Божјата љубов се гледа во мајчинската љубов
„Може ли жена да го заборави своето доенче и да не му се смилува на синот на својата утроба? Ако таа и го заборави него, јас нема да те заборавам тебе“ (ИСАИЈА 49:15).
НОВОРОДЕНЧЕТО мирно си лежи во рацете на својата мајка додека таа го дои. Од оваа глетка зрачат љубов и нежност. „Кога првпат го зедов моето бебенце в раце“, вели Пем, „ме преплавија чувства на љубов и одговорност за тој нов живот“.
Иако и само по себе е очигледно, истражувањата потврдија дека мајчинската љубов има силно влијание врз развојот на бебето. Еден документ од Програмата за ментално здравје што ја спроведе Светската здравствена организација вели: „Истражувањата покажаа дека бебињата што биле оставени и одвоени од своите мајки станале несреќни и потиштени, понекогаш дури и до степен на паника“. Во истиот документ е спомнато и едно истражување кое покажало дека децата што примаат љубов и внимание уште од рана возраст обично имаат значително повисок коефициент на интелигенција (IQ) од децата што се запоставувани.
Во врска со тоа колку е важна мајчинската љубов, Ален Шор, професор по психијатрија на Медицинскиот факултет при Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес (САД), вели: „Првата врска на детето — врската со мајката, служи како шаблон затоа што трајно ја обликува способноста на личноста да ги воспостави сите подоцнежни емоционални врски во животот“.
За жал, поради депресија, болест или други притисоци, некоја мајка може да го запостави, па дури и „да го заборави своето доенче“ (Исаија 49:15). Но, ова е исклучок, а не правило. Всушност, изгледа дека мајките се програмирани да ги сакаат своите деца. Истражувачите откриле дека при породувањето, кај мајката се лачи зголемено ниво на хормонот окситоцин, кој предизвикува контракции и подоцна игра улога во доењето. Се смета дека истиот овој хормон, кој се лачи и кај мажите и кај жените, игра улога и во природниот нагон да се постапува со љубов и несебичност.
Од каде потекнува љубовта?
Поборниците на еволуционистичката теорија велат дека несебичната љубов, како што е љубовта меѓу мајката и нејзиното дете, се појавила случајно и опстанала со природна селекција бидејќи им користела на видовите. На пример, во списанието Mothering Magazine, кое излегува на Интернет, пишува: „Првиот дел од нашиот мозок, кој се развил како дополнување на мозокот што сме го наследиле од влекачите, е лимбичниот систем, кој е седиште на емоциите. Тоа е оној дел од мозокот во кој се создава врска помеѓу мајката и нејзиното бебе“.
Точно, истражувањата открија дека лимбичниот систем игра голема улога во нашите емоции. Меѓутоа, дали ти звучи разумно дека мајчинската љубов кон нејзиното дете е производ на еден случаен израсток на мозокот на влекачите?
Размисли сега и за другото можно објаснување. Библијата вели дека луѓето се создадени според Божјиот лик, односно со способност да ги покажуваат истите особини што ги има Бог (1. Мојсеева 1:27). Негова главна особина е љубовта. „Кој не покажува љубов, не го запознал Бог“, напишал апостол Јован. Зошто? „Зашто Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Забележи дека овој библиски стих не вели дека Бог покажува љубов. Наместо тоа, во него се вели дека Бог е љубов. Тој е Изворот на љубовта.
Библијата ја опишува љубовта со следниве зборови: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива, не се фали, не се возвишува, не се однесува непристојно, не ја бара својата корист, не се раздразнува, не го памти злото. Не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината. Сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринќаните 13:4-8). Дали ти звучи логично дека оваа најблагородна особина се појавила како резултат на слепата случајност?
До каков заклучок доаѓаш?
Додека го читаше описот на љубовта во претходниот пасус, зарем во срцето не почувствува копнеж некој и кон тебе да покаже таква љубов? Сосема е природно да посакуваш такво нешто. Зошто? Затоа што ние „сме Божје потомство“ (Дела 17:29). Луѓето се создадени со способност и желба да примаат и да покажуваат таква љубов. А можеме да бидеме сигурни и дека Бог неизмерно нѐ сака (Јован 3:16; 1. Петрово 5:6, 7). Од библискиот стих што беше цитиран во почетокот на оваа статија се гледа дека Божјата љубов кон нас е уште посилна, уште потрајна од љубовта на мајката кон нејзиното дете!
Но, можеби ќе прашаш: ‚Ако Бог е мудар, ако е моќен и ако нѐ сака, зошто не му стави крај на страдањето? Зошто дозволува да умираат деца, да има неволји и да се уништува Земјата поради човечката лакомост и негрижа?‘ Ова се разумни прашања што бараат логичен одговор.
Што и да велат агностичарите, можно е да се најдат логични одговори на овие прашања. Милиони луѓе во неколку стотини земји ги нашле одговорите проучувајќи ја Библијата со Јеховините сведоци. Издавачите на ова списание те поттикнуваат и тебе да го сториш истото. Како што ќе учиш сѐ повеќе за Бог проучувајќи ја неговата Реч и она што го создал, ќе сфатиш дека Тој не е некаква далечна и непозната личност. Напротив, ќе се увериш дека Бог „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27).
[Истакната мисла на страница 8]
Божјата љубов кон нас е посилна од љубовта на мајката кон нејзиното дете