ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w02 15/7 стр. 15-20
  • Христијаните обожаваат со дух и со вистина

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Христијаните обожаваат со дух и со вистина
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Вистината може да се најде
  • Како можеме да ја научиме вистината
  • Вистината и Божјиот Син
  • Вистината и верувањата
  • Вистината за душата
  • Вистината и тројството
  • Вистината и крштавањето
  • Зошто да се бара вистината?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • „Вистината ќе ве ослободи“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Да го имитираме Богот на вистината
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Дали е сѐ уште важно што е вистина?
    Разно
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
w02 15/7 стр. 15-20

Христијаните обожаваат со дух и со вистина

„Бог е Дух, и оние кои го обожаваат, мораат да го обожаваат со дух и со вистина“ (ЈОВАН 4:24).

1. Какво обожавање му е угодно на Бог?

ЈЕХОВИНИОТ единороден Син, Исус Христос, не оставил никакво сомневање во врска со тоа кое обожавање му е угодно на неговиот небесен Татко. Додека ѝ давал пријатно сведоштво на една Самарјанка на бунарот во близина на градот Сихар, Исус рекол: „Вие го обожавате она што не го знаете; ние го обожаваме она што го знаеме, зашто спасението потекнува од Евреите. Сепак, доаѓа часот, и сега е тука, кога вистинските обожаватели ќе го обожаваат Таткото со дух и со вистина, зашто, навистина, Таткото бара такви да го обожаваат. Бог е Дух, и оние кои го обожаваат, мораат да го обожаваат со дух и со вистина“ (Јован 4:22—24). Како да ги разбереме овие зборови?

2. На што го темелеле Самарјаните своето обожавање?

2 Самарјаните имале погрешни религиозни гледишта. Тие ги прифаќале како инспирирани само првите пет книги од Светото писмо — и тоа само во нивна сопствена верзија, наречена Самарјански пентатеух. Иако Самарјаните, всушност, не го познавале Бог, на Евреите им било доверено спознанието за Писмото (Римјаните 3:1, 2). Било можно верните Евреи и други да ја уживаат Јеховината наклоност. Но, што барало ова од нив?

3. Што се бара за да го обожаваме Бог „со дух и со вистина“?

3 Што морале да прават Евреите, Самарјаните и другите од минатото за да му угодат на Бог? Морале да го обожаваат „со дух и со вистина“. И ние мораме така да го обожаваме. Иако службата за Бог мора да биде жива, односно ревносна, и мотивирана од срце исполнето со љубов и вера, обожавањето на Бог со дух особено бара неговиот свет дух да почива врз нас и да дозволиме да бидеме водени од него. Со проучување и применување на Божјата реч, нашиот дух, односно умствена настроеност, мора да биде наштиман според неговиот дух (1. Коринќаните 2:8—12). За да му биде прифатливо на Јехова, обожавањето мора да го вршиме со вистина. Тоа мора да биде во согласност со она што Божјата реч, Библијата, го открива за него и за неговите намери.

Вистината може да се најде

4. Како гледаат некои на вистината?

4 Некои студенти по филозофија го развиле гледиштето дека конечната вистина е надвор од дофатот на човештвото. Всушност, шведскиот автор Алф Алберг напишал: „Многу филозофски прашања се од таква природа што е невозможно да се даде дефинитивен одговор на нив“. Иако некои велат дека постои само релативна вистина, дали е баш така? Според Исус Христос, не.

5. Зошто дошол Исус на светот?

5 Да се замислиме како набљудувачи на следнава сцена: Настанот се случува во почетокот на 33 н.е., а Исус стои пред римскиот управител Понтиј Пилат. Исус му вели на Пилат: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“. Пилат прашува: „Што е вистина?“ Но, не го чека Исусовиот понатамошен коментар (Јован 18:36—38).

6. а) Како се дефинира „вистината“? б) Каков налог им дал Исус на своите следбеници?

6 „Вистината“ се дефинира како „збирка од вистински работи, настани и факти“ (Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary). Меѓутоа, дали Исус сведочел за некоја општа вистина? Не. Тој имал на ум конкретна вистина. На своите следбеници им дал налог да ја објавуваат таа вистина, зашто им рекол: „Правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Пред „завршетокот на системот на работи“, Исусовите вистински следбеници требало да ја објавуваат „вистината на добрата вест“ низ целата Земја (Матеј 24:3; Галатите 2:14). Ова требало да се прави во исполнување на Исусовите зборови: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Затоа е многу важно да ги идентификуваме оние што ги поучуваат сите нации за вистината со тоа што ја проповедаат добрата вест за Царството.

