Млади со сигурна иднина
„УЖАСЕН и одвратен каков што може да биде кој и да е [случај на силување]“ — така еден судија, кој претседавал на едно скорашно судење, го опишал злосторството. Банда од осуммина тинејџери, на возраст од 14 до 18 години, нападнале од заседа една туристка во еден централен дел на Лондон, ја подложиле на серија сексуални напади, а потоа ја фрлиле во еден близок канал, иако таа рекла дека не знае да плива. Разбирливо е што мајката на еден од тинејџерите изјавила дека ѝ се слошило кога видела на вестите на ТВ што сторил син ѝ.
За жал, овој инцидент го одразува она што се случува денес во општеството. Бруталноста станала норма, сеедно дали во криминалната активност, домашните кавги или, пак, во етничките конфликти на Балканот, во централна и западна Африка или на некое друго место. Младите растат среде такви услови или често слушаат за нив. Затоа, не е ни чудо што мнозина развиваат сурова надворешност, не покажуваат „природна наклоност“ и се „без самосовладување“ (2. Тимотеј 3:3, НС).
„Жестоки“
Кога христијанскиот апостол Павле го запишал своето второ писмо до својот состарешина Тимотеј, Рим бил доминантна светска сила. Свирепоста и дивјаштвото преовладувале во римските арени. Сепак, Павле предупредил дека во иднина со времињата „тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1, НС). Интересно е дека грчкиот збор што ги опишува овие времиња како такви со кои „тешко ќе се излегува на крај“, ја вклучува мислата дека тие се „жестоки“. Еден инцидент за време на Исусовата земна служба повеќе од 30 години пред тоа, покажува што стоело зад некои свирепости во негово време.
Исус тукушто пристигнал со чамец на источниот брег од Галилејското Море. Кога стапнал на брегот, двајца мажи се испречиле пред него. Нивниот див изглед и врескање јасно покажале дека со нив нешто било сосема неисправно. Тие биле ‚необично жестоки‘ (НС), всушност, опседнати со демони.a Она што го извикувале потекнувало од злите духови кои ги контролирале нивните насилнички постапки. „Што имаш со нас, Ти Исусе, Сине Божји!“ — врескале мажите. „Зар си дошол тука предвреме да нѐ мачиш?“ Злите духови кои ги опседнувале двајцата, сосема добро знаеле дека Бог веќе има утврдено време за извршување на својот суд над демоните. Ова ќе значи нивно вечно уништување. Но, дотогаш, тие ќе ги практикуваат своите натчовечки способности за да предизвикаат жестоко насилство. Само Исусовата чудотворна акција за истерување на тие демони им донела олеснување на двајцата мажи (Матеј 8:28—32; Јуда 6).
Кога луѓето денес, вклучувајќи ги и младите, постапуваат на некој збеснат начин, добро е да се сетиме на овој инцидент. Зошто? Затоа што во овој 20 век се соочуваме со една сродна опасност, како што објаснува Откровение, последната книга од Библијата: „Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:12). Молиме, забележи дека ова понижување за Сатана е придружено со „голем гнев“, зашто знае дека неговото време е кратко.
Под напад
Како што честопати е споменувано на страниците на овој журнал, 1914 година го доживеала востоличувањето на Христос Исус како Цар на Божјето Царство на небото. Исус веднаш презел акција против Божјиот главен непријател, Сатана. На тој начин, Ѓаволот и неговите демони биле протерани од небото и тие сега го концентрираат своето внимание на Земјава (Откровение 12:7—9). Со оглед на тоа дека неговата сфера на делување во голем степен е ограничена, Сатана „обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8). Кои се лесен плен за него? Зарем не е разбирливо дека тоа би биле особено оние на кои им недостига искуство во животот и во човечките односи? На тој начин, младите луѓе денес станале мети на Ѓаволот. Преку голем дел од нивната музика и тежнеењата во слободното време, тие директно си играат во рацете на овој невидлив подмолен манипулатор (Ефесјаните 6:11, 12).
