Бев командант, а сега сум „војник на Христос“
Раскажал Марк Луис
„Добро утро, Ваше Височество.“ „Добар ден, Екселенцијо.“ „Добра вечер, премиеру.“ Овие поздрави ги користев како пилот и командант на Австралиското кралско воено воздухопловство, единица за многу важни личности. Мојата работа беше да ги пренесувам претставниците на државниот врв низ Австралија и низ светот. Но, денеска правам нешто што ми носи многу поголемо задоволство. Да ви раскажам.
РОДЕН сум во Перт (Западна Австралија) во 1951 год. Татко ми беше воено лице. На 15 години се зачленив во едриличарскиот аероклуб. Така се роди мојата трајна љубов кон летањето.
Кратко потоа моите родители се разведоа, и секој од нас тргна на своја страна. Еден командант на ескадрила во военото воздухопловство и неговото семејство беа многу љубезни и ми предложија да живеам кај нив додека да завршам средно училиште. Се угледав на командантот и станав питомец во Австралиската кралска академија на воздухопловните сили.
Како станав пилот
По околу шест години, дипломирав на воената академија по физика и станав офицер и пилот. Прва работа ми беше авионски да пренесувам војници и воена опрема низ Австралија, во јужнопацифичките земји и во југоисточна Азија. Често летавме низ високи планински превои или во длабоки долини и слетувавме на тревни писти. Сето ова беше многу опасно. Неколку авиони од нашата ескадрила паднаа и неколку вешти пилоти загинаа. Сепак, со авионите им помагавме на луѓето во изолираните места. Пренесувавме градежни материјали за мостови, мали булдожери за правење патишта, храна во вонредни состојби и медицински екипи. Пренесувавме и повредени луѓе во итни случаи.
Во 1978 год., се квалификував за инструктор и повторно се вратив во Академијата, но овојпат за да ги учам младите да станат пилоти. Тогаш ни се обнови пријателството со Дајана, млада вдовица која имаше тригодишна ќеркичка. Нејзиниот сопруг ми беше колега на Академијата, но загина во една авионска несреќа. Кога ја прашав дали би се омажила за мене, ме замоли да ѝ дадам време да размисли. Не беше сигурна дали повторно би сакала да се омажи за пилот.
Во меѓувреме, прифатив да работам 12 месеци како аѓутант на генералниот гувернер на Австралија. Тоа што живеев во неговата резиденција, во Канбера, ми даде увид како функционира политичкиот живот и ме доведе во тесна соработка со цивилни и воени функционери и со верски водачи. Кога завршив со работата таму, повторно се вратив да работам како инструктор во Академијата. Кратко потоа, во 1980 год., се венчавме со Дајана.
Во 1982 год., прифатив да се разменам на две години со колега од Соединетите Американски Држави, што значеше јас таму да работам како офицер што ја проверува безбедноста на воздухопловството и врши истраги на авионесреќите, а тој да дојде и да го работи истото во Австралија. Тие две години патував низ целата територија на САД и подалеку, сѐ до северна Ирска. Мојата задача беше да испитам како дошло до некои авионски несреќи и да проценам што би можело да се подобри во конструкцијата на авионите или во техниката на летање за да се намали бројот на несреќи.
Повторно во Австралија
Откако се вратив во Австралија, семејството ни се зголеми на четири члена, бидејќи се роди нашата ќерка, Кери. Јас работев по цели денови, па Дајана им беше и мајка и татко на нашите девојчиња, што лошо се одрази врз семејството. По три години, за првпат бев поставен за командант на единицата за многу важни личности при Австралиското кралско воено воздухопловство, како што веќе спомнав. Во 1991 год., кога избувна војната во Персискиот Залив, мојата единица помагаше во операциите на ООН таму, а потоа и на други места, меѓу кои Пакистан, Авганистан, Африка и Израел.
Во 1992 год. станав штабен офицер на врховниот командант на одбранбените сили. Тоа што служев како асистент на еден воен командант од највисок ранг во Австралија ми даде можност одблиску да видам какви се врските помеѓу војската, политичарите и ООН. Дојдов до заклучок дека ООН има многу недостатоци. Сепак, за мене таа беше единствената шанса за подобар свет. Но, тоа време во моето семејство се случуваа некои промени што ме поттикнаа да сменам некои свои гледишта.
