Сабота, 13 септември
Ти си Божји љубимец (Дан. 9:23)
Пророкот Даниел бил младо момче кога Вавилонците го одвеле во заробеништво во Вавилон, далеку од неговата татковина. Но, очигледно, Даниел им оставил голем впечаток на вавилонските службеници. Тие го гледале „она што го гледаат очите“. Забележале дека Даниел бил без недостаток, убав и од угледно семејство (1. Сам. 16:7). Од тие причини, Вавилонците го обучувале за да стане дел од високите кругови на нивното општество (Дан. 1:3, 4, 6). Јехова го сакал Даниел поради убавите особини што ги стекнал. Всушност, Даниел веројатно бил во доцните тинејџерски или раните 20-ти години кога Јехова го спомнал заедно со Ное и со Јов. Значи, Јехова сметал дека младиот Даниел е исто толку праведен колку што биле и Ное и Јов, кои верно му служеле на Бог со децении (1. Мој. 5:32; 6:9, 10; Јов 42:16, 17; Езек. 14:14). Јехова продолжил да го сака Даниел во текот на неговиот долг и необичен живот (Дан. 10:11, 19; w23.08 2, пас. 1-2).
Недела, 14 септември
Во потполност да разберете што е ширината и должината и височината и длабочината на вистината (Еф. 3:18)
Кога одлучуваш дали да купиш некоја куќа, сигурно ќе сакаш да одиш и лично да го видиш секој детаљ од куќата што имаш намера да ја купиш. Нешто слично можеме да правиме и кога ја читаме и проучуваме Библијата. Ако ја читаш набрзина, ќе ги дознаеш само основните работи — „основните свети Божји објави“ (Евр. 5:12). Наместо тоа, како што е случај и со куќата, треба да навлезеш подлабоко за да ги откриеш скапоцените детали што се наоѓаат во неа. Одличен начин на кој можеш да ја проучуваш Библијата е да се трудиш да видиш како различните делови од нејзината порака се поврзани меѓу себе. Труди се да разбереш не само во што веруваш туку и зошто веруваш во тоа. За потполно да ја разбереме Божјата Реч, мора да ги проучуваме длабоките библиски вистини. Апостол Павле ги поттикнал браќата и сестрите темелно да ја проучуваат Божјата Реч за да можат во потполност да разберат „што е ширината и должината и височината и длабочината на вистината“. Тоа ќе им помогнело уште повеќе да бидат вкоренети и втемелени во нивната вера (Еф. 3:14-19). И ние треба да го правиме истото (w23.10 18, пас. 1-3).
Понеделник, 15 септември
Браќа, како пример за поднесување зло и за стрпливост нека ви послужат пророците кои зборуваа во името на Јехова (Јак. 5:10)
Во Библијата има многу примери за луѓе кои биле стрпливи. Би можел да истражуваш за нив за време на твоето лично проучување. На пример, иако Давид бил многу млад кога бил помазан за иден цар на Израел, тој требало да чека уште многу години за да почне да владее. Симеон и Ана верно му служеле на Јехова додека го чекале ветениот Месија (Лука 2:25, 36-38). Кога ќе ги проучуваш овие извештаи, обиди се да го најдеш одговорот на следниве прашања: Што можеби му помогнало на овој Божји слуга да покаже стрпливост? Како му користело тоа што бил стрплив? Како можам да го следам неговиот пример? Исто така, можеш да извлечеш корист од тоа што ќе ги проучуваш примерите на оние кои не покажале стрпливост (1. Сам. 13:8-14). Би можел да се прашаш: „Што можеби придонело да не бидат стрпливи? Кои биле последиците од тоа?“ (w23.08 24, пас. 15).