ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w05 1/11 стр. 21-25
  • Ќе одиш ли со Бог?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ќе одиш ли со Бог?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што значи тоа да одиме со Бог?
  • Зошто треба да одиме со Бог?
  • Како можеме да одиме со Бог?
  • Оди како ‚да го гледаш Оној кој е невидлив‘
  • Како ќе бидеме наградени?
  • Да одиме со Бог — почетните чекори
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Обласниот конгрес нѐ поттикнува да одиме со Бог
    Нашата служба за Царството 2004
  • Продолжи да одиш по Јеховиниот пат
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Оди со Бог!
    Пејте му фалби на Јехова
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
w05 1/11 стр. 21-25

Ќе одиш ли со Бог?

„Оди смирено со својот Бог“ (МИХЕЈ 6:8).

1, 2. Како можат да се споредат Јеховините чувства кон нас со чувствата на еден родител што го учи детето да оди?

БЕБЕТО, стоејќи на своите несигурни ножиња, тргнува кон раширените раце на својот родител и ги прави првите неколку чекори. Можеби ова не изгледа кој знае колку голема работа, но за мајката и таткото тоа е незаборавен момент, полн со надежи за иднината. Родителите едвај чекаат да се шетаат со своето дете, фатени рака за рака, во претстојните месеци и години. Се надеваат дека во многу работи ќе му обезбедат на детето водство и поддршка во иднината.

2 Јехова Бог има слични чувства кон своите деца на Земјата. Во врска со својот народ Израел, или Ефрем, во една прилика тој рекол: „Го учев Ефрема да оди, држејќи го за неговите раце . . . Ги привлекував со човечки јажиња, со врските на љубовта“ (Осија 11:3, 4). Овде Јехова се опишува себеси како родител полн со љубов, кој стрпливо го учи детето да оди, можеби земајќи го в раце кога ќе падне. Јехова, најдобриот Родител, многу сака да нѐ учи „да одиме“. Исто така, со задоволство оди со нас додека напредуваме. Како што покажува мотото на оваа статија, ние можеме да одиме со Бог! (Михеј 6:8). Но, што значи тоа да одиме со Бог? Зошто треба да го правиме тоа? Како е можно тоа? И кои благослови ќе произлезат ако одиме со Бог? Да ги разгледаме овие четири прашања едно по едно.

Што значи тоа да одиме со Бог?

3, 4. а) Што е извонредно во врска со сликовитиот опис на одењето со Бог? б) Што значи тоа да одиме со Бог?

3 Се разбира, човек од крв и месо не може дословно да оди со Јехова, кој е духовно суштество (Излез 33:20; Јован 4:24). Затоа, кога Библијата зборува дека луѓето одат со Бог, користи сликовит јазик. Таа ни дава извонреден сликовит опис, кој можат да го разберат луѓе од секоја земја и култура, па дури и важи во секое време. На кое место и во кое време луѓето не би биле способни да сфатат што значи тоа еден човек да оди заедно со некој друг? Овој сликовит опис ни пренесува топлина и блискост, зар не? Таквите чувства ни помагаат да сфатиме што значи тоа да одиме со Бог. Но, да бидеме малку поконкретни.

4 Сети се на верните луѓе Енох и Ное. Зошто за нив е речено дека оделе со Бог? (Битие 5:24; 6:9). Во Библијата, зборот „оди“ честопати значи да тргнеш по извесен правец или да постапиш на извесен начин. Енох и Ное избрале животен правец што бил во склад со волјата на Јехова Бог. За разлика од луѓето меѓу кои живееле, тие барале водство од Јехова и ги следеле неговите упатства. Имале доверба во него. Дали тоа значи дека Јехова донесувал одлуки наместо нив? Не. Јехова им дал на луѓето слободна волја, и сака да го користиме тој дар заедно со нашата „сила на разумот“ (Римјаните 12:1). Меѓутоа, кога донесуваме одлуки, понизно дозволуваме нашата сила на разумот да ја води Јеховиниот ум, кој бескрајно го надминува нашиот (Пословици 3:5, 6; Исаија 55:8, 9). Всушност, додека одиме низ животот, одиме заедно со Јехова.

5. Зошто Исус зборувал за додавање еден лакот на животниот век на еден човек?

