„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“
Пред и потоа — библиските начела довеле до промена
КОГА бил млад, Адријан бил полн со гнев и огорченост. Неговиот избувлив темперамент го довел до силни изливи на гнев. Пиел, пушел и водел неморален живот. Адријан бил познат како панкер и имал тетоважа која го одразувала неговото верување во анархија. Опишувајќи ги тие години, тој вели: „Ја потстригов косата на традиционален панкерски начин, ѝ ставав лепило за да стои нагоре, а понекогаш ја фарбав со црвена или со некоја друга боја“. Исто така, имал и обетка на носот.
Адријан се преселил во една трошна куќа заедно со неколку други бунтовни млади луѓе. Таму пиеле и се дрогирале. „Земав спид и во исто време си ставав валиум и сѐ друго што ќе ми дојдеше при рака“, си спомнува Адријан. „Кога немав ни дрога ни лепило, вадев бензин од автомобилите и се дрогирав со тоа.“ Водејќи живот исполнет со уличен криминал, Адријан станал опасен и крајно насилен. Повеќето луѓе не сакале да имаат ништо со него. Во исто време, со неговата репутација привлекол лошо друштво.
Постепено, Адријан сфатил дека неговите „пријатели“ се дружеле со него само од корист. Освен тоа, заклучил: „Сиот гнев и сето насилство не постигнаа ништо“. Чувствувајќи се празно и разочарано, го оставил своето друштво. Кога на едно градилиште нашол примерок од Стражарска кула, го привлекла нејзината библиска порака и ова водело до тоа да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Адријан желно се оѕвал на повикот: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). Како резултат на тоа, Адријан набрзо увидел потреба да почне да ги применува начелата од Светото писмо.
Сѐ поголемото спознание од Библијата имало добар ефект врз совеста на Адријан и го пренасочило неговиот правец во животот. Му било помогнато да го скроти својот избувлив темперамент и да развие самосовладување. Благодарение на моќта на Божјата реч, карактерот на Адријан многу се променил (Евреите 4:12).
Но, како можела Библијата да има толку силно влијание? Спознанието од Библијата ни помага да ја ‚облечеме новата личност‘ (Ефешаните 4:24). Да, нашата личност се менува со применување на точното спознание што се наоѓа во Библијата. Но, како ова спознание ги менува луѓето?
Прво, Библијата ги наведува непожелните карактерни црти што треба да се отфрлат (Пословици 6:16—19). Второ, Библијата нѐ поттикнува да ги покажуваме пожелните особини што ги создава Божјиот свет дух. Тие вклучуваат „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Галатите 5:22, 23).
Подлабокото разбирање на Божјите барања му помогнало на Адријан да се преиспита и да ги открие карактерните црти што требало да ги негува и оние што требало да ги отстрани (Јаков 1:22—25). Но, тоа било само почеток. Освен спознание била потребна и мотивација — нешто што ќе го мотивира Адријан да сака да се промени.
Адријан научил дека пожелната нова личност е обликувана „според сликата на Оној кој ја создал“ (Колошаните 3:10). Сфатил дека една христијанска личност мора да биде слична на личноста на Бог (Ефешаните 5:1). Преку проучување на Библијата, Адријан дознал за постапките на Јехова со луѓето и ги забележал извонредните особини на Бог, како што се неговата љубов, љубезност, доброта, милосрдност и праведност. Ова спознание го мотивирало Адријан да го сака Бог и да се стреми да биде личност што Бог ја одобрува (Матеј 22:37).
Со текот на времето и со помошта од Божјиот свет дух, Адријан успеал да го стави под контрола својот насилен темперамент. Тој и неговата сопруга сега се зафатени со тоа да им помогнат на другите да го исчистат својот живот со помош на библиското спознание. „За разлика од многу од моите поранешни пријатели кои се сега мртви, јас сум жив и водам среќен семеен живот“, вели Адријан. Тој е жив доказ дека Библијата има моќ да ги промени животите на подобро.
[Истакната мисла на страница 25]
„Сиот гнев и сето насилство не постигнаа ништо“
[Рамка на страница 25]
Библиски начела на дело
Ова се некои библиски начела што им помогнале на многу гневни и насилни луѓе да станат мирољубиви:
„Бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се самите, љубени, туку дајте му место на гневот“ (Римјаните 12:18, 19). Нека Бог одреди кога и врз кого ќе биде извршена одмазда. Тој може да го стори тоа знаејќи ги сите факти, и секоја казна што доаѓа од него ќе ја одразува неговата совршена правда.
„Гневете се, но не грешете; сонцето да не зајде над вашата раздразнетост ниту, пак, да му давате место на Ѓаволот“ (Ефешаните 4:26, 27). Некој може со право да се налути одвреме навреме. Ако се случи тоа, не треба да остане во „раздразнетост“. Зошто? Затоа што тоа може да го натера да направи нешто злобно, давајќи му на тој начин „место на Ѓаволот“, што доведува до неодобрување од Јехова Бог.
„Стивни го својот гнев и остави ја лутината, не се дразни за да не направиш зло“ (Псалм 37:8). Неконтролираните емоции водат до неконтролирани постапки. Ако некој се препушта на гнев, веројатно ќе каже или ќе направи нешто што ќе ги повреди сите што се вклучени.