Дајана го најде одговорот
Откако ѝ умрел првиот маж, Дајана, која беше римокатолик, го барала одговорот на многу прашања, но попусто. Ситуацијата стана уште посериозна кога нашата постара ќерка, Рени, почна да се интересира за окултизмот. Кога била кај една своја пријателка, Дајана забележала списание со наслов Разбудете се! во кое пишувало дека во следниот број ќе се зборува за сатанизмот.a Никогаш претходно го немала видено списанието Разбудете се! По патот до дома, цело време се прашувала: „Како да го добијам следниот број?“
По три дена, на нашата врата тропнаа Јеховините сведоци, и Дајана го доби списанието што го посакуваше. Подоцна почна да ја проучува Библијата и да оди на состаноците на Јеховините сведоци. Мене ми беше мило што учеше од Библијата, дури понекогаш доаѓав со неа на состаноците, но не гледав потреба да правам нешто повеќе од тоа. Сметав дека не сум религиозен. Верував дека има Бог, но имав видено премногу лицемерство во религиите за да сметам дека треба сериозно да се посветам на некоја од нив. На пример, не можев да разберам зошто воените капелани проповедаа љубов и мир, а ја поддржуваа војната.
Дајана оставаше Стражарска кула и Разбудете се! низ дома, небаре случајно, за јас да ги прочитам. Јас ќе прочитав некое од нив и внимателно ќе го оставев исто како што си беше. Не сакав да си помисли дека сум се заинтересирал. Кога дознав повеќе, два стиха од Библијата ме вознемирија. Едниот беше Откровение 19:17, 18, кој кажува дека птиците ќе јадат месо од „воени заповедници“. Другиот беше Откровение 17:3, во кој се спомнува „црвен ѕвер“. Сведоците сметаат дека овој ѕвер ги претставува Обединетите нации, што беше спротивно од гледиштето што јас тогаш го имав за таа светска организација.b Но, ги бркав од мислите прашањата што ми се појавуваа.
Во 1993 год., Дајана ме покани да присуствувам на нејзиното крштавање. Тоа некако ме изненади. Ја прашав: „Кога би требало да бираш меѓу Јехова и мене, кого би го избрала?“ Ми одговори: „Јехова. Но, повеќе би сакала да не морам да бирам. Најмногу сте ми потребни и двајцата“. Тогаш сфатив дека треба да дознаам повеќе за оваа друга личност што се појави во нејзиниот живот. Еден старешина од собранието ми понуди да ја проучуваме Библијата, и јас прифатив.
Многу се заинтересирав за библиските пророштва, особено за оние што се однесуваа на воената и политичката историја. На пример, како дел од обуката за служба во воздухопловните сили, ги изучував воените достигнувања на старите Грци. Сега дознав дека голем дел од таа историја била запишана во 8. поглавје од книгата Даниел со векови пред да се случи. Ова пророштво, како и други, малку по малку ме уверија дека Библијата е вдахновена од Бог.
Исто така, почнав поинаку да гледам на ООН. Знаев дека војската не може да ги реши проблемите на луѓето, дека заканите со војна не можат навистина да водат до мир и дека ООН не може да ги отстрани политичките, религиозните и етничките разлики кои се причина за војните. Сѐ повеќе согледував дека единствено Бог може да ги реши проблемите на човештвото. А изгледа дека токму тоа го имаше постигнато кај Јеховините сведоци, кои живееја како браќа и сестри низ целиот свет (Псалм 133:1; Исаија 2:2-4). Но, се прашував: „Ќе можам ли да се откажам од својата професија за да му служам на Бог?“
Одлучив да му служам на Бог
Одлуката падна во 1994 год., кога бев на обласен конгрес на Јеховините сведоци во Сиднеј. Во склоп на програмата се одигра костимирана драма која истакна со каков избор се соочиле древните Израелци — ќе му служат на Јехова или на Ваал, еден ханаански бог. Пророкот на Јехова ги ставил Израелците пред тој избор: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Јехова вистинскиот Бог, одете по него, а ако е Ваал, одете по него“ (1. Царевите 18:21). Овие зборови ми се врежаа длабоко во срцето. Исто како тогашните Израелци, и јас седев на два стола. Морав да се решам: или ќе му служам на Јехова или ќе продолжам со воената служба.
На враќање, во автомобилот ѝ кажав на Дајана дека решив да го напуштам военото воздухопловство и да станам Јеховин сведок. Се изненади што донесов една толку неочекувана одлука, но многу ѝ беше мило. И по неколку дена сѐ уште го мислев истото, па затоа поднесов оставка.
Тогаш работев како командант на питомците при Австралиската академија на одбранбените сили во Канбера, главниот град на државата. Бев надлежен за воената и академската обука на околу 1.300 питомци за копнена војска, морнарица и воздухопловство, како и за персоналот. Последниот ден од учебната година се собраа околу 400 апсолвенти и вработени во академијата. Пред сите нив кажав дека ја напуштам војската за доброволно да служам како христијански проповедник, што значи дека ќе одам од куќа до куќа и ќе ги поучувам луѓето за Библијата. Таа изјава беше повод за неколку интересни разговори со некои од нив.
Почнав полновремено да проповедам
Со проповедањето започнав на денот кога мојата оставка беше прифатена. По три месеци, во април 1995 год., се крстив. Веднаш штом можеше, почнав да служам како општ пионер, што значи дека секој месец проповедав по повеќе часови.
Трансформацијата од воен командант во „војник на Христос“ бараше многу промени во животот (2. Тимотеј 2:3). Една од првите задачи што ги добив во собранието беше да го додавам микрофонот за време на состаноците. Наместо да давам наредби, сега требаше да научам да прашам дали можам да направам нешто или не. Обѕирноста и љубовта ми станаа поважни од ефикасноста, иако сѐ уште се борам да постигнам рамнотежа меѓу овие две работи. А поради помалите примања, нашето семејство мораше да се научи да живее со помалку.
Многу ми беше убаво да проповедам, и сѐ уште ми е. Еднаш кога проповедав со Кери, која тогаш имаше 9 години, ѝ реков да забележи како реагираат луѓето. Наскоро увидовме дека многу луѓе беа незаинтересирани, но некои беа љубезни, па дури и заинтересирани. Ова нѐ охрабри и двајцата. Другата ќерка извесно време ја проучуваше Библијата, но сега-засега одлучи да не му служи на Јехова.
И јас и Дајана ја поттикнувавме Кери да започне со полновремена служба. Пред извесно време бев пресреќен што заедно со неа бев на Школата за пионери. Нејзе ѝ беше првпат, а мене вторпат. Колку се радувам кога гледам како таа, а и други млади, напредуваат духовно и се посветуваат на службата на проповедање! (Псалм 110:3).
Бројни благослови
Кога ќе споредам, гледам колку сличности и разлики има помеѓу обичниот војник и војникот на Христос. И во двата случаја се бара верност, подложност, оддаденост, самодисциплина и самопожртвуваност. Но, додека мнозина во војската се спремни да умрат за својата земја и пријатели, од вистинските христијани се бара да ги сакаат дури и своите непријатели (Матеј 5:43-48). И додека воените херои може да добијат орден и за само еден чин на храброст, вистинските христијани ќе бидат одобрени од Бог ако верно му служат без престан — што може да значи дека ќе треба да бидат храбри и кога постојано, од година в година, другите им се спротивставуваат и ги исмеваат, или се борат со други проблеми (Евреите 10:36-39). Сохристијаните се најдобрите луѓе што ги познавам.
За разлика од поздравите што ги спомнав на почетокот, денес велам: „Добро утро, сестро“ или „Добра вечер, брате“. Многу ме исполнува тоа што му служам на Бог со луѓе што вистински Го сакаат! Но, најголема чест ми претставува тоа што му служам лично на Највишиот, Јехова! Не можам да си замислам да го живеам животот поинаку.
[Фусноти]
a Статијата излезе во англиското издание од Разбудете се! од 22 октомври 1989, страници 2-10.
b Види на 240-243. страница од книгата Откровение — близу е величествената завршница!, издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 14]
Додека мнозина во војската се спремни да умрат за својата земја и пријатели, од вистинските христијани се бара да ги сакаат дури и своите непријатели
[Слика на страници 12 и 13]
Летам над парламентот во Канбера со млазен авион за превоз на многу важни личности
[Слика на страница 15]
Драмата на обласниот конгрес во 1994 во Сиднеј (Австралија)
[Слика на страница 15]
Со Кери на Школата за пионери
[Слика на страница 15]
Со Дајана и Кери денес