Јехова им дава „свет дух на оние што го молат за тоа“
„Ако вие, иако сте зли, знаете да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа!“ (ЛУКА 11:13).
1. Кога особено ни е потребна помошта од светиот дух?
‚НЕ МОЖАМ сам да се изборам. Само со помош на светиот дух ќе можам да го поднесам ова што ме снајде!‘ Дали и ти некогаш си помислил така? Повеќето христијани минале низ вакви моменти. Можеби и тебе ти дошле такви мисли откако си дознал дека имаш некоја тешка болест. Или можеби тоа било кога твојот сопружник, со кој долго време си бил во брак, починал. Или можеби си помислил така кога твоето некогаш ведро расположение го замениле мрачните облаци на депресијата. Во тешките моменти во својот живот можеби си чувствувал дека преживуваш само затоа што Јеховиниот свет дух ти дал „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Коринќаните 4:7-9; Псалм 40:1, 2).
2. а) Со какви тешкотии се соочуваат вистинските христијани? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
2 Вистинските христијани мораат да се справуваат со сѐ поголем притисок и противење од денешниот безбожен свет (1. Јованово 5:19). Освен тоа, следбениците на Христос се нападнати од Сатана Ѓаволот лично, кој води жестока војна против оние што „ги држат Божјите заповеди и на кои им е доверено да сведочат за Исус“ (Откровение 12:12, 17). Затоа, не е ништо чудно што денес, повеќе од кога и да е порано, потребна ни е помошта од Божјиот дух. Што можеме да направиме за да го примаме и понатаму во изобилство Божјиот свет дух? И зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова е од сѐ срце спремен да ни ја даде силата што ни е потребна кога сме во некоја тешка ситуација? Одговорот на овие прашања ќе го најдеме во две споредби што ги кажал Исус.
Упорно моли се
3, 4. Која споредба ја раскажал Исус, и каква врска има таа со молитвата?
3 Еднаш, еден од Исусовите ученици замолил: „Гоподару, научи нѐ да се молиме“ (Лука 11:1). За да одговори, Исус им раскажал на своите ученици две споредби кои се однесувале на една иста работа. Во првата се зборува за еден човек на кој му доаѓа гостин, а во втората се работи за еден татко што слуша што му вели неговиот син. Да ја разгледаме секоја од овие две споредби.
4 Исус рекол: „Замислете си дека на полноќ одите кај некој пријател и му велите: ‚Пријателе, дај ми назаем три леба, бидејќи пред малку ми дојде еден пријател од пат, а немам што да му принесам‘. А тој однатре да ви одговори: ‚Не досадувај ми! Вратата е веќе заклучена, а моите деца се со мене в постела. Не можам да станам да ти дадам‘. Ви велам, макар и да не сака да стане и да ви даде затоа што сте пријатели, ќе стане поради вашата упорност и ќе ви го даде она што ви треба“. Потоа Исус објаснил каква врска има оваа споредба со молитвата: „Затоа ви велам: Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори! Зашто, секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа. И на секој што чука, ќе му се отвори“ (Лука 11:5-10).
5. Што учиме од споредбата за упорниот човек во врска со тоа каков став треба да имаме кога се молиме?
5 Оваа живописна споредба за еден упорен човек покажува каков став треба да имаме кога се молиме. Забележи дека Исус вели дека човекот го добива она што му треба ‚поради неговата упорност‘ (Лука 11:8). Зборот „упорност“ се појавува само еднаш во Библијата. Тој е преведен од еден грчки збор што буквално значи „бесрамност“. Честопати, бесрамноста е лоша особина. Меѓутоа, кога бесрамноста, односно упорноста, се покажува за да се постигне нешто добро, таа може да биде пофална особина. Тоа е случај со домаќинот во оваа споредба. Воопшто не му е срам упорно да го бара она што му треба. Тоа што Исус ни го посочува овој домаќин како пример значи дека и ние треба упорно да се молиме. Јехова сака постојано ‚да молиме, да бараме, да чукаме‘. За возврат, тој ќе им даде „свет дух на оние што го молат за тоа“.
