Зошто сме тука
ОД БИБЛИЈАТА дознаваме дека сѐ што прави нашиот Творец, Јехова Бог, е со некаква цел. На пример, размисли за едно од неговите дела — кружниот тек на водата, кој овозможува да постои живот на Земјата. Светото писмо го дава следниов поетски, но точен опис на овој процес: „Сите реки течат во морето, а морето сепак не се преполнува. Реките одново се враќаат на своите врутоци и одново го започнуваат својот тек“ (Проповедник 1:7).
За да истакне колку се веродостојни Божјите ветувања, Библијата прави паралела со овој циклус. Денеска се знае дека под дејство на сончевата топлина, водата од океаните, морињата и езерата испарува, и потоа повторно се враќа на земјата во облик на врнежи. Користејќи го овој циклус како пример, Јехова вели: „Така ќе се исполни мојата реч што излегува од мојата уста. Нема да се врати кај мене без плод, туку ќе го направи она што го сакам и ќе го изврши она поради кое сум ја испратил“ (Исаија 55:10, 11).
Преку облаците, на Земјата се враќа чиста вода која овозможува на неа да постои жив свет. Во духовна смисла, ‚речта што излегува од Божјата уста‘ исто така нѐ одржува во живот. Тоа го потврдил и Исус Христос кога рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4).
Ако учиме за Бог, би можеле да живееме во склад со неговата намера. Сепак, за да го постигнеме тоа, најпрвин треба да дознаеме која е Божјата намера. На пример, зошто Бог ја создал Земјата? Како сме вклучени во неговата намера во врска со неа? Да видиме.
Божјата намера со Земјата
Бидејќи сакал да им биде убаво на луѓето, Бог ги поставил првите маж и жена, Адам и Ева, во една рајска градина наречена Еден, а потоа им кажал да имаат деца. Тој рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја, и владејте над морските риби, над небесните суштества што летаат и над сите суштества што се движат по земјата!“ (1. Мојсеева 1:26-28; 2:8, 9, 15).
Што можеме да видиме од ова? Зарем не е јасно дека Бог сакал луѓето да ја претворат целата Земја во рај кој ќе им служи како дом? Неговата Реч вели: „Небесата му припаѓаат на Јехова, а земјата им ја дал на синовите човечки“ (Псалм 115:16).
Но, за да го доживеат остварувањето на Божјата намера да живеат засекогаш на Земјата, требало да му бидат послушни на Јехова, и со тоа да покажат почит кон него. Но, дали Адам бил послушен? Не, тој ја прекршил Божјата заповед и направил грев. Какви биле последиците? Целото потомство на Адам, вклучувајќи нѐ и нас, наследило грев и смрт. Библијата вели: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
Од таа причина, сите луѓе се смртни, а Земјата сѐ уште не е претворена во рај. Дали тоа значи дека Бог ја променил својата намера во врска со Земјата?
Не. Сети се дека Бог рекол: „Мојата реч што излегува од мојата уста... нема да се врати кај мене без плод, туку... ќе го изврши она поради кое сум ја испратил“. Освен тоа, тој ветил: „Ќе направам сѐ што сакам“ (Исаија 45:18; 46:10; 55:11). А она што Бог сака е да ја оствари својата првобитна намера целата Земја да стане рај во кој ќе живеат луѓе кои среќно ќе му служат, и тоа засекогаш! (Псалм 37:29; Исаија 35:5, 6; 65:21-24; Откровение 21:3, 4).
Како ќе се исполни Божјата намера
Доказ за Јеховината неспоредлива мудрост и љубов е тоа што овозможил луѓето да бидат ослободени од наследениот грев и од неговите последици, несовршеноста и смртта. Со таа цел, Бог обезбедил откупнина, која ќе овозможи послушните луѓе да добијат вечен живот (Матеј 20:28; Ефешаните 1:7; 1. Тимотеј 2:5, 6). Но, како го сторил тоа? Се погрижил да се роди машко дете кое не го наследило гревот од првиот човек, Адам, како што било случај со сите други луѓе.
