„Ако сте должни данок, платете данок“
„ВО ОВОЈ свет ништо не е сигурно, освен смртта и данокот.“ Така се изразил американскиот државник и пронаоѓач од XVIII век, Бенџамин Франклин. Неговите толку често цитирани зборови ја одразуваат не само неизбежноста на даноците туку и стравот кој тие го предизвикуваат. За многу луѓе, плаќањето даноци е само за нијанса попривлечно од умирачката.
Иако плаќањето даноци може да биде непријатно, ова е една обврска која вистинските христијани ја сфаќаат доста сериозно. Апостол Павле му пишал на христијанското собрание во Рим: „Дајте на секого она што сте му должни: Ако сте должни данок, платете данок; ако сте должни приход, тогаш приход; ако сте должни почит, почит; ако сте должни чест, дајте чест“ (Римјаните 13:7, New International Version). А Исус Христос особено се осврнал на даноците кога рекол: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ (Марко 12:14, 17).
Јехова дозволил да постојат државните ‚виши власти‘ и тој бара неговите слуги да бидат во релативна подложност на истите. Добро, но зошто Бог инсистира неговите слуги да плаќаат даноци? Павле спомнува три основни причини: 1) „гневот“ на ‚вишите власти‘ кои ги казнуваат престапниците; 2) христијанската совест, која нема да биде чиста ако дотичниот мами во плаќањето на своите даноци; 3) потребата да им се плати на овие „слуги на народот“ за обезбедување на разни служби и за чување на извесен степен на ред (Римјаните 13:1-7, НС). Многумина можеби не сакаат да плаќаат даноци. Па сепак, несомнено, тие уште помалку би сакале да живеат во земја без полиција или противпожарна служба, без служба за одржување на патишта, без основни и средни училишта и без поштенска служба. Американскиот правник Оливер Вендел Холмс во една прилика се изразил на овој начин: „Даноците се она што го плаќаме за едно цивилизирано општество“.
Плаќањето даноци не е ништо ново за Божјите слуги. Жителите на древниот Израел плаќале еден вид даноци со кои ги поддржувале своите цареви, а некои од тие цареви ги оптоварувале луѓето со претерано оданочување. Евреите плаќале порези и даноци и на странските сили кои доминирале над нив, како што биле Египет, Персија и Рим. Така, христијаните во Павлово време добро знаеле за што зборувал тој кога го спомнал плаќањето даноци. Знаеле дека без оглед на тоа дали даноците се разумни или не, и без разлика како владата ги трошела овие пари, тие требало да ги платат сите даноци што биле должни да ги платат. Истото важи и за христијаните денес. Меѓутоа, кои начела можат да ни понудат водство додека ги плаќаме нашите даноци во овие комплицирани времиња?
Пет водечки начела
Бидете уредни. Ние му служиме и го имитираме Јехова, кој „не е Бог на безредие, туку на мирот“ (1. Коринтјаните 14:33; Ефесјаните 5:1). Уредноста е пресудна кога е во прашање плаќањето даноци. Дали твоите документи се комплетни, точни и средени? Обично нема потреба од некаква скапа архива. Може да си имаш по една фасцикла со етикета за секој вид документи одделно, специфицирајќи ги твоите разни издатоци. Можеби ќе биде доволно овие да се групираат во поголеми фасцикли за секоја година. Во многу земји е неопходно да се чуваат ваквите фасцикли за неколку години наназад, во случај државата да одлучи да ги провери изминатите белешки. Затоа, не фрлај ништо сѐ додека не си сигурен дека повеќе не ти треба.
Бидете чесни. Павле напишал: „Молете се за нас, оти сме уверени дека имаме добра [чесна, НС] совест, грижејќи се во сѐ добро да постапуваме“ (Евреите 13:18). Искрената желба да се биде чесен треба да ја води секоја наша одлука при плаќањето на даноците. Како прво, размисли за даноците што треба да се платат за доходи за кои треба да извести државата. Во многу земји, додатните приходи — од бакшиши, дополнителни занимања, распродажби — се предмет на оданочување од моментот кога тоа ќе надмине одреден износ. Еден христијанин со „чесна совест“ ќе открие кои се утврдените норми во местото во кое живее и ќе ги плати со закон утврдените даноци.
