Верувај во Јехова — вистинскиот Бог
Дали си го погледнал небото во ноќ без облаци и си видел стотици ѕвезди? Како го објаснуваш нивното постоење?
ВО ТИШИНАТА на ноќта, ѕвездите му зборувале на цар Давид од древниот Израел, поттикнувајќи го да напише: „Небесата ја раскажуваат славата Божја, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце“ (Псалм 19:1). Да, Творецот, а не творештвото, е тој што заслужува ‚да ја прими славата и честа и моќта‘ (Откровение 4:11; Римјаните 1:25).
„Оној кој изградил сѐ е Бог“, вели Библијата (Евреите 3:4). Навистина, вистинскиот Бог ‚чие име е Јехова, е Највишиот над целата земја‘ (Псалм 83:18, NW). И, тој не е илузија — фатаморгана. Исус Христос во врска со својот небесен Татко, Јехова, рекол: „Вистински е оној кој ме испрати“ (Јован 7:28).
Јехова — Оној што ги исполнува своите намери
Само во Хебрејските списи, Божјето единствено име, Јехова, се појавува речиси 7.000 пати. Самото име укажува на фактот дека тој е вистински. Божјето име буквално значи „Тој предизвикува да стане“. Според тоа, Јехова Бог се идентификува себеси како Оној што ги исполнува своите намери. Кога Мојсеј го прашал Бог како му е името, Јехова му го образложил неговото значење вака: „Ќе се покажам таков каков што ќе се покажам“ (Излез 3:14, NW). Преводот на Ротерхам умесно го преведува овој стих: „Ќе станам сѐ што ми е угодно“. Јехова се покажува, односно избира да стане што и да е потребно за да ги обистини своите праведни намери и ветувања. Според тоа, тој носи една импресивна низа титули, како што се Творец, Татко, Суверен Господ, Пастир, Јехова над војските, Слушач на молитвите, Судија, Величествен Поучувач, Искупител (Судии 11:27; Псалм 23:1; 65:2; 73:28; 89:26, NW; Исаија 8:13; 30:20, NW; 40:28; 41:14, NW).
Само вистинскиот Бог може со право да го носи името Јехова, зашто луѓето никогаш не можат да бидат сигурни дека нивните планови ќе успеат (Јаков 4:13, 14). Само Јехова може да каже: „Како што паѓа дожд и снег од небото непрекинато додека земјата не се напои, не се оплоди и не се зазеленее, за да му даде семе на сејачот и леб за јадење, така Словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакам и ќе го изврши она заради кое го испратив“ (Исаија 55:10, 11).
Јехова ја извршува својата намера со таква сигурност што дури она кое за луѓето можеби изгледа нереално, од негова гледна точка е реално. Долго откако Авраам, Исак и Јаков умреле, Исус ги спомнал и рекол: „Тој [Јехова] не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто за него сите се живи“ (Лука 20:37, 38). Тројцата верни патријарси биле мртви, но Божјата намера да ги воскресне требало толку сигурно да се исполни што за него исто како да биле живи. Да ги врати тие верни слуги од старо време во живот за Јехова не е потешко отколку што било да го создаде од земен прав првиот човек (Битие 2:7).
Апостол Павле дава и еден друг пример за фактот дека Бог предизвикува да се изврши неговата намера. Во Писмото, Авраам е наречен „татко на многу нации“ (Римјаните 4:16, 17). Додека Аврам сѐ уште немал деца, Јехова го сменил неговото име во Авраам, што значи „Татко на мноштво (множество)“. Јехова предизвикал значењето на тоа име да се обистини со тоа што чудесно ги обновил репродуктивните способности на остарениот Авраам и на неговата остарена жена Сара (Евреите 11:11, 12).