6. Во времето на Исус, како се гледало на обичајот да се укажува гостопримство?
6 Исус ни покажува не само како да се молиме — упорно — туку и зошто треба да се молиме упорно. За да ја сфатиме јасно таа поука, треба да земеме предвид како гледале на гостопримството оние што ја слушале Исусовата споредба за упорниот домаќин. Многу извештаи што се запишани во Светото писмо покажуваат дека во библиски времиња гостопримството било многу важен обичај, особено меѓу Божјите слуги (1. Мојсеева 18:2-5; Евреите 13:2). Било срамота да не се укаже гостопримство (Лука 7:36-38, 44-46). Имајќи го ова на ум, да ја разгледаме повторно приказната што ја раскажал Исус.
7. Зошто домаќинот од споредбата што ја кажал Исус не се срами да го разбуди својот пријател?
7 Домаќинот во оваа споредба го прима гостинот среде ноќ. Тој се чувствува должен да изнесе нешто за јадење пред својот гостин, но ‚немал што да му принесе‘. За него, тоа значи дека мора итно да направи нешто! По секоја цена мора да најде леб. Затоа, оди кај еден свој пријател и го буди без никаков срам. „Пријателе, дај ми назаем три леба“, довикува тој. Упорно бара сѐ додека не го добива она што му треба. Само ако набави леб, ќе се покаже како добар домаќин.
Колку поголема потреба — толку поупорно треба да се бара
8. Што ќе нѐ поттикне упорно да се молиме за свет дух?
8 Што ни покажува оваа споредба, зошто треба упорно да се молиме? Човекот упорно барал леб затоа што сметал дека тие лебови му се неопходни по секоја цена за да ја исполни својата должност како домаќин (Исаија 58:5-7). Ако не набавел леб, ќе се покажел како лош домаќин. Слично на тоа, бидејќи сфаќаме дека Божјиот дух ни е неопходен по секоја цена за да ја извршиме нашата служба како вистински христијани, постојано го молиме Бог да ни го даде тој дух (Захарија 4:6). Ако го немаме светиот дух, нема да успееме да бидеме добри христијани (Матеј 26:41). Гледаш ли каков важен заклучок можеме да извлечеме од оваа споредба? Ако Божјиот дух го сметаме за нешто што ни е неопходно потребно по секоја цена, упорно ќе се молиме за него.
9, 10. а) Дај пример што покажува зошто треба упорно да го молиме Бог за свет дух. б) Што треба да се запрашаме, и зошто?
9 За да ја примениме оваа поука во денешни услови, замисли си дека на некој од твојата фамилија ненадејно му се слошува среде ноќ. Ќе разбудиш ли лекар за да побараш помош? Ако на болниот не му е толку лошо, нема да вознемируваш никого. Меѓутоа, ако се работи за срцев удар, не би ти било незгодно да викнеш лекар. Зошто? Затоа што итно ти е потребна помош. Сфаќаш дека по секоја цена треба да дојде стручно лице. Ако не побараш помош, болниот би можел да умре. Слично, и вистинските христијани, така да се каже, постојано се наоѓаат во ситуација во која итно им треба помош. Сатана оди наоколу како „разрикан лав“ и се обидува да нѐ проголта (1. Петрово 5:8). За да останеме духовно живи, по секоја цена ни е неопходна помошта од Божјиот дух. Ако не бараме помош од Бог, би можеле да го изгубиме животот. Затоа, упорно го молиме да ни го даде својот свет дух (Ефешаните 3:14-16). Само така ќе ја задржиме потребната сила ‚да истраеме до крајот‘ (Матеј 10:22; 24:13).
10 Затоа е многу важно понекогаш да запреме и да се запрашаме: ‚А колку упорно се молам јас?‘ Не заборавај, ако ни е сосема јасно дека ни треба Божја помош, поупорно ќе се молиме за свет дух.
