Отфли ги световните фантазии, тежнеј по стварностите на Царството
„Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (МАТЕЈ 6:33).
1. Какво предупредување ни дава Божјата Реч во врска со симболичното срце, и кој е еден од главните начини на кој тоа нѐ залажува?
„ОД СЀ, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот“ (Соломонови изреки 4:23). Зошто било неопходно мудриот цар Соломон да го даде ова предупредување? Затоа што „лукаво е човечкото срце повеќе од сѐ и е наполно расипано“ (Јеремија 17:9). Еден од главните начини на кој нашето симболично срце може да нѐ измами е да предизвика да се препуштиме на световните фантазии. Но што се тоа фантазии? Тоа се нестварни имагинации, мечтаења, безделничко лутање со мислите. Кога тие мечтаења ќе станат световни фантазии, тие не се само губење на време, туку се и многу штетни. Затоа, мораме потполно да ги отфрлиме. Всушност, ако го мразиме беззаконието како што го мразел Исус, ќе го чуваме нашето срце да не подлегне на световните фантазии (Евреите 1:8, 9, NW).
2. Што се световни фантазии, и зошто треба да ги отфрлуваме?
2 Но што се световни фантазии? Тоа се фантазии кои се својствени за овој свет кој лежи во Сатановата моќ. Во врска со тоа, апостол Јован напишал: „Сѐ што е во светот — похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет“ (1. Јованово 2:16; 5:19). Зошто христијаните мора да ги отфрлуваат световните фантазии? Затоа што таквите фантазии будат себични желби во мислите и срцето. Мечтаењето за вршење на нешто што е погрешно може всушност да биде проба во мислите за она што некој навистина ќе го направи. Ученикот Јаков нѐ предупредува: „Секого го искушува неговата похот, која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт“ (Јаков 1:14, 15).
Предупредувачки примери
3. Чиј случај го дава најистакнатиот предупредителен пример за штетноста од себичните фантазии?
3 Да разгледаме примери кои покажуваат зошто световните фантазии мора да се отфрлуваат. Случајот на Сатана Ѓаволот го дава најистакнатиот пример за штетата која може да произлезе од впуштањето во себични фантазии. Тој дозволил во неговото срце да се развијат чувства на самоважност до тој степен што станал завидлив на Јеховината единствена положба како Универзален Суверен и сакал да биде обожаван (Лука 4:5-8). Дали тоа била нестварна фантазија? Сигурно! Тоа неоспорно ќе се докаже кога Сатана ќе биде врзан за илјада години, а особено кога ќе биде фрлен во ‚огненото езеро‘, втората смрт (Откровение 20:1-3; 10).
4. Како Сатана ја завел Ева?
4 Друг преупредувачки пример имаме во случајот на првата жена, Ева. Во Сатановото настојување да ја реализира својата амбиција, тој ја завел Ева на тој начин што во нејзиниот ум ѝ вовел фантазија дека ако јаде од забранетиот плод нема да умре, туку ќе биде како Бог и ќе знае што е добро и лошо. Дали таа фантазија била нестварна и себична? Секако дека била, како што можеме да видиме од Јеховината осуда над Ева и нејзиниот сопруг, Адам, при нивното сослушување. Како резултат на тоа, го изгубиле правото на живот во Рајот за себе и за сето нивно несовршено потомство (1. Мојсеева 3:1-19; Римјаните 5:12).
5. Што довело до паѓање на извесни Божји ангелски синови, и со каков резултат за нив?
5 Го имаме и предупредувачкиот пример на извесни ангелски Божји синови (1. Мојсеева 6:1-4). Наместо да бидат задоволни со благословите на кои им се радувале во небесното присуство на Јехова, фантазирале за жените на Земјата и за тоа како би било угодно да имаат сексуални односи со нив. Бидејќи постапиле според тие фантазии, непослушните ангели сега се затворени во духовната темнина на Тартар, очекувајќи го своето уништување на крајот од Илјадагодишното Владеење на Исус Христос (2. Петрово 2:4; Јуда 6; Откровение 20:10).
Отфрли ги световните фантазии
6, 7. Зошто световните фантазии за материјални работи се штетни и измамливи?
