Корисна поука за нашите критични времиња
„Ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки. . . . Лошите лугˊе и лажливците ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси“ (2. ТИМОТЕЈ 3:1, 13).
1, 2. Зошто треба да бидеме заинтересирани за тоа кои поуки ги следиме?
ДАЛИ ти помагаат или ти наштетуваат? Дали твоите проблеми се решаваат или се влошуваат? Со што? Со поуките. Да, поуките можат во голема мера да влијаат врз твојот живот на подобро или на полошо.
2 Тројца доценти неодамна проучувале како влијаат поуките врз нечиј живот, а своите заклучоци ги изнеле во Journal for the Scientific Study of Religion (Списание за научно проучување на религијата). Додуша, тие можеби не те проучувале тебе или твоето семејство, но сепак, она што го пронашле покажува дека постои јасна врска помеѓу поуките и нечиј личен успех, односно неуспех, во излегувањето на крај со нашите критични времиња. Во следната статија ќе го споменеме она што тие го откриле.
3, 4. Кои се некои од доказите дека живееме во критични времиња?
3 Но, најнапред, размисли за прашањето: Дали се сложуваш дека живееме во времиња со кои тешко се излегува на крај? Ако да, тогаш сигурно ќе видиш дека доказите покажуваат оти ова навистина се „времиња тешки“ (2. Тимотеј 3:1-5). Начинот на кој тоа влијае на луѓето е различен. На пример, веројатно знаеш за земји кои токму сега се растргнати додека различни фракции се борат за политичка превласт. На други места, се убива поради религиозни или етнички разлики. И не трпат повреди само војниците. Помисли на безбројните жени и девојки со кои нечовечно се постапува, или на постарите кои се лишени од храна, огрев и покрив над главата. Неброени други страдаат тешко, што доведува до бранови од бегалци и многу неволји поврзани со тоа.
4 Нашите времиња исто така се обележани со економски проблеми кои доведуваат до затворање на фабрики, невработеност, изгубени бенефиции и пензии, паѓање на вредноста на валутите и помали или поретки оброци. Можеш ли да додадеш уште нешто кон списокот на проблеми? Веројатно да. Други милиони ширум светот страдаат од оскудица на храна и од болести. Сигурно си ги видел ужасните слики од Источна Африка — ослабнати мажи, жени и деца. Милиони луѓе во Азија страдаат на сличен начин.
5, 6. Зошто може да се рече дека болеста е исто така еден поразителен аспект на нашите критични времиња?
5 Сите сме чуле за застрашувачки болести коишто сега се во пораст. На 25. јануари 1993, весникот The New York Times изјави: „Цутејќи среде сексуален промискуитет, лицемерие и непланска заштита, епидемијата на СИДА во Јужна Америка е на пат да ја надмине онаа во Соединетите Држави. . . . Голем дел од порастот е поради растечката стапка на инфекции кај . . . жените“. Во октомври 1992, во списанието U.S.News & World Report пишувало: „Пред само две децении, министерот за здравство на САД, поздравувајќи еден од најголемите успеси во јавното здравство досега, објави дека е време ‚да престане загриженоста околу инфекциските заболувања‘“. А како е сега? „Болниците повторно се преплавени со жртви на чуми за кои се претпоставуваше дека се поразени. . . . Микробите развиваат уште повешти генетски стратегии кои им дозволуваат да се развиваат побрзо отколку што се развиваат нови антибиотици. . . . ‚Навлегуваме во една нова ера на инфекциски заболувања‘“.
6 Како пример, списанието Newsweek од 11. јануари 1993 извести: „Паразитите на маларија сега секоја година инфицираат отприлика 270 милиони луѓе, убивајќи до 2 милиона луѓе . . . и предизвикувајќи најмалку 100 милиони случаи на акутни болести . . . Истовремено, болеста станува сѐ поотпорна на порано лековитите дроги. . . . Некои видови наскоро би можеле да станат неизлечиви“. Човек да се наежи од страв.
7. Како реагираат многумина денес на тешките времиња?
7 Можеби си забележал дека во овие критични времиња со кои тешко се излегува на крај, многумина бараат помош да ги решат своите проблеми. Земи ги за пример оние кои се свртуваат кон книги што зборуваат за тоа како да се излезе на крај со стресот или со некои нови болести. Други очајнички бараат совет во врска со неуспехот во бракот, грижата за децата, проблеми со алкохолот и дрогата, или за тоа како да се урамнотежат барањата на нивното работно место и притисоците што ги чувствуваат дома. Да, ним навистина им треба помош! Дали ти се бориш со некој личен проблем или доживуваш некои од проблемите што се предизвикани од војна, глад или од несреќа? Дури и ако се чини дека за некој проблем што притиска не постои решение, имаш причина да се запрашаш: ‚Зошто сме дошле до таква критична точка?‘
8. Зошто треба да се свртиме кон Библијата за увид и водство?