Како можеме да ја научиме вистината

7. Како ќе докажеш дека Јехова е Изворот на вистината?

7 Јехова е Изворот на духовната вистина. Всушност, псалмистот Давид го нарекол Јехова ‚Бог на вистината‘ (Псалм 31:5; 43:3). Исус признал дека речта на неговиот Татко е вистина, и изјавил: „Во Пророците е напишано: ‚И сите ќе бидат научени од Јехова‘. Секој кој чул од Таткото и научил, доаѓа кај мене“ (Јован 6:45; 17:17; Исаија 54:13). Тогаш, јасно е дека оние што ја бараат вистината мораат да бидат поучени од Јехова, Величествениот Поучувач (Исаија 30:20, 21, NW). Оние што ја бараат вистината треба да го стекнат „знаењето за Бога“ (Пословици 2:5). А Јехова со љубов поучува за вистината или ја пренесува на различни начини.

8. На кои начини Бог поучувал за вистината, односно ја пренел?

8 На пример, Бог им го пренел Законот на Израелците преку ангели (Галатите 3:19). На сон, тој им ветил благослови на патријарсите Авраам и Јаков (Битие 15:12—16; 28:10—19). Бог дури зборувал од небото, како тогаш кога се крстил Исус и кога на Земјата се чуле овие возбудливи зборови: „Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив“ (Матеј 3:17). Можеме да бидеме благодарни и за тоа што Бог ја пренел вистината така што ги инспирирал библиските писатели (2. Тимотеј 3:16, 17). Значи, учејќи од Божјата реч, можеме да имаме „вера во вистината“ (2. Солуњаните 2:13).

Вистината и Божјиот Син

9. На кој начин го употребил Бог својот Син за да ја открие вистината?

9 Бог особено го користел својот Син, Исус Христос, да му ја открие вистината на човештвото (Евреите 1:1—3). Всушност, Исус ја зборувал вистината како ниеден друг човек (Јован 7:46). Дури и по своето вознесување на небото, тој ја открил вистината од својот Татко. На пример, апостол Јован добил ‚откровение од Исус Христос, кое му го дал Бог, да им го покаже на своите робови она што мора скоро да се случи‘ (Откровение 1:1—3).

10, 11. а) Со што е поврзана вистината за која сведочел Исус? б) На кој начин Исус направил вистината да стане стварност?

10 Исус му рекол на Понтиј Пилат дека дошол на Земјата за да сведочи за вистината. Во текот на својата служба, Исус открил дека таа вистина била поврзана со оправдувањето на Јеховиниот суверенитет преку Божјето Царство во кое Христос е Цар. Но, сведочењето за вистината барало повеќе од Исус отколку само да проповеда и да поучува. Исус направил таа вистина да стане стварност така што ја исполнил. Во согласност со тоа, апостол Павле напишал: „Никој да не ве осудува поради јадење и пиење или во поглед на некој празник или, пак, славење млада месечина или сабат; зашто тие работи се сенка на работите што треба да дојдат, а стварноста му припаѓа на Христос“ (Колошаните 2:16, 17).

11 Еден начин на кој вистината станала стварност бил со Исусовото претскажано раѓање во Витлеем (Михеј 5:2; Лука 2:4—11). Вистината станала стварност и кога се исполниле пророчките зборови на Даниел во врска со појавата на Месијата на крајот од 69-те ‚седмици од години‘ (NW). Тоа се случило кога Исус при своето крштавање му се претставил на Бог и бил помазан со свет дух токму според временскиот распоред, во 29 н.е. (Даниел 9:25; Лука 3:1, 21, 22). Вистината понатаму станала стварност со Исусовата просветлувачка служба како објавител на Царството (Исаија 9:1, 2, 6, 7; 61:1, 2; Матеј 4:13—17; Лука 4:18—21). Исто така, таа станала стварност со неговата смрт и воскресение (Псалм 16:8—11; Исаија 53:5, 8, 11, 12; Матеј 20:28; Јован 1:29; Дела 2:25—31).

12. Зошто Исус можел да рече ‚Јас сум вистината‘?

12 Со оглед на тоа што вистината е сосредоточена на него, Исус Христос можел да рече: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото освен преку мене“ (Јован 14:6). Кога се ставаат „на страна на вистината“ така што ја прифаќаат Исусовата улога во Божјата намера, луѓето духовно се ослободуваат (Јован 8:32—36; 18:37). Затоа што ја прифаќаат вистината и го следат Христос со вера, луѓето слични на овци ќе добијат вечен живот (Јован 10:24—28).

13. На кои три подрачја ќе ја испитаме библиската вистина?

13 Вистината што ја пренесувале Исус и неговите инспирирани ученици ја претставува вистинската христијанска вера. Според тоа, оние што ѝ се „послушни на верата“ „одат во вистината“ (Дела 6:7; 3. Јованово 3, 4). Значи, кој оди во вистината денес? Кој навистина ги поучува сите нации за вистината? Додека се занимаваме со овие прашања, ќе се сосредоточиме на раните христијани и ќе ја испитаме библиската вистина во врска со 1) верувањата, 2) начинот на обожавање, и 3) личното однесување.

Вистината и верувањата

14, 15. Што би рекол ти за ставот на раните христијани и на Јеховините сведоци кон Писмото?

14 Раните христијани високо ја ценеле Јеховината пишана реч (Јован 17:17). Таа била нивното мерило во врска со верувањата и практиките. Клемент од Александрија од вториот и третиот век рекол: „Оние што се напрегаат кон извонредност нема да престанат во својата потрага по вистината, сѐ додека не добијат доказ од самото Писмо за она во што веруваат“.

15 Исто како раните христијани, Јеховините сведоци високо ја ценат Библијата. Тие веруваат дека „целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување“ (2. Тимотеј 3:16). Затоа, да разгледаме неколку верувања на раните христијани во светлината на она што денешните Јеховини слуги го научиле затоа што ја користат Библијата како свој главен учебник.

Вистината за душата

16. Која е вистината за душата?

16 Затоа што верувале во она што стои во Писмото, раните христијани поучувале за вистината во врска со душата. Знаеле дека кога Бог го создал, ‚човекот станал жива душа‘ (Битие 2:7). Освен тоа, признавале дека човечката душа умира (Езекиел 18:4, ПСП; Јаков 5:20). Исто така, знаеле дека „мртвите не знаат ништо“ (Проповедник 9:5, 10).

17. Како би ја објаснил надежта за мртвите?

17 Сепак, Исусовите рани ученици имале сигурна надеж дека мртвите што се наоѓаат во Божјето сеќавање ќе бидат воскреснати, односно вратени во живот. Тоа верување добро го изразил Павле, кој изјавил: „Имам надеж во Бог . . . дека ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Дури и подоцна, Мунициј Феликс, кој тврдел дека е христијанин, напишал: „Кој е толку глупав или безумен па да се осмели да тврди дека човекот, кој првобитно бил создаден од Бог, не може да биде повторно направен?“ Исто како првите христијани, Јеховините сведоци ја застапуваат библиската вистина во врска со човечката душа, смртта и воскресението. Да го разгледаме сега идентитетот на Бог и на Христос.

Вистината и тројството

18, 19. Зошто може да се рече дека тројството не е библиско учење?

18 Раните христијани не гледале на Бог, Христос и светиот дух како на тројство. Една енциклопедија вели: „Во Новиот Завет не се појавува ниту зборот тројство ниту директно таа доктрина ниту, пак, Исус и неговите следбеници имале намера да ѝ противречат на Шемата [еврејска молитва] во Стариот завет: ‚Чуј, Израелу! Господ е наш Бог, Господ е Еден!‘ (Втор. 6:4)“ (The Encyclopædia Britannica). Христијаните не ја обожавале римската тријада ниту кои и да било други богови. Тие ја прифатиле Исусовата изјава дека треба да биде обожаван само Јехова (Матеј 4:10). Освен тоа, верувале во зборовите на Христос: „Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:28). Сведоците на Јехова ги застапуваат истите гледишта и денес.

19 Исусовите рани следбеници правеле јасна разлика меѓу Бог, Христос и светиот дух. Всушност, тие ги крштавале учениците 1) во името на Таткото, 2) во името на Синот, и 3) во името на светиот дух, а не во името на некое тројство. Јеховините сведоци на сличен начин поучуваат за библиската вистина и затоа прават разлика меѓу Бог, неговиот Син и светиот дух (Матеј 28:19).

