Младите прашуваат . . .
Треба ли да играм компјутерски или видеоигри?
Те опколиле! Но ни оддалеку не си беспомошен. Ги испалуваш ласерските топови, покосувајќи го твојот непријател како жито. Проблемот е во тоа што колку повеќе пукаш толку повеќе непријатели се појавуваат. Според тоа, имаш само еден избор ако сакаш да преживееш — да убиеш сѐ што ти е пред очи. Додека пукаш, непријателите погинуваат во поток од крв . . .
„ЗАБАВА која го кине ’рбетот, го растргнува месото и ја распрснува главата!“ На овој начин, еден пишувач за едно списание со воодушевеност ја опишал последната верзија од една популарна компјутерска игра. Всушност, тоа е само една од новата генерација компјутерски и видеоигри кои им дозволуваат на играчите да изведат возбудливи фантазии. Претходните изданија изгледаат прилично питоми во споредба со овие крвави, честопати садистичко насилни игри.
Сепак, насилните видео и компјутерски игри во голема мера се популарни меѓу младите луѓе. И поради тоа што, според проценките, една третина од сите домаќинства во Соединетите Држави имаат некаков вид електронски систем на игри, милиони млади имаат пристап кон нив. За младите чии домови не се толку опремени, можеби ќе биде потребно само една кратка прошетка до домот на пријателот или до локалната просторија за видеоигри за да ги играат истите.
Како е со тебе? Дали ти си бил во искушение самиот да купиш — или барем да пробаш — некои од овие нови игри? Па, откако ќе ги испиташ сите факти, можеби уште еднаш ќе помислиш дали да го сториш тоа.
Сите игри не се исти!
Прво, нека ни биде јасно дека сите видео и компјутерски игри не се за приговарање или насилни. Многу игри се образовни; тие учат предмети како што се географија, математика и дактилографија на еден жив и забавен начин. Други игри претставуваат предизвик за рефлексите, стимулирајќи такви спортови како што се кошарка и хокеј. Постојат и високотехнолошки загатки кои го подбудуваат интересот на умот и го ставаат пред предизвик.
Се разбира, дури и најдобрите игри можат да одземат многу време. Библијата ги поттикнува христијаните да ‚го откупуваат времето‘, односно мудро да го користат времето за духовни активности (Ефесјаните 5:16, НС). Меѓутоа, Библијата не бара секој буден момент да се троши во работа или во проучување. Напротив, таа нѐ потсетува дека има „време кога се смее . . . и време кога се игра“ (Проповедник 3:4). Ако се умерени, забавните активности можат да бидат освежувачки и здрави.
Но, треба да бидеме свесни дека многу од овие игри изгледа дека се наменети да ги натераат играчите да потрошат премногу време. Во некои од нив се трошат часови во совладувањето на некоја игра до еден одреден степен, пред играчот да открие дека уште неколку степени — неминовно позаплеткани и посложени — мора да се освојат пред крајот! Постојат и игри кои се чини дека малку даваат за возврат за толку многу напор. Ден и Сем, двајца христијански телесни браќа, со ентузијазам играле една игра која им ветувала дека ќе им помогне да ги решаваат математичките проблеми. Меѓутоа, наскоро сфатиле дека побрзо решаваат математика на хартија отколку на екранот!
Значи, дури и со оние компјутерски и видеоигри кои се во разумна мера здрави, постои потреба да се биде избирлив. Ден и Сем велат: „Ако пазаруваш доволно внимателно, обично можеш да најдеш добра игра“. Но, сосема е логично да избегнуваш да трошиш многу пари на игри кои само доведуваат до тоа некому бргу да му се здосади. Еден родител ги охрабрува своите синови да се ограничат на игри кои ќе им помогнат во предметите кои ги учат на училиште.
Нивната помрачна страна
За жал, сите компјутерски и видеоигри не се безопасна забава — а уште помалку образовна. Голем дел од денешните забавни компјутерски програми се сосредоточуваат на она што Библијата го нарекува „делата на телото“ — нечисти постапки кои Бог ги осудува. Меѓу таквите осудени „дела“ е „вршењето спиритизам“ (НС) (Галатјаните 5:19—21). Навистина, вршењето магии му е ‚гнасно‘ на Јехова Бог (5. Мојсеева 18:10—12).
Меѓутоа, многу од денешните игри длабоко се заглибени во спиритизам и магија! За да се победи, во една игра мора да се користат „магични уроци“. Играчите се упатени: „Кога си подготвен да го фрлиш урокот, притисни на молњата во аголот долу десно на менито, потоа притисни на суштеството кое сакаш да го спржиш“. Зарем таквите игри не би можеле да развијат нездрава љубопитност за демонските сили?
