„Искажувај му чест на Јехова со твоите скапоцени работи“ — како?
„ИСКАЖУВАЈ му чест на Јехова со твоите скапоцени работи и со првите плодови од сиот твој принос“ (НС). Во овие инспирирани зборови на мудрост, напишани пред околу 2.600 години, затворен е клучот за доживување на Јеховините благослови во изобилство, бидејќи писателот продолжува за да истакне: „Та твоите житници да се исполнат до врвот, твоите бочви да се прелеваат од вино“ (Изреки 3:9, 10).
Но, што значи да му се искажува чест на Бог? Кои се скапоцените работи со кои треба да му искажуваме чест на Јехова? И како можеме да го правиме тоа?
„Искажувај му чест на Јехова“
Во Писмото, главниот хебрејски збор за искажување чест, кавохдх, буквално значи „тежина“. Така, да му се искаже чест на едно лице значи да го сметаш за важен, импресивен или дека вреди. Друг хебрејски збор за искажување чест, јекар, исто така е преведен со „драгоцен“ и „драгоцени работи“. Слично, грчкиот збор тиме, преведен во Библијата со „искажување чест“, пренесува чувство на почитување, вредност, драгоценост. Така, некој му искажува чест на другиот со тоа што му покажува на тоа лице длабок респект и почитување.
Давањето чест има и еден друг аспект. Разгледај го извештајот во врска со верниот Евреин Мардохеј, кој во една прилика разоткрил една завера против животот на цар Асвир од древна Персија. Подоцна, кога царот дознал дека ништо не било сторено за да му се искаже чест на Мардохеј за таа постапка, тој го запрашал својот премиер Аман како најдобро да му искаже чест на некој во кого царот нашол задоволство. Аман си помислил дека таквата чест ќе биде за него, но колку само се излажал! Било како било, Аман рекол дека таквото лице треба да биде облечено во „царска облека“ и да јава на „коњот, на кој царот јава“. Тој заклучил: „Да го изведат на коњ на градскиот плоштад и да огласат пред него: Вака му се прави на човек, кого царот сака да го одликува со почести“ (Естира 6:1—9). Во тој случај, искажувањето чест на едно лице вклучувало негово јавно возвишување така што ќе бил високо почитуван од сите луѓе.
Слично, искажувањето чест на Јехова има два аспекта: лично покажувајќи му висок обѕир и јавно возвишувајќи го преку учествување и поддржување на јавното објавување на неговото име.
„Твоите скапоцени работи“ — кои се тие?
Нашите скапоцени работи, се разбира, го вклучуваат нашиот живот, нашето време, нашите таленти и нашата сила. Што е со нашите материјални поседи? Разгледај ги Исусовите зборови кога видел како една сиромашна вдовица пушта две парички од мала вредност во благајничкиот ковчег во храмот. Тој рекол: „Оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти; сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти — сѐ што имаше за својот живот“ (Лука 21:1—4). Исус ја пофалил таа вдовица зашто своите материјални средства ги користела за унапредување на Јеховиното обожавање.
Тогаш, јасно е дека скапоцените работи кои ги спомнал Соломон го вклучуваат и секој материјален посед што можеби го имаме. А изразот „првите плодови од сиот твој принос“ ја пренесува мислата на давање на Јехова на најдоброто од нашите скапоцени работи.
Тогаш, како може давањето материјални работи да му искаже чест на Бог? Зарем сите работи веќе не му припаѓаат нему? (Псалм 49:10; 94:3—5). „Од тебе е сѐ“, признал цар Давид во искрена молитва до Јехова. А што се однесува до големата донација што ја дале тој и неговиот народ за изградбата на храмот, Давид рекол: „Добиеното од Твојата рака Ти го дадовме“ (1. Летописи 29:14). Така, кога му принесуваме дарови на Јехова, ние само му го враќаме она што ни го дал тој од добротата на неговото срце (1. Коринтјаните 4:7). Но, како што е забележано претходно, искажувањето чест на Јехова вклучува да го возвишуваме во очите на другите. И материјалните дарови што се употребени за унапредување на вистинското обожавање му искажуваат чест на Бог. Библијата содржи одлични примери за тој начин на искажување чест на Јехова.
