Што мораме да правиме за да бидеме спасени?
ЕДЕН човек еднаш го прашал Исус: „Господи, малку ли се оние што ќе се спасат?“ Како одговорил Исус? Дали рекол: ‚Само ти прифати ме за свој Господ и Спасител и ќе бидеш спасен‘? Не! Исус рекол: „Потрудете се [Силно напрегајте се, НС] да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат“ (Лука 13:23, 24).
Дали Исус пропуштил да одговори на прашањето од човекот? Не, човекот не прашал колку тешко ќе биде да се спаси; тој прашал дали бројот ќе биде мал. Затоа Исус му го кажал само тоа дека помалку луѓе отколку што би можело да се очекува, силно ќе се напрегаат за да го добијат овој прекрасен благослов.
‚Мене така не ми кажале‘, можеби ќе приговорат некои читатели. Би можеле да го цитираат Јован 3:16, каде што вели: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“. Меѓутоа ние одговараме: ‚Тогаш, во што мораме да веруваме? Дека Исус навистина живеел? Се разбира. Дека е Божји Син? Секако! А бидејќи Библијата Исуса го нарекува „Учител“ и „Господ“, зарем не треба исто така да веруваме во она за кое тој поучувал, да го слушаме и да го следиме?‘ (Јован 13:13; Матеј 16:16).
Да се следи Исус
Е, тука лежи проблемот! Многу луѓе, на кои им било речено дека се „спасени“, се чини дека баш немаат намера да го следат или да го слушаат Исус. Всушност, еден протестантски свештеник напишал: „Се разбира, нашата вера во Христа би требало да остане. Но, тврдењето дека таа апсолутно мора или дека останува, воопшто нема никаква потпора во Библијата“.
Спротивно на тоа, Библијата набројува неморални обичаи кои се вообичаени меѓу некои луѓе кои мислат дека се „спасени“. Во врска со еден човек кој продолжил по таквите патишта, таа ги предупредила христијаните: „Исфрлете го лошиот помеѓу вас“. Секако дека Бог не сака злобните луѓе да го загадуваат неговото христијанско собрание (1. Коринтјаните 5:11-13).
Тогаш, што значи да се следи Исус и како можеме да го правиме тоа? Па, што правел Исус? Дали бил неморален? Блудник? Пијаница? Лажливец? Дали бил нечесен во деловните работи? Секако дека не! ‚Но‘, можеби ќе прашаш, ‚дали морам да ги отстранам сите овие работи од мојот живот?‘ Одговорот ќе го најдеш во Ефесјаните 4:17 до 5:5. Таму не пишува дека Бог ќе нѐ прифати без оглед на тоа што правиме. Напротив, таа ни кажува да бидеме поинакви од световните народи кои ‚дошле до бесчувство, . . . но дека ние не сме Го познале Христа така . . . да го отфрлиме од себе стариот човек според нашето поранешно живеење . . . Кој крадел, да не краде веќе . . . Блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост дури да не се спомнуваат меѓу нас, како што им прилега на светии . . . Зашто ова треба да го знаеме, дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец — кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христа и Бога‘.
Дали го следиме Христа ако барем не се трудиме да живееме во склад со неговиот пример? Зарем не треба да работиме на тоа да го направиме својот живот што посличен на Христовиот? Тоа животоважно прашање ретко, ако и воопшто, го земаат во обѕир луѓето кои велат, како што пишува во еден религиозен трактат: „Дојди до Христа сега — онаков каков што си“.
Еден од Исусовите ученици предупредил дека безбожните луѓе ‚ја извртеле незаслужената доброта на нашиот Бог во изговор за распуштеност и се покажувале лажни спрема нашиот единствен Сопственик и Господ, Исус Христос‘ (Јуда 4, НС). Всушност, како би можеле Божјата милост да ја извртиме во „изговор за распуштеност“? Тоа би го сториле ако претпоставуваме дека Христовата жртва ги покрива намерните гревови кои имаме намера и понатаму да ги вршиме, а не гревовите од човечката несовршеност коишто се трудиме да ги оставиме зад себе. Секако, не би сакале да се согласиме со еден од најпознатите американски евангелисти, кој рекол дека не мораш да ‚се исчистиш, да се откажеш или да се преобратиш‘. (Спореди Дела 17:30; Римјаните 3:25; Јаков 5:19, 20.)
Верувањето тера на акција
На многу луѓе им е речено дека „верувањето во Исус“ е еден единечен чин и дека нашата вера не мора да биде толку силна за да нѐ тера на послушност. Но, Библијата не се сложува со тоа. Исус не рекол дека луѓето кои тргнуваат по христијанскиот пат се спасени. Наместо тоа, тој рекол: „Кој претрпи до крај, ќе биде спасен“ (Матеј 10:22). Библијата го споредува нашиот христијански пат со една трка, чијашто награда на крајот е спасение. Таа поттикнува: „Трчајте и вие, за да добиете“ (1. Коринтјаните 9:24).
