари за оние пасуси во кои се зборува за подлабоки библиски вистини кои се потешки за објаснување. Зошто? Бидејќи за тој дел можеби ќе има помалку лица кои ќе сакаат да коментираат. Но што ако гледаш дека неколку состаноци по ред сѐ уште не ти била дадена можност да коментираш? Можеш да му кажеш на водителот на кое прашање би сакал да коментираш (w23.04 21-22, пас. 9-10).

Среда, 3 септември

Јосиф направи така како што го упати Јеховиниот ангел, па ја доведе дома својата жена (Мат. 1:24)

Јосиф спремно го следел Јеховиното водство, и поради тоа бил добар сопруг. Најмалку во три прилики тој добил упатства од Јехова во врска со неговото семејство. Во секоја од тие прилики, тој послушно го направил она што Јехова му го кажал, дури и кога тоа значело дека ќе треба да направи големи промени (Мат. 1:20; 2:13-15, 19-21). Поради тоа што го следел Јеховиното водство, Јосиф можел да ја штити Марија, да ја поддржува и да се грижи за неа. Замисли си колку се продлабочиле љубовта и почитта на Марија кон Јосиф поради сето она што тој го правел! Сопрузи, вие можете да го следите примерот на Јосиф така што ќе барате совети во Библијата за тоа како да се грижите за вашето семејство. Ако ги применувате тие совети, дури и ако тоа значи дека треба да направите некои промени, на тој начин ќе покажете дека ја сакате вашата сопруга и ќе си го зајакнете бракот. Една сестра од Вануату, која е во брак повеќе од 20 години, вели: „Кога маж ми бара водство од Јехова и го следи, повеќе го почитувам. Се чувствувам сигурно, и имам доверба во одлуките што ќе ги донесе“ (w23.05 21, пас. 5).

Четврток, 4 септември

Таму ќе има друм, пат, ќе се вика Пат на светоста (Иса. 35:8)

Евреите кои ќе се врателе од Вавилон ќе станеле „свет народ“ за својот Бог (5. Мој. 7:6). Сепак, тоа не значело дека тие Евреи не требало да направат некои промени со цел да му угодат на Јехова. Повеќето Евреи биле родени во Вавилон и многумина од нив очигледно прифатиле некои од ставовите и вредностите на Вавилонците. Неколку децении откако првите Евреи се вратиле во Израел, управителот Неемија бил запрепастен кога сфатил дека децата што се родиле во Израел не го знаеле хебрејскиот јазик (5. Мој. 6:6, 7; Неем. 13:23, 24). Како ќе можеле овие деца да научат да го сакаат Јехова и да му служат кога не разбирале хебрејски — главниот јазик на кој била пишувана Божјата Реч? (Езра 10:3, 44). Значи, овие Евреи требало да направат големи промени. Но, ќе им било многу полесно да ги направат тие промени бидејќи живееле во Израел каде што обожавањето на вистинскиот Бог постепено се обновувало (Неем. 8:8, 9; w23.05 15, пас. 6-7).

Петок, 5 септември

Јехова ги придржува сите што паѓаат и ги исправа сите што се наведнати (Пс. 145:14)

За жал, без разлика колку сме мотивирани или дисциплинирани, сепак можат да се појават пречки. На пример, „непредвидените настани“ можат да ни го одземат времето што ни е потребно за да работиме на нашата цел (Проп. 9:11). Можеби ќе се соочиме со некоја тешкотија која ќе нѐ обесхрабри или ќе ни ја одземе силата (Изр. 24:10). Бидејќи сме несовршени, може да направиме некои грешки кои ќе ни отежнат да ја оствариме нашата цел (Рим. 7:23). Или, едноставно може да се чувствуваме уморно (Мат. 26:43). Што може да ни помогне да ги надминеме ваквите пречки? Имај на ум дека, дури и ако се појави некоја пречка, тоа не значи дека треба да се откажеш. Библијата ни кажува дека одново и одново може да се соочуваме со проблеми или тешкотии. Но, исто така, таа јасно ни кажува дека, дури и ако паднеме, ние може пак да станеме. Со тоа што ќе продолжиш да се движиш напред и покрај пречките што ќе се појават, му докажуваш на Јехова дека сакаш да го радуваш. На Јехова сигурно му е многу мило кога гледа дека и понатаму се трудиш да ја оствариш твојата цел (w23.05 30, пас. 14-15).

Сабота, 6 септември

Бидете му пример на стадото (1. Пет. 5:3)

Пионерската служба му помага на еден млад христијанин да научи добро да соработува со различни луѓе. Исто така, му помага мудро да ги користи парите што ги заработува и да не троши повеќе отколку што има (Фил. 4:11-13). Еден добар начин на кој еден брат може да почне да служи полновремено, е така што ќе служи како помошен пионер, а тоа ќе му помогне да се подготви за да започне со општа пионерска служба. Таквата служба може да му овозможи да почне и со други видови полновремена служба, на пример како слуга за изградба или бетелски слуга. Сите браќа треба да се трудат да ги исполнат условите за да можат да им служат на своите соверници како собраниски старешини. Библијата вели дека браќата кои имаат желба да ја исполнат оваа цел сакаат „служба вредна за пофалба“ (1. Тим. 3:1). Најпрво, еден брат мора да ги исполни условите за да служи како слуга-помошник. Слуга-помошниците им помагаат на старешините на многу практични начини. И старешините и слуга-помошниците понизно им служат на браќата и сестрите и ревносно учествуваат во службата на проповедање (w23.12 28, пас. 14-16).

Недела, 7 септември

Додека уште беше момче, почна да го бара Богот на Давид, својот прататко (2. Лет. 34:3)

Цар Јосија имал 16 години кога почнал да го бара Јехова. Тој сакал да учи за Јехова и да ја врши Божјата волја. Но, животот на овој млад цар не бил лесен. Во тоа време, повеќето луѓе обожавале лажни богови. Затоа, на Јосија му била потребна храброст за да ги спречи да го прават тоа. И, Јосија навистина бил храбар! Уште пред да наполни 20 години, тој почнал да ја чисти земјата од обожавањето на лажните богови (2. Лет. 34:1, 2). Дури и ако си многу млад, ти можеш да одлучиш да го следиш примерот на Јосија така што ќе учиш за Јехова и за неговите прекрасни особини. Тоа може да те поттикне да му го заветуваш својот живот. Како тој завет ќе влијае врз твојот секојдневен живот? Лука, кој се крстил на 14 години, рекол: „Отсега натаму, службата за Јехова ќе ја ставам на прво место во мојот живот и ќе правам сѐ што можам за да го радувам“ (Мар. 12:30). Ако и ти ја имаш истата цел, ќе добиеш многу благослови од Јехова (w23.09 11, пас. 12-13).

Понеделник, 8 септември

Почитувајте ги оние што се трудат меѓу вас и предводат во делото на Господарот (1. Сол. 5:12)

Кога апостол Павле им го напишал ова писмо на Солуњаните, собранието во Солун постоело помалку од една година. Именуваните браќа веројатно биле неискусни и можеби правеле грешки. Сепак, тие заслужувале да бидат почитувани. Како што се приближува големата неволја, водството од старешините од нашето собрание можеби ќе ни биде потребно дури и повеќе отколку што ни е потребно сега. Можеби ќе изгубиме контакт со главното седиште и со подружницата. Затоа, многу е важно да научиме да ги сакаме и почитуваме нашите старешини уште сега. Што и да се случи, да останеме трезвени и да не се концентрираме на нивните слабости, туку на фактот дека Јехова преку Христос ги води овие верни браќа. Исто како што шлемот ја штити главата на еден војник, нашата надеж за спасение ги штити нашите мисли. Ние сфаќаме дека она што го нуди овој свет е безвредно (Фил. 3:8). Нашата надеж ни помага да имаме внатрешен мир и ни дава стабилност (w23.06 11-12, пас. 11-12).