6 Сега да разгледаме една од највообичаените и најопасните фантазии кои ги поткрепува Сатана. Преку секое средство за комуникација, се наоѓаме во искушение да им подлегнеме на световните фантазии. Тие често се создаваат преку копнеење по богатство. Само по себе, нема ништо лошо во тоа да се има богатство. Богобојазливите Авраам, Јов и цар Давид биле многу богати, но тие не копнееле по материјално богатство. Материјалните фантазии ги мотивираат луѓето тешко да работат со години за да добијат богатство. Таквите фантазии исто така ги поттикнуваат да се предадат на секаков вид на коцкање, како што е обложување на коњски трки и купување на лотариски лозови. Да не развиваме никакви илузии за богатство. Ако мислиме дека материјалното богатство ќе ни даде сигурност, да ја разгледаме оваа реалистична поговорка: „Богатството нема да помогне во денот на гневот, а правдата ќе спаси од смрт“ (Соломонови изреки 11:4). Навистина, материјалното богатство нема да биде од никаква корист за преживување на ‚големата неволја‘ (Матеј 24:21, ДК; Откровение 7:9, 14).
7 Материјалното богатство може лесно да нѐ измами. Затоа ни се вели: „Скапоцените работи на богатиот се негов силен град, и како заштитен ѕид во неговото воображение“ (Изреките 18:11, NW). Да, само „во неговото воображение“, затоа што материјалното богатство нуди мала заштита во време на неконтролирана инфлација, економски пад, политички преврати или тешка болест. Исус Христос предупредил на лудоста да ја полагаме нашата доверба во материјалното богатство (Лука 12:13-21). Ги имаме и предупредувачките зборови на апостол Павле: „Коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки“ (1. Тимотеј 6:10).
8. Колку преовладуваат световните фантазии во врска со сексот, и какви опасности наметнуваат тие?
8 Други фантазии се однесуваат на недозволен секс. Степенот до кој грешната човечка природа сака да се задржува на сексуални фантазии може да се види од популарноста на вербалната валканост која е достапна на одредени телефонски броеви кај што се слушаат порнографски пораки. Во САД, телефонските порнографски услуги се мултимилијарден доларски бизнис. Кога би дозволиле нашите мисли да се задржуваат на недозволен секс, зарем не би биле лицемери, кои само изгледаат како чисти христијани? И зарем не постои опасност таквите фантазии да нѐ одведат до неморални врски? Такво нешто и довело до исклучување на некои од христијанското собрание поради вршење на блуд или прељуба. Со оглед на Исусовите зборови во Матеј 5:27, 28, зарем сите оние кои постојано се препуштаат на таквите фантазии не се виновни за вршење на прељуба во своите срца?
9. Кој одличен совет го содржи Писмото за да нѐ предупреди на световните фантазии?
9 За да дејствуваме спротивно на склоноста на нашите грешни срца да се впуштат на таквите фантазии, мораме да го имаме на ум Павловото предупредување: „Нема создание сокриено за Него, туку сѐ е голо откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме“ (Евреите 4:13). Треба во секое време да сакаме да бидеме како Мојсеј, кој „остана постојан како да го гледаше Невидливиот“ (Евреите 11:27, NW). Да, мораме постојано да се потсетуваме дека световните фантазии не му се угодни на Јехова и можат да доведат само до штета за самите нас. Мораме да бидеме заинтересирани да ги развиваме сите плодови на Божјиот дух, особено самосовладувањето, затоа што не можеме да го избегнеме фактот дека ако сееме во тело, од телото ќе ожнееме расипаност (Галатјаните 5:22, 23; 6:7, 8).
Стварностите на Царството
10, 11. а) Кои факти ја докажуваат стварноста на Творецот? б) Каков доказ постои дека Библијата е стварно Божја Реч? б) Кој доказ постои за стварноста на Царот на Божјето Царство?
10 Најдобриот начин да ги отфрлуваме световните фантазии е да продолжиме да тежнееме по стварностите на Царството. Стварностите на Царството кои се создадени од Бог стојат во остра спротивност со световните фантазии. Дали Бог е стварност? Нема сомневање дека тој постои. Видливото творештво сведочи за тој факт (Римјаните 1:20). Се потсетуваме на она што било речено пред повеќе од сто години во книгата Божествениот планот на вековите (The Divine Plan of the Ages), издадено од Watch Tower Society. Таму стои: „Оној кој може да погледне во небото преку телескоп, или дури само со голо око и да ја види бескрајноста на творештвото, неговиот склад, убавина, ред, хармонија и разновидност, а сепак се сомнева дека нивниот Творец е неизмерно посупериорен од него и по мудрост и по сила, или кој може да претпостави само за миг дека таквиот ред дошол случајно, без Творец, толку многу ја изгубил или ја запоставил способноста на разумот, што со право се смета за онаков каков што Библијата го нарекува, луд (оној кој игнорира или на кого му недостига разум)“ (Псалми 14[13]:1).
11 За Царството сѐ учиме од Светото Писмо. Дали Библијата е стварно пишана Реч Божја? Секако дека е, што може да се види од нејзиниот склад, нејзината научна точност и нејзината моќ да ги менува животите на луѓето, а особено од исполнувањето на нејзините пророштва.a А што е со Царот на Божјето Царство, Исус Христос? Дали тој навистина постоел? Евангелиските извештаи и божествено инспирираните писма од Христијанско грчките списи недвосмислено и убедливо сведочат за историското значење на Исус Христос. Што се однесува до Исусовото историско значење, постои и сведоштвото на еврејскиот Талмуд, кој се осврнува на него како на личност. Така е и со еврејските и римските историчари од првиот век н. е.
12, 13. Кои факти сведочат за стварноста на Божјето Царство?
12 А што е со стварноста на самото Царство? Т.н. христијанство, во голема мера го игнорира, како што покажува оваа поплака на еден угледен презбитеријанец: „Сигурно има повеќе од триесет години кога последен пат сум слушнал еден проповедник да се обидува на својот народ да му ја објасни стварноста на Царството“. Сепак, светењето на Јеховиното име преку Царството е главната тема на неговата Реч. Самиот Бог го дал првото ветување за Царството кога рекол: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја згмечи главата, а ти ќе му ја згмечиш петата“ (1. Мојсеева 3:15, NW). Царството било предочено со нацијата Израел, особено за време на владеењето на цар Соломон (Псалми 72, ДК). Понатаму, Царството било тема на Исусовото проповедање (Матеј 4:17). Тој го истакнал во многу свои споредби, како што се оние во Матеј 13. поглавје. Исус ни рекол да се молиме за Царството и постојано да го бараме најпрво него (Матеј 6:9, 10, 33). Всушност, во Христијанските грчки списи Божјето Царство е споменато близу 150 пати.
13 Царството е вистинска влада, со моќ и власт, и ќе ги исполни сите законски очекувања. Тоа има збир од закони кои се наоѓаат во Библијата. Царството веќе остварило многу работи. Има лојални поданици — преку 4.000.000 Јеховини сведоци. Тие ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство во 211 земји во исполнение на Матеј 24:14. Во текот на нивната 1991 службена година, поминале 951.870.021 часови во проповедање на пораката за Царството. Таа активност донесува опипливи, трајни резултати, додека мноштва го учат ‚чистиот јазик‘ на библиската вистина (Зефанија 3:9, NW).
Тежнеење по стварностите на Царството
14. Како можеме да го зајакнеме нашето ценење за стварноста на Царството?
14 Тогаш, како да тежнееме по стварностите на Царството? Нашата надеж мора да биде цврсто темелена на цврста увереност. Божјиот ветен нов свет мора да биде стварен за нас (2. Петрово 3:13). И мораме да имаме вера во ветувањето дека Бог „ќе ја избрише . . . секоја солза од очите [наши], и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“ (Откровение 21:4). Како можеме да бидеме сигурни дека тоа не е фантазија? Сигурно ќе биде остварено во Божје одредено време, зашто за него е невозможно да лаже (Тит 1:1, 2; Евреите 6:18). Мораме да медитираме за тие ветувања. Ако се замислуваме себеси во Божјиот нов свет и како им се радуваме на неговите благослови, тоа не е нестварна фантазија туку дава доказ на вера. Како што Павле дефинирал: „Верата е загарантирано очекување на работи на кои се надеваме, очигледен доказ за стварности, иако не се гледаат“ (Евреите 11:1, NW). Да ја зајакнуваме нашата вера преку редовно хранење од Божјата Реч и христијанските публикации кои ни помагаат да ја разбереме и да ја применуваме. И колку повеќе време посветуваме за на другите да им зборуваме за Царството, формално и неформално, толку повеќе ја јакнеме нашата вера и ја осветлуваме нашата надеж во него.