Дури и кога младите луѓе се обидуваат да направат нешто со својот живот, тие се наоѓаат во една неповолна положба. Од крајот на II светска војна па наваму, луѓето во многу земји кои пред тоа биле во војна, се обидувале да го надоместат тоа, нудејќи им на своите семејства изобилувачки начин на живот. Материјалните поседи, непреченото слободно време и забавата станале главни цели. Како последица од тоа, мнозина пострадале. „Оние, што сакаат да се збогатуваат“ — го предупредил Павле Тимотеја — „паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби . . . Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа . . . си навлекоа [се испроболе со, НС] многу маки“ (1. Тимотеј 6:9, 10). Општо земено, луѓето од денешново материјалистичко општество ги наоѓаме испрободени со економски, финансиски и емоционални болки. Меѓу нив има многу млади, жртви на овој трик на Божјиот главен непријател.
Но, за среќа, има и добри вести. Тие се однесуваат на младите луѓе, на оние кои пред себе имаат сигурна иднина. Како е можно тоа?
Барај и ќе најдеш
Многу млади луѓе имаат високи идеали. Тие ги отфрлаат расипувачките мерила што се вообичаени меѓу возрасните. Се згрозуваат од неправдата и бездушниот став на политичарите и бизнисмените гладни за власт. Ако си млад, можеби и ти вака се чувствуваш.
Размисли за Седрик, младич во своите доцни тинејџерски години, чие искуство во никој случај не е единствено.b Како дете, тој имал страв од многу работи, вклучувајќи и страв од смртта. Се прашувал каква цел има животот. Не наоѓајќи одговори на своите прашања до својата 15-та година, се препуштал на размислување околу животот во друштво со други идеалистички настроени младинци. „Пушевме дрога и седевме наоколу зборувајќи со часови“ — се сеќава тој. „Мислиш дека секој го мисли истото како тебе, но никој не ги знаеше одговорите.“
Како многу млади луѓе, и Седрик копнеел по возбудувања. Самото земање дрога не го задоволувало. Набрзо се вплеткал во крадење и препродавање дрога. Сепак, тој барал нови предизвици. Почнал да краде по нарачка. „Уживав во тоа“ — признава тој. „Но, никогаш не земав нешто од обичниот човек. Ако украдев автомобил, го оставав во добра состојба. Ако провалев некој дуќан, тоа го правев само онаму каде што знаев дека имаат осигурување. Тоа ми помагаше да ги оправдам моите постапки.“ Како што можеби и очекуваш, Седрик завршил в затвор.
Седрик се присеќава: „Марк, еден созатвореник, зборуваше со мене. Забележувајќи дека на мојата мишка имам истетовирано голем крст, ме праша зошто го имам тоа. Мислеше дека тоа мора да ми е важно во религиозен поглед“. Неколку седмици подоцна, Марк му дал на Седрик еден примерок од книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.c „ ,Ти можеш засекогаш да живееш‘ — тие неколку збора веднаш ми се врежаа. Тоа е она за што секогаш зборувавме, но никогаш не успеавме да дојдеме до вистината.“ После многу дискусии со еден Јеховин сведок кој го посетувал затворот, Седрик сфатил дека она кон што тежнеел тој човек било достижно — но само на Божји начин.
„Штом престанав да се дружам со моите поранешни пријатели, почнав брзо да напредувам“ — забележува Седрик. Неговиот напредок во разбирањето и среќата не биле лесни. „Сѐ уште работам на тоа“ — вели тој. „Морам да бидам внимателен околу начинот на кој размислувам.“ Да, Седрик сега разбира дека тоа што бил идеалистички настроен го довело во стапица на Ѓаволот, мислејќи дека неговите цели би можеле да се постигнат само преку ангажирање во активности кои се сосредоточуваат на возбудување.
За среќа, Седрик одамна е излезен од затвор и се радува на редовно дружење со други кои го пронашле она по кое трагале. Сега тој е Јеховин сведок и ја дели нивната надеж да живее во рај овде на Земјата. Исто така, радосно го исчекува крајот на сатанското влијание во сите негови облици.
