Вечна среќа ги очекува божествените дарители
„Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (ЈОВАН 3:16).
1, 2. (а) Кој е најголемиот Дарител и кој е неговиот најголем дар за човештвото? (б) Која особина ја покажал Бог кога го дал својот најголем подарок?
ЈЕХОВА БОГ е најголемиот од сите Дарители. Христијанскиот ученик Јаков мислел на него, Творецот на небото и Земјата, кога напишал: „Секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена“ (Јаков 1:17). Јехова е и Дарителот на најголемиот подарок кој некогаш би можел да се даде. Во врска со својот најголем дар на човештвото и во негова корист, речено е: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16).
2 Тие зборови не ги изговорил никој друг туку самиот единороден Божји Син. Еден единороден син на татко нормално дека ќе го цени и љуби таквиот татко како свој извор на животот и на сите добри работи што му ги дава за да му се радува на животот. Но Божјата љубов не била ограничена само на тој Син. Проширувањето на таквиот дар на другите негови суштества би го покажало Божјето искажување на љубов до извонреден степен. (Спореди Римјаните 5:8-10). Тоа е уште повеќе видливо кога ќе испитаме што всушност значи зборот „даде“ во овој контекст.
Божјиот дар на „синот на љубовта своја“
3. Освен ‚синот на неговата љубов‘, кој друг ѝ се радувал на љубовта на небесниот Татко?
3 За еден непознат временски период, Бог се радувал на личното пријателство со тој единороден Син — „синот на љубовта своја“ — во небесното подрачје (Колошанима 1:13, ДК). За сето тоа време, љубовта и наклонетоста помеѓу Таткото и Синот пораснала толку многу што не постоела ниту една друга взаемна љубов како нивната. Другите суштества коишто Бог ги создал со помош на својот единороден Син исто биле сакани како членови на божественото семејство на Јехова. Затоа над целокупното Божје семејство владеела љубов. Во светото Писмо исправно е наведено дека „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Затоа, божественото семејство ќе го сочинуваат оние кои Таткото, Јехова Бог, ги љуби.
4. Како Божјето дарување на неговиот Син вклучувало повеќе отколку загуба на личното пријателство, и во чија корист?
4 Врските помеѓу Јехова и својот првороден Син биле толку блиски што лишувањето од таквото блиско пријателство само по себе би било голема загуба (Колосјаните 1:15). Но ‚давањето‘ на тој единороден Син значело многу повеќе од тоа Бог да се лиши од личното пријателство со „синот на љубовта своја“. Тоа отишло дури до тој степен што Јехова дозволил неговиот Син да претрпи смрт и така привремено да не постои како член на Божјето универзално семејство. Таа смрт била во корист на оние кои никогаш не биле членови на Божјето семејство. Јехова не би можел да даде поголем подарок, во корист на бедното човештво, од својот единороден Син, кого Библијата исто така го идентификува како „Почетокот на Божјото создание“ (Откровение 3:14).
5. (а) Каква била лошата состојба на Адамовото потомство, и што барала Божјата правда од еден од Неговите верни синови? (б) Што се барало од Божјиот најголем подарок?
5 Првата човечка двојка, Адам и Ева, не успеале да го задржат своето место како членови на Божјето семејство. Во таа состојба се нашле откако биле протерани од еденската градина поради тоа што му згрешиле на Бог. Не само што повеќе не биле членови на Божјето семејство, туку биле и под смртна пресуда. Затоа, проблемот не се состоел само во повторното враќање на нивното потомство во Божјата наклоност како членови на неговото семејство, туку и во нивното ослободување од божествената осуда на смрт. Според делувањето на божествената правда, се барало еден од верните синови на Јехова Бог да искуси смрт како замена, или откупнина. Затоа, големото прашање било: Дали избраниот ќе биде спремен да поднесе таква смрт како замена во корист на човечките грешници? Освен тоа, изведувањето на тоа би барало чудо од страна на Семоќниот Бог. Би барало и изразување на божествена љубов до неспоредлив степен (Римјаните 8:32).
6. Како можел Божјиот Син да ги задоволи потребите на ситуацијата која била поврзана со грешното човештво, и што тој рекол во тој поглед?