8 Пред да можеме делотворно да излеземе на крај и да најдеме задоволство во животот како сега така и во иднината, мора да знаеме зошто се соочуваме со вакви критични времиња. Отворено речено, тоа му дава причина на секого од нас да ја земе во обѕир Библијата. Зошто укажуваме на Библијата? Затоа што само таа содржи точно пророштво, историја пишувана однапред, која ни ги покажува причините за нашата лоша состојба, каде се наоѓаме во струјата на времето и што ни носи иднината.
Поука од историјата
9, 10. Како се исполнило во првиот век Исусовото пророштво од Матеј поглавје 24?
9 Стражарска кула од 15. февруари 1994 даде забележлив преглед на Исусовото живо пророштво од Матеј поглавје 24. Ако ја отвориш својата Библија на тоа поглавје, во стих 3 можеш да видиш дека Исусовите апостоли побарале знак за неговата идна присутност и за завршетокот на системот на ствари. Потоа, во стиховите 5 до 14, Исус прорекол лажни Христоси, војни, оскудица на храна, прогонување на христијаните, беззаконие и раширено проповедање на Божјето Царство.
10 Историјата покажува дека истите тие работи се случиле во текот на завршетокот на еврејскиот систем на ствари. Да си живеел тогаш, зарем не би биле тоа тешки времиња? Но, работите оделе кон кулминација, кон невидена неволја врз Ерусалим и еврејскиот систем. Во стих 15 почнуваме да читаме за она што се одвивало откако Римјаните го нападнале Ерусалим во 66. н. е. Дошло до кулминација на неволјата којашто Исус ја споменал во стих 21 — уништувањето на Ерусалим во 70. н. е., најлошата неволја што некогаш го погодила тој град. Но, ти знаеш дека тоа не било крај на историјата, ниту пак Исус рекол дека ќе биде. Во стиховите 23 до 28 тој покажал дека по неволјата од 70. н. е. требало да се случат и други работи.
11. На кој начин е поврзано исполнувањето на Матеј поглавје 24 со нашето време?
11 Некои денеска може да се склони да ги отфрлат ваквите работи од минатото со едно ‚Па што?‘ Тоа би било погрешно. Исполнувањето на тоа пророштво во првиот век е од витална важност. Зошто? Па, војните, гладот, земјотресите, чумите и прогонувањето за време на завршетокот на еврејскиот систем требало да се одразат во едно поголемо исполнување откако завршиле „времињата на незнабошците“ во 1914 (Лука 21:24). Многумина кои сега се живи биле очевидци на I Светска војна кога започнало ова современо исполнување. Но дури и да си роден по 1914, си бил сведок на исполнувањето на Исусовото пророштво. Настаните од овој 20-ти век силно докажуваат дека живееме во завршетокот на овој сегашен зол систем.
12. Според Исус, што можеме допрва да очекуваме да видиме?
12 Тоа значи дека ни претстојат „маките [неволјата, НС]“ од Матеј 24:29. Тие ќе вклучат небески феномени што можат да бидат незамисливи. Стих 30 покажува дека луѓето тогаш ќе видат еден поинаков знак — знак кој докажува дека уништувањето е близу. Според паралелниот извештај од Лука 21:25-28, во тоа идно време „луѓето ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот“. Лукиниот извештај исто така вели дека христијаните тогаш ќе ги кренат своите глави затоа што нивното спасение ќе биде многу близу.
13. Кои две клучни точки го заслужуваат нашто внимание?
13 ‚Сето тоа е фино и убаво‘, можеби си велиш, ‚но мислам дека прашањето беше како можам јас да ги сфатам и да се соочам со нашите тешки времиња?‘ Точно. Нашата прва главна точка е да ги идентификуваме клучните проблеми и да видиме како можеме да ги избегнеме. Со тоа е поврзана точката два: Како можат библиските поуки да ни помогнат да се радуваме на подобар живот сега. Во врска со ова, отвори ја својата Библија кај 2. Тимотеј, поглавје 3, и погледни како зборовите на апостол Павле можат да ти помогнат да се справиш со тешките времиња.