5 Библијата честопати го споредува животот со патување, или прошетка. Во некои случаи, таа споредба е директна, но во други е индиректна. На пример, Исус рекол: „Кој од вас, со тоа што тегобно се грижи, може да му додаде еден лакот на својот животен век?“ (Матеј 6:27). Можеби ќе те збуни нешто во врска со овие зборови. Зошто Исус зборувал да се додаде „еден лакот“, што е мерка за растојание, на ‚животниот век‘ на еден човек, кој се мери со време?a Јасно е дека Исус го прикажал животот како едно патување. Всушност, тој сакал да каже дека грижата нема да ти помогне да додадеш ниту еден мал чекор на твојот животен пат. Но, дали треба да заклучиме дека не можеме да сториме ништо во врска со должината на тој пат по кој одиме? Никако! Со тоа доаѓаме до нашето второ прашање: ‚Зошто треба да одиме со Бог?‘

Зошто треба да одиме со Бог?

6, 7. Што им е очајнички потребно на несовршените луѓе, и зошто е добро да му се обратиме на Јехова за да ја задоволиме таа потреба?

6 Една причина зошто треба да одиме со Јехова Бог е изнесена во Еремија 10:23: „Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“. Значи, ние луѓето ниту можеме ниту имаме право да управуваме со својот живот. Очајнички ни е потребно водство. Оние што упорно си тераат по свое, независно од Бог, ја прават истата грешка што ја направиле Адам и Ева. Првите маж и жена си зеле за право сами да одлучуваат што е добро, а што е лошо (Битие 3:1-6). Но, ние едноставно немаме право на тоа, односно ‚не е во наша власт‘.

7 Зар не чувствуваш потреба за водство додека го одиш својот животен пат? Секој ден мораме да донесуваме одлуки — мали или големи. Некои од нив се тешки и можат да се одразат врз нашата иднина — како и врз иднината на нашите најблиски. Но, замисли си дека некој што е безгранично постар и помудар од нас радосно и со љубов нѐ води во донесувањето на тие одлуки! За жал, повеќето луѓе денес повеќе сакаат да имаат доверба во своето просудување и самите да ги водат своите чекори. Тие ја отфрлаат вистината што е наведена во Пословици 28:26: „Безумен е кој се надева на своето срце, а се спасува кој живее мудро“. Јехова сака да ги избегнеме неволјите што настануваат како последица од тоа што имаме доверба во измамничкото човечко срце (Еремија 17:9). Тој сака да одиме мудро, да имаме доверба во него како во наш мудар Водач и Учител. Кога го правиме тоа, во животот чекориме сигурни, задоволни и исполнети.

8. До која цел природно го водат човекот гревот и несовршеноста, и што ни посакува Јехова?

8 Следната причина зошто треба да одиме со Бог е поврзана со должината на патеката по која сакаме да одиме. Библијата ни кажува една немилосрдна вистина. Во извесна смисла, сите несовршени луѓе одат кон една иста цел. Опишувајќи ги тешкотиите што доаѓаат со староста, во Проповедник 12:5 стои: „Човекот си оди во својот вечен дом! А тажачките веќе се движат по улиците“. Каков е овој „вечен дом“? Тоа е гробот, каде што сосема природно нѐ носат гревот и несовршеноста (Римјаните 6:23). Меѓутоа, Јехова ни посакува нешто повеќе од само едно кратко, мачно одење од лулка до гроб (Јов 14:1). Само ако одиме со Бог можеме да се надеваме да одиме сѐ додека тој имал намера да одиме — засекогаш. Зар не го сакаш тоа и ти? Тогаш, јасно е дека треба да одиш со својот Татко.

Како можеме да одиме со Бог?

9. Зошто Јехова понекогаш бил скриен од својот народ, но во што го уверил, според Исаија 30:20?

9 Третото прашање што ќе го разгледаме заслужува да му посветиме посебно внимание. Тоа е: ‚Како можеме да одиме со Бог?‘ Одговорот го наоѓаме во Исаија 30:20, 21: „Веќе нема да се крие твојот Учител — очите ќе ти Го гледаат твојот Учител. И твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: ‚Тоа е патот, одете по него‘, било да тргнувате надесно или налево“. Во овој охрабрувачки библиски текст, Јеховините зборови што се запишани во 20. стих можеби го потсетиле неговиот народ дека, кога се бунеле против него, тој, всушност, бил скриен од нив (Исаија 1:15; 59:2). Но, овде Јехова не е прикажан како се крие, туку како стои на видик на својот верен народ. Тоа ни доловува слика на учител што стои пред своите ученици и им покажува што сака да научат.

10. Во која смисла можеш да чуеш како твојот Најголем Учител „зборува зад тебе“?

10 Во 21. стих ни е даден еден поинаков сликовит опис. Јехова е прикажан како оди зад својот народ и му покажува кој е правиот пат по кој треба да оди. Библиските изучувачи забележале дека овој израз би можел да се темели на начинот на кој еден овчар понекогаш оди по своите овци, довикувајќи им за да ги води и за да не тргнат во погрешен правец. Каква врска има со нас овој сликовит опис? Па, кога бараме водство од Божјата реч, читаме зборови што биле запишани пред илјадници години. Тие доаѓаат од зад нас, така да се каже, од дамнина. Сепак, и денес важат подеднакво како и тогаш кога биле напишани. Библиските совети можат да нѐ водат во нашите секојдневни одлуки и да ни помогнат да зацртаме правец во животот во иднината (Псалм 119:105). Кога горливо бараме таков совет и го применуваме, тогаш Јехова е наш Водач. Ние одиме со Бог.

11. Според Еремија 6:16, на каков топол начин Јехова го прикажал својот народ, но како реагирале тие?

11 Дали навистина дозволуваме Божјата реч да нѐ води во сѐ? Добро е понекогаш да застанеме малку и искрено да се преиспитаме. Размисли за еден стих што ќе ни помогне во тоа: „Господ зборува вака: ‚Застанете на патиштата, распрашајте се за некогашните патеки: Кој пат води кон доброто? Тргнете по него и ќе најдете спокојство за своите души!‘“ (Еремија 6:16). Овие зборови можеби нѐ потсетуваат на еден патник што застанува на раскрсница за да праша за правецот. Во духовна смисла, Јеховиниот бунтовен народ во Израел требало да направи нешто слично. Требало да го најдат патот за да се вратат назад на „некогашните патеки“. Тој ‚пат кон доброто‘ бил патот по кој оделе нивните верни татковци, патот од кој Израел немудро застранил. За жал, тој реагирал тврдоглаво на ова потсетување од Јехова полно со љубов. Истиот стих понатаму вели: „Но тие рекоа: ‚Не одиме!‘“ Меѓутоа, во денешно време, Божјиот народ реагира сосема поинаку на тој совет.

12, 13. а) Како реагирале Христовите помазани следбеници на советот од Еремија 6:16? б) Како можеме да се преиспитаме по кој пат одиме денес?

12 Кој крајот на 19 век, Христовите помазани следбеници го примениле на себе советот од Еремија 6:16. Како класа, тие од сѐ срце се вратиле на „некогашните патеки“. За разлика од отпадничкиот христијански свет, тие верно се држеле за „образецот на здрави зборови“ што го дал Исус Христос и за кој се држеле неговите верни следбеници во првиот век (2. Тимотеј 1:13). До ден-денес, помазаниците си помагаат еден на друг, како и на нивните придружници, ‚другите овци‘, да водат исполнет и среќен живот, живот што христијанскиот свет го напуштил (Јован 10:16).

13 Давајќи духовна храна во право време, класата на верниот и разборит роб им помогнала на милиони да ги најдат „некогашните патеки“ и да одат со Бог (Матеј 24:45-47). Дали и ти си еден од тие милиони? Ако да, што можеш да сториш за да не застраниш па да си тргнеш по свој пат? Мудро е понекогаш да застанеш и да се преиспиташ во кој правец оди твојот живот. Ако редовно ја читаш Библијата и библиските публикации и присуствуваш на поучната програма што ја обезбедуваат помазаниците денес, тогаш добиваш упатства како да одиш со Бог. А кога понизно го применуваш советот што ти е даден, навистина одиш со Бог, одејќи по „некогашните патеки“.

Оди како ‚да го гледаш Оној кој е невидлив‘

14. Ако Јехова ни е реален, како ќе се види тоа во личните одлуки што ги донесуваме?

14 За да одиме со Јехова, тој мора да ни биде реален. Не заборавај, Јехова ги уверил верните жители на древниот Израел дека не е скриен од нив. И денес тој му се открива себеси на својот народ како Најголем Учител. Дали Јехова ти е толку реален како да стои пред тебе за да те учи? Треба да имаме таква вера за да одиме со Бог. Мојсеј имал таква вера, „бидејќи остана цврст како да го гледа Оној кој е невидлив“ (Евреите 11:27). Ако Јехова ни е реален, тогаш ќе го земеме предвид неговото мислење кога донесуваме одлуки. На пример, нема ни да помислиме да постапиме неисправно, а потоа да се обидуваме да ги скриеме нашите гревови од христијанските старешини или од семејството. Наместо тоа, се трудиме да одиме со Бог дури и кога не може да не види ниеден друг човек. Исто како цар Давид од минатото, ние сме решени: „Ќе одам со невино срце во својот дом“ (Псалм 101:2).