Според тоа, „да се прифати Исус“ вклучува многу повеќе отколку само да се прифатат благословите што ги нуди Исусовата ненадминлива жртва. Се бара послушност. Апостол Петар вели дека судот почнува ‚од Божјиот дом‘ и додава: „А ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото евангелие?“ (1. Петрово 4:17). Затоа, мораме да правиме многу повеќе отколку само да слушаме и да веруваме. Библијата вели дека мораме да станеме „извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе“ (Јаков 1:22).
Исусовите лични пораки
Библиската книга Откровение содржи пораки од Исус, пренесени преку Јован до седум рани христијански собранија (Откровение 1:1, 4). Дали Исус рекол дека било доволно тоа што луѓето во овие собранија веќе го „прифатиле“? Не. Тој ги пофалил нивните дела, нивниот труд и нивната истрајност и зборувал за нивната љубов, вера и служба. Но, рекол дека Ѓаволот ќе ги стави на испит и дека ќе бидат наградени ‚секој според делата негови‘ (Откровение 2:2, 10, 19, 23).
На тој начин, Исус опишал една многу поголема ангажираност од она што повеќето луѓе го разбрале кога им било речено дека нивното спасение е „свршен чин“ уште кога го „прифатиле“ на некој верски состанок. Исус рекол: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и [постојано, НС] да оди по Мене; зашто, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде“ (Матеј 16:24, 25).
Да се одречеме од себе? Постојано да го следиме Исус? Тоа би барало напор. Би го променило нашиот живот. Сепак, дали Исус навистина рекол дека некои од нас би можеле да ги изгубат дури и своите души — да умрат за него? Да, таквиот вид вера доаѓа само од спознанието за величествените работи што можеш да го добиеш од проучувањето на Божјата Реч. Тоа било очигледно на денот кога Стефан бил каменуван од страна на верски фанатици кои ‚не можеле да му се спротивставуваат на мудроста и Духот, со Кого тој зборувал‘ (Дела 6:8-12; 7:57-60). А таква вера во наше време покажале стотици Јеховини сведоци кои биле поспремни да умрат во нацистичките концентрациони логори отколку да ја повредат својата библиски школувана совест.a
Христијанска ревност
Мораме цврсто да се држиме за нашата христијанска вера затоа што, за разлика од она што можеби го слушаш во некои цркви или на верски телевизиски програми, Библијата вели дека можеме да отпаднеме. Таа зборува за христијани кои го напуштиле „вистинскиот пат“ (2. Петрово 2:1, 15). Затоа, треба да ‚го градиме нашето спасение со страв и трепет‘ (Филипјаните 2:12; 2. Петрово 2:20).
Дали христијаните од првиот век, луѓе кои навистина го чуле Исус и неговите апостоли како поучуваат, вака ја разбрале работата? Да. Тие знаеле дека мораат да направат нешто. Исус рекол: „Одете и научете ги сите народи . . . учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20).
По два месеци откако Исус го рекол тоа, 3.000 луѓе биле крстени за само еден ден. Бројот на верниците брзо пораснал на 5.000. Оние кои верувале, ги поучувале другите. Кога прогонството ги распрснало, тоа само послужило да се рашири нивната порака. Библијата вели дека не само неколкумина водачи туку дека и ‚оние што се распрснале, оделе проповедајќи го словото‘. Затоа, околу 30 години подоцна, апостол Петар можел да напише дека добрата вест му била ‚проповедана на секое поднебесно создание‘ (Дела 2:41; 4:4; 8:4; Колосјаните 1:23).
Павле не правел преобратеници, како што прават некои ТВ-евангелисти, велејќи: ‚Прифати го Исус сега, и засекогаш ќе бидеш спасен‘. Ниту, пак, бил уверен како еден американски свештеник, кој напишал: „Уште како тинејџер, . . . јас веќе бев спасен“. По повеќе од 20 години откако Исус лично го избрал Павла да им ја однесе христијанската порака на луѓето од народите, овој марлив апостол напишал: „Го истоштувам и го поробувам телото, да не би ненамерно, проповедајќи им на другите и сам да станам негоден“ (1. Коринтјаните 9:27; Дела 9:5, 6, 15).
Спасението е бесплатен дар од Бог. Тоа не може да се заслужи. Сепак, тоа бара напор од наша страна. Ако некој ти понудил еден многу вреден подарок, а ти не си покажал доволно ценење да го земеш и да го понесеш со себе, твојата неблагодарност би можела да го натера дарителот да му го подари на некој друг. Тогаш, колку е вредна животната крв на Исус Христос? Таа е бесплатен дар, но ние мораме да покажеме длабоко ценење за неа.
Вистинските христијани се спасени на тој начин што се наоѓаат во призната положба пред Бог. Како група, нивното спасение е сигурно. Како поединци, тие мораат да ги задоволат Божјите барања. Меѓутоа, ние можеме и да потфрлиме, бидејќи Исус рекол: „Ако некој не остане во [заедница со, НС] Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се исуши“ (Јован 15:6).
