Да ја разбереме уникатната улога на Исус во Божјата намера
„Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (ЈОВАН 14:6)
1, 2. Зошто треба да сме заинтересирани за уникатната улога што ја има Исус во Божјата намера?
НИЗ вековите, мнозина се труделе да бидат поинакви од луѓето околу нив, но малкумина навистина успеале во тоа. А уште помал е бројот на оние што со право би можеле да тврдат дека се уникатни во некој посебен поглед. Меѓутоа, Исус Христос, Божјиот Син, е уникатен на многу начини.
2 Зошто би требало да бидеме заинтересирани за уникатната улога на Исус? Бидејќи од тоа ни зависи пријателството со нашиот небесен Татко, Јехова! Исус рекол: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6; 17:3). Да разгледаме некои аспекти во кои Исус е уникатен како личност. Така ќе можеме уште подобро да ја разбереме и уште повеќе да ја цениме неговата улога во Божјата намера.
„Единороден Син“
3, 4. а) Зошто можеме да кажеме дека Исус е уникатен како единороден Син? б) Во која смисла Исус имал уникатна улога при создавањето?
3 Исус не е само „Божји Син“, како што го нарекол Сатана кога го искушувал (Мат. 4:3, 6). Исус со право е наречен „единородниот Син Божји“ (Јован 3:16, 18). Грчкиот збор што е преведен со „единороден“, меѓу другото, значи „уникатен“ или „единствен“, „не постои друг како него“, „нема сличен или еднаков на него“. Јехова има стотици милиони духовни синови. Тогаш, во која смисла „не постои друг како“ Исус?
4 Исус е уникатен во таа смисла што само тој бил директно создаден од својот Татко. Тој е првородениот Син. Всушност, Исус е „првороден од сѐ што е создадено“ (Кол. 1:15). Тој е „почетокот на Божјите дела на создавање“ (Отк. 3:14). Улогата што ја имал единородниот Син во создавањето е исто така уникатна. Тој не е Творецот, или Зачетникот на созданието. Но, Јехова го користел за преку него да создаде сѐ друго. (Прочитај Јован 1:3.) Апостол Павле напишал: „За нас постои еден Бог, Таткото, кој создал сѐ и за кого ние живееме, и еден Господар, Исус Христос, преку кого сѐ е создадено и преку кого ние живееме“ (1. Кор. 8:6).
5. Како Библијата нагласува некои аспекти во кои Исус е уникатен?
5 Но, Исус е уникатен и во многу други аспекти. Библијата му припишува многу титули или називи што ја нагласуваат неговата уникатна улога во Божјата намера. Да разгледаме уште пет вакви титули кои во Христијанските грчки списи се применуваат на Исус.a
„Речта“
6. Зошто титулата „Речта“ е соодветен назив за Исус?
6 Прочитај Јован 1:14. Зошто Исус е наречен „Речта“, или Логос? Оваа титула укажува на должноста што почнал да ја врши откако биле создадени и други разумни суштества. Јехова го користел својот Син да им пренесува информации и поуки на другите духовни синови, исто како што го користел да им ја пренесе Неговата порака на луѓето на Земјата. Фактот дека Исус е Речта, или Божји Гласноговорник, се гледа од следниве зборови што им ги кажал на своите еврејски слушатели: „Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати. Ако некој сака да ја врши неговата волја, ќе знае дали тоа учење е од Бог или зборувам сам од себе“ (Јован 7:16, 17). Исус продолжил да го носи називот „Реч Божја“ дури и откако се вратил во слава на небото (Отк. 19:11, 13, 16).
7. Како можеме да го следиме примерот на понизност што го дал Исус во својата улога на „Речта“?