Секако, младите луѓе како Седрик не се единствените кои имаат сигурна иднина; и други биле подигани од побожни родители кои во своите деца всадиле љубов кон библиската вистина.
Побожното обучување носи добивки
„Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари“ — напишал мудриот цар Соломон од старо време (Изреки 22:6). Тоа се покажало точно во случајот на многу оддадени младинци кои избрале да го следат библиското мерило.
Шила, Гордон и Сара го сториле тоа. Тие се сеќаваат како нивните родители полагале голема важност на послушноста спрема Христовата заповед ‚да одат и да прават ученици‘ со проповедање на добрата вест за Царството (Матеј 24:14; 28:19, 20, НС). „Во секоја одлука што мораше да се донесе, мама и јас си велевме една на друга: ‚Како тоа ќе влијае врз делото на проповедање?‘ “ — се сеќава Шила. „Како резултат на ова резонирање, се откажавме од многу проекти“ — признава таа, додавајќи: „Но, какви само благослови имавме!“ Дури и на крајот од долгите денови поминати во посетување на домовите на луѓето со добрата вест, Шила и мајка ѝ напорно пешачеле до дома пеејќи. „Мојата радост беше потполна“ — вели таа. „Можам да ја почувствувам и сега.“
Гордон се сеќава на многуте радосни саботни вечери. „Бев покануван во домовите на старешините од собранието, каде што имавме корисни квизови и дискусии. Бевме охрабрувани да запомнуваме стихови од Библијата, да зборуваме отворено за библиски теми, да раскажеме по некое искуство од проповедањето и да дознаеме како се шири делото на Царството“ — се присеќава Гордон. „Сиве овие работи ми помогнаа да положам добар темел и да негувам љубов кон Јехова Бог.“
Сара има радосни спомени од вечерите што ги поминувала со Сведоците кои биле во посета. „Заедно јадевме. Потоа, на крајот свиревме пијано, придружувајќи ги оние кои пееја песни за Божјето Царство. Музиката навистина многу ни помогна, особено за време на нашите школски години, бидејќи ни дозволуваше да правиме заеднички работи како семејство.“
Се разбира, не сите млади луѓе кои бараат да му угодат на Јехова имаат идеални семејни околности. Меѓутоа, блиското дружење со семејствата на другите Сведоци во собранието им нуди сигурност и чувство на припадност.
Високо цени го сигурниот темел за иднината
Младите луѓе денес имаат избор. Тие можат да продолжат во овој зол свет додека тој стрмоглаво се нурка кон уништување во претстојната „голема неволја“ (НС) што ја прорекол Исус. Или, пак, можат ‚да ги положат своите надежи на Бога . . . да ги чуваат Неговите заповеди‘ — како што испеал вдахновениот псалмист Асаф. Послушноста спрема Бог ќе ги спречи да станат ‚род упорен и бунтовен, непостојан по срце и да не му останат верни на Бога со духот свој‘ (Матеј 24:21; Псалм 77:6—8).
Во преку 80.000 собранија на Јеховините сведоци ширум светот, ќе најдеш многу млади луѓе на кои можеш да им се восхитуваш. Тие го послушале Павловиот совет до младиот Тимотеј — „да работат на добро, да бидат богати во добри дела, да бидат великодушни, спремни да делат, сигурно собирајќи си добар темел за иднината“. Како резултат од тоа, тие сега „се држат цврсто за вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:18, 19, НС). Дознај повеќе за овие прави христијани со тоа што ќе присуствуваш на нивните состаноци. Тогаш и ти можеш да ја имаш надежта за сигурна иднина.
[Фусноти]
a „Жестоки“ е превод на истиот грчки збор употребен во Матеј 8:28 и во 2. Тимотеј 3:1 (обата НС).
b Имињата се променети.
c Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 7]
Злите духови биле зад ‚необично жестоките‘ мажи кои Исус ги излечил
[Слика на страница 8]
Градење „добар темел за иднината“