Примери од минатото
Пред околу 3.500 години, кога дошло време Јехова да го обезбеди табернакулот во пустината како место за обожавање за Израелците, се јавила потреба за различни скапоцени работи кои се барале со божествено дадената скица. Јехова му заповедал на Мојсеј ,секој што од срце дава, доброволно да принесе принос на Господа‘ (2. Мојсеева 35:5). Извештајот продолжува да раскажува: „И секој, кој принесе што му срце сакаше срцето го влечеше и душата го поттикнуваше, доаѓаше, носејќи принос на Господа — учество за градење на шаторот за садови, за секоја служба во него и за сите одежди на светилиштето“ (2. Мојсеева 35:21). Всушност, нивниот доброволен принос се докажал дека е толку многу повеќе од она кое било потребно за работата што луѓето морале да ,престанат да принесуваат‘ (2. Мојсеева 36:5, 6).
Разгледај друг пример. Кога табернакулот ја отслужил својата цел и се одвивале подготовки за изградба на храмот, Давид дал голем личен прилог за храмот што требало да го изгради неговиот син Соломон. Исто така, тој издал повик до другите да се придружат, и луѓето се одѕвале со дарови — скапоцени работи за Јехова. Според денешни вредности, само среброто и златото вределе околу 50 милијарди долари. „И народот се препушти на радување поради своите доброволни приноси“ (НС) (1. Летописи 29:3—9; 2. Летописи 5:1).
„Доброволни приноси“ во наше време
Како можеме да имаме удел во радоста од давањето доброволни приноси во наше време? Најважното дело кое се случува во светот во ова време е проповедањето на Царството и правењето ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20; Дела 1:8). А Јехова увидел дека е прикладно земните интереси на Царството да им ги довери на своите Сведоци (Исаија 43:10).
Очигледно е дека за да се финансира делото што го вршат денес Јеховините сведоци, потребни се пари. Изградбата и одржувањето на Салите на Царството, собирните сали, канцелариите на подружниците, фабриките и бетелските домови вклучуваат пари. Издавањето и дистрибуирањето на Библии и публикации темелени на Библијата на различни јазици исто така вклучува трошоци. Како се задоволуваат таквите организациски трошоци? Преку прилози кои се стриктно доброволни!
Повеќето од прилозите се од поединци кои — како вдовицата која ја набљудувал Исус — имаат само скромни средства. Не сакајќи да го пропуштат овој аспект од искажувањето чест на Јехова, тие приложуваат скромни суми „според можностите нивни“ и, понекогаш, дури и „преку нив“ (2. Коринтјаните 8:3, 4).
„Секој да дава од сѐ срце, а не со жал или принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава [радосниот дарител, НС]“, им рекол апостол Павле на христијаните во Коринт (2. Коринтјаните 9:7). Радосното давање бара добро планирање. На коринтјаните Павле им рекол: „Во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави при себеси колку што може, така што собирањето да не се врши кога ќе дојдам“ (1. Коринтјаните 16:2). Слично, на приватен и доброволен начин, оние кои денес сакаат да дадат донации за унапредување на делото на Царството можат да одвојат нешто од својот приход за таа цел.
Јехова ги благословува оние кои му искажуваат чест
Иако материјалниот просперитет сам по себе не води до духовен просперитет, великодушното користење на нашите скапоцени работи — нашето време, нашата сила и нашите материјални ресурси — за да му искажеме чест на Јехова, донесува богати благослови. Тоа е така бидејќи Бог, кому му припаѓа сѐ, нѐ уверува: „Добротворната душа ќе биде наситена, и кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен“ (Изреки 11:25).
После смртта на цар Давид, неговиот син Соломон ги употребил доброволните прилози кои ги собрал неговиот татко за да изгради еден величествен храм, како што упатил Јехова. И сѐ додека Соломон останал верен во своето обожавање на Бог, ,Јудејците и Израел живееле спокојно . . . од Дан до Вирсавија, преку сите Соломонови дни‘ (3. Царства 4:25). Складиштата биле полни, каците со вино се прелевале — сѐ додека Израел ,му искажувал чест на Јехова со своите скапоцени работи‘.
Подоцна, преку пророкот Малахија, Јехова рекол: „Испитајте Ме, вели Господ Саваот: зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек“ (Малахија 3:10). Духовниот просперитет што го уживаат денес Јеховините слуги е доказ дека Бог го одржал своето ветување.
