Гневот под контрола!
ПРЕД повеќе од 2.000 години, грчкиот филозоф Аристотел го употребил изразот „катарза“ за да го опише „прочистувањето“, односно ослободувањето на емоционалната напнатост која се насобира кога во театар гледаш некоја трагедија. Поентата му била дека, откако човек ќе ја ослободи напнатоста, се чувствува психички растоварен.
Во почетокот на минатиот век, австрискиот невролог Сигмунд Фројд застапувал слично гледиште. Тој тврдел дека, ако луѓето собираат во себе негативни емоции или ги потиснуваат, подоцна тоа ќе води до психолошко растројство, како што е хистеријата. Затоа Фројд сметал дека човек треба да го искаже гневот, а не да го чува во себе.
Во поново време, научниците кои во 70-тите и 80-тите години од минатиот век ја испитувале теоријата за катарза не нашле речиси никаква поткрепа за неа. На темел на тие сознанија, психологот Керол Таврис напишала: „Време е еднаш засекогаш да ѝ ставиме крај на хипотезата за катарза. Мислењето дека, ако гледаш насилство (или ‚му дадеш оддишка на гневот‘), ќе се ослободиш од негативната енергија речиси никогаш не беше научно докажано“.
Еден друг психолог, Гери Хенкинс, рекол: „Истражувањата покажуваат дека, кога ‚ќе го истуриш‘ целиот гнев што си го насобрал, обично си уште понапнат“. Факт е дека психолозите и психијатрите можеби никогаш нема да бидат едномислени кога станува збор за катарзата. Меѓутоа, многу луѓе нашле помош од еден друг извор на мудрост, Библијата.
„Отфрли го гневот“
Библискиот псалмист Давид многу убаво кажал колку вреди да се контролира гневот. Тој напишал: „Отфрли го гневот и остави ја лутината, не гневи се — тоа само води до зло“ (Псалм 37:8). Клучот да не кажеш или да не направиш нешто за што подоцна ќе се каеш е да ‚не се гневиш‘. Се разбира, ова е полесно да се рече отколку да се направи. Но, може да се направи! Да разгледаме три начини на кои можеш да си го контролираш гневот.
Стивни го гневот
За да го стивнеш гневот, застани малку и опушти се. Труди се да не го кажеш првото што ќе ти дојде на ум. Ако осетиш дека бесот во тебе расте и си на работ да избувнеш, примени го библискиот совет: „Кога ќе почне караница, како да се отворила водна брана. Затоа, пред да избие караницата, оддалечи се“ (Изреки 17:14).
И на еден човек по име Џек тоа му помогнало да го контролира својот избувлив темперамент. Таткото на Џек бил пијаница и насилен човек. Како што растел, и Џек станувал насилен. Тој вели: „Кога бев лут, како да бев под висок напон. Се нафрлав на секого, и со зборови и со тупаници“.
Меѓутоа, работите се смениле кога Џек почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Сфатил дека со Божја помош може да се смени и да научи да си го контролира гневот. И навистина се сменил! Џек раскажува како реагирал кога еден колега луто го опцул: „Чувствував како крвта почнува да ми врие. Веднаш ми дојде да го фатам и да го треснам од земја“.
Што му помогнало да остане смирен? Џек објаснува: „Се сеќавам дека се молев ‚Те молам, Јехова, помогни ми да се смирам!‘ Тогаш, првпат во животот почувствував како ме обзема мир и само се свртев и си заминав“. Џек продолжил да ја проучува Библијата. Многу се молел и размислувал за стихови како што е Изреки 26:20, каде што пишува: „Кога снемува дрва, огнот згаснува“. На крајот, успеал да го заузда својот темперамент.
Научи како да се опуштиш
„Мирното срце е живот за телото“ (Изреки 14:30). Ако се држиш за оваа основна библиска вистина, ќе можеш да си го подобриш емоционалното, физичкото и духовното здравје. Почни со тоа што ќе научиш некои едноставни методи на опуштање, кои ќе ти помогнат да го стивнеш гневот што ти се насобира. Следниве техники се докажано ефикасни при намалувањето на гневот предизвикан од стрес:
● Диши длабоко. Тоа е еден од најдобрите — и најбрзите — начини да се намали јачината на гневот.
● Додека дишеш длабоко, повторувај си збор или фраза што те смирува, на пример, „не се нервирај“, „смири се“ или „изброј до десет“.
● Прави нешто во што уживаш — читај, слушај музика, работи во градината или нешто друго што те смирува.
● Редовно вежбај и храни се здраво.
Имај разумни очекувања
Можеби не ќе можеш сосема да ги избегнеш луѓето или работите што кај тебе предизвикуваат гнев, но можеш да научиш да си ја контролираш реакцијата. Тоа вклучува да го смениш и начинот на размислување.
Луѓето кои имаат многу високи очекувања обично полесно се гневат. Зошто? Затоа што, кога некој или нешто не ги задоволува нивните високи мерила, кај нив веднаш се јавува разочарување и гнев. Следниве зборови можат да ти помогнат да се избориш со перфекционизмот: „Нема праведен човек, ниту еден... Сите застранија“ (Римјаните 3:10, 12). Затоа, ако мислиш дека ти или кој и да било друг може да биде совршен, сигурно ќе се разочараш.
Мудро е да не очекуваме премногу од себеси и од другите. Библијата вели: „Сите ние честопати грешиме. Ако некој не греши во зборови, тој е совршен човек“ (Јаков 3:2). Да, „нема праведен човек на земјата, кој прави само добро и никогаш не греши“ (Проповедник 7:20). Значи, ако се правиме нешто што не сме — совршени — животот ќе ни се состои од разочарувања и гнев.
Бидејќи сме несовршени, одвреме-навреме сите ние се гневиме. Но, како ќе го искажеме гневот зависи од нас. Апостол Павле ги предупредил христијаните: „Ако се гневите, немојте да грешите. Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“ (Ефешаните 4:26). Да, кога го контролираме гневот, ги изразуваме нашите чувства на позитивен начин, а тоа е добро за сите.
[Рамка/слики на страници 8 и 9]
НАУЧИ КАКО ДА СЕ ОПУШТИШ
Диши длабоко
Прави нешто во што уживаш
Редовно вежбај