7 Размисли што значи, всушност, оваа титула. Иако е најмудар од сите Јеховини суштества, Исус не се потпира на сопствената мудрост. Тој зборува како што бил поучен од својот Татко и секогаш го насочува вниманието на Јехова наместо на себеси (Јован 12:50). Каков извонреден пример за нас! И нам ни е укажана скапоцената чест да ‚ја објавуваме добрата вест за она што е добро‘ (Рим. 10:15). Тоа што сфаќаме каков одличен пример за понизност ни дал Исус треба да нѐ наведе и нас да не зборуваме сами од себе. Кога ја пренесуваме животоспасувачката порака од Библијата, не сакаме да ‚одиме преку она што е напишано‘ (1. Кор. 4:6).
„Амин“
8, 9. а) Што значи зборот „амин“, и зошто Исус е наречен така? б) На кој начин Исус ја исполнил својата улога како „Амин“?
8 Прочитај Откровение 3:14. Зошто Исус е наречен „Амин“? Зборот што е преведен со „амин“ е транскрипција на еден хебрејски збор што значи „навистина е така“ или „така нека биде“. Хебрејскиот корен од кој е изведен овој збор значи „верен“ или „веродостоен“. Истиот збор се користи кога се вели дека Јехова е верен (5. Мој. 7:9; Иса. 49:7). Според тоа, во која смисла титулата „Амин“ покажува дека Исус е уникатен? Забележи каков одговор е даден во 2. Коринќаните 1:19, 20: „Синот Божји, Христос Исус, кого ние ви го проповедавме... не беше ‚да‘ и истовремено ‚не‘, туку ‚да‘ преку него стана ‚да‘. Зашто, колку и да има Божји ветувања, преку него станаа ‚да‘. Затоа преку него и се вели ‚амин‘ за слава на Бог“.
9 Исус е „Амин“ на сите Божји ветувања. Со својот безгрешен живот на Земјата, како и со својата жртвена смрт, тој го потврдил и го овозможил исполнувањето на сите ветувања што ги дал Јехова Бог. Со тоа што останал верен, Исус исто така докажал дека е лажно тврдењето на Сатана, запишано во книгата Јов, дека слугите на Бог ќе се одречат од Него кога ќе се соочат со немаштија, страдање и неволји (Јов 1:6-12; 2:2-7). Од сите Божји суштества, првородениот Син можел да даде непобитен одговор на ова обвинение. Освен тоа, Исус дал најголем доказ така што застанал на страната на својот Татко во поголемото спорно прашање за тоа дали Јехова има неприкосновено право да владее над сѐ.
10. Како би можеле да го следиме примерот на Исус во неговата уникатна улога како „Амин“?
10 Како би можеле и ние да го следиме примерот на Исус во неговата уникатна улога како „Амин“? Така што ќе му останеме верни на Јехова и ќе го поддржиме неговото право да владее. Правејќи го тоа, ќе му бидеме послушни на барањето кое е запишано во Изреки 27:11: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“.
„Посредник на новиот сојуз“
11, 12. Во која смисла е уникатна улогата на Посредник што ја има Исус?
11 Прочитај 1. Тимотеј 2:5, 6. Исус е единствениот „посредник помеѓу Бог и луѓето“. Тој е „посредник на новиот сојуз“ (Евр. 9:15; 12:24). Но, и за Мојсеј се вели дека е посредник — посредник на сојузот на Законот (Гал. 3:19). Тогаш, во која смисла е уникатна улогата на Посредник што ја има Исус?
12 На изворниот јазик, зборот што е преведен со „посредник“ е правен термин. Го опишува Исус како законски Посредник (или, во некоја смисла, застапник) на новиот сојуз преку кој било овозможено да се роди еден нов народ, односно „Израелот Божји“ (Гал. 6:16). Овој народ е составен од христијани помазани со дух, кои се дел од едно небесно „царско свештенство“ (1. Пет. 2:9; 2. Мој. 19:6). Сојузот на Законот, чиј посредник бил Мојсеј, не можел да придонесе да се роди таков народ.
13. Што вклучува улогата на Посредник која ја има Исус?
13 Што вклучува улогата на Посредник која ја има Исус? Јехова ја применува вредноста на неговата крв на оние што влегуваат во новиот сојуз. На овој начин, Јехова законски ги прогласува за праведни (Рим. 3:24; Евр. 9:15). Како такви, Бог ги смета за достојни да влезат во новиот сојуз и им дава можност да станат цареви и свештеници на небото! Како нивни Посредник, Исус им помага и понатаму да останат чисти во Божји очи (Евр. 2:16).