Што нѐ мотивира да се молиме со доверба?
11. Како Исус ја поврзал со молитвата споредбата за еден татко и неговиот син?
11 Во Исусовата споредба за упорниот домаќин, главна тема е ставот на оној што се моли — на верникот. Во следната споредба е истакнат ставот на оној што ги слуша молитвите — на Јехова Бог. Исус прашал: „Има ли татко меѓу вас, кој, ако неговиот син го замоли за риба, ќе му даде змија наместо риба? Или, ако го замоли за јајце, ќе му даде ли скорпија?“ Исус го објаснува значењето: „Според тоа, ако вие, иако сте зли, знаете да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа!“ (Лука 11:11-13).
12. Како споредбата за таткото што го сослушал барањето на својот син истакнува дека Јехова е спремен да одговори на нашите молитви?
12 Со овој пример на татко што одговара на молбата на својот син, Исус покажува како гледа Јехова на оние што му се обраќаат во молитва (Лука 10:22). Најнапред забележи ги разликите помеѓу овие две споредби. За разлика од човекот од првата споредба што не бил спремен веднаш да одговори на повикот за помош, Јехова е како еден грижлив татко, кој вистински сака да го задоволи барањето на своето дете (Псалм 50:15). Понатаму, посочувајќи што сѐ е спремен да направи еден човечки татко, Исус истакнува колку повеќе Јехова е спремен да направи за нас како наш небесен татко. Тој вели дека, ако еден човечки татко, иако ‚е зол‘ поради наследениот грев, му дава добар подарок на својот син, колку повеќе можеме да очекуваме дека нашиот небесен Татко, кој е добар, ќе им даде свет дух на своите верни деца! (Јаков 1:17).
13. Во што можеме да бидеме уверени кога го молиме Јехова?
13 Што учиме од ова? Можеме да бидеме уверени дека, кога бараме свет дух од нашиот небесен Татко, тој е од сѐ срце спремен да го задоволи нашето барање (1. Јованово 5:14). Кога упорно го молиме, Јехова никогаш нема да рече, така да се каже: „Не досадувај ми! Вратата е веќе заклучена“ (Лука 11:7). Напротив, Исус рекол: „Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори!“ (Лука 11:9, 10). Да, Јехова „ќе нѐ услиши во денот кога ќе го повикаме“ (Псалм 20:9; 145:18).
14. а) Каква погрешна претстава имаат некои што доживуваат неволји? б) Кога имаме неволји, зошто може со доверба да му се молиме на Јехова?
14 Исусовата споредба за грижливиот татко исто така истакнува дека Јеховината добрина е многу поголема од добрината на кој и да е човечки родител. Значи, никој од нас никогаш не смее да мисли дека неволјите што ги имаме сигурно се показател дека Бог не е задоволен од нас. Нашиот најголем непријател, Сатана, е тој што сака да си мислиме така (Јов 4:1, 7, 8; Јован 8:44). Нема библиска основа да се осудуваме себеси со такви мисли. Јехова не нѐ искушува „со зло“ (Јаков 1:13). Тој не нѐ става во неволји што се страшни како змија или во искушенија што се опасни како скорпија. Нашиот небесен Татко им дава „добри работи на оние што го молат“ (Матеј 7:11; Лука 11:13). Всушност, колку повеќе сфаќаме дека Јехова е добар и дека е спремен да ни помогне, толку повеќе ќе бидеме мотивирани да се молиме со доверба. Тогаш и ние ќе можеме да го кажеме истото што го напишал и псалмистот: „Но Бог слушна, го чу гласот на мојата молитва“ (Псалм 10:17; 66:19).
Како ни помага светиот дух
15. а) Што ветил Исус во врска со светиот дух? б) Кој е еден начин на кој ни помага светиот дух?
15 Кратко пред да умре, Исус го повторил уверувањето што го дал во своите споредби. Зборувајќи за светиот дух, тој им рекол на своите апостоли: „Јас ќе го замолам Таткото, и тој ќе ви даде друг помошник за да биде со вас засекогаш“ (Јован 14:16). Со тоа Исус ветил дека помошникот, односно светиот дух, ќе биде со своите следбеници во иднина, вклучувајќи го и нашево време. Кој е еден значаен начин на кој добиваме таква поддршка денес? Па, светиот дух ни помага да издржиме различни неволји. Како? Апостол Павле, кој и самиот имал искушенија, во едно писмо до христијаните во Коринт опишал како му помогнал Божјиот дух. Накратко да разгледаме што им напишал.
16. Како може нашата ситуација да биде слична на ситуацијата на Павле?
16 Прво, Павле отворено им рекол на своите соверници дека има „трн во телото“, односно некаква мака. Потоа рекол: „Трипати го молев Господарот [Јехова] да го отстрани тоа од мене“ (2. Коринќаните 12:7, 8). Иако Павле го преколнувал Бог да ја отстрани неговата неволја, таа останала. Можеби и ти денес се наоѓаш во слична ситуација. Како Павле, можеби си се молел упорно и со доверба, барајќи од Јехова да ја отстрани твојата мака. Меѓутоа, и покрај тоа што постојано си се молел, и понатаму го имаш истиот проблем. Дали тоа значи дека Јехова не одговорил на твоите молитви и дека неговиот дух не ти помага? Се разбира дека не! (Псалм 10:1, 17). Забележи што вели понатаму апостол Павле.
17. Како одговорил Јехова на молитвите на Павле?
17 Како одговор на молитвите на Павле, Бог му рекол: „Доволна ти е незаслужената доброта што ти ја покажувам, зашто мојата сила се покажува во потполност кога си слаб“. Павле рекол: „Затоа со задоволство ќе се фалам со своите слабости, за Христовата сила да остане над мене како засолниште“ (2. Коринќаните 12:9; Псалм 147:5). Значи, Павле искусил дека преку Христос, Божјата моќна заштита била над него како засолниште. И денес Јехова одговара на нашите молитви на сличен начин. Тој ја шири својата заштита како засолниште над своите слуги.
18. Зошто можеме да ги поднесеме тешкотиите?
18 Се разбира, засолништето не спречува да паѓаат дождови или да дуваат ветрови, но сепак, дава некаква заштита од влијанието на тие природни појави. Слично, засолништето што го добиваме преку „Христовата сила“ не спречува да ни се случуваат неволји или тешкотии. Сепак, тоа ни дава духовна заштита од штетните влијанија на овој свет и од нападите на неговиот владетел, Сатана (Откровение 7:9, 15, 16). Затоа, дури и ако имаш некоја неволја што никако не престанува, можеш да бидеш уверен дека Јехова е свесен за твојата битка и дека одговорил на „твојот лелек“ (Исаија 30:19; 2. Коринќаните 1:3, 4). Павле напишал: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Коринќаните 10:13; Филипјаните 4:6, 7).
19. Што си решен да направиш, и зошто?
19 Како што знаеме, сегашниве ‚последни денови‘ на овој безбожен свет се „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Сепак, за Божјите слуги не е невозможно да се справат со овие времиња. Зошто? Поради поддршката и заштитата од Божјиот свет дух, кој Јехова спремно и изобилно им го дава на сите оние што упорно и со доверба го бараат од него. Затоа, да бидеме решени да се молиме за свет дух секој ден (Псалм 34:6; 1. Јованово 5:14, 15).
Како би одговорил?
• Што треба да правиме за да го добиеме Божјиот свет дух?
• Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе одговори на нашите молитви за свет дух?
• Како ни помага светиот дух да ги издржиме неволјите?
[Слика на страница 21]
Што може да научиме од Исусовата споредба за упорниот домаќин?
[Слика на страница 22]
Дали упорно го молиш Бог за свет дух?
[Слика на страница 23]
Што учиме за Јехова од споредбата за грижливиот татко?