Пророштво за нашите времиња
14. Зошто имаме причина да веруваме дека разгледувањето на 2. Тимотеј 3:1-5 може да ни користи?
14 Бог го инспирирал Павле да му напише на лојалниот христијанин Тимотеј многу убави совети што му помогнале да води поуспешен и посреќен живот. Дел од она што Павле го напишал требало да има главна примена во наше време. Иако мислиш дека добро ги знаеш, следи ги внимателно пророчките зборови од 2. Тимотеј 3:1-5. Павле напишал: „Но ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедени, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле“.
15. Зошто треба 2. Тимотеј 3:1 да биде од посебен интерес за нас денес?
15 Молиме забележи дека се наброени 19 работи. Пред да ги испитаме и да дојдеме во позиција да извлечеме корист, застани за момент за во целина да го сфатиш пророштвото. Погледни го стих 1. Павле прорекол: „Во последните денови ќе настанат времиња тешки“. Какви ‚последни денови‘? Имало многу последни денови, како последните денови на древна Помпеја, или последните денови на некојси крал или владетелска династија. Дури и Библијата споменува повеќе последни денови, како што се последните денови на еврејскиот систем (Дела 2:16, 17). Сепак, Исус го поставил темелот да разбереме дека „последните денови“ што ги споменал Павле се однесуваат на нашето време.
16. Каква ситуација претскажала за нашето време споредбата со житото и каколот?
16 Исус го сторил тоа со споредбата со житото и каколот. Тие биле посеани на едно поле и оставени да растат. Тој рекол дека житото и каколот претставувале луѓе — вистински и лажни христијани. Оваа споредба ја споменуваме затоа што таа потврдува дека требало да помине долг период пред завршетокот на целокупниот зол систем. Кога тој завршеток ќе пристигнел, нешто требало да биде во полн цут. Што? Отпадот, односно одвраќањето од вистинското христијанство, што ќе доведе до голема жетва на злоба. Други библиски пророштва потврдуваат дека ова требало да се случи за време на последните денови на злобниот систем. Ете каде се наоѓаме ние, во завршетокот на системот на ствари (Матеј 13:24-30, 36-43).
17. Каква паралелна информација дава 2. Тимотеј 3:1-5 за завршетокот на системот на ствари?
17 Ја сфаќаш ли важноста на ова? Второто послание до Тимотеј 3:1-5 ни укажува паралелно дека за време на завршетокот на системот, односно последните денови, условите кои ги опкружуваат христијаните според 19-те наброени работи, ќе бидат лоши. Павле не рекол дека 19-те наброени работи ќе бидат главниот начин да се докаже дека дошле последните денови. Наместо тоа, тој предупредувал на она со коешто ќе мораме да се бориме во текот на последните денови. Стих 1 зборува за „времиња тешки“. Тој израз потекнува од грчкиот јазик и дословно значи „жестоки одредени времиња“ (Kingdom Interlinear). Зарем не се сложуваш дека изразот „жесток“ прикладно го опишува она со кое ние се соочуваме денес? Овој инспириран пасус понатаму ни дава божествен увид во нашето време.
18. На што треба да се сосредоточиме додека ги проучуваме Павловите пророчки зборови?
18 Нашиот интерес за ова пророштво треба да ни овозможи да ги идентификуваме трагичните примери за тоа колку критично, или жестоко, е нашето раздобје. Сети се на нашите две клучни точки: 1) да ги идентификуваме проблемите кои ги отежнуваат нашите времиња и да видиме како да ги избегнеме; 2) да ги следиме поуките кои навистина се практични и кои можат да ни помогнат да се радуваме на подобар живот. Така, наместо да ги нагласуваме проблемите, ќе се сосредоточиме на поуките кои можат да ни помогнат нам и на нашите семејства во овие времиња со кои тешко се излегува на крај.
Собери богати плодови
19. Каков доказ гледаш дека луѓето се саможиви?
19 Павле го започнува своето набројување претскажувајќи дека во последните денови „луѓето ќе станат саможиви [себељубиви, НС]“ (2. Тимотеј 3:2). Што мислел со тоа? Ти би бил во право ако речеш дека низ историјата имало вообразени, себични мажи и жени. Но, нема сомнение дека оваа мана денес е необично секојдневна. Кај многу луѓе таа оди во крајности; скоро е норма на однесување во политичкиот и комерцијалниот свет. Мажи и жени се стремат по моќ и слава по секоја цена. Обично, тоа оди на сметка на другите, бидејќи овие себељубители не ги интересира како им наштетуваат на другите луѓе. Брзи се кога треба да ги тужат или да ги измамат другите. Можеш да разбереш зошто многумина ова го нарекуваат „прво–јас–генерација“. Арогантни и егоцентрични луѓе има во изобилство.