14. Зошто треба сите христијани, без оглед на својата надеж, навистина да ја ценат Исусовата улога на Посредник?
14 Но, што е со оние кои не влегуваат во новиот сојуз, односно со оние што имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата, а не на небото? Иако тие не се учесници во новиот сојуз, тие извлекуваат корист од него. Добиваат прошка на своите гревови и прогласени се за праведни како Божји пријатели (Јак. 2:23; 1. Јов. 2:1, 2). Сеедно дали имаме надеж да живееме на небото или на Земјата, сите ние имаме добри причини да ја цениме Исусовата улога на Посредник на новиот сојуз.
„Првосвештеник“
15. Во кој поглед Исусовата улога на Првосвештеник се разликува од улогата на сите други мажи кои служеле како првосвештеници?
15 Иако многу мажи служеле како првосвештеници во минатото, улогата на Исус како Првосвештеник е навистина уникатна. Зошто? Павле објаснува: „Тој не треба секојдневно, како оние првосвештеници, да принесува жртви — најпрво за своите гревови, а потоа за гревовите на народот — зашто тоа го стори еднаш засекогаш кога се принесе самиот себе. Имено, Законот поставува за првосвештеници луѓе кои имаат слабости, а речта на заклетвата, која е дадена по Законот, поставува Син, кој е засекогаш направен совршен“ (Евр. 7:27, 28).b
16. Зошто жртвата на Исус е навистина уникатна?
16 Исус бил совршен човек, во потполност еднаков на Адам пред тој да згреши (1. Кор. 15:45). Како таков, Исус бил единствениот човек што можел да се даде себеси како совршена, целосна жртва која требало да се принесе само еднаш. Под Мојсеевиот закон, жртви се принесувале секој ден. Но, сите тие жртви и свештенички служби биле само сенка на она што требало да го направи Исус (Евр. 8:5; 10:1). Според тоа, тој може да направи многу повеќе отколку другите првосвештеници и засекогаш останува како таков. Токму затоа и неговата улога на Првосвештеник е уникатна.
17. Зошто треба да сме благодарни што Исус има улога на Првосвештеник, и како можеме да го покажеме тоа?
17 Нам ни е потребна службата на Исус како Првосвештеник бидејќи тоа ни помага да имаме добар однос со Бог. А колку прекрасен Првосвештеник е тој! Павле напишал: „Нашиот првосвештеник не е некој што не може да сочувствува со нас во нашите слабости, туку таков кој во сѐ е испитан како и ние, но не згрешил“ (Евр. 4:15). Навистина, нашата благодарност за ова треба да нѐ поттикне ‚да не живееме повеќе за себе, туку за него, кој умре за нас‘ (2. Кор. 5:14, 15; Лука 9:23).
Прореченото „потомство“
18. Кое пророштво било изречено откако Адам згрешил, и што било откриено подоцна во врска со ова пророштво?
18 Кога во градината Еден изгледало дека луѓето изгубиле сѐ — добриот однос со Бог, вечниот живот, среќата и Рајот — Јехова Бог прорекол дека ќе дојде Избавител. Тој Избавител бил наречен „потомство“ (1. Мој. 3:15). Низ вековите, ова таинствено Потомство станало тема на бројни библиски пророштва. Тоа требало да потекнува од Авраам, Исак и Јаков. Исто така требало да биде од лозата на цар Давид (1. Мој. 21:12; 22:16-18; 28:14; 2. Сам. 7:12-16).
19, 20. а) Кој е ветеното Потомство? б) Зошто може да се каже дека во ветеното потомство не е вклучен само Исус?
19 Кој бил ова ветено Потомство? Одговорот се наоѓа во Галатите 3:16. (Прочитај.) Но, подолу во истото поглавје, апостол Павле им вели на помазаните христијани: „А ако сте Христови, тогаш сте потомство на Авраам, наследници според едно ветување“ (Гал. 3:29). Како може Христос да биде ветеното Потомство, а истовремено тоа да вклучува и други?
