Да се служи лојално со Јеховината организација
„Со некој лојален ти ќе постапиш лојално“ (4. ЦАРСТВА 22:26, НС).
1, 2. Кои се некои примери на лојалност што сите ние можеме да ги видиме во собранието?
ДОЦНА навечер, еден старешина подготвува говор за на христијански состанок. Би сакал да прекине и да се опушти; наместо тоа, продолжува да работи, барајќи библиски примери и илустрации кои ќе ги достигнат срцата и ќе го охрабрат стадото. Ноќта кога е состанокот, еден брачен пар исцрпени родители од истото тоа собрание радо би останале дома таа вечер; наместо тоа, стрпливо ги спремаат своите деца и одат на состанокот. По состанокот, една група христијани дискутира за делот на старешината. Една сестра е искушувана да спомене дека истиот тој брат еднаш ги повредил нејзините чувства; наместо тоа, зборува одушевувачки за една од точките што ги кажал тој. Дали ја гледаш заедничката нишка која се провлекува низ овие сценарија?
2 Таа нишка е лојалноста. Старешината лојално работи за да му послужи на Божјето стадо; родителите лојално присуствуваат на собраниските состаноци; сестрата лојално ги поддржува старешините (Евреите 10:24, 25; 13:17; 1. Петрово 5:2). Да, во сите аспекти од животот го гледаме Божјиот народ одлучен лојално да служи со Јеховината организација.
3. Зошто е толку важно да останеме лојални кон Јеховината земна организација?
3 Кога Јехова ќе погледне долу на овој расипан свет, гледа многу малку лојалност (Михеј 7:2). Колку само неговото срце мора да се оѕвива со радост кога ја набљудува лојалноста на својот народ! Да, твојата лична лојалност го воодушевува него. Меѓутоа, таа го разбеснува Сатана, првобитниот бунтовник, и докажува дека тој е лажго (Изреки 27:11; Јован 8:44). Очекувај дека Сатана ќе се обидува да ја поткопа твојата лојалност кон Јехова и кон Неговата земна организација. Да разгледаме некои начини на кои Сатана го прави ова. Така можеме подобро да видиме како да останеме лојални до крајот (2. Коринтјаните 2:11).
Сосредоточувањето на несовршеностите може да ја нагризе лојалноста
4. а) Зошто е лесно да заземеме негативно гледиште спрема оние кои имаат авторитет? б) На кој начин Кореј се покажал нелојален кон Јеховината организација?
4 Кога некој брат е на одговорна положба, неговите грешки можеби ќе станат поочигледни. Колку само е лесно да приговараме за ‚раската во окото на брата си, а да не ја чувствуваме гредата во своето око‘! (Матеј 7:1—5). Но, размислувањето за грешките може да роди нелојалност. За илустрација, разгледај го контрастот помеѓу Кореј и Давид. Кореј носел многу одговорности и веројатно бил лојален долги години, но станал амбициозен. Чувствувал огорченост кон авторитетот на Мојсеј и на Арон, неговите први братучеди. Иако Мојсеј бил најкроткиот од луѓето, Кореј очигледно почнал да гледа на него со критички очи. Веројатно видел грешки кај Мојсеј. Меѓутоа, тие грешки не ја оправдувале Кореевата нелојалност кон Јеховината организација. Тој бил истребен од средината на собранието (4. Мојсеева 12:3; 16:11, 31—33).
5. Зошто Давид можеби се чувствувал искушуван да се побуни против Саул?
5 Давид, од друга страна, му служел на царот Саул. Од некогаш добар цар, Саул всушност станал злобен. На Давид му биле потребни вера, истрајност, па дури и извесна генијалност за да ги преживее љубоморните напади на Саул. Сепак, кога Давид имал шанса да се одмазди, рекол дека било ‚незамисливо од Јеховина гледна точка‘ да изврши нелојален чин против оној кого Јехова го имал помазано (1. Царства 26:11, НС).
6. Дури и ако согледаме слабости и грешки кај старешините, што не треба никогаш да правиме?