15. Како дружењето со нашите христијански браќа и сестри ќе ни помогне Јехова да ни биде реален?

15 Јехова разбира дека сме несовршени, телесни суштества и дека понекогаш ни е тешко да веруваме во она што не можеме да го видиме (Псалм 103:14). Тој многу прави за да ни помогне да ги надминеме таквите слабости. На пример, тој собрал „народ за своето име“ од сите народи на Земјата (Дела 15:14). Додека обединето служиме заедно, црпиме сила еден од друг. Кога ќе чуеме како Јехова му помогнал на некој духовен брат или сестра да надмине некоја слабост или да помине некој тежок испит, нашиот Бог ни е уште пореален (1. Петрово 5:9).

16. Како ќе ни помогне да одиме со Бог тоа што ќе го запознаеме Исус?

16 Пред сѐ, Јехова ни го дал примерот на својот Син. Исус рекол: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото освен преку мене“ (Јован 14:6). Еден од најдобрите начини Јехова да ни стане уште пореален е да го проучиме Исусовиот живот додека бил на Земјата. Сѐ што рекол или направил Исус давало совршена слика за тоа каква личност е и како би постапил неговиот небесен Татко (Јован 14:9). Кога донесуваме одлуки, треба внимателно да размислуваме за тоа како би постапил Исус во тие работи. Кога нашите одлуки покажуваат дека во молитва сме размислиле толку внимателно, ние ги следиме Христовите стапки (1. Петрово 2:21). Како резултат на тоа, одиме со Бог.

Како ќе бидеме наградени?

17. Ако одиме по Јеховиниот пат, какво „спокојство“ ќе најдеме за своите души?

17 Ако одиме со Јехова Бог, ќе бидеме наградени. Сети се што му ветил Јехова на својот народ ако го бара ‚патот што води кон доброто‘. Тој рекол: „Тргнете по него и ќе најдете спокојство за своите души“ (Еремија 6:16). Што значи тоа „спокојство“? Спокоен живот што е исполнет со задоволство и луксуз? Не. Јехова ни дава нешто многу подобро, нешто што ретко го наоѓаат дури и најбогатите луѓе во светот. Да најдеш спокојство на својата душа значи да најдеш душевен мир, радост, задоволство и духовна исполнетост. Таквото спокојство значи дека можеш да бидеш уверен дека си го избрал најдобриот животен пат. Таквиот душевен мир е редок благослов што може да се добие во овој свет во кој е тешко да се живее!

18. Како сака да те награди Јехова, и на што си решен?

18 Се разбира, самиот живот е голем благослов. Дури и една кратка прошетка е подобра отколку воопшто да не прошеташ. Меѓутоа, Јехова никогаш немал намера твојот животен пат да се состои само од една кратка прошетка од твојата полетна младост па сѐ до твојата тешка старост. Не, Јехова сака да ја добиеш најголемата можна награда. Тој сака да одиш со него засекогаш! Ова е добро изразено во Михеј 4:5: „Сите народи одат, секој во име на својот бог, а ние, ние одиме во името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека“. Ќе го цениш ли тој благослов? Ќе го добиеш ли она што Јехова пријатно го нарекува „вистинскиот живот“? (1. Тимотеј 6:19). Тогаш, остани цврсто решен да одиш со Јехова денес, утре и секој ден во иднина во сета вечност!

[Фуснота]

a Некои библиски преводи го менуваат зборот „лакот“ во овој стих со некоја мерка за време, како што е „еден момент“ (The Emphatic Diaglott) или „една минутка“ (A Translation in the Language of the People од Чарлс Б. Вилијамс). Меѓутоа, зборот што е употребен во оригиналниот текст дефинитивно значи лакот, кој изнесува должина од околу 45 сантиметри.

Како би одговорил?

• Што значи тоа да се оди со Бог?

• Зошто сметаш дека е потребно да одиш со Бог?

• Што ќе ти помогне да одиш со Бог?

• Како ќе бидат наградени оние што одат со Бог?

[Слики на страница 23]

Низ страниците на Библијата, слушаме како Јеховиниот глас зад нас вели „Тоа е патот“

[Слика на страница 25]

На состаноците добиваме духовна храна во право време

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели