Ќе му обрнеш ли внимание на Божјето предупредување?
ЛУЃЕТО честопати игнорираат предупредувања кои се животоспасувачки. Повеќето жители на Помпеја ги игнорирале заканувачките звуци од планината Везув. На сличен начин, повеќето луѓе денес ги игнорираат предупредувањата за една идна глобална катастрофа. Но за оние кои се спремни да им погледнат в очи на фактите, предупредувањето е реално како што биле реални и светкањата и огнот кој избивал од планината Везув во првото столетие. Две светски војни, стотици помали вооружени судири, глад, големи земјотреси, чуми, непрестајни бранови од криминал и насилство, како и една светска кампања на проповедање — сите тие заедно сочинуваат едно драматично предупредување дека човечкото општество забрзано се приближува кон катастрофална криза.
Библијата го дава следново отрезнувачко пророштво: „Ќе биде мака [голема неволја, New World Translation of the Holy Scriptures], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде“ (Матеј 24:21). Како што било случај со несреќата на Помпеја, ќе има и такви коишто ќе се спасат — „големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици“ ќе преживее, односно ‚ќе дојде од големите маки [големата неволја, NW]‘ (Откровение 7:9, 14).
Прашањето е: Кога ќе настапи ова уништување? Постои убедлива причина да веруваме дека неволјата е неизбежна. За да дознаат кога ќе се случат тие настани, Исусовите ученици прашале: „Каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [твојата присутност, NW] и за свршетокот на светот?“ (Матеј 24:3). Забележи го одговорот што го дал Исус Христос.
Војна—истакната карактеристика на комбинираниот знак
Исус не претскажал само еден истакнат настан. Наместо тоа, тој говорел за серија од настани кои, гледано во целина, требало да сочинуваат едно Божје предупредување — комбиниран знак за свршетокот на системот на ствари. Првиот настан што бил проречен е опишан во Матеј 24:7: „Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство“. Во едно паралелно пророштво, во Откровение 6:4, Библијата претскажува дека ‚мирот ќе биде одземен од земјата‘. Тоа значело војна од неспоредливи размери.
Историјата ни кажува дека ова пророштво за глобална војна почнало да се исполнува од знаменитата 1914 година. Во врска со годините пред 1914, книгата American Adventures вели: „Мнозина Американци влегоа во новото столетие полни со надеж. Тоа беа ‚добрите години‘ кои траеја сѐ до втората деценија од столетието. . . . Тогаш, на 28. јули 1914, ова расположение го потресе еден единствен збор: војна“. Така започна I Светска војна која траеше од 1914 до 1918 и која некои ја означија како „војна која треба да им стави крај на сите војни“. Дваесет и осум земји беа директно вклучени во неа. А ако ги вклучиме и земјите што служеа како нивни колонии, завојуваните нации претставуваа скоро 90 отсто од светското население во тоа време.
Во Првата светска војна исто така беа употребени нови и многу смртоносни направи за војување, како митралези, отровен гас, пламенофрлачи, тенкови, авиони и подморници. Беа убиени скоро десет милиони војници — повеќе отколку сите војници во сите поголеми војни што биле водени во претходните 100 години! Околу 21 милион војници беа ранети. Навистина, тоа беше глобална војна која ја означи 1914 година како почеток на „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1). Меѓутоа, војните биле само една карактеристика на Исусовиот знак.
Други карактеристики на знакот
Исус додал: „Ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на болките [болните неволји, NW] (Матеј 24:7, 8). Лука 21:11 кон списокот додава и „помор“ [чуми, NW]. Пред да заврши I Светска војна, епидемија на шпански грип почна да ја зафаќа Земјата. На крајот, таа уби преку 20 милиони луѓе, повеќе отколку сите оние кои умреа во војната.
Во текот и после војната, милиони други умреа од изгладнетост. Земјотресите исто така го зедоа својот данок. Во 1915, над 30.000 луѓе настрадаа во Италија; во 1920 околу 200.000 загинаа во Кина; во 1923 скоро 143.000 умреа во Јапонија. Сепак, како што укажал Исус, сето тоа било само почеток на болните неволји. Еден речник ја дефинира „болката“ како „краток, продорен грч“. Овој свет, од 1914 наваму, се тетерави од една болка во друга со сѐ поголема јачина и зачестеност. На пример, само 21 година по I Светска војна, започна Втората светска војна, која зеде 50 милиони жртви и која го воведе човештвото во нуклеарна ера.
Во последниве години многу се говореше за уште една причина за несреќа: човековото уништување на околината. Иако Исус посебно не го споменал ова во своето пророштво, Откровение 11:18 покажува дека пред уништувањето кое следи, човекот ќе ја ‚погуби земјата‘. Доказите за ова упропастување се изобилни. Еколошкиот советник Норман Маерс во книгата State of the World 1988 ја дава следнава застрашувачка порака: „Ниедна генерација во минатото не била соочена со изгледот за масовно изумирање за време на својот животен век. Ниедна друга генерација во иднината нема повеќе да се соочи со сличен предизвик: ако сегашнава генерација не се фати во костец со задачата, штетата ќе се случи и нема да има ‚друга шанса‘“.
Разгледај го извештајот од списанието Newsweek од 17. февруари 1992 за трошењето на озонот во атмосферата. Цитирана е специјалистката за озон од организацијата „Greenpeace“, Александра Ален, која предупредува дека губитокот на озонот „сега претставува закана за иднината на целиот живот на Земјата“. (За натамошни докази, види ја рамката на оваа страница.)
Просторот не ни дозволува детално да дискутираме за сите аспекти на Исусовото пророштво. (Види ја картата на страница 5 за преглед на другите пророчки карактеристики.) Сепак, една карактеристика која не може да се превиди е опишана во Матеј 24:14: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“. Не постои неизвесност околу тоа кој го извршува ова глобално проповедничко дело. Само во 1992 Јеховините сведоци во 229 земји потрошија преку една милијарда часови во ова дело. Така, нивното дело го сочинува највидливиот доказ дека живееме во последните денови.
Не дозволувај да бидеш измамен!
Сепак, можеби некои аргументираат дека сето ова говорење за „последните денови“ е чист песимизам. ‚А што е со неодамнешниот пад на комунизмот во Источна Европа? — прашуваат тие — ‚или со напорите на суперсилите да создадат мир? Зарем тоа не е доказ дека работите одат на подобро?‘ Не. Забележи, Исус не рекол дека целиот свет постојано ќе биде опфатен со војни, земјотреси и глад за време на последните денови. За добрата вест да биде проповедана по целиот свет, потребни се најмалку неколку периоди на релативен мир.
Исто така, сети се дека Исус ги споредил последните денови со деновите пред Ноевиот потоп. Во тоа време луѓето биле преокупирани со јадење, пиење, женидби и мажачки — со нормални животни активности (Матеј 24:37-39). Тоа требало да покаже дека, додека приликите во текот на последните денови ќе бидат неволни, работите нема да се влошат до толкава мера поради која нормалните активности во животот ќе бидат невозможни. Како во времето на Ное, огромното мнозинство од човештвото е толку преокупирано со секојдневните прилики што не ја забележува сериозноста на времето.
Затоа, би било опасно да се падне во рамнодушност поради само некои навидум поволни политички настани. (Спореди 1. Солунјаните 5:3.) Непобитен е доказот дека Исусовото пророштво се исплонува токму сега — а тоа претставува предупредување дека уништувањето е близу!
Славен исход
Уништувањето на Помпеја донело смрт и беда. Меѓутоа, крајот на овој сегашен систем ќе го расчисти патот кој води до вечен живот на прекрасна рајска Земја (Откровение 21:3, 4). Раздорните човечки влади повеќе нема да ја пустат Земјата со војни. Луѓето повеќе нема да треперат поради заканата од нуклеарен холокауст. Ќе исчезнат фабриките кои исфрлаат токсични хемикалии во околината (Даниел 2:44).
Во тоа време секој жив човек ќе биде љубител на праведноста и вистински пријател, потполно послушен на владата на Царството (Псалми 36:10, 11). Болниците, погребните заводи и гробиштата ќе припаѓаат на минатото. Исто така, повеќе нема да има разводи, разделувања и злоупотреба на деца (Исаија 25:8; 65:17).
Дали сакаш да ги преживееш последните денови и да доживееш да го видиш Божјиот славен нов свет? Тогаш, ‚биди буден оти не знаеш кога ќе настане времето [одреденото време, NW]‘ (Марко 13:33). Сепак, од светските настани е очигледно дека одреденото време е близу — опасно близу за мнозина. Нема време за губење. Затоа, преземи животоспасувачки чекори и побарај ги оние кои внимаваат на глобалниот знак за последните денови. Тие лесно можат да се препознаат, зашто само тие ја слушаат Исусовата заповед да ја проповедаат добрата вест за Царството по целиот свет. Заедно со нив, преземи чекори да му се приклучиш на Царот, Исус Христос, за кого е речено: „Во Неговото име народите ќе се надеваат“ (Матеј 12:18, 21).
[Рамка на страница 5]
Дваесет и четири карактеристики на знакот
1. Беспримерни војни (Матеј 24:6, 7; Откровение 6:4
2. Земјотреси (Матеј 24:7; Марко 13:8)
3. Недостаток на храна (Матеј 24:7; Марко 13:8)
4. Помори (Лука 21:11; Откровение 6:8)
5. Пораст на беззаконието (Матеј 24:12)
6. Упропастување на Земјата (Откровение 11:18)
7. Љубовта ќе олади (Матеј 24:12)
8. Страшни знаци (Лука 21:11)
9. Прекумерна љубов кон пари (2. Тимотеј 3:2)
10. Непослушност кон родителите (2. Тимотеј 3:2)
11. Повеќе ги љубат задоволствата отколку Бог (2. Тимотеј 3:4)
12. Преовладува љубовта кон себе (2. Тимотеј 3:2)
13. Општ недостиг на природна наклоност (2. Тимотеј 3:2).
14. Луѓето не се отворени за никаков договор (2. Тимотеј 3:3)
15. Самосовладувањето недостасува на сите нивоа од општеството (2. Тимотеј 3:3)
16. Раширено губење на љубов кон добротата (2. Тимотеј 3:3)
17. Мнозина лицемерно тврдат дека се христијани (2. Тимотеј 3:5)
18. Прекумерно јадење и пиење кај некои (Лука 21:34)
19. Подбивачите го отфрлаат знакот (2. Петрово 3:3, 4)
20. Активни се многу лажни пророци (Матеј 24:5, 11; Марко 13:6)
21. Проповедање на добрата вест за Божјето воспоставено Царство (Матеј 24:14; Марко 13:10)
22. Прогонување на вистинските христијани (Матеј 24:9; Лука 21:12)
23. Повикот за мир и безбедност ќе ја означи кулминацијата на последните денови (1. Солунјаните 5:3)
24. Луѓето не забележуваат опасност (Матеј 24:39)
[Рамка на страница 6]
Проблеми со околината — знак на времињата
◻ Заштитниот озонски штит над густо населените меридијани на северната хемисфера се истенчува двапати побрзо отколку што научниците мислеа пред само неколку години.
◻ Најмалку по 140 растителни и животински видови изумираат секој ден.
◻ Атмосферските нивоа на јаглерод доксид, којшто ја намалува температурата, сега се повисоки за 26 отсто во однос на нивото на јаглерод диоксидот пред да дојде до раширен развој на индустријата, и тие растат и понатаму.
◻ Земјината површина во 1990 беше потопла отколку во било која година откако почна да се врши регистрирањето од средината на XIX век; шест од седумте најтопли забележани години се случија од 1980 наваму.
◻ Шумите исчезнуваат со стапка од околу 17 милиони хектари годишно — површина голема скоро колку половина Финска.
◻ Светското население има прираст од 92 милиони луѓе годишно — отприлика како да се додава еден нов Мексико секоја година; од овој износ, 88 милиони отпаѓаат на земјите во развој.
◻ На околу 1,2 милијари луѓе им недостасува вода за пиење.
Според книгата „State of the World 1992“, издадена од Worldwatch Institute, страници 3, 4, W. W. Norton & Company, Њујорк, Лондон.
[Слика на страница 7]
По уништувањето ќе дојде Божјиот славен нов свет