Гледиште на Библијата
Може ли службата за Бог да ни причинува задоволство?
„ЈАС верувам и го сакам Бог, но... досадно ми е да одам в црква“, напишала една жена што се изјаснува како христијанка. Дали и ти се чувствуваш слично? За некои луѓе црквите значат само досада, незадоволство и разочарување, па затоа си измислиле свој начин на кој ќе му служат на Бог.
Во еден весник, овие сѐ позачестени самоделски облици на обожавање беа наречени „религија по своја мерка“. Но, на оние што сакаат да уживаат во службата за Бог, таквите алтернативи не им носат задоволство. Зошто? Затоа што разочарувањето поради кое ја напуштиле црквата може повторно да ги обземе.
Како резултат на ова, се покренува прашањето: Дали е досадно да се живее според библиските учења? Во никој случај! На пример, види што запишал еден библиски псалмист: „Дојдете, да му пееме радосно на Јехова!.. О, дојдете, да паднеме ничкум и да му се поклониме! Да клекнеме пред Јехова, својот Творец!“ (Псалм 95:1, 6).
Друг псалмист со големо ценење му пеел на Јехова: „Единствено ти... си Севишен над целата земја!“ Во Библијата, Јехова е наречен „среќниот Бог“, а радоста често е видлива и кај оние што му служат, како во минатото така и денес (Псалм 83:18; 1. Тимотеј 1:11).
Причина за радост
Причината да бидеме вистински радосни додека му служиме на Бог е тоа што сфаќаме што направил Јехова за да ни покаже дека нѐ сака. А што направил тој? „Бог толку многу го сакаше светот [односно, луѓето] што го даде својот единороден Син [Исус Христос], за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).
Според ова, како што вели Библијата, Божјата волја е „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4). Ова не значи само да знаеме како гласат некои библиски стихови. Не, тоа не е доволно, туку мора да го разбереме она што го читаме, а тоа подразбира внимателно, сериозно да проучуваме (Матеј 15:10). Која е користа од тоа? „Ќе го пронајдеш знаењето за Бог.“ А тоа може да ни причинува вистинско задоволство! (Изреки 2:1-5).
Во првиот век, луѓето од македонскиот град Верија почувствувале такво задоволство. Кога апостол Павле ги поучил за Божјата реч, тие ‚горливо ја примиле речта и секој ден ги истражувале Писмата за да видат дали е тоа така‘. Тие немало да бидат толку горливи доколку проучувањето на Писмата било досадно или не им причинувало никакво задоволство (Дела 17:11).
Исус рекол: „Среќни се оние што гладуваат и жедуваат за праведност, зашто ќе се наситат“ (Матеј 5:6). Денес многумина се како прегладнети луѓе кои повторно почнале редовно да јадат — тие се воодушевени кога ќе почнат да се хранат духовно. Затоа, како и Веријците, ‚мнозина од нив стануваат верници‘ (Дела 17:12).
Начин на живот
Верниците во првиот век тргнале по „Патот“, израз што се користи во Дела 9:2 и укажува на новиот начин на живот што го прифатиле првите христијани. Денес, оние што сакаат да чувствуваат задоволство додека му служат на Бог мора да го направат истото. Мора да им дозволат на библиските вистини да влијаат врз нивното размислување и постапки.
Затоа, апостол Павле ги поттикнал Ефешаните: „Треба да ја соблечете старата личност, обликувана според вашиот поранешен начин на живот“. Но, тоа не било доволно. Павле продолжил: „Облечете [ја] новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“ (Ефешаните 4:22-24).a
Кога го прифаќаме овој совет и правиме промени за да живееме според Божјата волја, имаме уште поголема причина за задоволство и радост. Која е таа? Павле им напишал на христијаните во Колоси дека треба да сменат некои работи ‚за да водат живот достоен на Јехова и така потполно да му угодат‘ (Колошаните 1:10). А кога знаеме дека со начинот на живот му угодуваме на Бог, радоста секако е голема! Освен тоа, Бог ни овозможува „потполно“ да му угодиме. Како? Со тоа што ни простува.
Сите ние грешиме и на сите ни треба прошка од Бог. „Христос Исус дојде во светот за да ги спаси грешниците“, напишал Павле во 1. Тимотеј 1:15. Со тоа што го жртвувал својот живот за нас, Исус овозможил да ни бидат простени гревовите. Затоа, оној што му служи на вистинскиот Бог чувствува олеснување, бидејќи се ослободил од вината која како камен му тежела на душата. Може да има чиста совест и да биде уверен дека, сѐ додека од срце ја врши Божјата волја, гревовите ќе му бидат простени. А тоа е причина за радост.
Уште една причина за радост
Кога некој ќе почне да му служи на вистинскиот Бог, тој не е сам. Библискиот псалмист Давид напишал: „Се израдував кога ми рекоа: ‚Да одиме во Јеховиниот дом!‘“ (Псалм 122:1). И навистина, кога редовно се собираме со другите што му служат на вистинскиот Бог, чувствуваме уште поголема радост.
Откако првпат отишол на состанок на Јеховините сведоци, еден човек напишал: „Таму нѐ пречекаа љубезно и се трудеа на секој начин да ни помогнат. Тоа покажува дека меѓу нив владее потполно ‚заедништво‘. Имаше многу деца кои беа мирни и примерни, а со тоа мора да се гордеат и тие самите и нивните родители. Сакам да ви кажам дека сум многу благодарен што ме поканивте на еден таков настан кој ме трогна и ми остави силен впечаток“.
И ти можеш да видиш дека службата за Јехова може да ни причинува задоволство и да уживаш во неа како што уживал Давид пред многу векови. Тој нѐ поттикнува: „Служете му на Јехова со веселба! Дојдете пред него со радосен восклик!“ (Псалм 100:2). Сите што му служат на вистинскиот Бог со исправен мотив можат да уживаат во својата служба.
[Фуснота]
a Ако ги прочиташ 4. поглавје од Ефешаните и 3. поглавје од Колошаните, ќе добиеш подобра претстава за тоа што опфаќа оваа промена на личноста.
ДАЛИ СИ СЕ ПРАШАЛ?
◼ На што се темели службата за вистинскиот Бог? (1. Тимотеј 2:3-6).
◼ Како влијае откупната жртва на Христос врз нашата радост? (1. Тимотеј 1:15).
◼ Како христијанските состаноци ни ја зголемуваат радоста додека му служиме на Бог? (Псалм 100:1-5).
[Слика на страница 10]
Додека ја проучуваме Библијата со другите, може да ни биде пријатно