Кои се повторно родени?
ДАЛИ сите добри луѓе одат на небо? Мнозина мислат така, но Исус Христос не се сложувал со тоа. Кога зборувал со еврејскиот владар Никодим, кој тајно дошол кај него ноќе, Исус рекол: „Никој не се искачи на небото“ (Јован 3:13).
Но, Исус му укажал на Никодим дека ќе дојде време кога некои луѓе ќе имаат прилика да влезат во небесното Царство. За нив Исус рекол: „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо; зашто, роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е. Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора [да се родите повторно, NW]“. Но, Никодим не можел да сфати како е можно некој да се роди повторно (Јован 3:1-9).
Можеби и ти се прашуваш што мислел Исус со тоа. Дали неговите зборови можат да се применат во искуствата на ненадејно преобразување на кое полагаат право многумина коишто мислат дека биле исполнети со Божји свет дух?
Емоциите и умот
Некои велат дека решавачки фактор при одредувањето дали некое лице е повторно родено е чувствувањето на силата на духот. Сепак, нашето срце и ум можат да нѐ заведат, особено ако се под влијание на силни емоции (Јеремија 17:9).
Вилијам Сарџент, кој ги истражува последиците што ги оставаат емоциите врз умот, ја наведува потребата „да се биде внимателен спрема верувањата што сме ги стекнале во состојба на емоционална возбуденост, кога нашиот мозок можеби нѐ лаже“. Според Сарџент, пример за тоа е учинокот што го имаат проповедите за будење на верата и заканите со казна во огнен пекол. Кој не би сакал повторно да се роди за да оди на небо ако единственото што му преостанува е да страда во вечни маки? Сарџент вели дека под таков емоционален стрес „разумот е исклучен, нормалниот мозочен компјутер привремено е вон функција, а новите идеи и верувања се прифаќаат без поговор“ (The Mind Possessed).
Затоа, како може некој да рече дека верувањето во повторно раѓање ‚се прифаќа без поговор‘? Патот на вистинската мудрост значи да се биде воден од сето она што го запишале библиските писатели под водство на Божјиот свет дух. Христијаните се охрабрени да го обожаваат Бог ‚со силата на нивниот ум‘ и да се осигураат дека она во што веруваат е вистинито (Римјаните 12:1, 2, New World Translation of the Holy Scriptures; 1. Солунјаните 5:21, Стварност).
Повторното раѓање отвора една од најважните предности која некогаш им била пружена на луѓето. Таа е поврзана со еден навистина значаен развој во утврдувањето на Божјата намера. И, ако сето ова е точно, се појавуваат прашања како овие: Кои луѓе се повторно родени? Како се случува тоа? Какви изгледи им претстојат на таквите поединци? И дали само тие ќе бидат спасени?
[Слика на страница 3]
Никодим се прашувал како е можно некој да биде повторно роден?