6 Само Јеховиниот првороден Син бил дораснат на посебните потреби за состојбата поврзана со грешното човештво. Тој е таква слика на својот небесен Татко во покажувањето на љубов кон членовите на божествено создаденото семејство, што му нема рамен меѓу Божјите синови. Бидејќи сите други интелигентни суштества биле создадени со негова помош, неговата љубов кон нив секако би била изобилна. Покрај тоа, љубовта е доминантна особина на Јеховиниот единороден Син, Исус Христос, бидејќи „тој е отсјај на [Божјата] слава и точна претстава на самото негово битие“ (Хебреите 1:3, NW). Покажувајќи ја својата спремност да ја изрази таа љубов до најголем степен, давајќи го својот живот во корист на грешното човештво, Исус им рекол на своите 12 апостоли: „Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Марко 10:45; види и Јован 15:13).
7, 8. (а) Кој бил Јеховиниот мотив да го испрати Исус Христос во светот на човештвото? (б) Во каква мисија го испратил Бог својот единороден Син?
7 Јехова Бог имал посебна причина да го испрати Исус во овој истрошен свет на човештвото. Мотивацијата за тоа била божествената љубов, зашто самиот Исус рекол: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен. Оти Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него“ (Јован 3:16, 17).
8 Јехова со љубов го испратил својот единороден Син во мисија за спасение. Бог не го испратил својот Син овде за да му суди на светот. Ако Божјиот Син би бил испратен во таква судска мисија, изгледот за целото човештво би бил безнадежен. Казната на неповолна осуда што Исус Христос би ја објавил над човечкото семејство би била осуда на смрт (Римјаните 5:12). Затоа, со ова единствено изразување на божествена љубов, Бог ја израмнил смртната осуда што би ја барала чистата правда.
9. Што чувствувал псалмистот Давид за Јеховиното давање?
9 Во сите работи, Јехова Бог ја изразува и ја покажува љубовта како извонредна особина на неговата личност. И може со право да се каже дека Бог со љубов им дава на своите верни обожаватели на Земјата и повеќе од она што е доволно, што се однесува до добрите работи. Псалмистот Давид така мислел за тоа кога му рекол на Бог: „Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои се бојат од Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои се надеваат на Тебе пред синовите човечки!“ (Псалми 30[31]:19). За време на своето кралување над Израелската нација — да, во текот на животот како член на таа посебно од Бог избрана нација — тој често ја искусувал добрината на Јехова. И Давид открил дека е обилна.
Како Израел загубил еден голем подарок од Бог
10. Зошто древниот Израел бил како ниеден друг народ на Земјата?
10 Со тоа што го имал Јехова за свој Бог, стариот Израел бил како ниеден друг народ на Земјата. Преку пророкот Мојсеј, како посредник, Јехова ги довел потомците на Авраам, Исак и Јаков во сојузен однос со себеси. Со ниеден друг народ не постапил според тој пример. Затоа, вдахновениот псалмист можел да извика: „Својот збор му го кажува на Јаков, своите одредби и своите судски одлуки на Израел. Така не постапил со ниедна друга нација; а што се однесува до неговите судски одлуки, тие не ги познавале. Фалете го Јах!“ (Псалми 147:19, 20, NW).
11. До кога ја уживал Израел својата наклонета положба пред Бог, и како Исус ја изразил промената во нивниот однос?
11 Нацијата на природниот Израел и понатаму била во тој наклонет однос со Бог додека не го одбил Исус Христос како Месија во 33. година од нашата ера. Навистина тоа било жалосен ден за Израел кога Исус ја дал следнава жалосна изјава: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и ги каменуваш оние кои ти се испратени! Колку пати сакав да ги соберам твоите деца како што квачката ги собира своите пилиња под крилјата, но вие не сакавте! Еве, вашата куќа ќе ви биде вам препуштена — пуста!“ (Матеј 23:37, 38, Ст). Исусовите зборови покажале дека Израелската нација, иако порано била во Јеховина наклоност, пропушта еден посебен подарок од Бог. На кој начин?