Вторник, 9 септември

Глупавата жена е необуздана. Таа е олицетворение на лекомисленоста (Изр. 9:13)

Оние на кои им е упатена поканата од „глупавата жена“ стојат пред избор — дали да ја прифатат или да ја одбијат? Има многу добри причини зошто треба да се чуваме од сексуален неморал. „Глупавата жена“ вели: „Крадената вода е слатка“ (Изр. 9:17). На што се однесува „крадената вода“? Сексуалните односи меѓу маж и жена што се во брак, Библијата ги споредува со освежителна вода што извира од кладенец (Изр. 5:15-18). Еден маж и една жена кои се законски венчани можат да уживаат во чисти и прикладни сексуални односи во рамките на нивниот брак. Тоа е сосема спротивно на „крадената вода“ која може да се однесува на недозволени сексуални односи надвор од бракот. Луѓето кои прават такви неморални постапки обично се трудат да го скријат тоа од другите, исто како еден крадец кој обично краде во тајност. Ним „крадената вода“ може да им се чини особено слатка доколку мислат дека никој нема да дознае што прават. Колку се лажат самите себе! Јехова гледа сѐ. Нема ништо полошо од тоа да го изгубиме пријателството со Јехова. Таквата трагична загуба воопшто не е „слатка“ (1. Кор. 6:9, 10; w23.06 22, пас. 7-9).

Среда, 10 септември

Ако го правам тоа доброволно, имам награда, а ако го правам тоа против своја волја, сепак ми е доверена задача (1. Кор. 9:17)

Што треба да правиш ако забележиш дека твоите молитви станале механички или дека службата на проповедање си почнал да ја извршуваш рутински? Немој да заклучиш дека си го изгубил Јеховиниот дух. Бидејќи си несовршен, твоите чувства одвреме-навреме можат да се менуваат. Ако твојата ревност почнува да се намалува, размислувај за примерот на апостол Павле. Иако се трудел да го следи примерот на Исус, тој знаел дека понекогаш нема да има силна желба да го прави она што е потребно. Павле бил решен да ја извршува својата служба без разлика како можеби се чувствувал во моментот. Слично на тоа, не дозволувај твоите несовршени чувства да влијаат врз твоите одлуки. Биди решен да го правиш она што е исправно без разлика како се чувствуваш. Ако продолжиш да го правиш она што е исправно, со текот на времето твоите чувства можеби ќе се сменат (1. Кор. 9:16; w24.03 11-12, пас. 12-13).

Четврток, 11 септември

Покажете им дека ги сакате (2. Кор. 8:24)

Можеме да покажеме љубов кон нашите браќа и сестри така што ќе ги примиме во нашиот круг на пријатели (2. Кор. 6:11-13). Многумина од нас се дел од некое собрание кое е составено од браќа и сестри со различно потекло и со различен карактер. Можеме да имаме поголема љубов кон сите нив ако се концентрираме на нивните добри особини. Со тоа што учиме да гледаме на другите онака како што Јехова гледа на нив, докажуваме дека ги сакаме. Љубовта ќе ни биде неопходна за време на големата неволја. Кога таа ќе започне, како ќе нѐ заштити Јехова? Размисли какво упатство му дал тој на својот народ кога бил нападнат древниот Вавилон: „Ајде, народе мој, влези во своите соби, каде што ќе бидеш на сигурно, и затвори ги вратите зад себе! Скриј се за миг дури да мине гневот!“ (Иса. 26:20). Ова упатство можеби ќе важи и за нас за време на големата неволја (w23.07 6-7, пас. 14-16).

Петок, 12 септември

Се менува лицето на овој свет (1. Кор. 7:31)

Јехова очекува да бидеме разумни. Прашај се: „Дали другите сметаат дека сум разумен, толерантен и спремен да попуштам? Или сметаат дека сум строг, крут или тврдоглав? Дали сум спремен да го сослушам мислењето на другите и да попуштам кога е соодветно?“ Колку сме поразумни, толку сме послични на Јехова и на Исус. Ќе покажеме дека сме разумни ако сме флексибилни кога ќе ни се сменат околностите. Таквата промена може да ни создаде неочекувани тешкотии. На пример, наеднаш може да се соочиме со сериозен здравствен проблем. Доколку во местото каде што живееме дојде до неочекувана промена во економската или политичката ситуација, тоа би можело многу да ни го отежни животот (Проп. 9:11). А може да ни биде тешко дури и ако организацијата нѐ замоли да извршуваме друга задача или да служиме на друго место. Ќе можеме успешно да се приспособиме на новите околности ако ги преземеме следниве четири чекори: 1) прифати ја реалноста, 2) мисли на иднината, 3) концентрирај се на позитивните работи и 4) прави нешто за другите (w23.07 21-22, пас. 7-8).

Сабота, 13 септември

Ти си Божји љубимец (Дан. 9:23)

Пророкот Даниел бил младо момче кога Вавилонците го одвеле во заробеништво во Вавилон, далеку од неговата татковина. Но, очигледно, Даниел им оставил голем впечаток на вавилонските службеници. Тие го гледале „она што го гледаат очите“. Забележале дека Даниел бил без недостаток, убав и од угледно семејство (1. Сам. 16:7). Од тие причини, Вавилонците го обучувале за да стане дел од високите кругови на нивното општество (Дан. 1:3, 4, 6). Јехова го сакал Даниел поради убавите особини што ги стекнал. Всушност, Даниел веројатно бил во доцните тинејџерски или раните 20-ти години кога Јехова го спомнал заедно со Ное и со Јов. Значи, Јехова сметал дека младиот Даниел е исто толку праведен колку што биле и Ное и Јов, кои верно му служеле на Бог со децении (1. Мој. 5:32; 6:9, 10; Јов 42:16, 17; Езек. 14:14). Јехова продолжил да го сака Даниел во текот на неговиот долг и необичен живот (Дан. 10:11, 19; w23.08 2, пас. 1-2).

Недела, 14 септември

Во потполност да разберете што е ширината и должината и височината и длабочината на вистината (Еф. 3:18)

Кога одлучуваш дали да купиш некоја куќа, сигурно ќе сакаш да одиш и лично да го видиш секој детаљ од куќата што имаш намера да ја купиш. Нешто слично можеме да правиме и кога ја читаме и проучуваме Библијата. Ако ја читаш набрзина, ќе ги дознаеш само основните работи — „основните свети Божји објави“ (Евр. 5:12). Наместо тоа, како што е случај и со куќата, треба да навлезеш подлабоко за да ги откриеш скапоцените детали што се наоѓаат во неа. Одличен начин на кој можеш да ја проучуваш Библијата е да се трудиш да видиш како различните делови од нејзината порака се поврзани меѓу себе. Труди се да разбереш не само во што веруваш туку и зошто веруваш во тоа. За потполно да ја разбереме Божјата Реч, мора да ги проучуваме длабоките библиски вистини. Апостол Павле ги поттикнал браќата и сестрите темелно да ја проучуваат Божјата Реч за да можат во потполност да разберат „што е ширината и должината и височината и длабочината на вистината“. Тоа ќе им помогнело уште повеќе да бидат вкоренети и втемелени во нивната вера (Еф. 3:14-19). И ние треба да го правиме истото (w23.10 18, пас. 1-3).

Понеделник, 15 септември

Браќа, како пример за поднесување зло и за стрпливост нека ви послужат пророците кои зборуваа во името на Јехова (Јак. 5:10)

Во Библијата има многу примери за луѓе кои биле стрпливи. Би можел да истражуваш за нив за време на твоето лично проучување. На пример, иако Давид бил многу млад кога бил помазан за иден цар на Израел, тој требало да чека уште многу години за да почне да владее. Симеон и Ана верно му служеле на Јехова додека го чекале ветениот Месија (Лука 2:25, 36-38). Кога ќе ги проучуваш овие извештаи, обиди се да го најдеш одговорот на следниве прашања: Што можеби му помогнало на овој Божји слуга да покаже стрпливост? Како му користело тоа што бил стрплив? Како можам да го следам неговиот пример? Исто така, можеш да извлечеш корист од тоа што ќе ги проучуваш примерите на оние кои не покажале стрпливост (1. Сам. 13:8-14). Би можел да се прашаш: „Што можеби придонело да не бидат стрпливи? Кои биле последиците од тоа?“ (w23.08 24, пас. 15).