Јеховиниот ангел Гавриел ѝ рекол на една девица по име Марија дека ќе роди дете преку чудо. Објаснил како ќе биде можно таа да роди, иако ‚уште не легнала со маж‘. Ова чудо го направил Бог. Тој го префрлил животот на својот првороден Син од небото во јајце-клетката на Марија. На тој начин, таа забременила со помош на светиот дух (Лука 1:26-35).
По девет месеци, се родил Исус како совршен човек сличен на првиот човек, Адам. Како возрасен, тој можел да го даде својот безгрешен живот преку жртвена смрт. Со тоа, Исус станал ‚вториот Адам‘ и поставил темел за сите верни Божји слуги да бидат откупени од гревот и од смртта (1. Коринќаните 15:45, 47).
Големата љубов што со тоа ја покажал Бог кон нас би требало длабоко да нѐ трогне! Како што вели Библијата: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Прашањето што се поставува е: Како да возвратиме на Божјата љубов? Зарем не со тоа што ќе покажеме ценење за неговиот дар? Еве како некои го прават тоа.
Живот што има смисла
Дениз, која беше спомната во претходната статија, увидела дека нејзиниот живот добил смисла откако почнала да му оддава чест на Бог со својата послушност. Таа раскажува: „Од Библијата научив дека Бог има долгорочна намера со луѓето, но и конкретна задача за оние што му служат денес. Не можам да си замислам подобар начин на живот од тоа да ја користам слободната волја што ми ја дал за да го славам живеејќи во склад со неговата намера“.
И ние би можеле да го правиме истото ако ја запознаеме и ја вршиме Божјата волја. Се разбира, сѐ уште не сме извлекле потполна корист од откупната жртва која ќе овозможи да станеме совршени и да живееме во еден нов, праведен свет. Но, во меѓувреме, многу е важно без одложување да ги задоволуваме духовните потреби кои Бог ги всадил во секого од нас.
Дејв, кого го спомнавме во првата статија, е пример за човек кој си ги задоволил овие потреби. Тој го пронашол одговорот на своите прашања во врска со смислата на животот. „Кога размислувам за минатото, можам да увидам дека, пред да дознаам која е Божјата намера, само сум тапкал во место. Не бев свесен дека празнината што ја чувствував беше всушност духовен глад. Повеќе немам такво чувство. Сфаќам зошто сум тука и како треба да го живеам животот“.
За разлика од ставовите на несовршените луѓе, Божјето гледиште за смислата на животот, кое е изнесено во Библијата, вистински нѐ исполнува. Тука сме затоа што Јехова нѐ создал со намера да го возвишуваме неговото име, да бидеме во добри односи со него, и на тој начин да ги задоволиме своите духовни потреби. Не само сега туку и во сета вечност можеме да се радуваме на исполнувањето на библиската изјава: „Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ (Псалм 144:15).
[Рамка/слика на страница 8]
СТРАДАЊЕТО КАКО ПРОБЛЕМ
Според некои, страдањето е најголема пречка да се дојде до одговор на прашањето зошто сме тука. Виктор Франкл рекол: „Ако животот има некаква смисла, тогаш мора да има смисла и страдањето. Страдањето е неизбежен дел од животот, како што се судбината и смртта“.
Библијата објаснува зошто има страдање и смрт. За нив не треба да го обвинуваме Бог. Страдањето и смртта се последици од погубната одлука на првите маж и жена да бидат независни од својот Творец. Оваа грешна склоност, која ја наследиле сите нивни потомци, е основната причина за страдањето.
Тоа што ќе дознаеме зошто сме тука нема да ни ги реши сите проблеми во животот, но може да ни помогне полесно да излеземе на крај со нив. Освен тоа, ќе ни влее вистинска надеж дека ќе дојде време кога Бог ќе ги отстрани смртта и страдањата засекогаш.
[Графикон/слика на страница 7]
За да истакне колку се веродостојни Божјите ветувања, Библијата прави паралела со кружниот тек на водата
[Графикон]
(Види во публикацијата)
дожд
испарување
испарување
езера, реки
океани
[Слика на страници 8 и 9]
Што нѐ уверува дека ќе дојде време кога Земјата ќе стане рај во кој ќе живеат среќни и здрави луѓе?
[Слика на страница 9]
‚Не можам да си замислам подобар начин на живот од тоа да ја користам својата слободна волја за да му служам на Бог‘ (Дениз)