Вистината и крштавањето

20. Какво спознание им е потребно на кандидатите за крштавање?

20 Исус им дал налог на своите следбеници да прават ученици со тоа што ќе ги поучуваат луѓето за вистината. За да се квалификуваат за крштавање, ним им е потребно основно спознание за Писмото. На пример, мораат да ги признаат положбата и авторитетот на Таткото и на Синот, Исус Христос (Јован 3:16). Кандидатите за крштавање исто така треба да разберат дека светиот дух не е личност туку дека тоа е Божјата активна сила (Битие 1:2, фуснота, NW).

21, 22. Зошто би рекол дека крштавањето е за верници?

21 Раните христијани крштавале само информирани поединци кои се каеле, и кои безрезервно му се предале на Бог за да ја вршат неговата волја. Евреите и прозелитите, кои на Пентекост 33 н.е. се собрале во Ерусалим, веќе имале спознание за Хебрејските списи. Откако чуле како апостол Петар зборува за Исус Месијата, околу 3.000 лица ‚со срце ја прегрнале неговата реч‘ и ‚се крстиле‘ (Дела 2:41; 3:19—4:4; 10:34—38).

22 Христијанското крштавање е за верници. Луѓето во Самарија ја прифатиле вистината и ‚кога му поверувале на Филип, кој ја објавувал добрата вест за Божјето царство и за името на Исус Христос, се крштавале, и мажи и жени‘ (Дела 8:12). Како побожен прозелит што имал спознание за Јехова, етиопскиот евнух најпрво ги прифатил изјавите на Филип во врска со исполнувањето на месијанското пророштво и потоа се крстил (Дела 8:34—36). Подоцна, Петар им рекол на Корнелиј и на други не-Евреи дека на Бог „му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ и дека секој што положува вера во Исус Христос добива простување на гревовите (Дела 10:35, 43; 11:18). Сето ова е во согласност со Исусовата заповед да се ‚прават ученици, и да се поучуваат да држат сѐ што тој заповедал‘ (Матеј 28:19, 20; Дела 1:8). Јеховините сведоци го застапуваат истото мерило, прифаќајќи ги за крштавање само оние што имаат основно спознание за Писмото и што му се предале на Бог.

23, 24. Кој е исправен облик на христијанско крштавање?

23 Целосното нурнување под вода е исправен облик на крштавање за верниците. Откако се крстил на реката Јордан, Исус ‚излегол од водата‘ (Марко 1:10). Етиопскиот евнух бил крстен во „вода“. Тој и Филип ‚слегле во водата‘ и потоа ‚излегле‘ од неа (Дела 8:36—40). Тоа што Библијата го поврзува крштавањето со симболично погребување исто така укажува на целосно потопување под вода (Римјаните 6:4—6; Колошаните 2:12).

24 Едно дело вели: „Описите на конкретни крштавања во Новиот завет покажуваат дека лицето што се крштавало било потопено под вода“ (The Oxford Companion to the Bible). Според едно француско дело, „првите христијани се крштавале така што биле нурнувани секаде каде што можело да се најде вода“ (Larousse du XXe Siècle, Париз, 1928). А книгата After Jesus—The Triumph of Christianity (По Исус — триумф на христијанството) забележува: „Во својот најосновен облик, [крштавањето] барало кандидатот да даде јавна изјава на својата вера, по што следело целосно потопување под вода во името на Исус“.

25. За што ќе биде дискутирано во следната статија?

25 Претходно спомнатите точки во врска со библиски темелените верувања и практики на првите христијани се само примери. Може да се наведат и други паралели меѓу нивните верувања и верувањата на Јеховините сведоци. Во следната статија ќе дискутираме за додатни начини на кои можеме да ги идентификуваме оние што ги поучуваат луѓето за вистината.

Како би одговорил?

• Какво обожавање бара Бог?

• Како вистината станала стварност преку Исус Христос?

• Која е вистината за душата и за смртта?

• Како се извршува христијанското крштавање, и што се бара од кандидатите за крштавање?

[Слика на страница 16]

Исус му рекол на Пилат: ‚Дојдов да сведочам за вистината‘

[Слика на страница 17]

Можеш ли да објасниш зошто Исус рекол: ‚Јас сум вистината‘?

[Слика на страница 18]

Која е вистината за христијанското крштавање?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели