Имаш ли вера како на Илија?
ДЕНЕШНОТО човечко општество ја поткопува верата. Интелектуалците се исмејуваат на тврдењето дека Бог постои. Религиозните лицемери го исмејуваат Бог. А луѓето од светот сѐ повеќе и повеќе се однесуваат како Бог едноставно да не е важен. Сеедно дали тие ставови некого го заплашуваат или обесхрабруваат, или го заразуваат со апатија, во секој случај резулатот е ист: Неговата вера е нагризана. Не е чудно што апостол Павле недостатокот на верата го нарекол „грев кој лесно заведува“! (Хебрејима 12:1, Ст).
Можеби затоа Павле посебно се трудел да го сврти нашето внимание кон животот на мажите и жените со јака вера (Евреите 11. поглавје). Таквите примери можат да нѐ мотивираат и да ја поткрепат нашата вера. На пример, да го земеме предвид пророкот Илија и да се сосредоточиме само на раниот период од неговата долга и исполнета кариера како пророк. Живеел за време на владеењето на царот Ахав и неговата паганска сопруга, царицата Језавела, во време кога, како и денес, верата во вистинскиот Бог била на ниско ниво.
Расипаното десетплеменско царство
Каква двојка било тоа! Ахав бил седмиот цар на десетплеменското израелско царство. Иако неговите шестмина претходници биле лоши, Ахав бил уште полош. Не само што во земјата го продолжил расипаното обожавање на теле, туку и се оженил за странската принцеза Језавела, и со тоа вовел еден посилен облик на обожавањето на лажниот Бог Ваал кој земјата никогаш порано не го познавала (3. Царства 16:30-33).
Језавела уште од детството била длабоко навлезена во ваализмот. Нејзиниот татко, Етвал, свештеник на Астарта (жена на Ваал), преку убиства дошол на престолот на Сидон, царство на север од Израел. Језавела извршила влијание врз својот морално слаб сопруг за да го воспостави ваализмот во Израел. За кратко време, во земјата имало 450 пророци на тој лажен бог и 400 пророци на божицата Ашера, и сите јаделе на царската трпеза. Колку нивниот облик на обожавање бил одвратен во очите на вистинскиот Бог, Јехова! Симболи на машки полов орган, обреди на плодноста, храмски проститути (и машки и женски), дури и жртвување на деца — такви биле обележјата на таа одвратна религија. Со благослов на Ахав, таа без прекин се проширила низ царството.
Милиони Израелци го заборавиле Јехова, Творецот на Земјата и нејзиниот воден циклус. За нив Ваал бил тој кој ја благословувал земјата со дождови на крајот од сушната сезона. Секоја година со надеж гледале на овој ‚Јавач на облаците‘, овој таканаречен бог на плодноста и на дождовната сезона, да ја прекине сушната магија. Од година во година, дождовите доаѓале. Од година во година, Ваал добивал сѐ поголемо признание.
Илија објавува суша
Можеби тоа било на крајот на долга, летна сезона без дожд — токму кога луѓето почнале да очекуваат Ваал да ги донесе животодајните дождови — кога на сцената се појавил Илија.a Тој во библискиот извештај се појавува ненадејно како гром од ведро небо. Малку знаеме за неговото потекло, а ништо за неговата лоза. Но за разлика од громот, Илија не бил гласник на дождовна бура. На Ахав му објавил: „Така да е жив Јехова, Богот Израелов, пред кого стојам, во текот на овие години нема да има ниту роса ниту дожд, освен на заповед на мојата реч (1. Царевите 17:1, NW).
Замисли го овој човек облечен во селска облека од влакна. Тој е староседелец од гребенестите ридови на Гилеад, веројатно израснат меѓу понизните овчари. Стои пред моќниот цар Ахав, можеби токму во неговата пространа палата, со нејзината проучена куќа од слонова коска, нејзините богати и егзотични украси и импозантни идоли. Тука, во прометниот, утврден град Самарија, кадешто обожавањето на Јехова е скоро заборавено, тој му кажува на Ахав дека неговиот Бог, овој Ваал, е немоќен и ништожник. Оваа и идните години, објавува Илија, нема да има ниту дожд, ниту роса!
Откаде добил таква вера? Зарем не се плашел да стои пред тој арогантен, отпаднички цар? Можеби. После повеќе од илјада години, Исусовиот полубрат Јаков нѐ уверува дека Илија бил „човек со чувства како нашите“ (Јаков 5:17, NW). Но обрни внимание на зборовите на Илија: „Така да е жив Јехова, Богот Израелов, пред кого стојам“. Илија имал на ум дека како Јеховин слуга, стоел пред многу повисок престол од Ахавовиот — престолот на Суверениот Господар на универзумот! Тој бил претставник, пратеник, на тој престол. Од таа гледна точка, зошто би се плашел од Ахав, тој ситен човечки монарх кој го изгубил Јеховиниот благослов?
Не било случајност што за Илија Јехова бил толку реален. Пророкот без сомнение го проучил извештајот за Божјето постапување со Својот народ. Јехова ги предупредил Евреите дека ќе ги казни со суша и глад ако обожаваат лажни богови (5. Мојсеева 11:16, 17). Уверен дека Јехова секогаш го исполнува својот збор, Илија „Му се помоли на Бога да нема дожд“ (Јаков 5:17).
Верата изразена со следење на упатство
Сепак, објавата на Илија за момент го ставила во смртна опасност. Било време кога требало да се појави уште еден аспект на неговата вера. За да остане жив, морал да биде верен во следењето на Јеховините упатства: „Тргни оттука, сврти се кон исток и сокриј се при потокот Хорат, кој е спроти Јордан; од тој поток ќе пиеш, а на гавраните сум им заповедал да те хранат таму“ (3. Царства 17:3, 4).
Илија веднаш послушал. Ако сакал да ја преживее сушата и гладта кои ја погодиле неговата земја, морал да има доверба во какви и да било подготовки кои Јехова ги направил за него. Тоа секако не било лесно. Тоа значело да се сокрие, да живее во потполна изолација со месеци. Исто така значело да јаде месо и леб кои му ги носеле гавраните — мршојадни птици кои биле сметани за нечисти според Мозаитскиот закон — и да има доверба во Јехова дека таквото месо не е мрша, туку дека е исправно искрвавено според законот. На некои коментатори на Библијата ова проширено чудо им се чини толку неверојатно, што претпоставуваат дека оригиналниот збор употребен овде сигурно значел „арапски коњи“, а никако „гаврани“. Но гаврани бил идеален избор. Никој не би посомневал дека овие понизни, нечисти птици кои одлетуваат во дивината со нивните остатоци од храна, всушност го хранат Илија, кого Ахав и Језавела го барале во сите царства наоколу! (3. Царства 18:3, 4, 10).
Додека сушата траела, Илија веројатно станувал сѐ позагрижен за своите залихи со вода во поројната долина на Хорат. Повеќето поројни долини на Израел пресушуваат во време на суша, а „по извесно време“, и овој пресушил. Можеш ли да си ги замислиш чувствата на Илија додека водата постепено се намалувала до тенок воден млаз, а локвите се намалувале од ден во ден? Сигурно се прашувал што ќе се случи кога ќе снема вода. И покрај тоа, Илија верно останал на своето место. Дури кога потокот пресушил, Јехова му ги дал следните упатства. Оди во Сарепта, му било речено на пророкот. Таму би нашол храна во домот на една вдовица (3. Царства 17:7-9).
Сарепта! Тоа место му припаѓало на градот Сидон, откаде што дошла Језавела и кадешто татко ѝ владеел како цар! Дали би било безбедно? Можеби се прашувал Илија. Но „стана тој, па отиде“ (3. Царства 17:10).
Јехова дава храна и живот
Неговата послушност набргу била наградена. Се запознал со вдовицата, како што било проречено, и во неа ја открил токму онаа вера што ја немало меѓу неговите сонародници. Таа сиромашна вдовица имала само уште толку брашно и масло колку да направи еден последен оброк за себеси и за својот млад син. Сепак, дури и во својата најголема оскудица, била спремна прво да му направи леб на Илија, имајќи доверба во неговото ветување дека Јехова ќе ги чува полни нејзините грниња со масло и брашно сѐ додека постоела потреба. Не е чудно што Исус Христос се повикал на верниот пример на оваа вдовица кога ги осудил неверните Израелци во своето време! (3. Царства 17:13-16; Лука 4:25, 26).
Сепак, и покрај ова чудо, верата на вдовицата и на Илија набргу требала да се соочи со тежок испит. Нејзиниот син одненадеж умрел. Вдовицата била поразена и можела само да претпоставува дека овој трагичен удар бил поврзан со Илија, ‚човекот на вистинскиот Бог‘. Се прашувала дали била казнета за некој поранешен грев. Но Илија ѝ го зел безживотниот син од рацете и го однел во горната одаја. Знаел дека Јехова можел да даде повеќе отколку храна. Јехова е изворот на самиот живот! Затоа Илија се молел искрено и повеќе пати да му се врати животот на детето.
Илија не бил првиот кој имал таква вера во воскресението, но во библискиот извештај, тој бил првиот кој бил употребен да изврши воскресение. Момчето „оживеа“! Сигурно дека радоста на мајката била нешто кое требало да се види кога Илија ѝ го донел синот со едноставните зборови: „Ете! Син ти е жив“. Без сомнение низ солзи рекла: „Сега навистина знам дека си човек Божји и дека Јеховината реч во твојата уста е вистинита“ (1. Царевите 17:17-24, NW).
„Мој Бог е Јехова“
Колку трогателно и колку соодветно е тоа што името на Илија значи „Мој Бог е Јехова“! Во време на суша и глад, Јехова му дал јадење и пиење; во време на морален хаос, Јехова му дал здраво водство; во време на смрт, Јехова го употребил да поврати живот. И се чини дека секојпат се барало Илија да покаже вера во својот Бог — да има доверба во Него дека тој ќе се погрижи, следејќи ги Неговите упатства, со доверба во Него дека ќе го посвети Своето име — тој бил награден со уште повеќе причини да полага вера во Јехова. Овој образец се обистинил додека и понатаму прифаќал тешки и застрашувачки задачи од својот Бог, Јехова; всушност, некои од неговите најспектакуларни чуда допрва требало да се случат. (Види 3. Царства, 18. поглавје.)
Слично е и со Јеховините слуги денес. Можеби нема да бидеме нахранети на чудесен начин или да бидеме употребени да извршиме воскресение; ова не е ера за такви чуда. Меѓутоа, самиот Јехова воопшто не се изменил од времето на Илија (1. Коринтјаните 13:8; Јаков 1:17).
И ние можеме да добиеме некои застрашувачки задачи, да достигнеме некои тешки и страшни подрачја со нашата порака што ни ја дал Бог. Би можеле да се соочиме со прогонство. Можеме дури да бидеме и гладни. Но на верните поединци и на неговата организација во целина, Јехова секогаш одново им докажал дека сѐ уште ги води и заштитува своите слуги. Тој сѐ уште им ја дава силата да извршат каква и да е задача што ќе им биде доделена. И тој сѐ уште им помага да издржат какви и да се искушенија кои ќе дојдат на нив во овој вознемирен свет (Псалми 55:22, ДК).
[Фуснота]
a И Исус и Јаков велат дека во земјата не врнело „три години и шест месеци“. Сепак, се вели дека Илија се појавил пред Ахав за да ја прекине сушата „во третата година“ — без сомнение сметајќи од денот кога ја објавил сушата. Според тоа, сигурно било после долга, бездождовна сушна сезона, кога првпат застанал пред Ахав (Лука 4:25; Јаков 5:17; 3. Царства 18:1).
[Слика на страница 18]
Дали како Илија, имаш вера дека Јехова ќе се грижи за потребите на своите слуги?