Животот и службата на Исус
Во петок погребан, во недела празен гроб
СЕГА е петок доцна попладне, а по заоѓање на Сонцето ќе почне Сабат, 15. Низан. Исусовото тело виси опуштено на столбот, но двајцата разбојници покрај него сѐ уште се живи. Петок попладне се нарекува Припрема, бидејќи луѓето тогаш приготвуваат јадења и ја привршуваат секоја друга работа која не може да чека до после Сабатот.
Сабатот кој наскоро ќе започне не е вообичаен Сабат (седмиот ден во неделата), туку двоен, или ”голем“ Сабат. Така е наречен бидејќи 15. Низан, кој е прв ден од седмодневниот празник на бесквасните лебови (и секогаш е Сабат, без разлика кој ден од неделата е), се паѓа во истиот ден како и редовниот Сабат.
Според Божјиот закон, телата не смеат да се оставаат да висат на столбот преку ноќта. Затоа Евреите бараат од Пилат да се забрза смртта на оние кои се погубени со кршење на нозете. Затоа војниците им ги кршат нозете на двајцата разбојници. Бидејќи се гледа дека Исус е мртов, нему не му ги кршат нозете. Со тоа се исполнува Писмото: ”Ниту коска нема да му биде скршена.“
Сепак, за да отстрани било какво сомнение дека Исус е мртов, еден од војниците забодува копје во страната. Копјето го прободува пределот на срцето, и веднаш излегува крв и вода. Апостол Јован, кој е очевидец на тоа, известува дека со тоа се исполнило едно друго писмо: ”Ќе погледнат на Оној кого го прободоа.“
На погубувањето е присутен и Јосиф од градот Ариматеја, угледен член на синедриумот. Тој одби да гласа во корист на неправедната одлука на високиот суд против Исус. Јосиф всушност е Исусов ученик иако се плашел да се изјасни како таков. Меѓутоа, тој покажува храброст и оди кај Пилат да го замоли за Исусовото тело. Пилат го повикува воениот заповедник кој е на должност и откако овој потврдува дека Исус е мртов, Пилат им го предава телото.
Јосиф го зема телото и го завиткува во чисто, фино платно, припремајќи го за закоп. Во тоа му помага Никодем, друг член на синедриумот. Никодем исто така не ја призна својата вера во Исус од страв дека ќе ја изгуби својата положба. Меѓутоа, сега донесува една смеса која содржи околу 100 римски литри (или 33 килограми) миро и алој. Го завиткуваат Исусовото тело во повој кој ги содржи овие миродии, на начин на кој Евреите обично ги подготвуваат телата за закоп.
Потоа телото го положуваат во Јосифовиот нов спомен-гроб издлабен во камен во блиската градина. На крајот, довлечкуваат голем камен пред гробницата. За да го завршат закопот пред Сабатот, подготвувањето на телото се врши забрзано. Затоа, Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков Помалиот, кои веројатно помагаат околу подготвувањето, брзаат дома за да приготват уште миродии и мирисни масла. Планираат по Сабатот да го припремат телото на Исус за да биде сочувано подолг временски период.
Наредниот ден, кој е сабота (Сабат), свештеничките поглавари и фарисеите одат кај Пилат и велат: ”Господине, се сетивме дека овој лажливец уште додека беше жив рече: ’По три дена треба да бидам подигнат.‘ Затоа заповедај да се обезбеди гробот до третиот ден за да неговите ученици не дојдат и го украдат и да им речат на луѓето: ’Тој се подигна од мртвите!‘ и таа последна измама ќе биде полоша од првата.“
”Земете стража“, одговара Пилат. ”Одете и обезбедете го како што знаете.“ Така тие заминуваат и го обезбедуваат гробот така што го запечатуваат каменот и поставуваат римски војници како стража.
Во недела рано наутро, Марија Магдалена, Марија, мајката на Јаков, заедно со Салома, Јована и други жени, донесуваат миродии на гробот за да го подготват Исусовото тело. Патем се прашуваат една со друга: ”Кој ќе ни го оттурка каменот од вратата на спомен-гробот?“ Но, пристигнувајќи таму забележуваат дека се случил земјотрес и дека Јеховиниот ангел го оттурнал каменот. Стражата ја нема, а гробот е празен! Матеј 27:57–28:2; Марко 15:42–16:4; Лука 23:50–24:3, 10; Јован 19:31–20:1; 19:14; 12:42; 3. Мојсеева 23:5-7; 5. Мојсеева 21:22, 23; Псалми 34:20; Захарија 12:10.
◆ Зошто петок е наречен Припрема, и што е ”големиот“ Сабат?
◆ Кои библиски стихови се исполниле во врска со Исусовото тело?
◆ Што мораа да сторат Јосиф и Никодем околу Исусовиот закоп, и во каков однос се тие со Исус?
◆ Што бараат свештениците од Пилат, и како тој им одговара?
◆ Што се случува во недела рано наутро?