Се разбира, Јехова е задоволен кога го правиме својот дел во унапредување на интересите на Царството (Евреите 13:15, 16). А тој ветува дека ќе нѐ поддржува ако ,го бараме најнапред Царството на Бога и неговата правда‘ (Матеј 6:33). Со големо радување на срцето да му ,искажуваме чест на Јехова со нашите скапоцени работи‘.
[Рамка на страници 28 и 29]
Начини на кои некои доброволно даваат прилози за делото ширум светот
Мнозина ставаат настрана или, пак, планираат од својот буџет некој износ што го пуштаат во кутиите за прилози со натпис: „Прилози за делото на Заедницата ширум светот — Матеј 24:14“. Секој месец собранијата го испраќаат овој износ до светската централа во Бруклин (Њујорк) или до локалната канцеларија на подружницата.
Доброволните парични донации можат, исто така, да се испраќаат директно до Treasurer’s Office: Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania 25 Columbia Heights Brooklyn New York 11201-2483 или до канцеларијата на Заедницата која ја опслужува вашата земја. Може да се дарува и накит или, пак, други скапоцености. Таквите прилози треба да бидат проследени со кратко писмо во кое се наведува дека се работи за целосен подарок.
Спогодба за условна донација
На Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница можат да се дадат пари под една специјална спогодба во која, доколку донаторот има лична потреба, донацијата ќе му се врати. За повеќе информации, ве молиме контактирајте со локалната канцеларија на подружницата.
Планирано давање
Освен целосните подароци во вид на пари и условните донации во вид на пари, постојат и други методи на давање во корист на службата за Царството ширум светот. Тие вклучуваат:
Осигурување: Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да биде именувана како корисник на полиса за животно осигурување или на пензиско осигурување. Заедницата треба да биде информирана за секоја таква подготовка.
Банковни сметки: Кај Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница можат да се дадат банковни сметки, уверенија за депозити или поединечни пензиски сметки како депонирани или да се направат наплатливи по смртта, во согласност со локалните банкарски барања. Заедницата треба да биде информирана за секоја таква подготовка.
Вредносни хартии и обврзници: Вредносни хартии и обврзници можат да се подарат на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница било како целосен подарок или со спогодба, според која приходот и понатаму му се исплаќа на донаторот.
Недвижен имот: На Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да се подари недвижен имот што може да се продаде, било како целосен подарок или како имот да се задржи на доживотно користење од страна на донаторот, кој може и понатаму да живее во него до крајот на својот живот. Лицето треба да стапи во контакт со Заедницата пред да ѝ пренесе каков и да било недвижен имот на Заедницата.
Тестаменти и полномоштија: Имот или пари можат да бидат завештани на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница со законски верифициран тестамент или, пак, Заедницата може да биде именувана како корисник на договор за ополномоштување. Полномоштието во корист на религиозна организација може да даде извесни даночни погодности. Една копија од тестаментот или од полномоштието треба да се испрати до Заедницата.
Како што се подразбира под терминот „планирано давање“, овие видови донации обично бараат извесно планирање од страна на донаторот. За да им помогне на поединци кои сакаат да ѝ бидат од корист на Заедницата преку некој облик на планирано давање, на англиски јазик е подготвена брошура со наслов Планирано давање во корист на службата за Царството ширум светот. Брошурата е напишана како одговор на многуте прашања што ги добила Заедницата во поглед на подароците, тестаментите и полномоштијата. Исто така, таа содржи додатни корисни информации за планирање на имотот, финансиите и даноците, и е наменета за да им помогне на поединци во Соединетите Држави, кои сакаат да бидат од корист за интересите за Царството ширум светот, за да ги изберат најповолните и најделотворни методи да го сторат тоа во светло на своите семејни и лични околности. Преку читање на брошурата и советување со оние кои работат во Planned Giving Desk, многумина можеле да ѝ помогнат на Заедницата и истовремено да ги максимизираат даночните предности од тоа. Брошурата е достапна со нарачка, или написмено или телефонски.
Оние кои се заинтересирани за кои и да било од овие подготовки за планирано давање, треба да контактираат со Planned Giving Desk Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania 100 Watchtower Drive Patterson New York 12563-9204 телефон (914) 878-7000 или треба да контактираат со канцеларијата на Заедницата што ја опслужува нивната земја.