Како второ, овде спаѓа проблемот со одбитоците. Владите обично им дозволуваат на даночните обврзници да одбијат одредени издатоци од својот доход подложен на данок. Во овој нечесен свет, многумина не гледаат ништо лошо во тоа да се биде „креативен“ или „досетлив“, кога се потврдуваат вакви одбитоци. Како што се дознава, еден човек од САД ѝ купил на својата сопруга скапа крзнена бунда, а потоа ја закачил во неговото биро да виси еден ден за да може да ја пријави како еден вид „декорација“ на своето работно место! Еден друг човек претендирал трошоците за свадбата на неговата ќерка да бидат деловни трошоци. А друг, пак, се обидел да ги одбие трошоците за неговата сопруга која со месеци патувала со него по Далечниот Исток, иако таа била таму само заради друштво и рекреација. Изгледа дека на ваквите случаи им нема крај. Да поедноставиме, да се нарече нешто дека е деловен трошок кога нема врска со тоа, е еден вид лажење — нешто што нашиот Бог, Јехова, крајно го презира (Изреки 6:16-19).
Бидете претпазливи. Исус ги поттикнал своите следбеници да бидат „мудри [претпазливи, НС] како змии и незлобни како гулаби“ (Матеј 10:16). Тој совет може добро да се примени на нашите навики за плаќање даноци. Особено во економски развиените земји, денес сѐ повеќе и повеќе луѓе ѝ плаќаат на некоја фирма која се занимава со сметководство, или на некој стручњак, за да им ги пресметуваат нивните даноци. Потоа, едноставно ги потпишуваат формуларите и испраќаат чек. Ова е добра прилика да се размисли за предупредувањето запишано во Изреки 14:15: „Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори“.
Многумина се соочиле со проблеми со државата бидејќи ‚верувале на секој збор‘ на некојси бескрупулозен книговодител или неискусен даночен сметководител. Колку е подобро да се биде остроумен! Биди претпазлив така што внимателно ќе го прочиташ било кој документ пред да го потпишеш. Ако некои книжења, занемарувања или одбитоци ти изгледаат чудни, нека ти се објасни — па и по неколку пати ако е потребно — сѐ додека не си сигурен дека работата е чесна и легална. Вистина, во многу земји даночните закони станале прекомплицирани, но колку што е можно, треба претходно да разбереш било што и да потпишуваш, бидејќи тоа е патот на мудроста. Во некои случаи можеби ќе се најде некој сохристијанин кој е запознаен со даночниот закон и кој ќе може да ти понуди некаков увид во тоа. Еден христијански старешина кој како правник се занимава со даночната проблематика, концизно рекол: „Ако вашиот сметководител предлага нешто што изгледа премногу добро за да биде вистинито, тогаш веројатно тоа и е случај!“
Бидете одговорни. „Секој ќе го понесе своето бреме“, напишал апостол Павле (Галатјаните 6:5). Кога се работи за плаќање даноци, секој христијанин мора да ја преземе одговорноста да биде чесен и подложен на законот. Ова не е работа во која старешините го надгледуваат стадото кое им е доверено. (Спореди 2. Коринтјаните 1:24.) Тие не се мешаат во проблемите околу плаќање на даноци сѐ додека не се појави случај на сериозен престап, а кој можеби вклучува скандал во општината со кој ќе се сврти нивното внимание. Во основа, ова е една област каде што секој христијанин поединечно е одговорен за користење на својата исправно извежбана совест во применувањето на библиските начела (Евреите 5:14). Ова вклучува да се биде свесен дека потпишувањето на документ за данок — без разлика кој го подготвил — може да претставува законска изјава дека си го прочитал документот и дека веруваш во вистинитоста на она што е напишано.a
Бидете непорочни. Христијанските надгледници мораат да бидат ‚непорочни‘ за да бидат способни за својата служба. Слично на тоа и целото собрание би требало да биде непорочно во Божји очи (1. Тимотеј 3:2; спореди Ефесјаните 5:27). Значи, тие се борат да зачуваат добра репутација во општеството, дури и кога треба да се плаќаат даноци. Самиот Исус Христос го поставил примерот во овој поглед. Неговиот ученик Петар бил запрашан дали Исус го плаќа храмскиот данок — симболична вредност од две драхми. Навистина, Исус бил ослободен од овој данок, бидејќи храмот бил дом на неговиот Татко и ниту еден цар не пропишува данок за својот сопствен син. Исус го рекол тоа; но сепак го платил тој данок. Всушност, тој дури се послужил со чудо за да ги најде потребните пари! Зошто да плати данок од кој со право бил ослободен? Како што самиот Исус рекол, тоа било „за да не ги соблазниме“ (Матеј 17:24-27).b
Да се задржи реноме како оние кои го почитуваат Бог
Денес Јеховините сведоци се исто така заинтересирани да не ги соблазнуваат другите. Затоа, не изненадува тоа што тие како група уживаат реноме на чесни граѓани кои ги плаќаат даноците. На пример, шпанскиот весник El Diario Vasco коментирал за широко распространетото избегнување на плаќање даноци во Шпанија, забележувајќи: „Единствениот исклучок [се] Јеховините сведоци. Кога тие купуваат или продаваат, вредноста [на имотот] што ја известуваат е апсолутната вистина“. Пред неколку години, и американскиот весник San Francisco Examiner слично забележал: „Може да се угледате [на Јеховините сведоци] како на граѓани кои служат за пример. Тие грижливо ги плаќаат даноците, ги негуваат болните, се борат против неписменоста“.
Ниту еден вистински христијанин не би сакал да направи нешто што би го расипало ова тешко стекнато реноме. Ако сме соочени со избор, дали би сакале да бидеме познати како измамници во врска со данокот, само за да заштедиме нешто пари? Не. Секако дека попрво би загубил пари отколку да го извалкаш своето добро име и да фрлиш лошо светло врз твоите вредности и твоето обожавање на Јехова.
Навистина, да се задржи реноме на едно праведно, искрено лице може понекогаш да те чини пари. Како што забележал античкиот грчки филозоф Платон пред отприлика 24 векови: „Кога постои данок на доход, праведниот човек ќе плати повеќе, а неправедниот помалку, за истиот износ на доход“. Тој можеби додал дека, праведниот човек никогаш не жали да ја плати цената да биде праведен. Се исплаќа дури и да се има вакво реноме. Ова е сигурно случај со христијаните. Нивното реноме им е драгоцено, бидејќи го слави нивниот небесен Татко и може да помогне и други да бидат привлечени кон нивниот начин на живот и кон нивниот Бог, Јехова (Изреки 11:30; 1. Петрово 3:1).
Меѓутоа, најмногу од сѐ, вистинските христијани го ценат својот однос со Јехова. Бог гледа сѐ што прават, а тие сакаат да му угодат (Евреите 4:13). Значи, тие го одбиваат искушението да се обидат да ја измамат државата. Сфаќаат дека Бог се радува на чесно, исправно однесување (Псалм 14:1-3). И, бидејќи сакаат да го радуваат Јеховиното срце, тие ги плаќаат сите даноци што се должни да ги платат (Изреки 27:11; Римјаните 13:7).
[Фусноти]
a Ова може да претставува предизвик за христијаните кои исполнуваат формулар за данок заедно со брачен другар кој е неверник. Христијанската сопруга треба да направи совесни напори да има рамнотежа помеѓу начелото за поглаварство и потребата да се биде послушен на Цезаровите закони за данок. Меѓутоа, таа треба да биде свесна за можните правни последици од намерното потпишување на фалсификуван документ. (Спореди Римјаните 13:1; 1. Коринтјаните 11:3.)
b Интересно, евангелието на Матеј е единственото во кое е забележан овој настан од Исусовиот земски живот. Матеј, и самиот бивш собирач на данок, без сомнение бил импресиониран од Исусовиот став во овој поглед.