20. Во каква спротивност е библискиот совет со доминантниот дух на самољубивоста?
20 Не треба никој да нѐ потсетува на горките искуства што сме ги имале во обноските со луѓето кои се „саможиви“. И покрај сето тоа, вистина е дека со тоа што отворено го идентификува овој проблем, Библијата ни помага, бидејќи нѐ учи како да ја избегнеме оваа замка. Еве што вели таа: „Не правете ништо од себична амбиција или од безвредна желба да се фалите туку бидете понизни еден спрема друг, секогаш сметајќи ги другите подобри од себе. И гледајте за интересите на другиот, а не само за сопствените“. „Не мислете за себе повисоко отколку што би требало. Наместо тоа, бидете скромни во вашето размислување.“ Тој извонреден совет се наоѓа во Филипјаните 2:3, 4 и во Римјаните 12:3, според преводот Today’s English Version.
21, 22. а) Каков јасен доказ постои дека таквиот совет може денес да се покаже корисен? б) Какво влијание имал Божјиот совет врз нормални поединци?
21 Некој би можел да протестира: ‚Тоа звучи добро, но не е практично‘. О, напротив. Тоа може да има успех, и го има кај нормалните луѓе денес. Во 1990, издавачот за оксфордскиот универзитет ја отпечати книгата The Social Dimensions of Sectarianism (Социјалните димензии на секташтвото). Поглавје 8 носи наслов „Јеховините сведоци во католичка земја“ и опишува една студија од Белгија. Читаме: „Свртувајќи се кон позитивната привлечност да се стане Сведок, покрај привлечноста на самата ‚Вистина‘, испитаниците и овој пат понекогаш спомнуваа повеќе од една карактеристика. . . . Срдечност, чувство на пријателство, љубов и единство беа најчесто спомнуваните особини, но чесноста и личното однесување при ‚спроведувањето на дело на библиските начела‘ исто така беа особини за коишто Сведоците изразија ценење“.
22 Тоа би можеле да го споредиме со слика снимена со широкоаголен објектив; ако, пак, употребиш зум или телеобјектив, би можел да видиш многу крупни планови, многу стварни искуства. Тие би покажале мажи кои порано биле арогантни, тирански или безобѕирно себични, а кои сега се поблаги, кои станале сопрузи и татковци кои покажуваат повеќе нежна наклоност и љубезност кон своите сопруги, децата и останатите. Тоа исто така би покажало и жени кои биле доминантни или несочувствителни, а кои сега им помагаат на другите да го запознаат патот на вистинското христијанство. Има стотици илјади такви примери. А сега, биди искрен: Зарем не мислиш дека би било многу подобро да бидеш меѓу такви луѓе отколку секогаш да бидеш соочен со мажи и жени кои најнапред и пред сѐ се себељубиви? Зарем така не би било полесно да се излезе на крај со нашите критични времиња? Зарем следењето на таквите библиски поуки нема да те направи посреќен?
23. Зошто ќе се исплати да му посветиме натамошно внимание на 2. Тимотеј 3:2-5?
23 Сепак, ја разгледавме само првата точка од Павловиот попис на 2. Тимотеј 3:2-5. Како е со останатите? Дали твоето грижливо испитување на овие работи исто така ќе ти помогне да ги идентификуваш клучните проблеми на нашето време за да ги избегнеш и да те оспособат да разбереш кој пат ќе ти донесе тебе и на твоите сакани поголема среќа? Следната статија ќе ти помогне да го добиеш одговорот на овие прашања и да постигнеш богат благослов.
Точки за сеќавање
◻ Кои се некои од доказите дека живееме во критични времиња?
◻ Зошто можеме да бидеме сигурни дека живееме во последните денови?
◻ Кои две клучни точки можеме да ги извлечеме од проучувањето на 2. Тимотеј 3:1-5?
◻ Како му помогнале библиските поуки на Јеховиниот народ во текот на ова време кога толку многу луѓе се себељубиви?
[Извори на слики на страница 8]
Фотографија горе лево: Andy Hernandez/Sipa Press; фотографија долу десно: Jose Nicolas/Sipa Press