Затоа што му била дадена голема моќ и авторитет, Исус Христос зборувал за вистинските работи од една повисока гледна точка од онаа на луѓето. Иако неговиот близок пријател Лазар умрел, Исус на своите ученици им рекол: „Лазар отиде да си отпочине, но јас одам таму да го разбудам од сонот“ (Јован 11:11). Зошто зборувал Исус за еден мртов човек како само да спие?
Кога дошол во Витанија, родниот град на Лазар, Исус отишол кај гробот и наредил да биде тргнат каменот што стоел на влезот. Откако гласно се помолил, тој заповедал: „Лазаре, излези!“ И додека очите на набљудувачите биле вперени во гробот, ‚човекот кој бил умрен излегол, со нозете и рацете завиени со завои, а лицето му било завиено со крпа‘. Потоа, Исус рекол: „Одвиткајте го и пуштете го нека оди“ (Јован 11:43, 44). Исус го воскреснал Лазар — вратил во живот човек што четири дена бил мртов! Христос не ја претставил погрешно вистината кога рекол дека неговиот пријател спие. Од гледна точка на Јехова и на Исус, мртвиот Лазар исто како само да спиел. Да, Исус и неговиот небесен татко се занимаваат со вистински работи.
Јехова може да ги оствари нашите надежи
Каков само контраст постои меѓу измамничките идоли и вистинскиот Бог! Обожавателите на идоли погрешно им припишуваат натчовечка сила на своите предмети на обожавање. Но, никаква длабока почит не може да им даде чудесни способности на овие идоли. Од друга страна, пак, Јехова Бог со право може да се осврне на своите слуги, кои долго време се мртви, како на живи луѓе, затоа што е во состојба повторно да им даде живот. „Господ [Јехова, NW] е вистински Бог“ и нема никогаш да ги измами луѓето (Еремија 10:10).
Колку е само утешително да се знае дека во Јеховино одредено време, мртвите што се наоѓаат во неговото сеќавање ќе бидат воскреснати — вратени во живот! (Дела 24:15). Да, воскресението вклучува враќање на животниот образец на поединецот. За Творецот, кој е бесконечен во мудроста и моќта, не е проблем да се сети на животните обрасци на мртвите и да ги воскресне (Јов 12:13; Исаија 40:26). Со оглед на тоа што изобилува со љубов, Јехова ќе го употреби своето совршено сеќавање за да ги врати мртвите во живот на рајска Земја со личноста што ја имале пред да умрат (1. Јованово 4:8).
Како што крајот на Сатановиот свет се ближи, иднината за оние што му веруваат на вистинскиот Бог сигурно е светла (Пословици 2:21, 22; Даниел 2:44; 1. Јованово 5:19). Псалмистот нѐ уверува: „Уште малку и ќе го снема безбожникот . . . кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11). Криминалот и насилството ќе бидат минато. Ќе преовладува правдата, а економските проблеми ќе исчезнат (Псалм 37:6; 72:12, 13; Исаија 65:21—23). Сите траги од социјална, расна, племенска и етничка дискриминација ќе бидат избришани (Дела 10:34, 35). Војните и оружјето за војување повеќе нема да постојат (Псалм 46:9). Во тоа време „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ (Исаија 33:24). Секој ќе ужива во совршено и сјајно здравје (Откровение 21:3, 4). Рајот на Земјата наскоро ќе стане реалност. Тоа е Јеховина намера!
Да, сите надежи темелени на Библијата наскоро ќе се исполнат. Зошто да си дозволиме да бидеме измамени од она што се идолизира во овој свет кога можеме нашата целосна доверба да ја положиме во Јехова? Негова волја е „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4). Наместо да го посветуваме времето и средствата на илузиите, или на фатаморганата од овој систем на работи и на неговите богови, да растеме во спознанието за вистинскиот Бог и да му веруваме со сето свое срце (Пословици 3:1—6; Јован 17:3).
[Слика на страница 6]
Од гледна точка на Јехова и на Исус, Лазар само спиел
[Слики на страница 7]
Рајот на Земјата наскоро ќе стане реалност