Стојте потполни со цврсто уверување
‚[Тој] секогаш се напрега за вас во своите молитви, за конечно да стоите потполни и со цврсто уверување во сета Божја волја‘ (КОЛОШАНИТЕ 4:12).
1, 2. а) Што забележале луѓето однадвор за раните христијани? б) Како книгата Колошаните одразува интерес полн со љубов?
ИСУСОВИТЕ следбеници биле длабоко заинтересирани за сообожавателите. Тертулијан (писател од вториот и третиот век н.е.) зборувал за љубезноста што ја покажувале тие кон сирачињата, сиромашните и остарените. Овие докази за љубов на дело толку ги импресионирале неверниците што некои од нив за христијаните рекле: ‚Видете како се сакаат едни со други‘.
2 Книгата Колошаните го одразува таквиот полн со љубов интерес на апостол Павле и на неговиот придружник Епафрас за браќата и сестрите во Колоси. Павле им напишал: Епафрас ‚секогаш се напрега за вас во своите молитви, за конечно да стоите потполни и со цврсто уверување во сета Божја волја‘. Во текот на 2001 година Јеховините сведоци ќе ги имаат за свој годишен стих следниве зборови од Колошаните 4:12: ‚Стојте потполни и со цврсто уверување во сета Божја волја‘.
3. За кои две работи се молел Епафрас?
3 Можеш да видиш дека молитвите на Епафрас за неговите сакани имале два аспекта: 1) тие ‚конечно да стојат потполни‘ и 2) да стојат „со цврсто уверување во сета Божја волја“. Овие информации се вклучени во Писмото за наша корист. Затоа, запрашај се: ‚Што треба да направам јас лично за конечно да стојам потполн и со цврсто уверување во сета Божја волја? И додека го правам тоа, каков ќе биде ефектот?‘ Да видиме.
Настојувај да ‚стоиш потполн‘
4. Во која смисла колошаните требало да бидат потполни?
4 Епафрас имал длабока желба неговите духовни браќа и сестри во Колоси ‚конечно да стојат потполни‘. Терминот што го употребил Павле, а кој овде е преведен со „потполни“, може да има смисла на совршени, возрасни или зрели (Матеј 19:21; Евреите 5:14; Јаков 1:4, 25). Веројатно знаеш дека тоа што некој е крстен Сведок на Јехова само по себе не значи дека е возрасен христијанин. На ефешаните, кои живееле западно од Колоси, Павле им напишал дека пастирите и учителите се обидуваат да им помогнат ‚сите да дојдат до единство во верата и во точното спознание на Синот Божји, до потполно возрасен човек, до мерата на растот која ѝ припаѓа на Христовата полнота‘. На едно друго место Павле ги поттикнал христијаните да бидат „возрасни во способностите за разбирање“ (Ефешаните 4:8—13; 1. Коринќаните 14:20).
5. Како може потполноста да ни стане клучна цел?
5 Ако некои во Колоси сѐ уште не биле духовно возрасни, или зрели, тоа требало да си го постават за цел. Зарем не треба истото да биде случај и денес? Сеедно дали сме крстени веќе со децении или од неодамна, можеме ли јасно да видиме дека сме напредувале во нашата способност за резонирање и во нашите гледишта? Дали ги земаме предвид библиските начела пред да донесуваме одлуки? Дали работите кои се поврзани со Бог и со интересите на собранието добиваат сѐ поголема улога во нашиот живот, наместо да бидат нешто споредно? Овде не можеме да ги илустрираме сите начини на кои можеме да го одразуваме тој раст кон потполност, но да разгледаме два примера.
6. Кое е едно подрачје на кое можеби некој може да напредува за да биде совршен, каков што е Јехова?
6 Прв пример: Да претпоставиме дека сме пораснале во клима која се карактеризирала со предрасуди или непријателство кон луѓето од друга раса, националност или регион. Сега знаеме дека Бог не е пристрасен и дека не треба ни ние да бидеме такви (Дела 10:14, 15, 34, 35). Во нашето собрание или покраина, има поединци со такво поинакво потекло, па така сме во нивна средина. Сепак, до која мера внатре во себе негуваме негативни чувства или сомневања кон луѓето со такво потекло? Дали ‚имаме воинствена природа‘, брзо помислуваме нешто негативно ако некој со такво потекло згреши или на некој безначаен начин нѐ омаловажи? Запрашај се: ‚Дали треба уште повеќе да напредувам за да го имам Божјето непристрасно гледиште?‘.
7. Кое гледиште за другите, што може да биде вклучено во тоа да се стане потполн како христијанин, треба да го стекнеме?
