Поглавје осумнаесет
„Тие не се дел од светот“
1. а) Што молел Исус за своите ученици пред својата смрт? б) Зошто е толку важно да ‚не се биде дел од светот‘?
НОЌТА пред да биде убиен, Исус се молел за своите ученици. Знаејќи дека ќе бидат изложени на огромен притисок од Сатана, Исус му рекол на својот Татко: „Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги чуваш поради злобниот. Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:15, 16). Зошто е толку важно да се биде одвоен од светот? Затоа што Сатана е владетелот на овој свет. Христијаните не би сакале да станат дел од еден свет што е под негова контрола (Лука 4:5—8; Јован 14:30; 1. Јованово 5:19).
2. Во кои погледи Исус не бил дел од светот?
2 Тоа што Исус не бил дел од светот не значело дека му недостигала љубов кон другите. Напротив, тој ги лекувал болните, ги подигал мртвите и ги поучувал луѓето за Божјето Царство. Го дал дури и својот живот за човештвото. Но, не ги сакал безбожните ставови и постапки на оние што го покажувале духот на Сатановиот свет. Затоа, предупредувал на такви работи како што се неморални желби, материјалистички начин на живот и стремеж по истакнатост (Матеј 5:27, 28; 6:19—21; Лука 20:46, 47). Според тоа, не е за изненадување што Исус ја избегнувал политиката на светот. Иако бил Евреин, не заземал страна во политичките спорови помеѓу Рим и Евреите.
„Моето царство не е дел од овој свет“
3. а) Какво обвинение во врска со Исус подигнале пред Пилат еврејските верски водачи, и зошто? б) Што покажува дека Исус немал интерес да стане човечки цар?
3 Разгледај што се случило кога еврејските верски водачи дале Исус да биде уапсен и одведен кај римскиот управител Понтиј Пилат. Всушност, тие водачи биле вознемирени затоа што Исус го разоткрил нивното лицемерство. За да го наведат управителот да преземе мерки против Исус, тие го обвиниле велејќи: „Го најдовме овој човек како ја подрива нашата нација и забранува да се плаќаат даноци на цезарот и вели дека самиот е Христос, цар“ (Лука 23:2). Се разбира, ова било лага бидејќи една година пред тоа, кога народот сакал да го направи цар, Исус одбил (Јован 6:15). Знаел дека во иднина треба да биде небесен Цар (Лука 19:11, 12). И, не требало да биде устоличен од луѓе, туку од Јехова.
4. Каков бил ставот на Исус кон плаќањето даноци?
4 Само три дена пред Исусовото апсење, фарисеите се обиделе да го наведат Исус да каже нешто во врска со плаќањето даноци поради кое би го обвиниле. Но тој рекол: „Покажете ми еден денариј [римска монета]. Чија слика и натпис ги има?“ Кога рекле: „На цезарот“, тој им одговорил: „Тогаш, се разбира, плаќајте го цезаровото на цезарот, а Божјето на Бог “ (Лука 20:20—25).
5. а) Каква поука им дал Исус на своите ученици при апсењето? б) Како Исус ја објаснил причината за она што го сторил? в) Каков бил исходот од тоа судење?
5 Не, Исус не поттикнувал бунт против световните власти. Кога војниците и други луѓе дошле да го уапсат Исус, Петар извлекол меч и удрил еден од луѓето, отсекувајќи му го увото. Но Исус рекол: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите кои се фаќаат за меч, од меч и ќе погинат“ (Матеј 26:51, 52). Следниот ден Исус му го објаснил своето постапување на Пилат, велејќи: „Моето царство не е дел од овој свет. Ако беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите“ (Јован 18:36). Пилат признал дека немало „никаква основа за обвиненијата“ против Исус. Но, попуштајќи под притисокот на толпата, Пилат дал Исус да биде прикован (Лука 23:13—15; Јован 19:12—16).
Учениците го следат Исусовото водство
6. Како покажале раните христијани дека го избегнуваат духот на светот, но дека ги сакаат луѓето?
6 На тој начин, Исусовите ученици разбрале што се барало со тоа да не се биде дел од светот. Тоа значело да се избегнува безбожниот дух и постапките на светот, во кои спаѓала и насилната и неморална забава во римските циркуси и театри. Поради тоа, учениците биле наречени човекомрасци. Но, далеку од тоа да ги мразат другите луѓе, тие напорно работеле на тоа да им помогнат на другите да извлечат корист од Божјите подготовки за спасение.
7. а) Што доживувале раните ученици поради тоа што не биле дел од светот? б) Како гледале тие на политичките владетели и на плаќањето даноци, и зошто?
7 Исусовите следбеници биле прогонувани како и тој, честопати од страна на погрешно информирани владини службеници. Па сепак, околу 56 н.е., апостол Павле им напишал на христијаните во Рим, поттикнувајќи ги да ‚им бидат подложни на вишите власти [политичките владетели], зашто нема власт освен од Бог‘. Не дека Јехова ги поставува световните влади, туку тој им дозволува да постојат сѐ додека само неговото Царство не завладее над целата Земја. Со право, Павле ги советувал христијаните да ги почитуваат световните службеници и да плаќаат даноци (Римјаните 13:1—7; Тит 3:1, 2).
8. а) До која мера христијаните треба да им бидат подложни на вишите власти? б) На кој начин раните христијани го следеле Исусовиот пример?
8 Меѓутоа, подложноста кон политичките владетели треба да биде релативна, а не неограничена. Кога постои конфликт меѓу Јеховините закони и човечките закони, оние што му служат на Јехова треба да ги слушаат Неговите закони. Забележи што вели за раните христијани книгата On the Road to Civilization—A World History (На пат кон цивилизацијата — историја на светот): „Христијаните одбивале да извршуваат некои од должностите што ги имале римските граѓани. Христијаните . . . сметале дека е повреда на нивната вера да стапат во воена служба. Тие не сакале да извршуваат политичка служба. Не сакале да го обожаваат императорот“. Кога еврејскиот висок суд ‚изречно им наредил‘ на учениците да престанат да проповедаат, тие одговориле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:27—29).