6 Кога се чини дека некои кои го преземаат водството меѓу нас грешат во просудувањето, зборуваат со груби зборови или, пак, покажуваат фаворитизам, дали ќе се жалиме од нив со што можеби ќе придонесеме за критизерски дух во собранието? Дали ќе останеме подалеку од христијанските состаноци како еден вид протест? Секако дека не! Како Давид, нема никогаш да дозволиме грешките на другите да нѐ наведат да му бидеме нелојални на Јехова и на неговата организација! (Псалм 118:165).
7. Кои се некои расипани постапки што се развиле во врска со храмот во Ерусалим, и како се чувствувал Исус поради тоа?
7 Најголемиот човечки пример на лојалност бил Исус Христос, пророчки опишан како Јеховин „лојален“ (Псалм 16:10, НС). Расипаната злоупотреба на храмот во Ерусалим сигурно ја направила лојалноста предизвик. Исус знаел дека работата на првосвештеникот и жртвите ја предочувале неговата сопствена служба и жртвена смрт, и знаел колку е животоважно луѓето да учат од нив. Затоа, бил полн со праведна огорченост кога видел дека храмот станал „разбојничка пештера“. Со авторитет даден од Бог, двапати презел чекори да го исчистиa (Матеј 21:12, 13; Јован 2:15—17).
8. а) Како покажал Исус лојалност кон храмската подготовка? б) Како можеме да покажеме дека го цениме обожавањето на Јехова со неговата чиста организација?
8 Па сепак, Исус лојално ја поддржувал храмската подготовка. Уште од детството, присуствувал на празниците во храмот и често поучувал таму. Ја плаќал дури и храмската такса — иако не бил вистински обврзан да го прави тоа (Матеј 17:24—27). Исус ја пофалил сиромашната вдовица што ја ставила „целата своја прехрана“ во храмското ковчеже за благајната. Кратко потоа, Јехова трајно го отфрлил тој храм. Но, сѐ дотогаш, Исус му бил лојален (Марко 12:41—44; Матеј 23:38). Божјата земна организација денес е далеку посупериорна отколку еврејскиот систем со својот храм. Додуша, таа не е совршена; затоа повремено се прават преиначувања. Но, таа не е ниту изрешетана со корупција ниту, пак, Јехова Бог се спрема да ја замени. Никогаш не треба да дозволиме некои несовршености што ги уочуваме во неа, да нѐ огорчат или поттикнат да усвоиме критизерски, негативен дух. Место тоа, да ја имитираме лојалноста на Исус Христос (1. Петрово 2:21).
Нашата лична несовршеност
9, 10. а) На кој начин Сатановиот систем на ствари ја искористува нашата несовршеност за да нѐ намами на нелојално однесување? б) Што треба да прави лицето кое извршило некој сериозен грев?
9 Сатана се обидува да унапредува нелојалност и на тој начин што ја искористува нашата несовршеност. Неговиот систем на ствари си поигрува со нашите слабости, искушувајќи нѐ да го правиме она што е неисправно во Јеховини очи. За жал, секоја година илјадници подлегнуваат на неморал. Некои ја зголемуваат оваа нелојалност со тоа што водат двоен живот, продолжувајќи по курсот на неисправно постапување, додека се преправаат дека остануваат верни христијани. Во одговор на статиите на оваа тема од серијата „Младите прашуваат . . .“ во списанието Разбудете се! една млада жена напишала: „Статиите беа мојата животна приказна“. Таа тајно негувала пријателства со младинци кои немале љубов кон Јехова. Какви биле последиците? Таа пишува: „Мојот живот падна на дното и се впуштив во неморал, па морав да бидам укорена. Мојот однос со Јехова претрпе штета, а довербата кај моите родители и старешините исчезна“.b
10 Оваа млада жена добила помош од старешините и се вратила на лојалното служење на Јехова. Но, за жал, мнозина претрпуваат потешки последици и некои никогаш не се враќаат во трлото. Колку само е многу подобро да бидеш лојален и да се спротивставуваш на искушението во овој зол свет! Внимавај на предупредувањата од списанијата Стражарска кула и Разбудете се! за такви работи како што е световно дружење и расипувачка забава. Немој во ниеден момент да западнеш во нелојално однесување. Но, ако западнеш, никогаш немој да се преправаш дека си она што не си (Псалм 25:4). Место тоа, барај помош. Токму за тоа тука се христијанските родители и старешините (Јаков 5:14).
