Што вели Библијата
Дали Бог простува тешки гревови?
МИЛОСТА е една од најистакнатите особини на Бог (Псалм 86:15). Колкава е милоста на Бог? Псалмистот напишал: „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане? Зашто, во тебе е вистинското простување, за да се бојат од тебе“ (Псалм 130:3, 4). На едно друго место пишува: „Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи. Како што е таткото милосрден кон своите синови така Јехова е милосрден кон оние што се бојат од него. Зашто, тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:12-14).
Јасно, Јехова покажува огромна милост. Кога простува, тој целосно ги брише гревовите, бидејќи знае колкави се нашите можности и колку сме несовршени — дека сме „прав“. А сега да видиме неколку примери од Библијата што ни покажуваат колку е милостив Бог.
Апостол Петар трипати се одрекол од Исус (Марко 14:66-72). Пред да стане христијанин, апостол Павле ги прогонувал следбениците на Христос. Кога се гласало дали да бидат погубени некои од нив, Павле гласал „за“. Дури и го одобрувал убиството на еден христијанин (Дела 8:1, 3; 9:1, 2, 11; 26:10, 11; Галатите 1:13). Некои од собранието во Коринт, пред да станат христијани, биле пијаници, изнудувачи и крадци (1. Коринќаните 6:9-11). Сепак, по извесно време, тие станале Божји слуги. Зошто Бог им простил?
Три чекори до милоста од Бог
„Ми беше покажано милосрдие, зашто бев во незнаење и го правев тоа додека немав вера“, напишал Павле (1. Тимотеј 1:13). Овие искрени зборови нѐ водат до првиот чекор што е потребен за да ни прости Бог — не треба да бидеме во незнаење, туку да го запознаеме Јехова и неговите мерила од Библијата (2. Тимотеј 3:16, 17). Во едно можеме да бидеме сигурни: ако не го запознаеме добро нашиот Творец, нема да постапуваме како што сака тој. Во една молитва до својот татко, Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).
Кога еден искрен човек добро ќе го запознае Бог, му станува многу жал за сите грешки и од срце се кае што ги направил. Тоа е вториот чекор што е потребен за да ни прости Бог. Во Дела 3:19 пишува: „Покајте се и обратете се за да ви бидат избришани гревовите“.
Одовде дознаваме и кој е третиот чекор — да се обратиме. Да се обратиме значи да престанеме да се однесуваме и да размислуваме како порано и да ги прифатиме Божјите мерила и гледишта (Дела 26:20). Едноставно кажано, дали вистински ни е жал за грешките се гледа по нашите постапки, а не само по зборовите.
Бог не простува секогаш
Има луѓе на кои Бог не им ги простува гревовите. Павле напишал: „Ако намерно грешиме, откако добро ја запознавме вистината, повеќе не ни преостанува жртва за гревови, туку страшно очекување на судот“ (Евреите 10:26, 27). „Намерно грешиме“ кога свесно не сакаме да се промениме иако постапуваме погрешно. Оној што постапува вака е злобен.
Таков станал Јуда Искариот. За него Исус рекол: „Подобро ќе му беше воопшто да не се ни родеше“ (Матеј 26:24, 25). Освен за него, за некои религиозни водачи од своето време, Исус рекол: „Вашиот татко е Ѓаволот... Кога зборува лага, го зборува своето, бидејќи е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44). Исто како Ѓаволот, овие луѓе биле расипани во душата. Не само што не се каеле за она што го правеле туку оделе од лошо на полошо.a Вистина, и искрените христијани се несовршени и имаат слабости поради кои прават гревови, понекогаш и тешки. Но, тие не се закоравени грешници (Галатите 6:1).
Милостив до последен здив
Јехова е свесен не само каков грев направил некој туку и каков е неговиот став (Исаија 1:16-19). Да ги земеме за пример двајцата разбојници што биле приковани на столбови заедно со Исус. Очигледно и двајцата направиле тешки злодела, зашто едниот си признал: „Го добиваме она што го заслуживме со своите дела, но овој [Исус] не направил никакво зло“. Ова што го рекол покажува дека тој знаел нешто за Исус. Веројатно тоа му помогнало да си го смени ставот. Дека вистински се покајал се гледа и од следното што го рекол: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство!“ Како одговорил Исус на оваа искрена молба? Со зборовите: „Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:41-43).
Размисли: Меѓу последните зборови на Исус биле овие зборови на милост упатени кон еден човек кој самиот признал дека направил нешто што заслужувало смрт. Колкава надеж ни влева ова! Значи, можеме да бидеме сигурни дека Исус Христос и неговиот Татко, Јехова, ќе бидат милостиви кон сите што покажуваат дека искрено се каат за своите грешки (Римјаните 4:7).
[Фуснота]
a Види ја статијата „Дали си згрешил против светиот дух?“ на страници 16-20 во Стражарска кула од 15 јули 2007.
ШТО МИСЛИШ?
◼ Како би ја опишал Божјата милост? (Псалм 103:12-14; 130:3, 4).
◼ Кои чекори треба да ги направиме за Бог да ни прости? (Јован 17:3; Дела 3:19).
◼ Што му ветил Исус на еден злосторник? (Лука 23:43).
[Слика на страница 10]
Исус покажал дека може да ни бидат простени и тешки гревови