15. Каква обврска имаме спрема христијанската служба?
15 Исто така мораме да работиме во согласност со стварностите на Царството така што ќе го подобруваме квалитетот на нашата служба. Бидејќи сѐ уште има прилично многу да се стори, како можеме тоа да го направиме? (Матеј 9:37, 38). Вистинита е поговорката дека човек никогаш не е престар за да учи. Без разлика колку години учествуваме во делото на сведочење, можеме да се подобриме. Ако станеме поделотворни во ракувањето со Божјата Реч, ќе бидеме поспособни да им помогнеме на другите да го чујат гласот на Царот, Исус Христос. (Спореди Јован 10:16.) Кога ќе размислиме дека се вклучени вечните судби на луѓето, треба да бидеме подготвени темелно да го обработиме нашето подрачје за одново да им дадеме прилика да покажат каде стојат, или како ‚овци‘ или како ‚јарци‘ (Матеј 25:31-46, ДК). Се разбира, тоа значи да се водат грижливи забелешки за оние кои не биле дома и особено за оние кои се интересирале за пораката за Царството.
Продолжи да тежнееш по Царството
16. Кој поставил одличен пример во поглед на следење на стварностите на Царството, и како тие го „зграпчуваат“ Царството?
16 Се бара сериозен напор за да се продолжи да се бараат стварностите на Царството. Зарем не нѐ охрабрува ревносниот пример на останатите помазани христијани? Тие со децении ги следат стварностите на Царството. Таа потрага била опишана со Исусовите зборови: „Од деновите на Јован Крстител досега, небесното царство е целта кон која луѓето се тискаат, и оние кои се пробиваат напред го зграпчуваат“ (Матеј 11:12, NW). Овде не се мисли дека некои непријатели го зрапчуваат Царството. Не, тоа се однесува на активноста на оние кои го чекаат Царството. Еден библиски научник рекол: „На овој начин е објаснето тоа желно, незадржливо стремење и борба за претстојното Месијанско царство“. Помазаните не штеделе никаков напор за да го направат Царството своја своина. Слични енергични напори се бараат од ‚другите овци‘ за да можат да ги исполнат условите за земски поданици на Божјето небесно Царство (Јован 10:16).
17. Кој ќе биде исходот на оние кои следат световни фантазии?
17 Навистина, живееме во едно посебно време на поволна прилика. Оние кои се стремат по световни фантазии еден ден ќе се разбудат во суровата стварност. Нивниот исход е одлично опишан со следниве зборови: „Како што гладен сонува, дека божем јаде, но се разбудува, и душата му е празна; и како што жеден сонува дека божем пие, но се разбудува, и ете се мачи, и душата му е жедна“ (Исаија 29:8). Сигурно, световните фантазии никогаш нема никого да задоволат или да усреќат.
18. Кој пат треба да го следиме, со оглед на стварноста на Царството, и со каков изглед на ум?
18 Јеховиното Царство е стварност. Тоа активно владее, додека овој злобен систем на ствари стои пред неизбежно и трајно уништување. Затоа, земи го при срце Павловиот совет: „Да не спиеме, како и другите, туку да бидеме будни и трезвени“ (1. Солунјаните 5:6). Да ги држиме нашите срца и мисли сосредоточени на стварностите на Царството и на тој начин да уживаме вечни благослови. И нека нашиот исход биде да го чуеме Царот на тоа Царство како ни вели: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25:34).
[Фуснота]
a Види ја книгата Библијата — Божја или човечка Реч? издадена од Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци (срп.).
Како би одговорил?
◻ Што се тоа световни фантазии, и зошто треба да ги отфрлуваме?
◻ Кои примери покажуваат дека е лудо да се подлегне на световните фантазии?
◻ Кои факти ја докажуваат стварноста на Творецот, неговата пишана Реч, Исус Христос и неговото Царство?
◻ Како можеме да ја зајакнеме својата вера во стварностите на Царството?
[Слика на страница 15]
Световните фантазии често се предизвикани од копнежот по материјално богатство
[Слика на страница 16]
Проповедањето на добрата вест е еден начин да се тежнее по стварностите на Царството
[Слика на страница 17]
Дали ти тежнееш по стварностите на Царството со тоа што марливо ја проучуваш Божјата Реч?