Вторник, 16 септември

Ние поверувавме и спознавме дека ти си Божјиот Светец (Јован 6:69)

Апостол Петар бил лојален. Тој не дозволил ништо да го спречи да го следи Исус. На пример, во една прилика Исус кажал нешто што неговите ученици не го разбрале (Јован 6:68). Без да чекаат објаснување, многумина престанале да го следат Исус. Но, не и Петар. Тој знаел дека само Исус ги има „зборовите на вечниот живот“. Исус знаел дека Петар и другите апостоли ќе го напуштат. Сепак, изразил доверба дека Петар ќе зајакне во духовен поглед и ќе му остане верен (Лука 22:31, 32). Исус бил свесен дека „духот... е спремен, но телото е слабо“ (Мар. 14:38). Затоа, дури и откако Петар одрекол дека го познава, Исус не се откажал од својот апостол. Откако воскреснал, Исус му се појавил на Петар — очигледно додека Петар бил сам (Мар. 16:7; Лука 24:34; 1. Кор. 15:5). Замисли колку тоа го охрабрило овој разочаран апостол! (w23.09 22, пас. 9-10).

Среда, 17 септември

Среќни се оние чии незаконски дела се простени и чии гревови се покриени (Рим. 4:7)

Бог ги простува или ги покрива гревовите на оние што имаат вера во него. Тој повеќе не им ги вбројува гревовите, односно потполно им ги простува (Пс. 32:1, 2). Бог ги смета таквите поединци за праведни поради нивната вера. Иако биле прогласени за праведни, Авраам, Давид и други верни Божји слуги сѐ уште биле несовршени и грешни. Но, поради нивната вера, Бог гледал на нив како да се беспрекорни, особено во споредба со оние кои немале вера во него (Еф. 2:12). Како што истакнал апостол Павле во своето писмо, за да бидеме пријатели со Бог мора да имаме вера. И Авраам и Давид требало да имаат вера за да бидат пријатели со Бог, а истото важи и за нас (w23.12 3, пас. 6-7).

Четврток, 18 септември

Секогаш му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните кои го објавуваат неговото име (Евр. 13:15)

Денес сите христијани ја имаат честа да му принесуваат жртви на Јехова така што ги користат своето време, сила и материјални средства за да му служат. Можеме да покажеме колку сме му благодарни на Јехова за честа што ни ја дал да му служиме така што ќе му ги принесуваме нашите најдобри жртви. Апостол Павле напишал кои работи секогаш мора да ги правиме за да го обожаваме Јехова (Евр. 10:22-25). Во нив е вклучено да му се молиме на Јехова, да им проповедаме на другите, да одиме на нашите состаноци и да се охрабруваме еден со друг толку повеќе колку што гледаме дека се приближува Јеховиниот ден. При крајот на книгата Откровение, Јеховиниот ангел вели: „Обожавај го Бог!“ (Отк. 19:10; 22:9, фус.). Ова го кажал двапати за да покаже колку е тоа важно. Никогаш да не ги заборавиме овие длабоки духовни вистини во врска со Јеховиниот голем духовен храм и огромната чест што ја имаме да му служиме на нашиот величествен Бог! (w23.10 29, пас. 17-18).

Петок, 19 септември

Да се сакаме еден со друг (1. Јов. 4:7)

Сите имаме желба „да се сакаме еден со друг“. Но, важно е да го имаме на ум предупредувањето што го дал Исус дека „кај мнозина љубовта ќе олади“ (Мат. 24:12). Исус не сакал да каже дека ова ќе се случи со повеќето негови ученици. Но, треба да бидеме претпазливи и да не дозволиме врз нас да влијае овој свет во кој луѓето сѐ помалку покажуваат љубов. Имајќи го ова на ум, да го разгледаме следново важно прашање: Што ќе ни помогне да дознаеме дали нашата љубов кон браќата и сестрите е силна? Еден начин на кој можеме да откриеме колку е силна нашата љубов е така што ќе се преиспитаме како реагираме во одредени ситуации во животот (2. Кор. 8:8). Апостол Петар спомнал една таква ситуација: „Пред сѐ, горливо сакајте се еден со друг, зашто љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Пет. 4:8). Значи, слабостите и несовршеноста на другите можат да ја стават на испит нашата љубов (w23.11 10, пас. 12-13).

Сабота, 20 септември

Сакајте се еден со друг! (Јован 13:34)

Не можеме да бидеме послушни на заповедта на Исус во врска со љубовта ако покажуваме љубов само кон одредени браќа и сестри во собранието. Се разбира, можеби со некои ќе се чувствуваме поблиски отколку со други, исто како што било случај и со Исус (Јован 13:23; 20:2). Но, апостол Петар нѐ потсетува дека треба да се трудиме да покажуваме „братска љубов“, односно срдечна семејна приврзаност кон сите наши браќа и сестри (1. Пет. 2:17). Петар нѐ поттикнал: „Сакајте се еден со друг силно и од срце“ (1. Пет. 1:22). Во овој контекст, да сакаме некого силно, значи да покажуваме љубов дури и кон некого кон кого ни е тешко да покажуваме љубов. На пример, што ако некој брат нѐ навреди или нѐ повреди на некој начин? Можеби природно ни доаѓа да му вратиме со иста мера наместо да му покажеме љубов. Сепак, Петар научил од Исус дека Бог не сака да се одмаздуваме (Јован 18:10, 11). Петар напишал: „Не враќајте зло за зло, ни навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте“ (1. Пет. 3:9). Ако имаш силна љубов кон другите, тоа ќе те поттикне да бидеш љубезен и обѕирен (w23.09 28-29, пас. 9-11).

Недела, 21 септември

Жените исто така треба да бидат умерени и верни во сѐ (1. Тим. 3:11)

Навистина е неверојатно колку брзо расте едно дете и станува возрасна личност. Се чини дека растот на едно дете се случува автоматски. Но, за некој да стане зрел христијанин, мора да вложи труд. Тоа не се случува автоматски (1. Кор. 13:11; Евр. 6:1). За да ја постигнеме оваа цел, треба да имаме близок однос со Јехова. Исто така, потребен ни е неговиот свет дух за да можеме да развиеме особини што му се допаѓаат нему, да стекнеме корисни вештини и да се подготвиме за одговорностите што можеби ќе ги имаме во иднина (Изр. 1:5). Кога ги создал луѓето, Јехова создал машки и женски пол (1. Мој. 1:27). Очигледно, мажите и жените се разликуваат во физички поглед, но има и други разлики меѓу нив. На пример, Јехова им дал на мажите и на жените одредени улоги, и затоа им се потребни особини и вештини кои ќе им помогнат да ги исполнат тие улоги (1. Мој. 2:18; w23.12 18, пас. 1-2).

Понеделник, 22 септември

Правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот (Мат. 28:19)

Дали Исус сакал другите да го користат името на неговиот Татко? Се разбира. Некои верски водачи можеби сметале дека Божјето име е премногу свето за да се изговара. Но, Исус никогаш не дозволил таквите небиблиски традиции да го спречат да го фали името на својот Татко. Размисли за времето кога тој излечил еден човек обземен од демони во герасинскиот крај. Луѓето се исплашиле и го молеле Исус да си оди и затоа тој не останал во тој крај (Мар. 5:16, 17). Сепак, Исус сакал и таму да се објави Јеховиното име. Затоа, на човекот што го излечил му рекол да им раскаже на луѓето, не за она што Исус го направил за него, туку за она што Јехова го направил (Мар. 5:19). Исус сака и ние денес да го правиме истото — да го објавуваме името на неговиот Татко низ целиот свет! (Мат. 24:14; 28:20). Кога го правиме тоа, ние го радуваме нашиот Цар, Исус (w24.02 10, пас. 10).

Вторник, 23 септември

Трпеше поради моето име (Отк. 2:3)

Навистина е голем благослов да се биде дел од Јеховината организација во овие последни и тешки денови. Животот во овој свет станува сѐ потежок и потежок. Но, Јехова ни дал едно обединето духовно семејство од браќа и сестри (Пс. 133:1). Исто така, тој ни помага да имаме среќен семеен живот (Еф. 5:33 — 6:1). И, ни ја дава мудроста што ни е потребна за да се справиме со грижите и да чувствуваме внатрешен мир. Сепак, ние мора да вложуваме голем труд за да продолжиме верно да му служиме на Јехова. Зошто? Затоа што понекогаш другите можеби ќе нѐ повредат со своите зборови или постапки. Исто така, може да се обесхрабриме поради нашите сопствени грешки, особено ако ги повторуваме истите грешки одново и одново. Ние треба да продолжиме да му служиме на Јехова 1) кога некој соверник ќе нѐ повреди, 2) кога брачниот партнер ќе нѐ разочара и 3) кога ќе се разочараме од себеси (w24.03 14, пас. 1-2).

Среда, 24 септември

Сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор (Фил. 3:16)

Одвреме-навреме, ќе чуеш искуства за браќа и сестри кои решиле да прават повеќе во службата за Јехова. Можеби присуствувале на Школата за полновремени објавители или се преселиле онаму каде што има поголема потреба. Ако околностите ти дозволуваат да си поставиш таква цел, немој да се двоумиш да го сториш тоа. Слугите на Јехова имаат голема желба да прават повеќе за него (Дела 16:9). Но, што ако во моментов не си во можност за такво нешто? Немој да мислиш дека помалку вредиш од оние што имаат таква можност. За нас како христијани е важно да истраеме до крајот (Мат. 10:22). Не заборавај дека Јехова многу се радува кога му служиш во склад со твоите способности и околности. Ова е еден важен начин на кој можеш да продолжиш да го следиш Исус и по крштавањето (Пс. 26:1; w24.03 10, пас. 11).

Четврток, 25 септември

Милостиво ни ги прости сите наши престапи (Кол. 2:13)

Нашиот небесен Татко ветил дека ќе ни прости ако се каеме (Пс. 86:5). Значи, ако навистина ни е жал за гревовите што сме ги направиле, можеме да имаме доверба дека Јехова си стои на зборот и дека ни простил. Не заборавај дека Јехова не е крут. Тој е разумен и никогаш не очекува повеќе од она што реално можеме да го направиме. Тој го цени сето она што го правиме за него сѐ додека му го даваме нашето најдобро. Исто така, размислувај за некои личности од Библијата кои му служеле на Јехова со сето срце. На пример, размисли за апостол Павле. Тој ревносно служел со години, при што пропатувал илјадници километри и основал многу собранија. Но дали Јехова повеќе не бил задоволен од него кога околностите му се смениле и не можел да проповеда толку како порано? Не. Тој продолжил да го прави она што можел, и Јехова го благословил (Дела 28:30, 31). Слично на тоа, во зависност од околностите, она што му го даваме на Јехова понекогаш можеби ќе се менува. Но, за него е најважно од кој мотив го правиме тоа (w24.03 27, пас. 7, 9).

Петок, 26 септември

Рано изутрината, [Исус] отиде на осамено место и таму се молеше (Мар. 1:35)

Со молитвите што му ги упатувал на Јехова, Исус им оставил пример на своите ученици. Додека ја извршувал својата служба на Земјата, тој често се молел. Исус морал да си одвојува време за молитва бидејќи честопати бил зафатен и меѓу многу луѓе (Мар. 6:31, 45, 46). Станувал рано наутро за да може насамо да се моли. Најмалку во една прилика, тој се молел цела ноќ пред да донесе една важна одлука (Лука 6:12, 13). А ноќта пред да умре и пред да го изврши најтешкиот дел од својата служба на Земјата, Исус се помолил неколку пати (Мат. 26:39, 42, 44). Од примерот на Исус учиме дека без разлика колку сме зафатени, треба да си одвојуваме време за молитва. Исто како Исус, можеби и ние ќе треба да испланираме конкретно време за молитва. Можеби ќе треба да станеме порано наутро или да останеме малку подоцна навечер. Ако правиме така, ќе му покажеме на Јехова дека ја цениме молитвата како скапоцен подарок од него (w23.05 3, пас. 4-5).