7 Втор пример: Според Филипјаните 2:3, ‚не треба да правиме ништо од кавгаџиство ниту од егоизам, туку со понизност на умот да ги сметаме другите за подобри од себе‘. Како напредуваме во тој поглед? Секој човек си има свои слаби и јаки страни. Ако во минатото брзо сме ги забележувале слабите точки на другите, дали сме напредувале така што повеќе не очекуваме тие да бидат речиси ‚совршени‘? (Јаков 3:2). Сега, уште повеќе од порано, дали можеме да гледаме — па дури и да бараме — на кои начини другите се подобри од нас? ‚Морам да признам дека оваа сестра е подобра од мене во стрпливоста.‘ ‚Тој и тој покажува пооптимистична вера.‘ ‚Отворено кажано, тој е подобар учител од мене.‘ ‚Таа е подобра во контролирањето на својата склоност кон гнев.‘ Можеби некои колошани требало да напредуваат во тој поглед. Дали треба да напредуваме и ние?
8, 9. а) Во која смисла Епафрас се молел колошаните да ‚стојат‘ потполни? б) Што подразбира во врска со иднината ‚да се стои потполн‘?
8 Епафрас се молел колошаните да ‚стојат потполни‘. Јасно, Епафрас му се молел на Бог за, до мерата до која колошаните биле потполни, зрели, возрасни христијани, да ‚стојат‘, или да останат такви.
9 Не можеме да претпоставуваме дека секој кој ќе стане христијанин, па дури и зрел христијанин, и понатаму ќе остане таков. Исус рекол дека еден ангелски Божји син ‚не стоел цврсто во вистината‘ (Јован 8:44). А Павле ги потсетил коринќаните на некои од минатото кои некое време му служеле на Јехова, но потоа престанале. Тој ги предупредил браќата кои биле помазани со дух: „Кој мисли дека стои, нека се чува да не падне“ (1. Коринќаните 10:12). Ова ѝ додава сила на молитвата за колошаните ‚конечно да стојат потполни‘. Откако веќе станале потполни, возрасни, тие требало да истраат, да не се повлекуваат, да не се уморуваат ниту да отпловат (Евреите 2:1; 3:12; 6:6; 10:39; 12:25). На тој начин би биле „потполни“ во денот на нивното прегледување и конечно одобрување (2. Коринќаните 5:10; 1. Петрово 2:12).
10, 11. а) Каков пример ни дал Епафрас што се однесува до молитвата? б) Во склад со она што го направил Епафрас, на што би сакал да бидеш решен?
10 Веќе дискутиравме колку е важно да се молиме за другите спомнувајќи ги по име, да бидеме конкретни кога бараме Јехова да им помогне, да ги утеши, да ги благослови и да им даде свет дух. Молитвите на Епафрас за колошаните биле такви. И ние можеме — всушност, треба — во тие зборови да најдеме скапоцен предлог за тоа што да изнесеме пред Јехова кога се молиме за нас. Несомнено, треба да бараме Јеховина помош со цел како поединци ‚конечно да стоиме потполни‘. Дали и ти се молиш за тоа?
11 Зошто не ја спомнеш во молитва својата ситуација? Зборувај со Бог за тоа до која мера си напредувал кон тоа да бидеш ‚потполн‘, возрасен, зрел. Преколнувај го да ти помогне да препознаеш на кои подрачја треба допрва да растеш духовно (Псалм 17:3; 139:23, 24). Без сомневање, имаш некои такви подрачја. Тогаш, наместо да се обесхрабруваш заради тоа, јасно, конкретно преколнувај го Бог да ти помогне да напредуваш. Прави го тоа, но не само еднаш. Всушност, зошто да не бидеш решен следнава седмица да се молиш извесно време за ‚конечно да стоиш потполн‘. И планирај да го правиш тоа почесто додека размислуваш за годишниот стих. Во своите молитви, сосредоточи се на склоностите кои можеби ги имаш да се повлечеш, да се измориш или да отпловиш од Божјата служба и како можеш да го избегнеш тоа (Ефешаните 6:11, 13, 14, 18).
Моли се за цврсто уверување
12. Зошто особено на колошаните им било потребно „цврсто уверување“?
12 Исто така, Епафрас се молел за уште нешто што било животоважно за колошаните конечно да бидат најдени да стојат прифатливи за Бог. Тоа ни е подеднакво потребно и нам. За што станува збор? Се молел да стојат „со цврсто уверување во сета Божја волја“. Тие биле опкружени со ерес и со нагризувачки филозофии, од кои некои имале измамничка маска на вистинско обожавање. На пример, тие се наоѓале под притисок да одбележуваат посебни денови со постење или гоштавање, како што некогаш било потребно во еврејското обожавање. Лажните учители се сосредоточувале на ангелите, моќни духови кои биле употребени за да му го пренесат Законот на Мојсеј. Замисли си да бидеш изложен на такви притисоци! Постоела збунувачка низа спротивставени идеи (Галатите 3:19; Колошаните 2:8, 16—18).
13. Признавањето на кој фактор можело да им помогне на колошаните, и како може тоа да ни помогне и нам?
13 Како одговор на ова, Павле изнел еден факт што ја нагласил улогата на Исус Христос. „Како што го прифативте Господ Христос Исус, и понатаму одете во обединетост со него, вкоренети и изградени во него и утврдени во верата, токму како што бевте поучени“. Да, постоела потреба (кај колошаните, а постои и кај нас) целосно да се увериме во улогата на Христос во Божјата намера и во нашиот живот. Павле објаснил: „Во него телесно престојува сета полнота на божествената природа. И така вие поседувате полнота преку него, кој е глава на секоја влада и власт“ (Колошаните 2:6—10).
14. Зошто надежта била нешто реално за колошаните?
14 Колошаните биле христијани помазани со дух. Имале посебна надеж, живот на небесата, и ги имале сите причини да ја одржат светла таа надеж (Колошаните 1:5). Било „Божја волја“ да бидат цврсто уверени во сигурноста на својата надеж. Дали некои од нив требало да се сомневаат во таа надеж? Воопшто не! Дали треба да биде поинаку денес со сите оние кои го имаат изгледот што го дал Бог да живеат во рај на Земјата? Навистина не! Јасно е дека таа полноважна надеж е дел од „Божјата волја“. Сега разгледај ги овие прашања: Ако се трудиш да бидеш еден од членовите на „големото мноштво“ кое ќе ја преживее ‚големата неволја‘, колку е реална твојата надеж? (Откровение 7:9, 14). Дали е таа дел од твоето „цврсто уверување во сета Божја волја“?
15. Каква низа точки, во која била вклучена и надежта, истакнал Павле?
15 Со „надеж“ не мислиме на некоја нејасна желба или мечтаење. Тоа можеме да го видиме од низата точки што им ги изнел Павле претходно на римјаните. Во таа низа, секоја спомната точка е поврзана со следната или води до неа. Обрни внимание каде ја става Павле ‚надежта‘ во своето резонирање: „Да ликуваме додека сме во неволји, зашто знаеме дека неволјата донесува истрајност; истрајноста, пак, одобрена состојба; а одобрената состојба надеж, а надежта не води до разочарување; бидејќи љубовта Божја е излеана во нашите срца преку светиот дух“ (Римјаните 5:3—5).
16. Додека си ја учел библиската вистина, каква надеж си стекнал?
16 Кога Јеховините сведоци првпат ја споделиле со тебе библиската порака, можеби вниманието ти го привлекла некоја вистина како, на пример, состојбата на мртвите или воскресението. За многумина, главната нова работа која ја дознале била библиски темелената можност за живот во рај на Земјата. Сети се на моментот кога првпат си чул за тоа учење. Каква само извонредна надеж — нема веќе да има болест и старост, ќе можеш да живееш за да уживаш во плодовите на својот труд, и ќе има мир со животните! (Проповедник 9:5, 10; Исаија 65:17—25; Јован 5:28, 29; Откровение 21:3, 4). Си стекнал прекрасна надеж!
17, 18. а) Како низата точки што им ја изнел Павле на римјаните водела до надеж? б) На каква надеж се мисли во Римјаните 5:4, 5, и дали имаш и ти таква надеж?
17 Со текот на времето веројатно си се соочил со противење или со прогонство (Матеј 10:34—39; 24:9). Дури и во поново време, на Сведоците од различни земји домовите им биле опљачкани или биле принудени да станат бегалци. Некои биле физички нападнати, библиската литература им била конфискувана, или биле предмет на лажни извештаи во медиумите. Сеедно со каков облик на прогонство можеби се соочуваш, како што се вели во Римјаните 5:3, си можел да ликуваш во неволјата, а тоа донело добар резултат. Исто како што напишал Павле, неволјата ти донела истрајност. Потоа, истрајноста водела до одобрена состојба. Си знаел дека го правиш она што е исправно, дека ја вршиш Божјата волја, па затоа си бил сигурен во неговото одобрување. Според зборовите на Павле, си почувствувал дека си во „одобрена состојба“. Во продолжение Павле напишал дека „одобрената состојба [донесува] надеж“. Ова може да изгледа малку чудно. Зошто Павле ја набројува ‚надежта‘ толку далеку во низата? Зарем не си имал надеж уште одамна, кога првпат си ја чул добрата вест?