11. Зошто би било погрешно себеси да се сметаме за безнадежно лоши, и кој библиски преседан може да ни помогне да го исправиме своето гледиште?
11 Нашата несовршеност може да нѐ загрози и на еден друг начин. Некои кои ќе извршат некаков чин на нелојалност престануваат да се трудат да му угодат на Јехова. Сети се, Давид извршил многу сериозни гревови. Па сепак, долго по Давидовата смрт, Јехова се сетил на него како на верен слуга (Евреите 11:32; 12:1). Зошто? Затоа што никогаш не престанал да се труди да му угодува на Јехова. Стихот од Изреки 24:16 вели: „Седумпати ќе падне праведник — и пак ќе стане“. Секако, ако паднеме во незначителни гревови — да, повеќе пати — поради некаква слабост со која се бориме, сѐ уште можеме да бидеме праведни во Јеховини очи ако продолжиме да ‚стануваме‘ — то ест, ако искрено се покаеме и продолжиме по патот на лојална служба. (Спореди 2. Коринтјаните 2:7.)
Чувај се од прикриени облици на нелојалност!
12. Во случајот со фарисеите, на кој начин крутото гледиште приврзано за законот довело до нелојалност?
12 Нелојалноста се јавува и во поприкриени облици. Таа може да се маскира дури и како лојалност! На пример, фарисеите од Исусово време веројатно мислеле за себеси дека се особено лојални.c Но, пропуштиле да ја видат разликата помеѓу тоа да се биде лојален и да се биде непопустлив приврзаник за правила измислени од човек, бидејќи биле крути и строго осудувачки настроени. (Спореди Проповедник 7:16.) Со ова, тие всушност биле нелојални — кон луѓето на кои требало да им служат, кон духот на Законот за кого тврделе дека поучуваат, како и кон самиот Јехова. Од друга страна, Исус бил лојален кон духот на Законот, кој се темелел на љубов. Затоа, тој ги изградувал и ги охрабрувал луѓето, исто како што прорекле месијанските пророштва (Исаија 42:3; 50:4; 61:1, 2).
13. а) Како би можеле христијанските родители да бидат нелојални? б) Зошто треба родителите да избегнуваат да бидат претерано строги, критизерски или негативно настроени во стегањето на своите деца?
13 Христијаните кои имаат извесен степен на авторитет, извлекуваат голема корист од Исусовиот пример во овој поглед. На пример, лојалните родители знаат дека мораат да ги дисциплинираат своите деца (Изреки 13:25). Сепак, тие водат сметка да не ги раздразнуваат своите млади со строга стега, дадена во гнев или, пак, со постојана буица од критики. Децата кои мислат дека никогаш не можат да им угодат на своите родители или кои мислат дека обожавањето на нивните родители изгледа ги прави само негативни и критички настроени, веројатно ќе станат обесхрабрени и, како последица од тоа, ќе станат отуѓени од вистинската вера (Колосјаните 3:21).
14. Како можат христијанските пастири да се покажат лојални кон стадото на кое му служат?
14 На сличен начин, христијанските старешини и патувачките надгледници им посветуваат внимание на проблемите и опасностите со кои се соочува стадото. Како лојални пастири, тие нудат совет кога тоа е потребно, водејќи сметка првин да ги имаат сите факти и потоа она што го велат внимателно да го темелат на Библијата и на публикациите на Заедницата (Псалм 118:105; Изреки 18:14). Исто така, тие знаат дека овците сметаат на нив за духовно изградување и хранење. Затоа се трудат да го имитираат Исус Христос, Добриот Пастир. Лојално им служат на овците на христијанските состаноци од седмица в седмица — не оцрнувајќи ги туку, напротив, изградувајќи ги и зајакнувајќи ја нивната вера (Матеј 20:28; Ефесјаните 4:11, 12; Евреите 13:20, 21).