Сабота, 27 септември

Љубовта Божја е излеана во нашите срца преку светиот дух, кој ни е даден (Рим. 5:5)

Забележи го зборот „излеана“ во денешниот стих. Според еден библиски речник, овој стих ја пренесува мислата дека Јеховината љубов кон помазаниците е толку силна што може да се спореди со река што се прелева. Оваа споредба јасно покажува колку многу Јехова ги сака помазаниците. Тие знаат дека Бог ги сака (Јуда 1). Апостол Јован ги изразил нивните чувства со следниве зборови: „Видете каква љубов ни дал Таткото, да се наречеме деца Божји“ (1. Јов. 3:1). Дали Јехова ги сака само помазаниците? Не. Јехова докажал дека нѐ сака сите нас. Кој е најголемиот доказ за Јеховината љубов? Тоа е откупнината — најголемиот чин на љубов во универзумот! (Јован 3:16; Рим. 5:8; w24.01 28, пас. 9-10).

Недела, 28 септември

Ќе се повлечат моите непријатели, во денот кога ќе те повикам. Добро знам дека Бог е со мене (Пс. 56:9)

Овој стих открива што му помогнало на Давид да ги победи своите стравови. Иако неговиот живот бил во опасност, тој размислувал за она што Јехова допрва ќе го направи за него. Давид знаел дека Јехова ќе го избави во вистинското време. Всушност, Јехова веќе го прогласил за следен цар на Израел (1. Сам. 16:1, 13). На секое ветување од Јехова, Давид гледал како да е веќе исполнето. Што ветил Јехова дека ќе направи за тебе? Ние не очекуваме тој да нѐ заштити од сите проблеми. Но не заборавај дека, без разлика со какви неволји можеби се соочуваш во овој свет, Јехова ќе ги отстрани во новиот свет што доаѓа (Иса. 25:7-9). Нашиот Творец е толку моќен што може да ги воскресне мртвите, да нѐ излекува и да ги отстрани сите противници (1. Јов. 4:4; w24.01 6, пас. 12-13).

Понеделник, 29 септември

Среќен е оној кому престапот му е простен, кому гревот му е покриен (Пс. 32:1)

Размислувај зошто си му го заветувал својот живот на Јехова и си се крстил. Овие чекори си ги презел бидејќи си сакал да застанеш на страната на Јехова. Потсети се што ти помогнало да се увериш дека си ја нашол вистината. Си го запознал Јехова и си почнал да го почитуваш и да го сакаш како свој небесен Татко. Си стекнал вера и си бил поттикнат да се покаеш. Твоето срце те поттикнало да престанеш да ги правиш работите што Јехова ги мрази и да почнеш да го правиш она што го радува. Си почувствувал големо олеснување кога си сфатил дека Бог ти простил (Пс. 32:2). Си почнал да присуствуваш на состаноците и да им кажуваш на другите за прекрасните работи што си ги научил. Сега, како крстен Јеховин сведок, чекориш по патот што води до живот и си решен да продолжиш да одиш по него засекогаш (Мат. 7:13, 14). Остани цврст, постојано биди му оддаден на Јехова и биди послушен на сите негови заповеди (w23.07 17, пас. 14; 19, пас. 19).

Вторник, 30 септември

Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите (1. Кор. 10:13)

Тоа што ќе размислуваш за заветот што си му го дал на Јехова во молитва ќе ти даде сила да му се спротивставиш на секое искушение. На пример, дали ќе почнеш да флертуваш со некој што е во брак? Се разбира дека не! Ти веќе си му ветил на Јехова дека никогаш нема да направиш такво нешто. Ако не дозволиш во тебе да се развијат неисправни чувства, подоцна нема да мора да се трудиш да ги искорениш. Со тоа, ќе се тргнеш од „патеката на расипаните луѓе“ (Изр. 4:14, 15). Може да ти помогне тоа што ќе размислуваш за примерот на Исус. Тој бил решен да го радува својот Татко. Исто како Исус, биди решен брзо и одлучно да отфрлиш сѐ што не му е по волја на Богот на кого си му дал завет (Мат. 4:10; Јован 8:29). Факт е дека неволјите и искушенијата ти даваат можност да покажеш дека си решен да продолжиш да го следиш Исус. Додека го правиш тоа, можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе ти помага (w24.03 9-10, пас. 8-10).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели