Пророштва за иднината
КОГА зборувал за иднината на човекот и на Земјата, апостол Петар напишал: „Според [Божјето] ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13). Ветување за „нови небеса и нова земја“ најнапред било дадено преку пророкот Исаија (Исаија 65:17; 66:22). Со тоа што го цитирал ова пророштво, Петар покажал дека во негово време сѐ уште не било сосема исполнето.
Подоцна, некаде околу 96 год. од н.е., Откровението што било дадено преку апостол Јован ја поврзало таа „нова земја“ со благословите во Божјето Царство (Откровение 21:1-4). Исусовите зборови, како и она што го рекол апостол Павле за условите што ќе владеат во светот непосредно пред да дојде Божјето Царство, сега се исполнуваат. Затоа, може да очекуваме тоа Царство наскоро да донесе еден нов свет. Каков ќе биде тој нов свет? Тоа го дознаваме од библиската книга Исаија.
Во новиот свет
Ќе владее мир насекаде и сите ќе му служат на еден Бог. „Тие ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и своите копја во српови. Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да учат да војуваат“ (Исаија 2:2-4).
Мир меѓу луѓето и животните. „Волкот ќе живее со јагнето, леопардот ќе лежи со јарето, телето и младиот лав и згоеното животно ќе бидат заедно, а мало дете ќе ги води. Крава и мечка ќе јадат заедно, а нивните младенчиња ќе лежат едно до друго. Лавот ќе јаде слама како бик... Повеќе нема да се прави зло и нема да се пустоши на целата моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Исаија 11:6-9).
Изобилство храна за сите. „Јехова над војските ќе им подготви на сите народи на оваа планина гозба од избрани јадења, гозба од извонредно вино, од избрани јадења полни со срцевина, од стасано вино, процедено“ (Исаија 25:6).
Нема повеќе да има смрт. „Ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице. Ќе го отстрани срамот од својот народ по целата земја, зашто така рече Јехова“ (Исаија 25:8).
Мртвите ќе воскреснат. „Твоите мртви ќе оживеат. Ќе стане мртвото тело на мојот народ. Разбудете се и извикувајте, вие што живеете во правта!.. И земјата ќе ги врати на свет немоќните мртовци“ (Исаија 26:19).
Месијата ќе биде праведен судија. „Нема да суди според она што го гледа, ниту ќе укорува според она што го слуша. По правда ќе им суди на сиромасите, праведно ќе укорува, бранејќи ги кротките на земјата“ (Исаија 11:3, 4).
Слепите и глувите ќе бидат излекувани. „Ќе им се отворат очите на слепите и ќе им се отнат ушите на глувите“ (Исаија 35:5).
Пустината ќе стане плодна. „Ќе се радуваат пустината и безводниот крај, ќе се весели пустелијата и ќе процвета како шафран. Ќе цути и ќе се весели, ќе извикува од веселба и од радост“ (Исаија 35:1, 2).
Нова земја. „Јас создавам нови небеса [нова небесна влада] и нова земја [праведно ново човечко општество]. Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето. Туку, радувајте се и веселете се довека поради она што го создавам!.. Тие [жителите на новиот свет што го ветил Бог] ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род. Зашто, деновите на мојот народ ќе бидат како деновите на дрвото, и моите избраници ќе уживаат во плодовите на своите раце. Нема да се трудат залудно и нема да раѓаат деца што ќе доживеат несреќа, зашто тие се потомство благословено од Јехова, тие и нивните потомци. Пред да ме повикаат, јас ќе им се одѕвијам; уште ќе зборуваат, а јас ќе ги услишам.“ „,Како што новите небеса и новата земја што ги создавам јас стојат пред мене‘, вели Јехова, ‚така ќе стои и вашето потомство и вашето име‘“ (Исаија 65:17-25; 66:22).
Проречена е прекрасна иднина
Книгата Исаија не е единствената книга во која се проречени благословите што ќе ги доживееме во иднина. Библијата е полна со пророштва во кои се опишани прекрасните работи што Бог ќе ги направи преку своето Царство со кое ќе владее Христос.a Сакаш ли да живееш во такви рајски услови? Можно е да дочекаш такво нешто! Дознај што навистина учи Библијата за Божјите прекрасни намери што ќе ги исполни во иднината, и дознај како можеш да го доживееш тоа и ти. Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат.
[Фуснота]
a Нешто повеќе за Божјето Царство и за благословите што ќе ги донесе тоа можеш да прочиташ на страници 76-85 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 8]
Луѓето ќе живеат во мир меѓу себе и со животните
[Слика на страница 9]
Мртвите повторно ќе живеат
[Слика на страница 10]
Целата Земја ќе стане рај