9. а) Зошто христијаните во Ерусалим презеле таква акција во 66 н.е.? б) Во кој поглед тоа претставува скапоцен пример?
9 Во врска со политичките и воените спорови, учениците задржале строга неутралност. Во 66 н.е., Евреите во Јудеа се побуниле против цезарот. Римската војска брзо го опколила Ерусалим. Што направиле христијаните кои биле во градот? Тие се сетиле на Исусовиот совет да излезат од градот. Кога Римјаните привремено се повлекле, христијаните побегнале преку реката Јордан кон планинскиот предел Пела (Лука 21:20—24). Нивната неутралност служи како пример за подоцнежните верни христијани.
Неутрални христијани во овие последни денови
10. а) Во кое дело се зафатени Јеховините сведоци, и зошто? б) Во кој поглед се тие неутрални?
10 Дали историјата покажува дека некоја група во овие последни денови се придржувала кон строга неутралност, имитирајќи ги раните христијани? Да, тоа го правеле Јеховините сведоци. Низ целиот овој временски период, тие проповедале дека Божјето Царство е единственото средство што ќе донесе траен мир, благосостојба и среќа за правдољубивите луѓе (Матеј 24:14). Но, во поглед на споровите меѓу нациите, тие задржуваат строга неутралност.
11. а) Во каква спротивност стои неутралноста на Сведоците со практиките на свештенството? б) Какво гледиште заземаат Јеховините сведоци кон она што другите го прават во однос на политиката?
11 Во остра спротивност, свештенството на религиите на овој свет е длабоко вклучено во политички работи. Во некои земји, тоа водело активни кампањи за или против кандидатите. Некои свештеници се дури и на политички функции. Други, пак, вршеле притисок врз политичарите да спроведуваат програми што се одобрени од свештенството. Меѓутоа, Јеховините сведоци не се мешаат во политика. Ниту, пак, им се бркаат на другите кога станува збор за приклучување кон некоја политичка партија, кандидирање за политичка служба или гласање на избори. Исус рекол дека неговите ученици нема да бидат дел од светот, и затоа Јеховините сведоци не се занимаваат со политика.
12. Каков бил резултатот од тоа што религиите на овој свет не се неутрални?
12 Како што претскажал Исус, нациите секогаш одново оделе во војни. Меѓусебно војувале дури и фракции внатре во самите нации (Матеј 24:3, 6, 7). Верските водачи скоро секогаш поддржувале една нација или фракција против друга, поттикнувајќи ги своите следбеници да го прават истото. Со каков резултат? Членови на иста религија се убиваат едни со други во борби само затоа што припаѓаат на различни националности или племиња. Ова е спротивно на Божјата волја (1. Јованово 3:10—12; 4:8, 20).
13. Што зборуваат фактите за неутралноста на Јеховините сведоци?
13 Меѓутоа, Јеховините сведоци се строго неутрални во сите конфликти. Стражарска кула од 1 ноември 1939 навела: „Сите оние кои се на страната на Господарот, ќе бидат неутрални во однос на завојуваните народи“. Јеховините сведоци од сите народи и под секакви околности и понатаму го задржуваат ова гледиште. Не дозволуваат раздорната политика на светот и војните да го скршат нивното меѓународно братство. Ги ‚прековале мечевите во плугови, а копјата во српови‘. Бидејќи се неутрални, тие повеќе не се учат на војна (Исаија 2:3, 4; 2. Коринќаните 10:3, 4).
14. Што доживувале Јеховините сведоци поради тоа што остануваат одвоени од светот?
14 Кој е еден резултат од нивната неутралност? Исус рекол: „Бидејќи не сте дел од светот . . . светот ве мрази“ (Јован 15:19). Многу Јеховини сведоци биле затворани поради тоа што се Божји слуги. Некои биле мачени, па дури и убиени, слично на она што им се случувало на христијаните од првиот век. Тоа е затоа што Сатана, „богот на овој систем на работи“, им се спротивставува на Јеховините слуги кои не се дел од тој систем (2. Коринќаните 4:4; Откровение 12:12).
15. а) Кон што маршираат сите народи, и што внимаваат да избегнат Јеховините сведоци? б) Зошто одвоеноста од светот е толку сериозна работа?
15 Јеховините слуги се среќни што не се дел од светот, бидејќи сите негови народи маршираат кон својот крај во Армагедон (Даниел 2:44; Откровение 16:14, 16; 19:11—21). Ние ќе го избегнеме тој исход бидејќи сме одвоени од светот. Како обединет народ ширум светот, лојални сме му на Божјето небесно Царство. Точно, со тоа што не сме дел од светот, изложени сме на неговото исмејување и прогонување. Меѓутоа, многу скоро, тоа ќе престане, бидејќи овој сегашен зол свет под Сатана ќе биде уништен засекогаш. Од друга страна, оние што му служат на Јехова, ќе живеат засекогаш во неговиот праведен нов свет под Божјето Царство (2. Петрово 3:10—13; 1. Јованово 2:15—17).
Дискусија за повторување
• Како покажал Исус што вклучува тоа да ‚не се биде дел од светот‘?
• Каков бил ставот на раните христијани кон а) духот на светот? б) световните владетели и в) плаќањето даноци?
• На кои начини Јеховините сведоци во поново време дале доказ за својата христијанска неутралност?
[Слика на страница 165]
Исус објаснил дека тој и неговите следбеници ‚не биле дел од светот‘