А како е со изложувањето на големи дози страшно насилство? U.S.News & World Report кажува за две популарни игри кои прикажуваат „откинување на срцето на противникот“ и „вампири кои продупчуваат дупки во оскудно облечени тинејџерки“. Иако некои можеби го отфрлаат компјутеризираното крвопролевање како безопасна фантазија, во Псалм 11:5 (НС) Библијата предупредува: „Самиот Јехова го испитува праведниот како и злобниот, и Неговата душа секако мрази секој кој го љуби насилството“. (Спореди Исаија 2:4.)
На компјутерскиот екран, исто така, можно е да се побара ефтина порнографија. Голотијата и отворено прикажаниот секс станале толку вообичаена глетка што произведувачите на игри во САД произвеле систем на оценување за да ги предупредат купувачите на одвратните игри. Но, малку продавачи се чини дека се спремни да го контролираат она што им се продава на младите. „Нашата единствена обврска е да им го дадеме на муштериите она што го сакаат“, вели еден продавач. Сепак, запрашајте се: ‚Дали изложеноста на сексуално возбудливи слики ќе ми помогне да ги задржам своите мисли на работите кои се „праведни, чисти, љубезни и добродетелни“?‘ (Филипјаните 4:8).
Зависен!
Вистина, стручњаците дебатираат околу тоа како компјутеризираната игра вистински влијае врз младите. Една студија во списанието New Scientist‚ оптимистично заклучила дека таквите игри „не се во коренот на причината за лошото однесување“. Сепак, 97 проценти од младите луѓе кои биле анкетирани во таа студија „мислеле дека е возможно да се стане зависен од игрите“. Младите рекле дека игрите во просторијата за видеоигри биле особено штетни затоа што „ги охрабрувале играчите да трошат повеќе пари“.
Може ли навистина да се стане зависен од овие игри? За некои играчи изгледа дека може. Една млада девојка, за Разбудете се! рекла: „Мислиш само на тоа како да стигнеш до крајот и да победиш“. Еден млад дечко се сеќава на нешто слично: „Трошев часови обидувајќи се да откријам како да ги убијам сите и да стигнам до следното ниво на играта“.
Можеби си мислиш дека никогаш не би можел да бидеш толку многу обземен со една игра. Но размисли за тоа како телевизиските шоуа и филмови манипулираат со чувствата на луѓето — поттикнувајќи ги на солзи, гнев или на извици од возбуда. Тогаш, замисли си програма која не само што има возбудлив заплет, уникатни ликови и блескави специјални ефекти туку која дозволува ти да бидеш супер херојот. Дали би било лесно да одолееш во потполност да се вклучиш во неа? Затоа, не изненадува тоа што некои играчи имаат тешкотија да ја одвојат фантазијата од реалноста. Еден млад човек се сеќава: „Влијанието од играњето насилни игри беше толку лошо што дури си замислував дека раката ми е пиштол и ја вперував во луѓето“.
Мудро избери
Во случај родителите да не ја ограничуваат употребата на компјутерските или видеоигрите, младите треба да го земат предвид советот во Проповедник 2:14: „На мудриот очите му се во главата негова“. Тоа значи дека мудриот гледа каде оди и гледа што лежи пред него. Навистина, светот на компјутерската забава веќе содржи многу работи што се во спротивност со спознанието за Бог. (Спореди 2. Коринтјаните 10:5.) И кој знае што ли ќе измислат понатаму софтвер магионичарите? Затоа, пред некој млад човек да купи игра или да изнајми некоја игра, треба прво да се запраша: ‚За што се работи? Дали нејзиното име укажува на склоности кон окултизам? Дали сликата на омотот покажува морничаво насилство?‘
Во најдобар случај, електронските игри можат во одредена мера да дадат здрава забава и поука. Но, дали тие се толку вредни за да заземат голем дел од твоето скапоцено време? Четиринаесетгодишниот Сем, кој претходно беше споменат, раскажува: „Нашиот татко никогаш не ни рекол отворено дека не можеме да имаме видеоигри. Но нѐ запраша: ‚Што има толку интересно во тоа да притискаш копче и да гледаш како некој трча или скока по екранот?‘ “ „Сега тоа е и наш начин на размислување“, додава неговиот брат Ден.
Да, не заборавај дека постојат други — можеби попродуктивни — начини да се забавуваш, како што се читање, занимавање со некоја уметност и занает, учествување во здрави спортови, пеење или да се научи да се свири на музички инструмент. Многу е покорисно да се троши времето ‚вежбајќи се во божествена оддаденост како своја цел‘ (1. Тимотеј 4:7, НС). Тоа ќе биде од далеку поголема вредност отколку да се игра некоја електронска игра.
[Истакната мисла на страница 19]
Деведесет и седум проценти од младите луѓе кои биле анкетирани во една студија „мислеле дека е возможно да се стане зависен од игрите“.
[Слика на страница 20]
Може ли играњето насилни видеоигри навистина да ти наштети?