Приближи му се на Бог
Може ли нешто „да нѐ одвои од Божјата љубов“?
КОЈ од нас нема потреба од љубов? Всушност, секој е среќен кога чувствува дека семејството и пријателите го сакаат. За жал, меѓучовечките односи можат да бидат многу нестабилни и лесно да се нарушат. Блиските може да нѐ повредат, да нѐ напуштат, па дури и да нѐ отфрлат. Сепак, постои некој чија љубов е постојана. Љубовта што Јехова Бог ја чувствува кон оние што му служат е прекрасно опишана во Римјаните 8:38, 39.
„Уверен сум“, вели апостол Павле. Во што бил уверен? Дека ништо не може „да нѐ одвои од Божјата љубов“. Павле не зборува само за себеси туку и за сите што верно му служат на Бог, и затоа не вели „да ме одвои“, туку „да нѐ одвои“. За да ја истакне оваа мисла, Павле набројува неколку работи што не можат да спречат љубовта што ја има Јехова Бог кон своите верни слуги да допре до нив.
„Ни смртта, ни животот.“ Јехова не престанува да ги сака своите слуги кога тие ќе умрат. Таквата љубов ја покажува со тоа што не ги заборава, и ќе ги врати во живот во праведниот нов свет што ќе дојде (Јован 5:28, 29; Откровение 21:3, 4). Во меѓувреме, Бог и понатаму ги сака оние што верно му служат, без оглед на тоа што ќе ги снајде во животот во овој свет.
„Ни ангелите, ни властите.“ Луѓето лесно паѓаат под влијание на моќни или видни личности, но Јехова не паѓа под ничие влијание. Ни моќни духовни суштества, како што бил ангелот што станал Сатана, не можат да го убедат Бог да престане да ги сака оние што му служат (Откровение 12:10). Ниту владите што им се противат на вистинските христијани не можат да го променат она што го мисли Бог за своите слуги (1. Коринќаните 4:13).
„Ни ова што е сега, ни она што ќе дојде.“ Божјата љубов не гасне со текот на времето. Што и да им се случи на неговите слуги сега или во иднина, тоа нема да го натера Бог да престане да ги сака.
„Ни силите.“ Павле ги имал спомнато небесните и земните сили — „ангелите“ и „властите“ — но сега зборува за уште еден вид ‚сили‘. Грчкиот збор што е употребен овде има широко значење. Кое и да е неговото прецизно значење, едно е сигурно: Нема сила на небото или на Земјата што може да го спречи Јехова да му покаже љубов на својот народ.
„Ни височината, ни длабочината.“ Јехова го сака својот народ без оглед на околностите — добри или лоши — во кои се наоѓа.
„Ниту кое и да е друго создание.“ Со овие сеопфатни зборови, Павле вели дека апсолутно ништо не може да ги одвои верните слуги од Јеховината љубов.
За разлика од љубовта на човек, која може да се промени или да згасне, Божјата љубов кон оние што постојано го бараат со вера е непроменлива — таа е вечна. Ова сигурно нѐ мотивира да му се приближиме на Јехова и да даваме сѐ од себе за да покажеме дека го сакаме.