18 Јасно, Павле овде не укажува на нашето почетно чувство на надеж за совршен живот. Она на кое тој укажува овде оди подалеку од тоа чувство; тоа е подлабоко, помотивирачко. Кога верно истрајуваме и на тој начин сфаќаме дека имаме Божје одобрување, тоа има длабок ефект врз зголемувањето и зајакнувањето на нашата почетна надеж. Надежта што сме ја имале, сега станува многу пореална, поцврста, полична. Оваа продлабочена надеж светли посилно. Продира во самото наше битие, во самата срж. „А надежта не води до разочарување; бидејќи љубовта Божја е излеана во нашите срца преку светиот дух.“
19. Како треба твојата надеж да биде дел од твоите редовни молитви?
19 Епафрас имал горлива желба неговите браќа и сестри во Колоси да останат поттикнати и уверени во она што лежи пред нив, да имаат „цврсто уверување во сета Божја волја“. Нека секој од нас на сличен начин редовно му пристапува на Бог во врска со нашата надеж. Вклучи ја во личните молитви и својата надеж во врска со новиот свет. Кажи му на Јехова колку копнееш по тој свет, со целосно уверување дека тој свет ќе дојде. Преколнувај го за помош за да го продлабочиш и прошириш своето уверување. Како што се молел Епафрас колошаните да имаат „цврсто уверување во сета Божја волја“, моли се и ти. Прави го тоа често.
20. Ако релативно малкумина се одвратат од христијанскиот пат, зошто тоа не треба да биде причина за обесхрабрување?
20 Не треба да се одвраќаш ниту да се обесхрабруваш од фактот дека сите не стојат потполни и со цврсто уверување. Некои може да престанат, да бидат одвратени или едноставно да се откажат. Тоа се случило меѓу оние кои му биле најблиски на Исус, неговите апостоли. Но, кога Јуда станал издајник, дали другите апостоли успориле или се откажале? Никако! Петар го применил Псалм 109:8 за да покаже дека друг ќе го заземе местото на Јуда. Била направена замена по пат на избор, и Божјите лојални поединци активно се зафатиле со својата проповедничка задача (Дела 1:15—26). Биле решени да стојат потполни со цврсто уверување.
21, 22. Во која смисла ќе биде забележано тоа што стоиш потполн со цврсто уверување?
21 Можеш да бидеш апсолутно сигурен дека тоа што стоиш потполн и со цврсто уверување во сета Божја волја нема да помине незабележано. Некој ќе го набљудува и ќе го цени. Кој?
22 Па, ќе го забележат твоите браќа и сестри кои те познаваат и те сакаат. Дури и ако повеќето не го изразат тоа со зборови, ефектот ќе биде сличен на она што го читаме во 1. Солуњаните 1:2—6: „Секогаш му благодариме на Бог кога ве спомнуваме сите вас во своите молитви, зашто непрестајно ја имаме на ум вашата верна работа и вашиот труд од љубов и вашата истрајност поради вашата надеж во нашиот Господ Исус Христос пред нашиот Бог и Татко. Зашто . . . добрата вест која ја проповедаме не се појави меѓу вас само со зборови туку и со моќ и со свет дух и со силно уверување . . . и станавте наши и Господови“. Лојалните христијани околу тебе ќе се чувствуваат слично додека набљудуваат како ти ‚стоиш потполн и со цврсто уверување во сета Божја волја‘ (Колошаните 1:23).
23. На што треба да бидеш решен во текот на наредната година?
23 Исто толку сигурно, твојот небесен Татко ќе забележи и ќе биде задоволен. Биди уверен во тоа. Зошто? Бидејќи стоиш потполн и со цврсто уверување „во сета Божја волја“. Павле охрабрувачки им напишал на колошаните да одат ‚достојно на Јехова, за потполно да му угодат‘ (Колошаните 1:10). Да, можно е несовршените луѓе потполно да му угодат. Твоите браќа и сестри од Колоси го сториле тоа. Во овој момент тоа го прават и христијаните околу тебе. Можеш и ти! Затоа, нека во текот на нареднава година твоите секојдневни молитви и вообичаени постапки докажат дека си решен ‚конечно да стоиш потполн и со целосно уверување во сета Божја волја‘.
Можеш ли да се сетиш?
• Што е вклучено во тоа да ‚стоиш потполн‘?
• Кои работи за тебе лично треба да ги вклучиш во молитвата?
• Како што е предложено во Римјаните 5:4, 5, каква надеж сакаш ти да имаш?
• На која цел во текот на наредната година те поттикна нашето проучување?
[Слика на страница 20]
Епафрас се молел неговите браќа да стојат потполни, со цврсто уверување во Христос и во нивната надеж
[Слики на страница 23]
Твојата сигурна надеж и цврсто уверување ги делат милиони други