‚Словото Божјо е живо‘
Разговорот споменат на почетокот од претходната статија, бил воден пред скоро 60 години. Џони сѐ уште верува дека спасението доаѓа само преку Исус Христос, но тој сфаќа дека мораме да се напрегаме за да го добиеме. Тој сѐ уште е уверен дека Библијата укажува на единствениот вистински извор на надеж за човештвото и дека мораме да ја проучуваме таа извонредна книга, да бидеме поттикнати од неа и да дозволиме таа да нѐ мотивира на дела на љубов, вера, љубезност, послушност и истрајност. Тој ги воспитал своите деца да веруваат во истите тие работи, и сега е радосен кога гледа како и тие ги воспитуваат своите деца на истиот начин. Тој посакува секој да има таков вид вера и прави сѐ што може за да ја всади во срцата и мислите на другите.
Апостол Павле бил инспириран да напише дека „словото Божјо е живо и дејствува [има моќ, НС]“ (Евреите 4:12). Тоа може да менува животи. Може да те мотивира на искрени дела на љубов, вера и послушност. Но, ти мораш да правиш повеќе отколку само умствено да го „прифатиш“ она што го вели Библијата. Проучувај ја и дозволи таа да го мотивира твоето срце. Нека те води нејзината мудрост. Околу 5.000.000 спремни Сведоци на Јехова во преку 230 земји нудат бесплатни домашни библиски студии. За да видиш што можеш да научиш од една таква студија, пиши до издавачите на ова списание. Верата и духовната сила што ќе ги стекнеш, ќе ти донесат радост!
[Фуснота]
a Во својата книга The Nazi State and the New Religions: Five Case Studies in Non-Conformity (Нацистичката држава и новите религии: Пет студии на парници за нонконформизам), д-р Кристин Кинг известила: „Секој втор германски [Јеховин] Сведок беше затворен, а секој четврти го загуби својот живот“.
[Рамка на страница 7]
Зошто ‚да се бориме за верата‘?
Библиската книга Јуда е упатена до „призваните . . ., запазени од [за, НС] Исуса Христа“. Дали таа вели дека, поради тоа што го „прифатиле Исус“, нивното спасение било сигурно? Не, Јуда им рекол на таквите христијани ‚да се борат за верата‘. Тој им навел три причини за тоа. Прво, иако Бог ‚го избавил народот од Египетската земја‘, многумина од нив подоцна отпаднале. Второ, дури и ангелите се побуниле и станале демони. Трето, Бог ги уништил Содом и Гомор поради големиот сексуален неморал што се практицирал во овие градови. Јуда ги изнесува овие библиски извештаи како „[предупредувачки, НС] пример“. Да, дури и верниците „запазени за Исуса Христа“ мораат да внимаваат да не отпаднат од вистинската вера (Јуда 1-7).
[Рамка на страница 8]
Што е точно?
Библијата вели: „Човекот се оправдува со верата, без дела според Законот“. Таа исто така вели: „Човекот се оправдува со дела, а не само со вера“. Што е точно? Дали се оправдуваме со вера или со дела? (Римјаните 3:28; Јаков 2:24).
Складниот одговор од Библијата гласи дека обете се исправни.
Со векови, Законот што го дал Бог преку Мојсеј, од еврејските обожаватели барал да даваат одредени жртви и приноси, да ги држат празничните денови и да се придржуваат кон барањата за исхрана и друго. Откако Исус ја дал совршената жртва, таквите „дела според Законот“, односно едноставно „дела“, повеќе не биле неопходни (Римјаните 10:4).
Но, фактот дека овие дела кои се правеле под Мојсеевиот Закон, биле заменети со Исусовата надмоќна жртва, не значи дека можеме да ги игнорираме упатствата од Библијата. Таа вели: „Колку ли повеќе крвта на Христа, . . . ќе ја очисти совеста наша од [старите] мртви дела, за да Му служиме [да можеме да му принесуваме света служба, НС] на живиот и вистински Бог“ (Евреите 9:14).
Како ‚му принесуваме света служба на живиот Бог‘? Меѓу другото, Библијата ни вели да се бориме против делата на телото, да се спротивставуваме на неморалноста на светот и да ги избегнуваме неговите замки. Таа вели: „Бори се во добриот подвиг на верата“, отфрли го ‚гревот што лесно нѐ опкружува [заплеткува, НС]‘ и „со истрајност да ја трчаме трката која е поставена пред нас, додека внимателно гледаме на Главниот Посредник и Усовршител на нашата вера, Исус“ (НС). Библијата нѐ поттикнува да не ‚ни дотегне и да не опаднеме со духот‘ (1. Тимотеј 6:12; Евреите 12:1-3; Галатјаните 5:19-21).
Ние не го заслужуваме спасението со правење на овие работи, бидејќи ниеден човек не би можел да стори доволно за да заслужи таков чудесен благослов. Сепак, ние нема да бидеме достојни за ваков величествен подарок доколку не ја покажеме нашата љубов и послушност, правејќи ги работите за кои Библијата вели дека Бог и Христос сакаат да ги правиме. Без дела со кои ќе ја покажеме нашата вера, нашите тврдења дека го следиме Исус, би биле промашување, бидејќи Библијата јасно вели: „Верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јаков 2:17).
[Слика на страница 7]
Проучувај ја Библијата и биди мотивиран од неа