Кога повеќе нема да има грев
„ДАЛИ сме родени во грев?“ Ова прашање збунило еден дипломец од Соединетите Држави набргу откако почнал да ја проучува Библијата. Поради неговото хинду потекло, идејата за наследен грев му била туѓа. Но, ако гревот навистина е наследен, резонирал тој, негирањето или игнорирањето на неговата реалност би била бескорисна. Како би можел човек да го најде одговорот на ова прашање?
Ако е наследен, гревот мора да има почетна точка. Дали првиот човек бил создаден зол, па пренел зли обележја на своите деца? Или, пак, дефектот се развил подоцна? Кога точно започнал гревот? Од друга страна, ако гревот е само надворешен, зол ентитет или принцип, можеме ли да се надеваме дека некогаш ќе се ослободиме од него?
Според хинду верувањето, страдањето и злото се придружници на созданието. „Страдањето [или злото]“ — забележува еден хинду научник — „како хроничен ревматизам само се преселува од едно место на друго, но не може да биде потполно избришано.“ Секако, злото било дел од светот на човештвото во текот на пишаната историја. Ако тоа му претходи на човековите историски записи, доверливите одговори во врска со неговото потекло мораат нужно да доаѓаат од извор што е повисок од човекот. Одговорите мора да доаѓаат од Бог (Псалм 35:9).
Човекот — создаден без грев
Описите за создавањето на човекот што се дадени во Ведите се симболички, признава хинду филозофот Никилананда. На сличен начин, повеќето источни религии даваат само митолошки објаснувања за создавањето. Сепак, постојат и логични и научни причини за верување во извештајот на Библијата за создавањето на првиот човек.a Нејзиното прво поглавје наведува: „Го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде“ (1. Мојсеева 1:27).
Што значи тоа да се биде создаден „според образот Божји“? Едноставно ова: Човекот бил направен според Божјата сличност со тоа што има божествени особини — како што се правда, мудрост и љубов — кои го одвојуваат од животните. (Спореди Колосјаните 3:9, 10.) Овие особини му ја дале способноста да избира да постапува добро или лошо, правејќи го лице со слободна волја. Кога првиот човек бил создаден, во неговиот живот немало грев, ниту зло ниту, пак, страдање.
На човекот Адам, Јехова Бог му ја наложил оваа заповед: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17). Ако избрале да послушаат, Адам и неговата сопруга Ева можеле да му донесат фалба и чест на својот Творец и да останат слободни од грев. Од друга страна, еден чин на непослушност би го покажал нивниот пропуст да ги задоволат Божјите совршени мерила и би ги направило несовршени — грешни.
Адам и Ева не биле создадени божествени. Меѓутоа, тие имале извесна мера на божествени својства, како и способност да донесуваат морални одлуки. Бидејќи биле Божја творба, тие биле безгрешни, односно совршени (1. Мојсеева 1:31; 5. Мојсеева 32:4, НС). Тоа што биле доведени во постоење не ја нарушило хармонијата што дотогаш со векови преовладувала меѓу Бог и универзумот. Тогаш, како почнал гревот?
Потеклото на гревот
Гревот се случил најпрво во духовното подрачје. Пред создавањето на Земјата и на човекот, Бог создал интелигентни духовни суштества — ангели (Јов 1:6; 2:1; 38:4—7; Колосјаните 1:15—17). Еден од овие ангели имал многу високо мислење за својата убавина и интелигенција. (Спореди Језекиил 28:13—15.) Од Божјето упатство до Адам и Ева да произведат деца, овој ангел можел да види дека наскоро целата Земја би била исполнета со праведни луѓе, од кои сите би го обожавале Бог (1. Мојсеева 1:27, 28). Ова духовно суштество го посакувало за себеси нивното обожавање (Матеј 4:9, 10). Размислувањето за оваа желба го довело до тоа да тргне во погрешен правец (Јаков 1:14, 15).
Зборувајќи ѝ на Ева преку една змија, бунтовниот ангел рекол дека со тоа што го забранил јадењето од дрвото на спознанието на доброто и лошото, Бог го задржувал спознанието кое таа требало да го има (1. Мојсеева 3:1—5). Да се рече такво нешто, претставувало лага полна со омраза — чин на грев. Со тоа што ја изнел оваа лага, ангелот се направил себеси грешник. Како последица од тоа, бил наречен Ѓавол — клеветник и Сатана — Божји противник (Откровение 12:9).
Сатановите убедливи аргументи имале неповолен ефект врз Ева. Ставајќи ја својата доверба во зборовите на Искушувачот, таа си дозволила да биде заведена и да јаде од плодот на забранетото дрво. Нејзиниот сопруг, Адам, ѝ се придружил во јадењето на плодот, и со тоа обајцата станале грешници (1. Мојсеева 3:6; 1. Тимотеј 2:14). Очигледно, со тоа што избрале да не го слушаат Бог, нашите први родители го промашиле белегот на совршеност и се направиле грешници.
А како е со потомството на Адам и Ева? Библијата објаснува: „Гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Законот за наследство веќе бил во дејство. Адам не можел да им го пренесе на своите деца она што го немал (Јов 14:4). Поради тоа што ја изгубиле совршеноста, првите двајца луѓе биле грешници кога нивните деца биле зачнати. Како последица од тоа, сите ние — без исклучок — сме го наследиле гревот (Псалм 50:5; Римјаните 3:23). За возврат, гревот не создал ништо друго освен зло и страдање. Покрај тоа, поради него сите ние старееме и умираме, „оти, платата, што ја дава гревот, е смрт“ (Римјаните 6:23).