15. На кој начин некои во првиот век покажале дека имале лојалност ставена на неумесно место?
15 Еден друг прикриен облик на нелојалност е лојалноста ставена на неумесно место. Вистинската лојалност во библиска смисла не дозволува да ставаме каква и да било верност пред нашата лојалност кон Јехова Бог. Многу Евреи од првиот век упорно се држеле за Мојсеевиот закон и за еврејскиот систем на ствари. Сепак, дошло времето Јехова да го префрли својот благослов од таа бунтовна нација на нацијата на духовниот Израел. Само релативно малцина биле лојални кон Јехова и се прилагодиле на оваа значајна промена. Дури и меѓу вистинските христијани, некои јудаисти инсистирале да се вратат на тие ‚слаби и лоши стихии‘ од Мојсеевиот Закон, кои биле исполнети преку Христа (Галатјаните 4:9; 5:6—12; Филипјаните 3:2, 3).
16. Како лојалните слуги на Јехова се оѕвиваат на преиначувањата?
16 За разлика од тоа, Јеховиниот народ во денешно време се докажал лојален низ времиња на промени. Како што светлината на откриената вистина продолжува да сјае, се прават преиначувања (Изреки 4:18). Неодамна, ‚верниот и разборит роб‘ ни помогна да го прочистиме нашето разбирање на терминот „генерација“ употребен во Матеј 24:34 (НС), на временското ускладување на судењето на ‚овците‘ и ‚јарците‘ споменати во Матеј 25:31—46, како и на нашето гледиште спрема извесни видови граѓанска служба (Матеј 24:45, НС). Несомнено, некои отпадници би се радувале доколку многу од Јеховините сведоци круто би се држеле за претходното разбирање на таквите теми и би одбиле да напредуваат. Ништо такво не се случи. Зошто? Јеховиниот народ е лојален.
17. Како би можеле љубените лица повремено да ја стават на испит нашата лојалност?
17 Сепак, прашањето со лојалноста ставена на неумесно место може да нѐ погоди нас лично. Кога некој драг пријател или дури и член на семејството избира правец кој ги повредува библиските начела, можеби мислиме дека сме растргнати во поглед на лојалноста. Нормално, се чувствуваме лојални кон членовите на семејството. Но, не треба никогаш нашата верност спрема нив да ја ставаме пред нашата лојалност кон Јехова! (Спореди 1. Царства 23:16—18.) Ниту би им помагале на престапниците да сокријат некој сериозен грев ниту, пак, да застануваме со нив против старешините кои се трудат да ‚ги поправат со духот на кротоста‘ (Галатјаните 6:1). Ако правиме така, тоа би било нелојалност кон Јехова, кон неговата организација, како и кон љубеното лице. На крајот на краиштата, да стоиш помеѓу грешникот и стегата што му е потребна, всушност, значи да спречуваш да го достигне некој израз на Јеховината љубов (Евреите 12:5—7). Исто така, сети се дека се ‚искрени ударите од оној, кој сака‘ (Изреки 27:6). Отворениот совет полн со љубов, кој се темели на Божјата Реч, би можел да ја рани гордоста на љубеното лице кое греши, но долгорочно гледано би можел да се покаже животоспасувачки!
Лојалноста опстојува и покрај прогонството
18, 19. а) Што барал Ахав од Навутеј, и зошто Навутеј одбивал? б) Дали лојалноста на Навутеј вредела толкава цена? Објасни.