12. Кои биле ‚децата на Ерусалим‘, и што би значело Исус да ги собере?
12 Со терминот „деца“ Исус мислел само на природно обрежаните Евреи кои живееле во Ерусалим и ја претставувале целата еврејска нација. За да Исус ги собере ‚децата на Ерусалим‘ би значело да ги доведе тие „деца“ во нов сојуз со Бог, каде тој самиот служи како Посредник помеѓу Јехова и тие природни Евреи (Јеремија 31:31-34). Тоа би довело до простување на гревовите бидејќи толку голема била Божјата љубов. (Спореди Малахија 1:2.) Тоа навистина би било голем подарок.
13. До која загуба довело Израеловото одбивање на Божјиот Син, но зошто не се намалила Јеховината радост?
13 Во согласност со својата пророчка Реч, Јехова чекал толку долго колку што било разумно пред да го прошири дарот на не-Евреите за да станат учесници во новиот сојуз. Но со одбивањето на Божјиот Син, Месијата, нацијата на природниот Израел го пропуштила тој величествен подарок. Јехова затоа го израмнил одбивањето на неговиот Син со проширување на тој подарок на луѓе надвор од еврејската нација. На тој начин, Јеховината радост како Голем Дарител продолжила ненамалена.
Среќата во давањето
14. Зошто Исус Христос е најсреќното суштество во целиот универзум?
14 Јехова е „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11, NW). Давањето на другите е нешто што го прави среќен. А во првиот век н.е., неговиот единороден Син рекол: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“ (Дела на св. апостоли 20:35). Во согласност со тоа начело, Исус станал најсреќното суштество на Творецот на целиот универзум. Како тоа? Па, веднаш по самиот Јехова Бог, Исус Христос го дал најголемиот од сите подароци така што го положил животот во корист на човештвото. Всушност, тој е ‚среќниот Владетел‘ (1. Тимотеј 6:15, NW). Со тоа, Исус дал пример за она што го рекол за поголемата среќа во давањето.
15. Во поглед на што Јехова никогаш нема да престане да биде пример, и како можат неговите интелигентни суштества да доживеат дел од неговата среќа?
15 Со помош на Исус Христос, Јехова Бог никогаш нема да пропушти да биде дарежлив Дарител на сите свои интелигентни суштества и секогаш ќе им биде најдобриот пример во давањето. Како што дури и Бог наоѓа задоволство во давање на подароци на другите, така тој го ставил духот на дарежливост во срцата на своите интелигентни суштества на Земјата. На тој начин тие ја одразуваат и имитираат неговата личност и доживуваат дел од неговата среќа (1. Мојсеева 1:26; Ефесјаните 5:1). Во согласност со тоа, Исус им рекол на своите следбеници: „Давајте и ќе ви се даде; мерка добра, набиена, натресена и преполнета ќе ви дадат в раце; оти со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Лука 6:38).
16. На какво давање мислел Исус во Лука 6:38?
16 Исус им ставил извонреден пример на своите ученици со тоа што имал навика да поучува за давањето. Рекол дека примателите добро ќе реагираат на таквото давање. Во Лука 6:38, Исус не мислел исклучиво на давањето материјални дарови. Тој не им велел на своите ученици да следат пат којшто материјално би ги осиромашил. Наместо тоа, ги упатувал на пат којшто ќе им даде чувство на духовна исполнетост.
Бескрајната среќа загарантирана
17. Кој прекрасен подарок им го дал Бог на своите Сведоци во овие последни денови?
17 Каков прекрасен дар им подарил Јехова, Поглаварот на целото творештво, на своите Сведоци во овие последни денови! Ни ја дал добрата вест за неговото Царство. Ја имаме величествената предност да бидеме објавители на воспоставеното Божје Царство под надзор на неговиот Син кој владее, Исус Христос (Матеј 24:14; Марко 13:10). Тоа што нѐ направил гласни Сведоци на Највисокиот Бог, е неспоредлив подарок, а најдобриот начин на кој можеме да се вежбаме во давањето како Бог, е да ја споделуваме пораката за Царството со другите пред да дојде крајот на овој злобен систем.