Совеста ‚обвинува‘ или ‚оправдува‘
Размисли и за последиците на гревот врз однесувањето на првата човечка двојка. Тие покриле делови од своето тело и се обиделе да се сокријат од Бог (1. Мојсеева 3:7, 8). Така гревот ги навел да чувствуваат вина, немир и срам. Човештвото денес премногу добро е запознаено со овие емоции.
Кој не поднесувал неугодни чувства поради задржување на љубезноста спрема некој кој бил во оскудица или, пак, не чувствувал каење поради тоа што кажал зборови кои не требало никогаш да ги изусти? (Јаков 4:17). Зошто имаме такви вознемирени чувства? Апостол Павле објаснува дека ‚законот е напишан во нашите срца‘. Доколку нашата совест не станала закоравена, секое повредување на тој закон создава еден внатрешен метеж. На тој начин, гласот на совеста ‚нѐ обвинува‘ или ‚нѐ оправдува‘ (Римјаните 2:15; 1. Тимотеј 4:2; Тит 1:15). Сфаќале или не, ние имаме едно внатрешно чувство за погрешно, за грев!
Павле бил сосема свесен за своите грешни склоности. „Кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува“ — признал тој. „Со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи.“ Затоа, Павле прашал: „Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт?“ (Римјаните 7:21—24).
Слобода од грев — како?
„Ослободувањето, според хинду традицијата“ — вели еден научник — „претставува ослободување од повторни раѓања и смрт.“ Како решение, будизмот на сличен начин укажува на нирвана — состојба на бессознание во поглед на надворешната реалност. Поради тоа што не се зафатил сериозно со сфаќањето за наследен грев, хиндуизмот ветува само бегство од постоењето.
Од друга страна, библиското средство за ослободување доведува до вистинско отстранување на грешната состојба. Откако прашува како може да биде избавен од гревот, апостол Павле продолжува да одговара: „Му благодарам на својот Бог преку Исуса Христа, нашиот Господ“ (Римјаните 7:25). Да, спасот доаѓа од Бог преку Исус Христос.
Според Матеевото евангелие, „Синот Човечки“, Исус Христос, дошол „да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28). Како што е запишано во 1. Тимотеј 2:6 (НС), Павле напишал дека Исус ‚се дал себеси како соодветна откупнина за сите‘. Зборот „откупнина“ означува плаќање на цената за откупување на заробеници. Фактот дека тоа претставува соодветна откупнина, ја нагласува делотворноста на цената во урамнотежување на законската вага на правдата. Но, како би можела смртта на еден човек да се смета за ‚соодветна откупнина за сите‘?
Адам го продал сето човештво, вклучувајќи нѐ и нас, во грев и смрт. Цената, односно казната, што ја платил тој, била неговиот совршен човечки живот. За да го покрие ова — како соодветна откупнина — морало да се плати еден друг совршен човечки живот (2. Мојсеева 21:23; 5. Мојсеева 19:21; Римјаните 5:18, 19). Поради тоа што ниеден несовршен човек не можел да ја обезбеди откупнината, Бог во својата бесконечна мудрост го отворил патот за излез од оваа тешка состојба (Псалм 48:6, 7). Тој го пренел совршениот живот на својот единороден Син од небесата во материцата на една девица, дозволувајќи му да се роди како совршен човек (Лука 1:30—38; Јован 3:16—18).
За да го изврши делото на откупување на човештвото, Исус морал да го задржи својот интегритет за сето време додека бил на Земјата. Тој тоа и го сторил. Потоа умрел со жртвена смрт. На овој начин, Исус обезбедил вредноста на еден совршен човечки живот — неговиот сопствен — да биде на располагање за да се плати како откупнина за избавување на човештвото (2. Коринтјаните 5:14; 1. Петрово 1:18, 19).
Што може Христовата откупнина да стори за нас
Исусовата откупна жртва може да ни користи токму сега. Со практикување вера во неа, можеме да се радуваме на чиста положба пред Бог и да дојдеме под Јеховината нежна грижа полна со љубов (Дела 10:43; Римјаните 3:21—24). Наместо да бидеме совладани од вината за гревовите што сме ги направиле, ние можеме слободно да бараме простување од Бог на темел на откупнината (Исаија 1:18; Ефесјаните 1:7; 1. Јованово 2:1, 2).
Во деновите што претстојат, откупнината ќе овозможи потполно лекување на болната состојба на човештвото предизвикана од грев. Последната книга на Библијата опишува една „река со вода на животот“ како истекува од Божјиот престол. Долж речните брегови има изобилни овошни дрвја, кои имаат лисја „за исцелување на народите“ (Откровение 22:1, 2). На симболичен начин, Библијата овде зборува за прекрасните подготовки на Создателот засекогаш да го ослободи човештвото од грев и смрт, на темел на Исусовата откупна жртва.
Пророчките визии од книгата Откровение наскоро ќе се исполнат (Откровение 22:6, 7). Тогаш, сите лица со исправно настроени срца ќе станат совршени, ‚ослободени од ропството на распаѓањето‘ (Римјаните 8:20, 21). Зарем ова не треба да нѐ поттикне да учиме повеќе за Јехова Бог и за неговиот лојален Син, Исус Христос, кој станал откупнина? (Јован 17:3).
[Фуснота]
a Види ја книгата Život – Kako je nastao? Evolucijom ili stvaranjem? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 6]
Адам донел грев и смрт врз човештвото
[Слика на страница 7]
Исусовата откупна жртва донесува слобода од гревот и смртта