20 Милиони тврдат дека потекнуваат од Авраам, а некои дури и се однесуваат како пророци. Некои религии ставаат силен акцент на тврдењето дека нивните пророци потекнуваат од Авраам. Но, дали сите тие спаѓаат во ветеното Потомство? Не. Како што напишал апостол Павле под водство на светиот дух, не можат сите потомци на Авраам да тврдат дека се дел од ветеното Потомство. Авраам имал и други синови, но нивните потомци не биле употребени за да биде благословено човештвото. Благословот требало да дојде само преку потомството на Исак (Евр. 11:18). На крајот, само еден човек, Исус Христос, чие потекло од Авраам е потврдено во Библијата, е главниот дел од тоа проречено потомство.c Сите други што подоцна станале спореден дел од потомството на Авраам ја имаат таа чест само затоа што ‚се Христови‘. Значи, Исус има навистина уникатна улога во исполнувањето на ова пророштво.
21. Што ти остава најсилен впечаток за начинот на кој Исус ја исполнил својата уникатна улога во Јеховината намера?
21 Што научивме од ова кратко разгледување на уникатната улога што ја има Исус во Јеховината намера? Откако бил создаден па наваму, Божјиот единороден Син бил уникатен — навистина нема друг како него. Сепак, овој уникатен Божји Син кој станал Исус, секогаш служел понизно, во склад со волјата на својот Татко, и никогаш не барал слава за себе (Јован 5:41; 8:50). Каков одличен пример за нас денес! Затоа, исто како него, да си поставиме цел и ние ‚да правиме сѐ за Божја слава‘ (1. Кор. 10:31).
[Фусноти]
a Пред некои од овие титули стои грчкиот определен член. Ова покажува дека, во некоја смисла, таа титула е, како што се изразил еден изучувач, „само една од таков вид“.
b Според еден изучувач на Библијата, зборот што е преведен со „еднаш засекогаш“ е израз на еден важен библиски концепт кој „укажува на тоа дека смртта на Христос е конечна, посебна и единствена од таков вид“.
c Евреите во првиот век од н.е. сметале дека тие, како дословни потомци на Авраам, ќе бидат повластен народ. Сепак, очекувале само една личност да дојде како Месија, или Христос (Јован 1:25; 7:41, 42; 8:39-41).
Се сеќаваш ли?
• Што научи за уникатната улога на Исус од неговите титули, односно називи? (Види ја рамката.)
• Како можеш да го следиш примерот на Јеховиниот уникатен Син?
[Рамка/слика на страница 15]
Титули кои укажуваат на уникатната улога што ја има Исус во Божјата намера
◼ Единороден Син (Јован 1:3). Исус е единственото суштество директно создадено од неговиот Татко.
◼ Речта (Јован 1:14). Јехова го користи својот Син како Гласноговорник кој им пренесува информации и упатства на другите суштества.
◼ Амин (Отк. 3:14). Со својот безгрешен живот на Земјата, како и со својата жртвена смрт, Исус го потврдил и го овозможил исполнувањето на ветувањата што ги дал Јехова Бог.
◼ Посредник на Новиот сојуз (1. Тим. 2:5, 6). Како законски Посредник, Исус овозможил да се роди новиот народ, „Израелот Божји“, составен од христијани кои се дел од едно небесно „царско свештенство“ (Гал. 6:16; 1. Пет. 2:9).
◼ Првосвештеник (Евр. 7:27, 28). Само Исус можел како човек да даде совршена жртва, која требало да се принесе само еднаш. Тој може да нѐ очисти од гревот и да нѐ ослободи од неговите смртоносни последици.
◼ Ветеното потомство (1. Мој. 3:15). Само еден човек, Исус Христос, е главниот дел од прореченото потомство. Сите други кои подоцна стануваат спореден дел од потомството на Авраам ‚се Христови‘ (Гал. 3:29).