18. Што мораме да им даваме на другите ние како Јеховини сведоци?
18 Апостол Павле зборувал за потешкотиите што морал да ги претрпи кога на другите им ја објавувал пораката за Царството (2. Коринтјаните 11:23-27). И современите Јеховини сведоци мораат да поднесуваат потешкотии и да ги ставаат настрана личните желби во настојувањето да им ја дадат на другите надежта за Царството. Можеби не сме наклонети да одиме на вратите од луѓето, особено ако сме срамежливи. Но како Христови следбеници, не можеме да ја избегнеме или да ја занемариме предноста на давањето на духовни работи на другите преку проповедање на „оваа добра вест за Царството“ (Матеј 24:14, NW). Мораме да го имаме истиот став што го имал Исус. Кога бил соочен со смртта, тој се молел: „Оче Мој, (...) не како Јас што сакам, туку како Ти“ (Матеј 26:39). Кога се работи за давање на добрата вест за Царството на другите, Јеховините слуги мораат да ја вршат Божјата волја, а не сопствената — она што тој го сака, а не можеби она што тие го сакаат.
19. Кои се Сопствениците на „вечните живеалишта“, и како можат да ни станат пријатели?
19 Таквото давање го вклучува нашето време и средства, но со тоа што сме божествени дарители, ќе си обезбедиме нашата среќа да биде бескрајна. Зошто? Затоа што Исус рекол: „Создадете си пријатели со неправедно богатство [„светско богатство“, New International Version], па, кога осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта“ (Лука 16:9). Наша цел треба да биде да употребуваме „неправедно богатство“ за да си создадеме пријатели од Сопствениците на „вечните живеалишта“. Како Творец, Јехова поседува сѐ, а неговиот првороден Син учествува во тоа поседништво како Наследник на сите работи (Псалми 50:10-12, ДК; Евреите 1:1, 2). За да ни бидат пријатели, мораме да ги употребиме богатствата на начин кој ќе ни донесе нивно одобрување. Тоа вклучува поседување на иправен став за употребување на материјалните работи во корист на другите. (Спореди Матеј 6:3, 4; 2. Коринтјаните 9:7). Парите можеме да ги употребуваме на исправен начин за да си го зацврстиме пријателството со Јехова Бог и со Исус Христос. На пример, тоа го правиме со радосно употребување на она што го имаме за да им помогне на луѓето на кои навистина им е потребно и да ги трошиме своите средства за да ги унапредуваме интересите на Божјето Царство (Соломонови изреки 19:17; Матеј 6:33).
20. (а) Зошто можат Јехова и Исус да нѐ воведат во ‚вечни живеалишта‘, и каде би можеле да бидат тие места? (б) Која ќе биде нашата предност низ сета вечност?
20 Поради својата бесмртност, Јехова Бог и Исус Христос можат засекогаш да бидат наши Пријатели и можат да нѐ воведат во ‚вечни живеалишта‘. Ова важи без разлика дали тоа ќе бидат на небото со сите свети ангели или на Земјава во обновениот Рај (Лука 23:43, NW). Божјето доброљубиво дарување на Исус Христос го направило сето тоа возможно (Јован 3:16). А Јехова Бог и понатаму ќе го употреби Исус за да му дава на целото творештво, на Негова единствена среќа. Всушност, низ целата вечност самите ќе ја имаме предноста да даваме под универзалниот суверенитет на Јехова Бог и царувањето на неговиот единороден Син, нашиот Господ и Спасител, Исус Христос. Тоа ќе доведе до бескрајна среќа за сите божествени дарители.
Дали се сеќаваш?
◻ Што барал Божјиот најголем подарок од негова страна?
◻ Во каква мисија Бог го испратил својот Син?
◻ Кое е најсреќното суштество во целиот универзум и зошто?
◻ Како божествените дарители ќе доживеат бескрајна среќа?
[Слика на страница 10]
Дали го цениш тоа што Бог го дарувал својот Син како откупна жртва?
[Слики на страница 12]
Дали најнапред го бараш Божјето Царство со проповедање на добрата вест и со поддржување на тоа дело со своите средства?