18 Понекогаш, Сатановите напади врз нашата лојалност се директни. Разгледај го случајот со Навутеј. Кога царот Ахав вршел притисок врз него да го продаде своето лозје, тој одговорил: „Да ме чува Господ да ти го дадам наследството од татковците свои“ (3. Царства 21:3). Навутеј не бил тврдоглав; тој бил лојален. Мојсеевиот закон заповедал ниеден Израелец да не продава за вечност некаков наследен земјишен имот (3. Мојсеева 25:23—28). Навутеј секако знаел дека овој злобен цар можел да го убие, бидејќи Ахав веќе дозволил неговата сопруга, Језавела, да убие многу од Јеховините пророци! Сепак, Навутеј останал цврст (3. Царства 18:4).
19 Лојалноста понекогаш изискува извесна цена. Со помош на некои „лоши луѓе“, Језавела направила Навутеј да биде наместен за злосторство што не го сторил. Како последица од тоа, тој и неговите синови биле погубени (3. Царства 21:7—16; 4. Царства 9:26). Дали тоа значи дека Навутеевата лојалност била ставена на неумесно место? Не! Навутеј спаѓа меѓу многуте лојални мажи и жени кои се „живи“ во Јеховиното сеќавање токму сега, спиејќи безбедно во гробот сѐ до времето на воскресението (Лука 20:38; Дела 24:15).
20. Како може надежта да ни помогне да ја задржиме својата лојалност?
20 Истото ветување за воскресение им дава сигурност и на Јеховините лојални лица денес. Ние знаеме дека нашата лојалност може скапо да нѐ чини во овој свет. Исус Христос за својата лојалност платил со својот живот, а на своите следбеници им рекол дека нема да бидат третирани ништо поарно (Јован 15:20). Како што неговата надеж за иднината го одржала него, така нѐ одржува и нашата (Евреите 12:2). На тој начин можеме да останеме лојални и покрај сите видови прогонства.
21. Какви уверувања им нуди Јехова на своите лојални?
21 Вистина, релативно малкумина од нас денес трпат такви директни напади врз нашата лојалност. Но, постои веројатност Божјиот народ да се соочи со уште поголемо прогонство пред да дојде крајот. Како можеме да бидеме сигурни дека ќе ја задржиме нашата лојалност? Така што ќе ја чуваме својата лојалност сега. Јехова ни дал еден голем налог — проповедање и поучување за неговото Царство. Лојално да се држиме за ова животоважно дело (1. Коринтјаните 15:58). Ако не дозволиме човечките несовршености да ја нагризат нашата лојалност кон Јеховината организација и ако се чуваме од такви прикриени облици на нелојалност, како што е лојалноста ставена на неумесно место, тогаш ќе бидеме подобро подготвени доколку нашата лојалност биде пожестоко испитана. Како и да е, можеме секогаш да бидеме уверени дека Јехова е непогрешливо лојален кон своите лојални слуги (2. Царства 22:26, НС). Да, тој ќе ги чува своите лојални! (Псалм 97:10, НС).
[Фусноти]
a Исус бил храбар да нападне еден толку профитабилен комерцијален концерн. Според еден историчар, храмската такса морала да се плаќа со конкретна древна еврејска монета. Затоа, многу посетители во храмот морале да ги променат своите пари за да ја платат таксата. На менувачите на пари им било дозволено да наплаќаат утврдена такса за менувањето, кое донесувало огромна сума пари.
b Види Разбудете се! од 22 декември 1993; 8 јануари 1994 и 22 јануари 1994 (сите англ.)
c Нивното братство потекнувало од она на Хасидите — група која се појавила со векови порано за да го спречи грчкото влијание. Хасидите го зеле своето име од хебрејскиот збор хасидим, што значи „лојални“ или „побожни“. Можеби тие мислеле дека стиховите во кои се спомнуваат Јеховините „лојални“, на некој посебен начин, важеле за нив (Псалм 50:5, НС). Тие, а и фарисеите после нив, биле фанатични, самонаименувани бранители на словото на Законот.
Како би одговорил?
◻ Како можеме да не дозволиме несовршеностите на другите да нѐ доведат до нелојалност?
◻ На кои начини нашата сопствена несовршеност би можела да нѐ доведе до нелојално однесување?
◻ Како можеме да се спротивставиме на тенденцијата својата лојалност да ја ставаме на неумесно место?
◻ Што ќе ни помогне да ја зачуваме својата лојалност дури и во времиња на прогонство?
[Рамка на страница 9]
Лојално да се служи во Бетелот
„Сѐ да се врши како прилега и уредно.“ Така напишал апостол Павле (1. Коринтјаните 14:40). Павле знаел дека, за да функционира едно собрание, би била потребна ‚уредност‘, организација. На сличен начин и денес, старешините мораат да донесуваат одлуки за практични работи, како што е доделување на собраниските членови на различни локации за студија на книга, подготвување состаноци за служба на теренот и проверување на обработеноста на подрачјето. Таквите подготовки може понекогаш да претставуваат испит на лојалноста. Тие не се божествено инспирирани заповеди и не можат да ги задоволат склоностите на секој поединец.
Дали за тебе понекогаш е предизвик да бидеш лојален на некои од практичните подготовки што се прават во христијанското собрание? Ако да, можеби ќе утврдиш дека корисен пример е Бетелот. Името Бетел, хебрејски термин што значи „дом Божји“, им е дадено на сите 104 подружници на Watch Tower Society, вклучувајќи го и главното седиште во САД.* Доброволците кои живеат и работат во бетелските комплекси сакаат овие места да одразуваат длабока почит и стравопочитување кон Јехова. Тоа бара лојалност од секој еден.
Посетителите во Бетелот честопати даваат коментари за уредноста и чистотата што ја гледаат таму. Работниците се организирани и среќни; нивниот говор и манири, па дури и нивниот изглед, одразуваат зрела, библиски школувана христијанска совест. Сите членови на една бетелска фамилија лојално се придржуваат за мерилата од Божјата Реч.
Освен тоа, Водечкото тело ги обезбедува со еден прирачник со наслов Živjeti zajedno u jedinstvu, кој љубезно изложува некои практични подготовки што се потребни за една таква голема фамилија добро да работи заедно (Псалм 132:1). На пример, таа зборува за сместувањето, оброците, хигиената, облекувањето и дотерувањето и слично. Членовите на бетелската фамилија лојално ги поддржуваат и се придржуваат за таквите подготовки, дури и кога нивните лични склоности би можеле да ги водат во друг правец. Овој прирачник тие не го сметаат за мноштво ладни правила и одредби, туку за збирка корисни упатства наменети да унапредуваат единство и хармонија. Надгледниците се лојални во поддржувањето на овие процедури темелени на Библијата, и ги користат на еден позитивен начин за да ја изградат и охрабрат бетелската фамилија да се стреми кон својата света бетелска служба.
* Овие фабрички, канцелариски и станбени комплекси не го сочинуваат Божјиот голем духовен храм, односно дом. Божјиот духовен храм ја претставува неговата подготовка за чисто обожавање (Михеј 4:1). Како таков, тој не е ограничен на некоја физичка градба на Земјата.
[Рамка на страница 10]
Лојалистот и легалистот
Во 1916, Encyclopædia of Religion and Ethics забележала дека „оваа разлика помеѓу лојалистот и легалистот [приврзаникот за законот] може да се најде во секое време и на секое место“. Таа објаснила: „Има легалист кој го прави она што му е речено, не кршејќи никакви правила; верен е на пишаното слово. Има лојалист кој го прави ова но . . . на него може да се смета многу повеќе, кој го внесува сиот свој ум во својата должност, кој го обликува својот дух во согласност со духот на целта на која треба да ѝ се служи“. Подоцна, истото ова дело забележало: „Да бидеш лојален значи да бидеш многу повеќе отколку само да се придржуваш за законот . . . Лојалниот човек се разликува од оној кој се придржува за законот како човек кој служи со сето свое срце и ум . . . Тој не си дозволува никакви доброволни гревови при постапувањето, поради пропуст или незнаење“.